fbpx

Нема големи промени на повидок, малите се во игра цело време

На кратко, би можеле да кажеме дека функционалната писменост на словенечките студенти од 2006 година е или над просечната писменост на студентите од земјите на ОЕЦД (2006, 2015, 2018) или, незначително под просекот на земјите од ОЕЦД (2009, 2012). Словенечките студенти спаѓаат во групата од оние земји кои покажаа релативно стабилна и добра функционална писменост во последните петнаесет години.

Ова е знак дека формалниот образовен систем, особено основното образование, функционира релативно добро во областа на развивање на оваа компетентност“, забележува д-р Соња Печјак, истражувач во областа на функционална писменост од Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана.

Без оглед на тоа, сепак во јавноста пред две години се огласија загрижени родители по ова прашање.

Причината? Меѓу другото, дека „образованието стагнира во последните години и децата се преоптоварени“. Советот на родители подготви петиција за промена на училишниот систем, која ја потпишаа повеќе од 23.000 луѓе. Нивните тврдења за драматичната слика на нашето образование наскоро беа демантирани од фелата кojaшто потврди дека некои податоци се загрижувачки, како што е нискиот процент на деца кои сакаат да читаат или учат математика, но достигнувањата на учениците и студентите се генерално над просекот во меѓународни споредби.

„Тригодишниот краткорочен тренд покажува дека достигнувањата на 15-годишниците во ПИСА истражувањето, барем во областа на математика и наука, се релативно стабилни и секогаш над просекот. Ова е охрабрувачки податок кој не би сакале да се промени. Нешто поголеми флуктуации се забележуваат во областа на писменоста. Резултатите во 2009 и 2012 година беа под просекот на ОЕЦД, а во 2018 година тие беа повторно над просекот и слични на оние во 2006 година“, објаснува Клаудија Штерман Иванчиќ, која истражува разни видови писменост на Педагошкиот институт.

Карактеристики на словенечкиот образоваен систем

  • 4,9% од БДП претставува учество на јавните трошоци за формално образование или 2.367 милиони евра во 2019 година
  • 2.389 милиони ЕУР или 93% од сите трошоци за формално образование изнесуваат тековните трошоци на образовните институции (од кои 77% беа за плати на вработените, 7% или 176 милиони евра беа инвестициски трошоци)
  • Се проценува дека 240 милиони евра биле потрошени од домаќинства за училишен прибор, настава, превоз и оброци надвор од училиштата
  • Во јавните основни училишта имало 19.103 наставници
  • Во учебната 2019/20 година во јавните основни училишта имало 187.783 ученици
  • Во учебната 2019/20 година во редовното одделение за основно училиште имало 19,2 ученици
  • 18.358 наставници предаваа во основните училишта (учебна 2018/19 година)
  • 6.087 наставници во средните училишта (учебна 2018/19)
  • Повеќе од половина од вработените во занимања поврзани со образованието припаѓаат на средната генерација (30-49 години), проследено со оние над 49 години (34%) и оние под 30 години (9,4%)
  • Просечната бруто месечна плата на наставниците во основните училишта и наставниците во предучилишна возраст во 2019 година изнесува 1.818 евра.

Податоците се оснесуваат на 2019 година Извор: Завод за статистика на Република Словенија

Овие меѓународни компаративни резултати се само некои од првите показатели што не се ни толку клучни, така што на податоците секогаш треба да се гледа подетално, посочува таа. На пример, во 2018 година, 82 проценти од учениците достигнаа второ ниво на писменост по ПИСА, што е за три процентни поени помалку отколку во 2015 година, додека третото и четвртото ниво беа достигнати за дури четири процентни поени помалку ученици.

„Ова може да биде загрижувачко. Што точно би можело да биде причина за ова, тешко е да се процени. Најверојатно е комбинација од различни фактори“, смета таа.

Причините не можат да ги објаснат ниту во Министерството за образование, наука и спорт.

Разновидни трендови

Резултатите од истражувањето во текот на децениите покажуваат многу разновидни трендови кои истражувачите честопати не можат прецизно да ги објаснат. Од нив можат да се извлечат  индиректни заклучоци, и истражувачите се свесни за комплексноста на односите помеѓу процесите, факторите и резултатите во образованието, но додаваат дека ваквите истражувања носат дополнителна вредност за разбирањето на процесите во оваа област. Покрај тоа, тие се и финансиски поефикасни од другите методи за споредување на земјите едни со други, во текот на времето.

На тој начин, состојбата зависи од секое истражување. Додека гореспоменатите достигнувања за читање на 15-годишниците по ПИСА беа под просекот, во истиот период, истражувањето PIRLS за функционална писменост кај четвртоодделенците покажа постојан пораст на писменоста за таа возрасна група, соопшти Министерството.

Поточно, резултатите од истражувањето нè охрабрија да посветиме посебно внимание на училишната писменост, но и пошироко. Ова не беше насочено кон (брза) законодавна промена, туку кон насочување финансиски средства во периодот 2007-2013 за подигање на писменоста. Во тој период беа спроведени многу проекти, конференции, тематски интервјуа и регионални консултации, со учество на 1.540 наставници и други професионалци.

Ревизорите беа донекаде незадоволни од состојбата со писменоста при нивната ревизија на крајот на 2020 година. Одлучија дека Министерството за образование  заедно со Министерството за култура, Институтот за образование и Агенцијата за јавна книга - се само делумно ефикасни во развивањето на функционална писменост кај децата. Министерството веќе спроведува многу активности земајќи ги предвид ревизорските препораки.

Подигањето на свеста, преку инструменти и мерки, за функционална писменост останува во фокусот на словенечката образовна сфера. Денешното читање во дигиталниот свет бара нови, дополнителни вештини во споредба со традиционалното читање, бидејќи треба да се користат неколку поврзани ресурси истовремено и да се процени нивниот кредибилитет. Огромното количество информации што нè опкружува бара постојано внимание за тоа што е релевантно и како истите да ги разбереме и оцениме. Влијанието на дигитализацијата врз развојот на вештините за читање и културата на читање е предмет на понатамошно истражување, вклучително и поширока јавна дебата, бидејќи станува збор за општествен проблем“, додаде Министерството.

Додека 2015 година донесе нова законодавна основа за библиотекарство, модернизирање на улогата на училишната библиотека како важен фактор во читањето и дигиталната писменост, сега се подготвуваат правила за библиотечна политика и стратегија за развој на библиотекарството во училиштата, насочена кон читање и писменост.

Во 2017 година ја реализиравме националната кампања Словенија чита, која се одвиваше под почесното покровителство на Претседателот на Републиката.

Во моментов се во тек многу проекти за развој на функционална писменост и јазични компетенции, како што се Развој и имплементација на иновативни средини и флексибилни форми на учење за подигнување на општите компетенции4, чија цел е да се воведат нови технологии за зголемување на способностите на децата за различни видиви писменост. Под покровителство на Институтот за образование, во тек се и два проекта: Функционална писменост и развој на словенечки јазик – OBJEM и Развој на математичка и природно-научна писменост - NА-MA.

За нив зборува и д-р Печјак, која потсетува дека со образовната реформа во 1999 година во рамки на целите на учење и препорачaните методи на работа по разни предмети беа воведени елементи за развој на функционална писменост, меѓу кои беше и независно учење со разбирање на материјалот од учебниците, како и други текстови. Образованието за наставници во програмите за развој на писменоста веќе беше во тек кога беше спроведена новата реформа, односно пред да ги добиеме резултатите од првото ПИСА тестирање во кое учествувавме. Поинтензивно тоа продолжи и по 2007 година.

Меѓу другото, таа ја споменува и Националната стратегија за развој на писменоста од истата година, која, иако немаше промени на системско, законодавно ниво, ја охрабри образовната фела во основните и средните училишта за реализирање на разни активности за унапредување на писменоста. Во 2019 година, оваа стратегија беше ажурирана и предвидува „поврзување на разни министерства - министерства за образование, култура, семејство, здравство и други, кои треба да обезбедат имплементација на стратегијата на ниво на систем преку нивно синергистичко дејствување“, појаснува д-р Печјак.

Како се подигнува функционалната писменост?

Во последните 20 години, истражувачките проекти често се фокусирани на создавање мрежа на професионални соработници кои споделуваат новотестирани дидактички пристапи и материјали што придонесуваат за подигнување на нивото на функционална писменост, од градинка до средно. Практично, цело време ce подига свеста на учителките во предучилишна возраст и на наставниците (во основно, средно) за да станат свесни дека функционалната писменост е интердисциплинарна надлежност за која секој треба да се грижи.

Ова го покренува прашањето какво знаење имаат наставниците на почетокот и во текот на нивната кариера. Според доц. проф. д-р Јанез Вогринц, декан на Факултетот за образование, при Универзитет во Љубљана, во основно училиште може да предава предметен наставник (на пример, математика, хемија,...) кој магистрилал педагогија (со 300 кредитни поени) и положил стручeн испит. Педагошката програма вклучува најмалку 60 кредитни поени на основни предмети од областа на педагогијата, дидактиката, педагошката и развојната психологија, филозофијата и социологијата на образованието, педагошкото истражување, дидактиката на одделните предмети.

Покрај тоа, таа вклучува и 15 кредитни поени што се добиваат при практична обука. На педагошките факултети, пак, каде се одвива образованието на идните наставници во основните училишта, педагошките предмети се вклучени во сите години на студии.

„Дополнителното образование по дипломирањето не е задолжително, но е право на секој наставник. Според колективниот договор, секој наставник има право на пет слободни денови за дополнително образование. Ако посетуваат дополнително образование одобрено од министерството, а даватели на услуги се различни факултети, Институтот за образование и други образовни институции, наставниците добиваат поени што се земаат предвид за унапредување во професионални звања и во однос на висината на платата“, објаснува Вогринц.

Работата на наставникот ја оценува директорот, додека училишниот инспекторат нема надлежност да го оценува неговиот квалитет. Тој може да интервенира само доколку има поплака за работата на наставникот. Потоа, инспекторот ја проверува работата на наставникот, но не и неговиот општ квалитет, туку само дали тој постапувал професионално во случајот за кој се однесува жалбата. Тој може да назначи експерт од областа на педагогијата, додава Вогринц.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинарка: Сандра Ханџич
Фотографија: Лука Тронтељ
 

Прочитајте ја целата сторија: „Реформите во образованието треба да почнат од училишните тоалети“

Тагови: