fbpx

Суштински промени или нов хаос во образованието

Речиси 42.000 илјади ученци во прво и во четврто одделение од следната учебна година ќе учат по новата концепција за основното образование, реформа која предизвика многу реакции во јавноста. Дека на нашето образование му се потребни суштински промени – нема дилеми, но она што повторно загрижува е брзината и начинот на којшто се спроведуваат. Перцепцијата на пошироката јавност, но и на многу експерти и учесници во образовниот сектор е дека нема да има доволно време да се подготви теренот, односно да се обучат наставниците, да се опремат училиштата, да се напишат новите наставни програми и новите учебници. Стравот од којшто се раѓа отпорот е всушност оправдан, ако ја погледнеме историјата на нашите реформи во образованието. Експресното воведување и целосната неподготвеност на сите чинители во образованието најчесто доведувала до неуспех.

Приказната со реформите секогаш завршувала исто – сѐ е добро напишано на хартија, но тешко се спроведува на терен. Жртви се учениците и наставниците, тие немаат време за нови грешки.

Уште еден обид да се интервенира само во формата

Проф. д-р Зоран Велковски од Институтот за педагогија на Филозофскиот факултет на УКИМ вели дека ако се погледне интегрално новата концепција, на прв поглед покажува форсирање на современ пристап во реформирање на основното образование. Меѓутоа, за жал, вели, и ова е уште еден обид да се интервенира само во формата, т.е. архитектурата на системот без да се оди во длабочина со реформите.

Zoran Velkovski 150x150„Вакви случаи имавме и во минатото. Се настојуваше сѐ повеќе и повеќе да се оди во широчина наместо во длабочина. Наставните планови стануваа сѐ побројни со вклучување нови предмети, а наставните програми сѐ пообемни, најчесто исполнети со „сирови“ факти и видно осиромашени за причинско-последичните врски меѓу самите факти. Наставата беше така поставена што не им овозможуваше на учениците да стекнат широко и општо разбирање на важните идеи и општите рамки за толкување на светот околу нив. Важните идеи беа „изгубени“ некаде во мноштвото информации и најчесто не ја наоѓаа својата рефлексија во реалниот свет. Така, во најголем број случаи, во наставните програми и учебниците останаа и понатаму годините, дефинициите и набројувањата на појавите за сметка на содржините кои ги објаснуваа каузалните поврзаности на тие појави, кои се исфрлија во име на рационализацијата. На тој начин учениците учат голем број факти и податоци, но многу малку учат за смислата, поврзаноста и примената на истите“, вели Велковски.

За новата концепција нема никакви замерки за интервенциите во одделенската настава, бидејќи таа и пред ова беше поставена на интеграциска основа. Но, Велковски е против тоа да се продолжи со истиот концепт во предметната настава или она што се нарекува нижо средно образование во другите земји, бидејќи е крајно ризично и може да предизвика несакани резултати.

„Самото фузирање на предметите не значи автоматски и заложба за мултидисциплинарен пристап во наставата. Таквиот пристап се остварува со интеграција на целите и активностите, а не со интеграција на содржините“, вели Велковски.

Исто така, потполно ја оправдува иницијативата за зголемување на изборноста. Но смета дека со сегашните услови во основното образование (инфраструктура, кадровски потенцијал, стручна поддршка и сл.), ваквата идеја ќе се искарикира и нема да ги даде посакуваните резултати.

„Едноставно, системот не е спремен да ја оствари ваквата иницијатива“, вели тој.


Наставничката Славица Матевска, пак, се плаши токму од сукцесивното воведување на новата реформа, како што беше примерот со Кембриџ. Според неа, подобро е ако веќе воведуваме реформа, таа да почне само за новозапишаните ученици.

„Веќе имаме негативен пример од воведени реформи по примерот „кој до каде стасал“ кога Кембриџ се воведе директно за сите од прво до трето, па следната година за четврто до шесто. На учениците им се измешаа програмите кои секако не беа компатибилни една со друга. Немаше никаков преод, што остави трајни последици“, вели таа.

Од каде ни се идеите за реформата?

Јавноста е дополнително збунета откако надлежните првично најавија дека новиот концепт е најблиску до финскиот систем, па потоа дека добрите практики се преземени од повеќе земји, меѓу кои Словенија, Естонија и Финска, за подоцна да се форсира тезата дека се анализирани повеќе позитивни искуства од европски земји, без да се спомнуваат кои се тие, и дека ова е нов национален македонски модел на образование.

Zoran Zaev 150x150„Сите ние во овој процес тргнуваме од амбицијата со реформата да го осовремениме нашето образование со нов модел на настава којшто е инспириран од веќе постоечките образовни системи во развиените земји во светот и во Европа“, изјави премиерот Зоран Заев на јавната расправа во Собранието на 5 февруари оваа година.

Но, Министерството за образование и наука, во своите соопштенија испратени до новинарите во декември, јасно кажуваше дека:  „Искуствата за подготовка на новата концепција се црпат од десетина европски земји, меѓу кои Словенија, Естонија и Финска.“

Истата реченица се повторува во неколку соопштенија што се однесуваат на новата нацрт-концепција, испратени до медиумите.

„Само прашај“ се обиде да дознае кои се земјите од кои експертите од работната група се инспирирале за новиот концепт на образованието, односно да добие конкретни одговори од кои системи, на пример, е земено интегрирањето на природните науки, на општествените науки, намалувањето на задолжителниот број часови за музичко и за ликовно образование, предложените изборни предмети и сл.

Се обидовме да исконтактираме со членовите на работната група која ја изработи нацрт-верзијата на новата концепција, но одговорот на оние членови што ги добивме беше во насока дека се изморени од објаснување, дека сѐ е кажано и дека секоја реченица во јавноста погрешно одекнува и се интерпретира.

Кои се членовите на работната група што ја изработи новата концепција за основното образование?

Проф. д-р Виолета Петровска – Бешка е редовен професор по Психологија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од 1999 год. Повеќе од дваесет години работи врз развивање програми за сите нивоа на образование, во подготовка на прирачници, во креирање модули за обука и обучување на воспитувачи во предучилишно образование, наставници во основно и средно образование. Раководела со десетина повеќегодишни апликативни проекти во образованието финансирани од УНИЦЕФ, УСАИД, Светска Банка, ОБСЕ, ЕУ и повеќе странски амбасади и меѓународни фондации.

Проф. д-р Николина Кениг е редовен професор по Психологија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Една деценија е активно ангажирана на креирање курикулуми и наставни материјали за врсничка едукација за сексуално образование. Како соработник на Бирото за развој на образованието, учествувала во изработка на Концепцијата за деветгодишно основно образование во во 2007, како и и во второстепени комисии за наставни програми за основно образование. Спроведувала бројни сумативни евалуации на проекти во основното образование поддржани од USAID, Фондација Отворено општество, PH International и IPFF.

Проф. д-р Јасмина Делчева-Диздаревиќ е редовен професор по Педагогија на Филозофскиот факултет во Скопје, избрана во подрачјата Педагогија и Методика. Авторка е на учебникот „Дидактика на јазично подрачје“. Била член на работна група за носење подзаконски акти за Законот за основно образование, МОН, и на работна група за изготвување концепција за инклузивно образование. Била дел од експертски тим на бројни проекти, меѓу кои се издвојуваат: Унапредување на компетенциите на наставниците и лидерските вештини на директорите во средните стручни училишта, Модернизација во образованието, Приоди кон визуелно размислување и „Вмрежување на педагозите од Р. Македонија и истражување на образовните потреби за зајакнување на нивните стручно-професионални компетенции″.

Проф. д-р Лена Дамовска е редовен професор по Педагогија на Филозофскиот факултет во Скопје. Била консултант и соработник на значајни меѓународни и невладини организации – Светска Банка, УНИЦЕФ, УНЕСКО, Save the Children, OMEP, УСАИД, Search for Common Ground и OSCE. Учествувала во бројни меѓународни и национални истражувачки и апликативни проекти во образованието. Меѓу проектите, како понови може да се издвојат Social Services Improvement Project, (SSIP), 2020, Guidelines for Conducting Practicum Assignments for students, future teachers, educators and pedagogues, поддржан од OSCE, како и три проекти во сферата на промовирање на мултикултурноста и интеркултурата во образовниот процес. Член е на повеќе меѓународни асоцијации за образование и рано учење и развој, како Balkan Association for Education and Pedagogy, International Research Network of Early Childhood Development, ISSA.

Проф. д-р Кирил Барбареев е редовен професор на Факултетот за образовни науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип Реализирал студиски престои во повеќе од 20 држави во Светот. Ангажиран е во низа научни експертски тимови од Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика и реномирани организации како УСАИД, УНИЦЕФ, Отворено општество Македонија, Чекор по Чекор, и многу други. Автор е на два универзитетски учебника „Методика на наставата – од наука до уметност“ и „Методика по развој и култура на говорот“. Во 2013 во Германија добива медал за значаен придонес во ширењето на европските вредности, а во 2019 е избран за амбасадор на Асоцијација на најдобри наставници на просторите на поранешна Југославија.

Проф. д-р Луљзим Мехмети е доцент на Педагошкиот факултет на Универзитетот во Тетово и надворешен соработник на Педагошкиот факултет во Скопје. Десет години работел како одделенски наставник во основно училиште, а три мандати бил директор на основно мултиетничко училиште. Од 2016 година е вработен на Педагошкиот факултет на Универзитетот во Тетово. Има долгогодишен ангажман како обучувач и ментор на наставници, директори на основни и средни училишта, како и на членови на училишни одбори во склоп на многубројни проекти од областа на основното образование. Соработува со УСАИД, ОБСЕ, УНИЦЕФ, МЦГО, Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“, Институтот Хајделберг и други. Член е на Комисијата за полагање за директор на Државниот испитен центар. Автор е на многубројни научни трудови.

Проф. д-р Флорина Шеху е редовен професор на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“. Има богато искуство како национален и меѓународен консултант, истражувач и обучувач во над 40 различни образовни проекти и програми од ФОСИМ, Чекор по чекор, ФЕСИМ, УНИЦЕФ, МТСП, МОН, UNESCO, UNDP, UN, World Bank, Nansen Dialog Center, USAID, МЦГО, Мозаик, Агаци, Tempus Phare, Центар за Интеркултурни студии и истражувања, ETF- Sharing expertise in training,Reading association Washington, IRA, TA VET Centre Staff, MARNAMET (Израел), CET, Youth Educational Forum,СЗО, AED (Academy for Educational Development),OSCE, EDU – Roma,итн. Има објавено над 70 научни и стручни трудови во меѓународни, национални списанија и публикации, 25 прирачници и учебни помагала, неколку монографии, национални програми, стратегии, законски акти, правилници, стандарди и компетенции за предучилишно, основно и средно образование.

М-р Горица Мицковска е магистер по Психологија на образованието со долгогодишно искуство во работа во различни области во образованието, како што е учество во развој на документи за образовни политики, истражување во образованието, развој и имплементација на иновации во образованието и професионален развој на наставниците. Работела во Бирото за развој на образованието и во Државниот испитен центар како советник, а подоцна како раководител на единицата за истражување и помошник-директор за основно образование и во Македонскиот центар за граѓанско образование. Раководела со проекти за унапредување на оценувањето и за развој на систем за професионален и кариерен развој на наставниците и јазична писменост, финансирани од УСАИД и УНИЦЕФ. Од 2014 година е ангажирана како независен експерт во проекти за унапредување на образованието (граѓанско образование, инклузија, стандарди во образованието).

Александра Блажевска е дипломиран професор по хемија, наставник по Хемија и природни науки во ООУ „Јан Амос Коменски“, Скопје, со десетгодишно работно искуство. Претседател е на Креативен центар Карпош, амбасадор на Scientix и национален обучувач за платформата за учење на далечина. Добитник е на награда за „Успешна наставничка за добри наставни практики“– Фондација отворено општество Македонија и на награда за „НајОЕР наставничка“ – Фондација Метаморфозис. Куратор е на наставни часови за имплементација на пристапите СТЕМ во решавање проблеми од секојдневниот живот - European Schoolnet Academy.

М-р Митко Чешларов е дипломиран класичар, магистер по филозофски и родови студии, работи во Бирото за развој на образованието од 1995 година како стручен соработник, советник, раководител на Одделението за меѓународна соработка и истражувачки проекти, а од 2006 година е раководител на Секторот за развој на воспитно-образовниот систем и развој на стандарди, наставни планови и програми. Во своето долгогодишно работно искуство, учествувал во изработка на законски решенија за основното и за средното образовние, на Законот за наставници, како и во изработката на подзаконски акти, упатства и насоки за реализација на воспитно-образовната работа. Особено е значајно учеството и раководењето стручни групи за изработка на документи за образовни политики, какви што се Концепцијата за деветгодишно основно образование, Концепцијата за воннаставни активности и др.

Ајше Ајрулаи, е дипломиран педагог на Институтот за Педагогија на Филозофскиот факултет - Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје. Има долгогодишно искуство во работа во институции со дејност во областа на образованието и тоа во училишта и во образовни институции за развој на образование и креирање на образовни политики (како советник за одделенска настава и раководител на секторот за истражување во образованието) каде што учествувала во развој на документи за образовни политики, развој и имплементација на иновации во образованието и професионален развој на наставниците и истражување во образованието. Тековно, ја врши задачата на раководител на секторот за истражување во образованието. Работела на стратешки и концепциски и програмски документи, истражувања на различни аспекти во образованието и истовремено, учествувала во имплементација на истражувачки проекти во соработка со меѓународни и домашни експерти.

Славица Мирчевска е наставник по Македонски јазик во ООУ „Кочо Рацин“ – Скопје, со 27-годишно работно искуство. Учествувала на бројни натпревари на кои биле освојувани дипломи и признанија. Добитничка е на признание од Сојузот на друштвата за македонски јазик за афирмација на македонскиот литературен јазик и на признание за најдобар наставник во училиштето во 2017.

Дел од нив се навредени од нивото на јавната дебата во Собранието и од коментарите од професори, наставници и јавноста на социјалните мрежи. На прашањето од кои земји потекнуваат позитивните практики што ќе ги внесеме во нашиот образовен систем, од Министерството за образование и наука без конкретен одговор.

„При подготовката на Концепцијата, разгледани се позитивните искуства и пракси од повеќе земји од Европа и од светот, но и користени се резултатите од домашни и меѓународни истражувања и анализите од ОЕЦД, УНИЦЕФ, УСАИД како и компаративните анализи од резултатите од ПИСА и ПИРЛС. Исто така, во коцепцијата се земени предвид ставовите на над 4.000 наставници кои се изјаснија дека на основното образование му се потребни реформи. Напоменуваме дека новата концепција не претставува документ со препишани пракси од земјите со современи образовни модели, туку е целосно нов автентичен модел за национален македонски образовен систем“, одговорија од МОН.

За повеќе детали нѐ упатија да се обратиме и кај членовите на работната група која ја изработи новата концепција. Дел од професорите и експертите од оваа група кои претходно ја претставуваа во јавноста не одговорија на нашите прашања и барања.

Впечатокот од јавните настапи на дел од експертите од работната група е дека ниту тие не сакаат нивната концепција да се врзува со конкретни имиња на земји или со конкретни примери за добрите практики што ги внеле во нацрт-концепцијата.

Kiril Barbareev 150x150„Концепцијата не е она што прозвучи во јавноста дека ние сме го копирале финскиот модел. Не е точно. Значи вистината е дека се консултирани многу воспитно-образовни модели, вистината е дека се пристапи врз основа на контекстот на општеството во кое живееме, врз основа на интеркултурноста, на потребата од посоцијална кохезија внатре и една од појдовните основи на концепцијата е всушност интеркултурата“, изјави професорот Кирил Барбареев во емисијата „Објектив“ на МТВ.

Министерката Мила Царовска за „Само прашај“, по однос на истото прашање, вели дека значајно е да бидеме посветени на тоа дека нашите наставни содржини коишто се по дадени предмети да бидат усогласени со нашите можности, со нашите услови, и секако да црпат знаења и искуства од сите европски земји и од сите земји во регионот.

Инаку, работната група за првпат се сретнала во септември 2020 година, а Нацрт-концепцијата беше ставена на веб-страницата на МОН на 23 декември 2020 година, за јавноста да може да остава коментари и сугестии. Истиот ден, министерката Царовска заедно со членовите на работната група ѝ ја презентираше на јавноста на прес-конференција.

Дали брзаме?

Голем дел, од негативните коментари во јавноста поврзани со новата концепција се однесуваат и на рокот на имплементацијата. Загриженост има и во СОНК, кои предложија промените да одат постепено, но првично како пилот-проект во неколку училишта, а не во сите. Идејата на МОН и Владата е всушност, за нецела година во време на пандемија да се напише суштинска реформа, да се обучат наставниците, да се изменат програмите, учебниците и да се опремат училиштата. Наставата ќе започне за учениците во 1. и во 4. одделение.

 

 

Но, надлежните постојано потсетуваат дека концепцијата ќе се применува сукцесивно во следните шест години и дека ова е најблагиот пристап којшто го  преземаме.

Во обраќањето на јавната расправа во Собранието, Царовска додаде дека МОН и БРО многу сериозно и подготвено влегуваат во целиот процес.

„Наставниците ќе имаат обука за новиот модел на наставата, нема да бидат оставени сами на себе зашто сакаме ова да успее. Свесна сум дека секоја промена предизвикува чувство на несигурност и страв, но без промени – нема напредок“, рече таа.

Професорот Велковски е против мислењата дека процесот на подготвување на реформите треба да трае подолго време. Потребно е брзо да се реагира, но само доколку пообмислено му се пријде на целиот процес.

„Ова е приоритет за државата и за целиот народ. Затоа е потребен интегрален пристап којшто подразбира изработка на комплетна анализа на слабите страни, дефинирана краткорочна и долгорочна финансиска поддршка, масовен процес на стручно усовршување на наставниот и административниот кадар, поголем број на работни групи кои координирано и паралелно ќе работат на планирањето на секој сегмент во основното образование, транспарентност на процесот и обезбедување на општ концензус. Овој концензус се добива доколку настапите со јаки и издржани аргументи зошто и како некои работи ќе се менуваат. Не можете да настапите со готов производ и да кажете од следната година ќе направиме тоа и тоа“, вели Велковски.

 

 

Како ќе влијае најавената динамика на имплементирањето врз самата реформа, прашавме и во неколку граѓански и меѓународни организации што ја поддржаа нацрт-концепцијата, но и се вклучија во самиот процес, како УНИЦЕФ, Светска банка, УСАИД...

Коалиција Маргини ја поддржа новата концепција за основно образование од две причини, затоа што се свесни дека македонското образование е во исклучително лоша состојба и  затоа што сметаат дека концепцијата претставува добра основа за надминување на таа состојба.

На прашањето за временската рамка која е зададена за реализација на оваа концепција, според извршната директорка Ирена Цветковиќ, може да се гледа на два начина.

Irena Cvetkovic 150x150„Имено, на временската рамка, ресурсите на училиштата и капацитетите на просветните работници можеме да  гледаме како на изговори или алиби за непреземање никакви чекори или како на предизвици кои ќе нѐ мотивираат да влеземе со една нова визија и очекувања од образованиот систем. Секако, тоа не значи монтирање на мотор од болид во старо „фиќо“, туку внимателна проекција на динамиката на аплицирање на секој чекор од реформата постепено“, вели таа.

Цветковиќ потенцира дека токму затоа целата реформа не се воведува во една година, туку ќе се одвива сукцесивно во период од 5 години. Цветковиќ додава дека времето одамна нѐ прегазило, дека доцниме многу и не треба да нѐ плаши да скокнеме на возот, па макар и без резревирано седиште во прва класа.


„Не е прашање на брзање, туку на доцнење. Ако очекуваме догодина да станеме Финска – тогаш да, брзаме. Ама ако очекуваме догодина да се приближиме до некој од подобрите системи во регионот, тогаш сме реалистични, сериозни и посветени на патот „до Финска“, вели Цветковиќ.

Од Светска банка, кои неодамна објавија и посебен извештај за образованието во нашата земја за „Само прашај“, велат дека ни се партнери повеќе од 25 години и остануваат посветени да ѝ помогнат на Владата да ги решава тековните проблеми во секторот за образование преку човечка, техничка и финансиска помош. Светска банка ја поддржува пошироката агенда за реформи во земјата за основно образование преку новиот Проект за подобрување на основното образование (2021 – 2026), чија цел е подобрување на институционалниот капацитет на Министерството за образование и наука и другите клучни институции.

„Проектот помага да се подобрат условите за учење во основното образование преку обезбедување: висококвалитетни средини за учење со доволно ресурси, опрема и физички и санитарни услови; планови за подобрување на училиштата засновани на докази, добиени од резултатите од оценувањето на учениците и поддржани преку училишни грантови, да служат како клучна алатка за подобрување на капацитетите со раководење на училиштата; и поддршка за компетентни наставници кои демонстрираат ефективни наставни практики во училницата во согласност со стандардите и програмите за професионален развој, добиени од проценките за учење. Училиштата кои имаат корист од овие фактори се подобро позиционирани да ги обезбедат потребите на нивните ученици и да го подобрат учењето. Активностите на проектот се насочени кон градење на основата за модерен и ефикасен систем на основно образование, којшто е целосно фокусиран на учење“, велат од Светска банка.

Во врска со временската рамка за спроведување на реформите, велат дека според МОН, ќе се користи постепен пристап во спроведувањето на концептот.

„Драго ни е што гледаме дека повеќето засегнати страни имаат реални очекувања за темпото на спроведување на реформата. Пандемијата на КОВИД-19 се заканува да ги засили недостатоците од пред почетокот на пандемијата во образовниот сектор. Владата треба да работи врз тоа за да се спротивстави на овие шокови и да ја претвори оваа криза во можност“, велат од таму.

Ерик Јановски, претставник на Канцеларијата на УСАИД во земјава, вели дека како организација ги поддржуваат реформите за квалитетно образование што ги рефлектираат меѓународните стандарди, се засноваат врз докази и доведуваат до посилни резултати од учењето и, општо, на целокупната подготвеност на учениците за живот. Објаснува дека важен придонес во реформите има Студијата за образование на ОЕЦД за 2019.

„Како долгогодишен партнер за развој на Министерството за образование и наука (МОН), УСАИД во моментов работи врз унапредување на демократските и граѓанските вредности на младите преку зајакнување на наставната програма за граѓанско образование и нејзинa примена во училиштата низ целата земја. Во оваа насока, му помогнавме на МОН да организира фокус групи со родители и ученици за да ги слушнат нивните размислувања за новиот концепт за основно образование и му помогнавме на МОН да креира материјали за комуникација за концептот“, вели тој.

УСАИД, заедно со МОН и со другите засегнати страни, во следните години ќе работат врз кампањи за да ги подготват младите да препознаат дезинформации и политичка манипулација преку подобрување на нивната медиумска писменост и вештините за критичко размислување, кои се сметаат за основни вештини за учество на поединците во општеството.

 

Артур Ајвазов, вршител на должност претставник на УНИЦЕФ во земјава, вели дека како водечки документ, во него се претставени клучните црти, т.е. нацртот за реформираното основно образование, па во таа смисла овој документ ја исполнува целта.

„Иако е нормално и доста позитивно да имаме различни ставови за одредени аспекти на концептот, не смееме да заборавиме нешто што е многу поважно, а тоа е фокусот и заложбата за подобрување на квалитетот и правичниот пристап во основното образование, околу коешто имаме апсолутна согласност“, вели тој.

Потенцира дека УНИЦЕФ континуирано го поддржува МОН давајќи препораки засновани на огромното меѓународно искуство, земајќи го предвид најрелевантното искуство од другите земји, вклучувајќи ги нивните стратегии, грешки и успеси.

„Притоа, ние се обидуваме да ги приспособиме препораките кон домашниот контекст и да се координираме со другите засегнати страни, организации и сл. за заедно да обезбедиме поддршка во многу аспекти на реформскиот процес, вклучително и можности за професионален развој на наставниците и училишниот персонал, подобрување на образовните ресурси и зајакнување на системот за вреднување и оценување. Мандатот на УНИЦЕФ е да обезбеди исполнување и унапредување на детските права, каде што спаѓа и правото на правично и квалитетно образование“, вели Ајвазов.

Во врска со зададената временска рамка за реализирање на концепцијата, Ајвазов вели дека со оглед на тоа што во септември 2021 година новиот концепт ќе се примени само за две одделенија, значително се олеснува работата и притисокот. Но, сепак, процесот е сложен и ќе треба многу време, вели тој.

„Честопати е тешко да се одмери важноста на започнување реформа како „процес на крупни промени“ со времето и ресурсите што ги имате на располагање. Воведувањето успешна реформа не е еднонасочен процес, туку повторлив и континуиран процес на осмислување, спроведување и оценување, којшто секогаш открива нови подобрувања и усогласувања. Ова е така затоа што  образовните системи треба да се приспособуваат кон потребите на учениците. Во оваа смисла, повторно ги повикуваме сите засегнати страни да останат посветени на реформите во образовниот систем базирани врз докази, при што учениците се ставени во центарот на промените“, објаснува Ајвазов.

Тој додава дека квалитетното образование секогаш е резултат на конструктивна соработка и национална солидарност и поставување на образованието на врвот на приоритетите.

Сепак, ако се земе предвид дека голем број здруженија на просветни работници, МАНУ и синдикални организации изразија негодување за новата концепција и побараа да не се брза со имплементацијата јасно е дека во овој случај отсуствува поширок консензус на сите засегнати што би било своевидна гаранција за квалитетни реформи во образованието.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинарка: Милена Атанасоска-Манасиева
Фоторепортер: Томислав Георгиев
Лектура: Татјана Б. Ефтимоска

Прочитајте ја целата сторија: „Реформите во образованието треба да почнат од училишните тоалети“

Тагови: