fbpx

На Итната помош ѝ треба помош

Им недостигаат доктори и медицински сестри, им недостигаат тестови за КОВИД-19, а дополнителен проблем е кога некој од персоналот ќе заболи или треба да оди во изолација. Малиот број на доктори во Итната помош посебно дојде до израз во време на пандемијата. За да се амортизира ударот, некои од здравствените домови ги ангажираа и специјализантите.

Na Itnata pomos i treba pomos 1Здравствениот дом во Валандово покрива околу 15 илјади жители во градот, но кај нив доаѓаат и жителите на Дојран, Богданци и на Миравци.

„Во Валандово секогаш имало проблем со општи лекари во Итната помош. Во моментов работиме со специјализантите кои ги повлековме од интерна медицина и физикална. Имаме и двајца општи доктори. Работиме со четири тима“, вели директорот на Здравствениот дом во Валандово, Роберт Марков.

Здравствениот дом во Валандово има три санитетски возила, од кои едно е наменето за пациентите со КОВИД, но се случува и сите три да бидат потребни за пациенти од КОВИД. Тогаш се прави проценка кај кој заболен, односно каде ќе оди медицинскиот тим.

„Ако пациентот не е во многу тешка ситуација, го пуштаме во болница со возач и медицинска сестра, ако состојбата му е влошена, оди цел тим. Но, во последно време често се случува возилото да чека и по неколку часа во болницата во Струмица каде што изминатиот месец напливот на пациенти нагло се зголеми. Ако има потреба пациентот да се носи до Скопје, на тоа возило речиси и не може дента да се смета.“

За да не се случат ситуации пациентот да чека на итната помош, а возилата да се надвор од градот, секогаш има тим што е во приправност. За болните од КОВИД-19 кои треба да примаат терапија во домот, има посебна служба за домашно лекување.

Број на амбулантни возила и медицински тимови на Итната помош во македонските градовиNa Itnata pomos i treba pomos 2Извор: Министерство за здравство

Слична е состојбата и во другите помали места. Итната помош во Берово има 4 тима – тоа се специјалист по семејна медицина и тројца општи лекари, од кои еден е рурален лекар.

„Имаме едно возило за КОВИД-пациенти. Може да се случи да носел пациент, да се дезинфицира и пак да треба да оди. Другото нема заштитна преграда. Но, ако има потреба да се превезат двајца пациенти во исто време, тогаш целата екипа облекува скафандери и пациентот се носи за Штип“, вели в.д. директорката на Здравствениот дом во Берово, Валентина Габер.

Никој не се пријавил на оглас за вработување

Во болницата во Штип се превезуваат и пациентите од Делчево. Итната помош  во Делчево сега работи со 4 наместо со 5 лекари, откако една лекарка заминала за Германија. Објавиле и оглас за вработување, но не се пријавил ниту еден кандидат. На Итната помош  ѝ помага специјалистичка служба. Имаат три возила.

„Делчево е на 100 километри од Штип и на 170 од Скопје. Ако се превезуваат пациенти до болници, а имаме други повици, бараме помош од Македонска Каменица. Тие имаат едно возило кое може да стигне за 20 минути“, рече в.д. директорката на Здравствениот дом во Делчево, Мара Глигоровска.

Без една лекарка во време на пандемијата остана и Итната помош во Свети Николе. Лекарката е на породилно отсуство, па бројот на лекари сега е пет. Имаат 4 санитетски возила. Болните од КОВИД-19 ги превезуваат до Велес или до Штип, во зависност од тоа каде ќе најдат место.

„Ни треба свежа сила, млади лекари да влезат, под итно да се распишуваат специјализации. Ни требаат уште четири лекари за дежурна служба. Така ќе немаме проблем, ќе имаме по двајца лекари во кое било време. Ние треба да почнеме секоја година да испраќаме по двајца на специјализација за да можеме да се вратиме на нивото на кое сме биле пред 15 години“, вели директорката на Здравствениот дом во Свети Николе, Славица Панева.

За десет илјади граѓани во кратовскиот крај се грижи Итна помош, во која работат 5 лекари кои треба да одат и во домашна посета и да превезуваат пациенти.

„Проблем е што немаме лекари, не се давани специјализации 20 години наназад. Сега во време на пандемија, пет лекари во Итната помош и четирите матични лекари се грижат за сите пациенти заразени од КОВИД-19. За време на празници, викенди и по 15 часот, пациентите ѕвонат во Итната помош. Лекарите работат по 12 часа дневна, 12 ноќна смена, и потоа се 48 часа слободни. Кај медицинските сестри имавме многу во изолација, но треба да се вратат наредната недела. Беше тешко изминатите две недели“, раскажува в.д. директорот на Здравствениот дом во Кратово, Горан Крстевски.

Итната помош во Кратово има три возила, со кои треба да се превезат и пациентите од околните села.

Секое утро терапија за заболените

Пет лекари брои и тимот на Итната помош во Ресен. Дежурниот тим треба секое утро да им даде терапија на пациентите, а потоа потешко болните да ги превезе до Битола. Имаат две возила, но дел од граѓаните кои се суспектни на вирусот и со сопствени возила одат во Битола на преглед. За пациентите заболени од КОВИД, двапати неделно во градот доаѓа и пулмолог од специјалната болница за распираторни заболувања во Отешево.

„Матичните си закажуваат на мој термин. Лабораторијата во 90 отсто од случаите ги завршува дијагностичките тестови за еден ден. Реагенси имаме, сега при крај ни се реагенсите за д-димери, чекаме од Институт за трансфузиологија да ни достават. Ред се чека за пулмологот, но никој не е оставен на улица “ рече директорката на Здравствениот дом во Ресен, Сања Андоновска.

Na Itnata pomos i treba pomos 3Итната помош во Крушево брои четири доктори и има три возила со шест возачи.

Кога разговаравме со директорката на Здравствениот дом, таа се соочуваше со трагичните последици од пандемијата. Таа и уште двајца доктори на итната помош беа заболени од КОВИД-19, а само ден претходно од КОВИД-19 почина и нејзиниот сопруг, кој беше еден од тројцата матични лекари во Крушево.

„Многу беше посветен. Одеше од куќа до куќа за да ги прегледа пациентите. Сега имаме само двајца лекари во брзата помош и двајца матични лекари. Но имаме шест возачи и три возила и сакам да им се заблагодарам на сите во Итната помош. Голема работа завршија“, низ солзи зборуваше директорката на Здравствениот дом во Крушево, Зорица Манчевска Трајчулеска.

Заболените од КОВИД одат во Прилеп за тестирање, но сите други анализи на крв и рентген ги завршуваат во Здравствениот дом во Крушево.

Алармантна е ситуцијата со бројот на заболени од Гостивар. Во овој град бројот на заболени е константно висок.  Секој ден во Итната помош во Гостивар имаат во просек по 5-6 повици за КОВИД-пациенти. Во Итната помош има 12 тимови и едно комбе со кое ги превезуваат болните до болницата во Гостивар.

„Докторите се менуваат на 12 часа. Смените се направени така што докторите не се сретнуваат. На смена имаме по двајца доктори, едниот е во амбуланта, другиот со итната помош. Имаме три комбиња, но едно е за КОВИД-пациенти. За град со 83 илјади жители, тоа е малку. Бројот на заболени кај нас постојано расте. Пред пандемијата примивме  тројца лекари, но бројот на лекари и натаму е мал“, коментира директорот на Здравствениот дом во Гостивар, Јамин Синани.

Поради ограничените ресурси на здравствените домови, во помалите градови за пациентите од КОВИД-19 пред се грижат матичните лекари кои треба постојано да ја следат здравствената состојба на заболениот. Тие закажуваат анализа на крвта, рентген-снимка и мерење на д-димери во здравствените домови. Доколку на пациентот состојбата му се влоши, матичниот повикува брза помош која го превезува пациентот до болница. Ако пациентот не е за во болница, го враќаат назад и потоа секое утро од Итната помош му ја аплицираат терапијата. Во најголем дел од здравствените домови имаат адаптирана просторија која е изолирана од другите пациенти и каде што заболените од КОВИД чекаат за анализа, но има и кревети за болните да ја  примаат терапија.

Вака поставениот систем требаше да го намали метежот пред болниците за пациентите да не чекаат во редици за анализи, но тие сепак мораа да одат до поголемите центри за да се тестираат бидејќи во помалите места немаше тестови за КОВИД.Сега дел од здравствените домови имаат брзи тестови.

Истиот протокол за третирање на пациентите важи и за главниот град каде што Итната помош треба да реагира кога матичниот лекар ќе јави дека на пациентот состојбата е му влошена.

„Доколку има влошување, матичниот лекар нѐ контактира нас и во тој случај издава упат преку Мој термин да најдеме каде би можел да биде сместен тој пациент. Така оди целиот протокол, но во дадени ситуации кога матичниот е недостапен или состојбата нагло е влошена, тогаш испраќаме екипа и ако има потреба, се носи во болница. Екипата на брза помош мери сатурација и докторот прави проценка дали пациентот ќе се носи во болница. Тогаш се јавува во нашиот диспечерски центар и нашиот центар договара каде би можел да се смести пацииентот“, ја објаснува постапката раководителкката на Итната помош во Скопје, д-р Милица Бубало.

Итната теренска помош во Скопје брои од 7 до 9 тимови во една смена која трае по 12 часа. Има и домашна посета  од 5 до 6 тима, но таа е насочена за другите пациенти на кои треба да им се аплицира терапија. Теренската итна помош, освен за КОВИД-пациенти, реагира и при сообраќајни несреќи, мозочни удари и други интервенции. Секој ден во брзата помош има од 100 до 120 повици од кои половина се за заболени од КОВИД.

„Ја следиме ситуацијата, ако бројот на заболени се зголеми, тогаш организираме и меѓусмена. Ние ги повлековме специјализантите во Здравствениот дом во Скопје и така ја зголемивме бројката на тимови“, потврдува Бубало.

Итната помош во Скопје брои еден тим на 100 илјади жители, а според стандардите, потребни се два.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинарка: Соња Петрушевска
Фоторепортери: Томислав Георгиев, Маја Јаневска-Илиева
Лектура: Татјана Б. Ефтимоска

Прочитајте ја целата сторија: „Потоп од вториот бран на КОВИД-19“