Само прашај

Потоп од вториот бран на КОВИД-19

Потоп од вториот бран на КОВИД-19

Во Македонија стана нормално секој час да умира човек заболен од корона вирусот

Траорни искуства

Тешко е да се задржат солзите кога се слушаат сведоштвата на пациенти и семејства кои поминале низ голгота борејќи се против болеста КОВИД-19 во Македонија. Тие се чувствуваат изневерени од државата, односно од здравствениот систем, бидејќи не добиле помош кога им било најпотребно. Заглавени во лавиринт меѓу матичните лекари, тестирањето, Итната помош, хоспитализацијата…, некои од нив пред очи ги губат најблиските и се принудени самите да констатираат смрт.

Нашето истражување за справувањето со пандемијата покажа дека постои хроничен недостиг од медицински кадар насекаде во Македонија. Екипите на Итна помош, поради ограничениот капацитет, не можат да одговорат на сите повици. Голем дел од граѓаните се принудени да одвојуваат пари од скромните семејни буџети за тестирање во приватните лаборатории, поради недостиг од термини во државните лаборатории. Всушност, КОВИД-19 стана директен извор на сиромаштија, но и вносен бизнис за малкумина.

Видете повеќе на темата

Трогателни се сведоштвата на членовите на семејството Петровски, кои што пред неколку недели загубија сопруг и татко заболен од КОВИД-19. Тие преживеале вистинска голгота во обидот да му овозможат лекување.

Stavete-ogledalo-pod-nos-za-da-vidite-dali-e-pocinat-golema

Неколку искуства на наши сограѓани го откриваат колапсот на македонскиот здравствен систем во борбата против пандемијата од КОВИД-19. Дел од нив сведочат дека биле приморани да одвојат илјадници евра за лекување во приватни клиники за да го спасат животот на најблиските.

Custvoto-na-bespomosnost-golema

Од вирусот се умира по дома

Негативните искуства на граѓаните зачестија со вториот бран на пандемијата од коронавирусот, којшто донесе забрзано зголемување на бројот на заразени и починати лица. Загрижува што во изминативе триесетина дена речиси секој ден бројката на починати надминува 20 лица, а има денови кога таа изнесува и повеќе од 40 лица.

Заклучно со 14.12.2020 година вкупната бројка на починати од компликации од КОВИД-19 изнесува 2.147

 

Уште позагрижувачки е што се зголемува и бројот на лица што умираат надвор од болниците. Според последните податоци на Институтот за јавно здравје, од почетокот на пандемијата заклучно до половината на декември, над 131 лице починале вон болнички услови.

И покрај тоа, надлежните не ги вратија рестриктивните мерки коишто беа на сила кога црните биланси беа многу помали. Нивното образложение е дека здравствениот систем се справува со предизвиците и дека рестрикциите нема да ја подобрат состојбата. Тоа е сосем спротивно на ставовите со коишто до неодамна, на редовни прес-конференции, се оправдуваа полицискиот час и карантинот што беа практика до пред неколку месеци.

Дистанцирање од одговорност

Наместо рестрикции, со обврската за носење маска надвор надлежните, на некој начин, целосно ја префрлија одговорноста врз граѓаните, што е дискутабилна политика ако се земе предвид дека досега се изречени над 108.000 казни за неносење маска.

Никој од Комисијата за заразни болести не одговори на нашите барања за разговор, за да образложи на што се должи ваквата промена на политиките. Дали таа се базира врз епидемиолошки наоди, односно некаква стратегија, или, пак, врз политички одлуки. Од Министерството за здравство одговорија дека секаде во светот препораката е да се избегне карантин доколку е возможно.

Здравствениот систем на колена

Анкетата меѓу одговорните лица во поголемите здравствени установи во внатрешноста на Македонија покажа дека речиси сегде има недостиг од медицински кадар во службата за Итна помош.

Од 4 до 5 тимови со по три возила – тоа е медицинскиот капацитет со којшто располага најголем дел од службата за Итна помош во повеќе градови во земјата. Во една смена којашто трае 8, 12 или 16 часа дежура по еден лекар, медицинска сестра и возач.

Нивна задача е тешко болните пациенти од КОВИД-19 да ги превезат до болницата во поголемиот град, но во време на пандемија тие се задолжени и да даваат домашна нега на заболените.

 

Дежурниот тим треба да одговори и на повиците на пациентите кои се соочуваат и со други здравствени проблеми и да реагира при сообраќајни несреќи и други незгоди.

Видете повеќе на темата

Во повеќето служби за Итна помош низ земјава недостасуваат лекари и медицински лица. Во услови на пандемија од КОВИД-19 тие буквално не можат да постигнат да им пружат помош на сите заразени и истовремено да одговорат и на сите други повици за сообраќајки и други медицински интервенции.

Na-Itnata-pomos-i-treba-pomos-golema

На прашањето колку медицински сестри и лекари за колкав број заболени во просек се грижат во една смена во поголемите и во помалите болници во земјава, од Министерството за здравство одговорија дека сето тоа зависи од капацитетот на КОВИД-центарот, од бројот на пациенти кои во моментов се згрижени како и од клиничката слика на болниот, односно дали се работи за пациент со лесна, со средна или со тешка клиничка слика, за пациент на кислородна терапија или за пациент на некој вид механичка вентилација.

„Во сите тие случаи се запазени протоколите за лекување“, велат од Министерството.

Нашето истражување покажа дека во Македонија има 76 лекари инфектолози со лиценца за работа.

Најголемиот број од нив се ангажирани на Клиниката за инфективни болести и во болницата „8 Септември“, каде што се примаат пациенти со сериозни здравствени компликации предизвикани од КОВИД-19.

 

Од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби информираат дека располагаат со 22 инфектолози, 1 интернист и 10 специјализанти.

„Сите се распоредени во дежурства. Одморите се користени во летниот период Како инфектолози секако дека се малку доктори, но тука се и интернисти, анестезиолози и други доктори кои се дојдени да помагаат во нашата клиника“, велат од Клиниката.

Во болниците во внатрешноста најчесто работат по четворица инфектолози, а во некои, како во болниците во Гевгелија, во Кочани и во Струга, воопшто нема инфектолог. Во просек еден лекар и 3 медицински сестри се грижат за 20 пациенти.

Во Општата болница во Прилеп работат 4 инфектолози, а ангажирани се сите специјалисти од други специјалности вработени во болницата со покривање на едно или две дежурства. Една смена на докторите трае по 12 часа и за приближно 20-25 пациенти, на дневна основа се ангажирани еден лекар, 2 сестри и 2 болничари.

Potop-od-vtoriot-bran-na-KOVID-19-treta-prilep

„Најголем предизвик со којшто се соочуваме во периодов е недостигот од кадар, заштитни средства, како и финансиски средства. Исто така сметам дека постои простор да се променат протоколите од причина што сметам дека се застарени и треба да се усогласат со протоколите од други земји“, вели директорот на ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“, д-р Драги Богојески.

 

Недостигот од лекари е хронична појава во речиси сите болници. Во болницата во Струмица има тројца инфектолози, 22 специјализанти и 21 медицинска сестра.

Potop-od-vtoriot-bran-na-KOVID-19-strumica

Струмичката болница згрижува пациенти од Валандово, Гевгелија, Радовиш и од општините околу Струмица (Василево, Босилово и Ново Село).

 

На прв поглед, најголем број доктори има кумановската болница, каде што работат тројца инфектолози и уште 13 специјализанти, интернисти и невролози, како и шест општи лекари и пет специјализанти. Имаат вкупно 209 медицински сестри. Еден лекар се грижи за 10 – 12 пациенти, а една медицинска сестра за 6 – 8 пациенти.

Potop-od-vtoriot-bran-na-KOVID-19-kumanovo

„Иако навидум има персонал, тој е изморен, бидејќи сме константно со високи бројки на новозаразени, е потребен ангажман и во амбулантата и во дневната болница. Најголем проблем е снабдувањето со кислород бидејќи немаме централен довод на кислород. Финансиски имаме зголемени расходи, а помал прилив на средства поради намален обем на работа во амбулантите и другите оддели“ , вели  директорката на ЈЗУ Општа болница Куманово, д-р Снежана Захариева.

 

Таа додава дека енормно е зголемена потрошувачката на кислород, лабораториски реагенси и други лекарства и дека болницата покрива околу 200 илјади жители во целиот Североисточен Регион. Во кумановската болница, од почетокот на пандемијата, се згрижени 600 пациенти.

Нешто помалку, односно 570 пациенти досега се згрижени во болницата во Охрид, во која се згрижуваат пациенти и од Ресен, Дебар и од Струга. Во Општата болница во Охрид има четворица инфектолози, од кои еден инфектолог е на припомош на Инфективната клиника во Скопје.

Potop-od-vtoriot-bran-na-KOVID-19-ohrid

„Со КОВИД-пациенти активно се вклучени 13 интернисти од ЈЗУ Општа болница Охрид , како и специјализанти и општи лекари од нашата болница, од болницата Св. Еразмо Охрид и од Кардиолошки завод Охрид. По специјалности се специјализанти на анестезија, интерна медицина , хирургија и ортопедија, психијатрија и РТГ. Вкупно ангажирани специјализанти и општи лекари  се 22“, информира директорот на ЈЗУ Општа болница Охрид, д-р Горан Балевски.

 

Болницата има големи тешкотии во финансирањето бидејќи со години наназад се соочува со тужби и извршители.

Во КОВИД-центарот во Тетово има 5 инфектолози, 22 доктори општи лекари и специјализанти и 40 медицински сестри. Во болницата има капацитет за 70 пациенти, а амбулантски дневно се третираат по 40 пациенти.

Potop-od-vtoriot-bran-na-KOVID-19-tetovo

Раководителот Гзим Нуредини вели дека најголеми тешкотии имаат со формирањето тимови, ако некој лекар заболи или мора да оди во изолација. Досега биле лекувани повеќе од 300 пациенти.

Од февруари, кога беа потврдени првите заболени пациенти во земјава а кои беа од Центар Жупа, па сѐ досега, постојано се зголемува бројот на заболени кои се примаат во болницата во Дебар.

Potop-od-vtoriot-bran-na-KOVID-19-debar

Интерното одделение сега е адаптирано во инфективно и таму работат еден инфектолог, двајца општи лекари и пет специјализанти. Имаат машка и женска соба, во кои има по 8 кревети, и дневна амбуланта со шест кревети. Поради зголемената потрошувачка на кислород, директорот Баки Алили вели дека е потребно да се инсталира централизирана оксидација.

Директорот на Општата болница – Струга, д-р Мухамед Асани, информира дека болницата не располага со инфектолог. Тој вели дека во оваа установа има 7 специјалисти интернисти коишто ги покриваат двата КОВИД-центри.

„Ангажирани од други болници немаме. На неопределено време се вработени 125 медицински сестри, а на определено време 19 медицински сестри. Сменската работа е по 12 часа, дел од медицинските сестри ротираат на 30 дена. Бидејќи е 24-часовна смена, за 40 пациенти во моментов се грижат 3 интернисти, 10 специјализанти, 2 општи лекари и 63 медицински сестри“, информира Асани.

 

Тој додава дека во моментов има забрана за користење годишни одмори и дека во моментов боледувања користат само 6 медицински лица.

„Најголемиот проблем е недостиг од медицински кадар, финансиски средства коишто повлекуваат недостиг од ЛЗО и недостиг од санитетско возило“, вели Асани.

Во врска со тоа кој одлучува кој пациент ќе биде згрижен во болница и дали смета дека е потребна промена на протоколите за прием и третман на пациенти и во која насока, тој вели дека за прием и грижа на пациент од КОВИД-19 одлучуваат специјалистите интернисти.

„Поради зголемениот број на инфицирани со КОВИД-19 на медицински персонал, а особено на доктори специјалисти интернисти, имаме потреба од протоколи од Инфективна клиника и потреба за ангажирање на барем 3 интернисти од други установи“, вели Асани.

Тој додава дека до моментов хоспитализирани пациенти од КОВИД-19 се 523, кои доаѓаат од општините Струга и Вевчани.

„Капацитетот на болницата е од 98 кревети во сите оддели, од кои 50 кревети се ослободени за двата КОВИД-центри, Одделот за интерни болести – 32 кревети и Одделот за детски болести – 18 кревети и во моментов има 14 слободни кревети“, вели Асани.

Заради нормално функционирање на хируршкото, детското и интерното одделение и за редовните пациенти да почнат да се третираат, болницата има потреба од зголемување на капацитетите.

„Се надеваме дека со почетокот на работата на Модуларната болница, чиј капацитет ќе биде од 35 болнички кревети и која се надеваме дека ќе биде готова до крајот на декември 2020 г., ќе ги задоволиме од една страна потребите за КОВИД-пациентите, а од друга страна, ќе започнеме со нормална работа на другите оддели“, вели Асани.

За да се обезбедат повеќе капацитети за прием, Министерството за здравство започна  изградба на монтажни болници низ повеќе градови, но нејасно е од каде ќе се повлечат медицински екипи за да работат во нив.

Принудни трошоци за тестирање

За термин за тестирање во државните лаборатории граѓаните чекаат со денови, па поради тоа честопати одлучуваат да се тестираат приватно.

Potop-od-vtoriot-bran-na-KOVID-19-korona-pomali-gradovi

Во помалите градови низ Македонија, каде што нема приватни лаборатории, луѓето имаат две опции – да чекаат со денови да добијат термин за да се тестираат во државна лабораторија или да ѝ платат на приватна лабораторија да ги посети дома.

 

Цената на ваквата услуга се плаќа по километри оддалеченост. Како за пример, една приватна клиника, за пациенти од Штип наплатува 15.000 денари за патот и за домашната посета, а секој тест дополнително се наплаќа 2.900 денари.

Дел од помалите лаборатории што вршат вакви услуги даваат опција да не го наплаќаат патот до градот доколку таму се тестира поголема група на луѓе. Обично вакви услуги им се нудат на конфекции или на компании со над сто вработени, кога сопственикот го плаќа регуларно секој тест, а патот е ’гратис‘ од лабораторијата.

Според статистиките на Министерството за здравство, во Македонија дневно се прават околу 2.500 тестирања, државата има капацитет само за половина од нив, а половината се од приватните лаборатории.

Вкупно направени тестови за КОВИД-19 заклучно со 13.12.2020

Извор: Институт за јавно здравје

 

Институтот за јавно здравје ги спроведува државните тестирања за речиси целиот регион, освен за Битолскиот, којшто ги спроведува за Кичево и Ресен. Максимална бројка на направени тестови во едно деноноќие е 1.200.

Na-mesto-na-test-1850

Ако сакате во Институтот за јавно здравје да направите тест за КОВИД-19 надвор од протоколите, односно да го направите приватно, на пример поради патување, за него ќе треба да платите 1.850 денари.

 

Болничките тестирања од градовите низ државата ги спроведува МАНУ, освен за Тетово и Гостивар, кои сѐ уште пристигнуваат во ИЈЗ. МАНУ досега има спроведено најмногу 330 тестирања за едно деноноќие. ЦЈЗ, пак, врши свои тестирања.

Дополнително на ова се спроведуваат тестирањата со брзи тестови, чии резултати се готови приближно за 45 минути.

Од почетокот на пандемијата до 13 декември, направени се вкупно 365.599 тестирања. Од нив околу 167.000 се направени во приватните лаборатории. Таму цената за ПЦР тест изнесува од 1.500 до 6.000 денари. Ако земеме дека средна цена на тестот е 3.000 денари, пресметката е дека граѓаните потрошиле околу 8,1 милиони евра на тестирање во приватните лаборатории.

Една ноќ во Битола

Во првите редови во борбата против пандемијата се здравствените работници. Иако последиците од оваа зараза ги чувствуваме сите, сцените од болницата во Битола ја откриваат тежината на атмосферата во која секојдневно работат овие луѓе. Висока е цената за нивната пожртвуваност во обидот да се спасат човечки животи. Досега се регистрирани се 2.744 случаи на заболување меѓу здравствени работници и 16 смртни случаи.

Ако едно четиричлено семејство живее со две просечни плати од 27.405 денари, само за да се тестира, потребно е да потроши една петтина од месечните примања. Ова за многу семејства во Македонија е голема сума којашто ги оптоварува и онака скромните семејни буџети.

Од канцеларијата на портпаролот на Владата објаснуваат дека државата не може да интервенира во приватниот сектор за да се намалат цените на услугите.

„Во неколку наврати од министерот за здравство беше упатен апел до приватните здравствени установи и лаборатории да излезат во пресрет со тоа што ќе ги намалат цените на ПЦР-тестовите. Може да влијаеме врз цените што ги одредува Фондот, а потврда за тоа е одлуката  донесена во септември за намалување од 50 отсто“, велат од Владата.

И од Министерството за здравство потврдуваат дека државата нема ингеренции врз нив, со оглед на тоа што тие се приватни и, како такви, имаат право на манипулација со цената на дадените услуги.

Многу мал дел од приватните лаборатории се одзваа на повикот на државата за намалување на цените на тестовите.

Пандемијата под лупа

Заклучно со 13.12.2020:

Пријавени се вкупно 73.851 случаи на КОВИД-19

Најголем дел регистрирани во Скопје, Тетово, Куманово, Прилеп, Гостивар, Штип, Битола и Велес, додека највисок морталитет се регистрира во Прилеп, Струга, Крушево, Штип и Охрид. Највисок леталитет се регистрира во Крушево и Струга

Во однос на симптомите кои се пријавени кај заболените лица, најчесто се регистрирани температура (69,0%), малаксаност (40,5%), кашлица (40,6%), ослабен осет за мирис и/или вкус (26,4%), главоболка (22,0%), мускулна болка (17,8%), болка во грлото (15,1%), треска (13,8%) и отежнато дишење (10,2%)

Од 2.147 регистрирани смртни случаи, најголем дел се на возраст над 60 години

Регистрирани се 1.359 смртни случаи кај лица од машки и 788 кај лица од женски пол

Од починатите, кај 1.483 (80,3%) се регистрирани коморбидитети, најчесто кардиоваскуларна болест, дијабет и белодробна болест

Регистрирани се 8 смртни случаи кај бремени жени

Сепак, дека регулирање на цените на тестирањето е можно, добар пример е Хрватска.

Од почетокот на пандемијата, Хрватска имаше за 40 отсто поскапи тестови отколку во Германија и околу 60 отсто поскапи отколку во Турција. По многуте реакции на јавноста, хрватската влада интервенираше и во цената на тестовите на приватните лаборатории.

Имено, прогласувањето на кризна состојба би требало да значи дека во услови на пандемија, и македонската Влада би можела да најде начин да ги покрие или да ги намали трошоците на граѓаните кога веќе тешко се доаѓа до термин за бесплатно тестирање во државните лаборатории.

 

Уредник: Владимир Николоски
Новинари: Катерина Топалова, Милена Атанасоска – Манасиева, Соња Петрушевска, Наташа Јанчиќ
Фоторепортери: Томислав Георгиев, Маја Јаневска-Илиева
Сниматели: Зоран Догов
Монтажери: Ристо Душковски
Веб развој и адаптација: Стефан Стојановски, Дарко Малиновски
Лектура: Татјана Б. Ефтимоска

 

Views: 15305