Само прашај

Се градеше со самопридонес, ќе се приватизира со субвенции

Големо градилиште пред Матка

Се крие ли зад ревитализацијата на езерото Треска нов обид за продажба на државно земјиште по багателни цени и изградба на објекти кои ќе им донесат профит на поединци е прашање кое го истражувавме откако беше претставен нацрт-урбанистичкиот план за оваа локација. Во него, се предвидува на огромен простор околу езерото да се градат хотелски комплекс, викенд куќи, станбени објекти, комерцијални и деловни единици. Не се спомнуваат студии за одржливо користење на езерото или за заштита на животната средина.

Истовремено, со нетрпение се чека одлуката на Владата за прогласување на овој реон за туристичка развојна зона. Тоа е последната „квака“ којашто ќе отвори можност за продажба на земјиштето по почетна цена од едно евро за квадрат и за субвенционирање на инвеститорите.

Езерото Треска е изградено со самопридонес на жителите на Скопје во 1978 година. Комплексот се простира на 35 хектари. Со капацитет од 10.000 лица служеше како главно место за рекреација и капење сè до 1998 година, кога поради загадување на водата е затворено. Оттогаш, местото континуирано пропаѓа и е доведено до очајна состојба.

Ќе се градат објекти високи над 15 метри

Планот што го претстави Општина Сарај превидува поделба на оваа локација на 4 урбани блока. Б1 е урбан блок со најголема површина (51.66 хектари на кои лежи и езерото Треска) и има основна намена спорт и рекреација. Покрај оваа основна намена, согласно правилникот за урбанистичко планирање на 40 отсто од овој простор се предвидени таканаречени компатибилни намени односно изградба на викенд куќи и други комерцијални и деловни објекти се вкупна површина од 248.000 квадратни метри.

– Површина на градежна парцела 310.232 м2
– Површина на градба: 155.166 м2
– Површина на изградена површина:248.186 м2
– Максимална височина 4,50/15,50 м

Сличен урбан пристап има и при конципирањето на вториот блок- Б2. Тој се протега на површина од 9,67 хектари и се наоѓа на самиот брег на реката Треска, оддалечен со заштитен појас од брегот од 7 метри. Основна намена на овој блок е времено домување-викенд куќи со можност за имплементација на комерцијални намени на 30 отсто од предвидената вкупна изградена површина којашто изнесува 66.000 квадратни метри.

– Површина на градежна парцела: 96.691м2
– Површина за градба: 16.650м2
– Вкупна изградена површина: 66.600 м2
– Максимална височина: 10,20 м

Последните два урбани блока имаат значително помала површина. Блокот Б3 се простира на 9,53 хектари, а Б4 на 2,41 хектара, но затоа имаат уште поголем процент на изграденост. Овде се предвидуваат комерцијални содржини, па дури и групно домување во станбени згради. На овој простор се овозможува изградба на нови 65.000 квадратни метри.

– Површина на градежна парцела: 79.022 м2
– Површина за градба: 14.856 м2
– Вкупна изградена површина: 59.424 м2
– Максимална височина: 4,50/11,50 м

– Површина на градежна парцела: 11.253 6м2
– Површина за градба: 5.626 м2
– Вкупна изградена површина: 5.626 м2
– Максимална височина:4,50/11,50 м

Архитектката Билјана Филиповска, којашто учествувала во проектирањето на комплексот „Езеро Треска“ на крајот од 70-тите години од минатиот век вели дека сега е очигледна намерата на планерот максимално да го употреби просторот за градба.

Недостатоци на новиот план

  • Понудениот нацрт-план нема студија за ревитализација на езерото и одржлив начин на негово снабдување со вода, погодна за капење
  • Нема студија за влијание на предвидените градби врз животната средина
  • Не е предвидено како ќе се заштитат водите и подземниот слив на бунарите Нерези – Лепенец

Според неа, воведувањето на локации за викенд куќи на просторот непосредно околу езерото е грубо приватизирање на простор од јавен интерес.

„Густата изграденост веднаш после заштитниот појас околу езерото којшто изнесува само 5.000 м2 сосема го менува карактерот на просторот, ги попречува прекрасните визури кон Матка и ја менува микро-климата на просторот“, вели Филиповска.

Таа наведува дека за разлика од порано, кога се водело сметка да не се узурпира природниот амбиент, сега намерата е максимално да се профитира.

Прочитај повеќе:

Очигледна е целта на планерот максимално да се изгради и да се профитира, без оглед на девастацијата на природните вредности, вели Билјана Филиповска, архитектка којашто учествувала во проектирањето на езерото Треска за новиот план за оваа локација што неодамна го презентира Општина Сарај.

Zelbata-za-profit-moze-da-ja-unisti-magijata-na-ezeroto-Treska-880x489

Отпор

Од вештачкото езеро кое некогаш било омилено место за рекреација на скопјани, останат е само празен базен. Тушеви нема, гардеробите и лежалките се искршени, а нивните руинирани остатоци се немо сведоштво за живоста која го красела ова место. Со негрижа уништени се ресторанот каде се седнувало на кебапи и шанковите до базенот каде се пиеле студени пијалоци.

Низ годините, како доаѓаа избори, се редеа ветувања за ревитализација, но овој комплекс пропаѓаше и тонеше во заборав.

 

Префрлувањето на одговорноста од државата, на градските и општинските власти и обратно траеше до 2013. Тогаш, со одлука на Владата, ингеренциите и се предадени на Општина Сарај. По шест години, во јули 2019 година, Владата дава согласност за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште за изработка на урбанистички план вон населено место за изградба на Спортско – рекреативен центар Треска КО Глумово и КО Шишево, општина Сарај. Со овој акт, беше отворен патот за изработка на урбанистичкиот план кој го промовираше градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети.

Ги чуваат документите за платен самопридонес

„Ни ги земаа базените, сега и Треска“, коментираат дел од камперите коишто ги затекнавме на езерото, меѓу кои има Македонци и Албанци. Забрзаното чистење на теренот кај езерото Треска да се подготви за градежни работи најмногу го почувствуваа токму тие.

Негодуваат бидејќи од Град Скопје во 1987 година имаат добиено решение да ги преместат приколките од градската средина на езерото. Сега, Град Скопје е ненадлежно, а општината бара итно да се дислоцираат.

Скопјанецот Руфки Локи вели дека ги чува потврдите кои докажуваат дека со неговиот татко пет години по ред плаќале самопридонес за изградбата на комплексот.

Камперите тврдат дека трпат закани и најавуваат дека правда ќе бараат на суд. Ацо Гиновски, претседател на здружението „Езеро Треска“ бара итна средба со премиерот затоа што камперите сметаат дека се оштетени.

Сепак, градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети не отстапува од дислокација на приколките. Беџети вели дека помага да се расчисти теренот за кога ќе дојде време државата да нема проблем при реализација на најавените инвестиции.

Град Скопје ја префрла топката во Општина Сарај

Прашавме во Кабинетот на скопскиот градоначалник Петре Шилегов дали со ваквиот план за развој на Треска се ретерира од неговото предизборното ветување дека езерото Треска ќе им се врати на граѓаните.

Град Скопје нема увид во развојните планови на општината за комплексот, но она што е најавено во јавноста не е спротивно на заложбите на Шилегов за задржување на езерото Треска и негово реактивирање за спорт, рекреација и туризам со јавно приватно партнерство. Проектите не можат да се ценат според тоа која единица на локалната самоуправа ги изведува (Град Скопје или Општина Сарај), туку според нивните замисли и исход. Според тоа, треба да се почека да се видат намерите на општината, a исходот да се цени според продобивките за граѓаните на Сарај, Скопје и целата земја.

Скопјани со самопридонес го граделе овој комплекс. Дали по изградбата на новите објекти, овој комплекс ќе остане недостижен за нив?

– За деталите околу отвореноста на комплексот Ве упатуваме кон општина Сарај, а во однос на достапноста, би сакале да укажеме дека и пред затворањето на езерото, посетителите плаќале влезница. Очекуваме на ист начин овој комплекс да е достапен и во иднина. Исто така, битно е да се нагласи дека Езерото Треска не е единствениот објект кој е изграден од самопридонесот на Скопјани по референдумот од 1974 година. Со овој самопридонес изградени се базенот во Карпош и Олимписки Базен, Јужната Трибина на Градскиот стадион, салите во Расадник и онаа на МЗТ во Аеродром, стотина игралишта за фудбал, кошарка, одбојка, ракомет и детски игралишта, како и две училишни спортски сали. Ниту еден од овие објекти денес не го управува Град Скопје иако нивната изградба е финансирана од самопридонесот на работните луѓе во Скопје. Езерото Треска е последниот од овие објекти кој е одземен од Градот во 2013 година, додека другите се одземени и доделени на државни и приватни управувачи во 90-тите години од минатиот век.

Што еден ваков план ќе значи за туризмот од една страна, но и за животната средина од друга страна?

– Би Ве упатиле овие одговори да ги добиете од Општина Сарај бидејќи не сме запознаени со урбанистичкиот план и неговите туристички и еколошки аспекти.

Градоначалникот Шилегов зборува за јавно – приватно партнерство за Треска. Може ли да објасните што тоа ќе значи?

– Принципиелно, јавното-приватно партнерство би значело заеднички напори на државата и приватниот капитал во менаџирање на одреден локалитет, при што јавниот интерес е обезбеден со отвореност/приходи/давачки, а приватниот со можноста на поврат на инвестицијата. За деталите на конкретниот случај ве упатуваме да разговарате со општината.

Колкав дел од оваа инвестиција ќе заврши во буџетот на град Скопје?

– За секоја градба на територија на Град Скопје секој инвеститор е должен да уплати 60% од комуналиите во градската, а 40% во општинската каса. Дополнително, Град Скопје наплаќа и комунална такса на сите влезници и паркинзи на негова територија.

Слатка приватизација

Општина Сарај подолг период бара од Владата локацијата каде што се наоѓа езерото Треска да се прогласи за туристичка развојна зона. Од Владата, иако не прецизираат кога ќе биде донесена ваквата одлука, може да се заклучи дека одговорот ќе биде позитивен.

„Во случајот со СРЦ Треска, прогласувањето на туристичка развојна зона, отвора можност за привлекување на сериозни инвестиции и пуштање во употреба на еден капацитет кој ќе ги задоволи потребите не само на Скопје туку и на целата држава, а воедно ќе стане туристичка атракција како за домашни така и за странски туристи“, велат од Владата.

Што значи туристичка развојна зона?

Туристичка развојна зона е посебно ограден и означен простор што претставува функционална целина формиран заради развој на туризмот со воведување стандарди во делот на услугите, како и за и ефикасна употреба на ресурсите со примена на највисоки еколошки стандарди.

Законот за туристичка развојна зона, којшто беше донесен во 2012 година на инсистирање на тогашната власт, всушност ги „расчистуваше“ сите пречки за реализиција на луксузниот проект „Сахарајан Македонија“ на индискиот бизнисмен Субрата Рој, со пловечки казина, хотели, трговски центри.

Со голема помпа беа најавувани инвестиции на контроверзниот индиски бизнисмен во туризмот. Извор: МИА

 

Државата изврши експропријација на земјиштето, а со ветување за бум во туризмот се правдаа бенефиците за инвеститорите.

Во Законот за туристичка развојна зона пишува дека земјиштето ќе се продава на јавно наддавање по почетна цена од едно евро за квадрат, а уредувањето на градежното земјиште (комунална инфраструктура, фекална и атмосферска канализација) ќе се врши од страна на општината или Владата.

На новиот инвеститор, односно корисник на зоната, според законот му следува државна помош за инвестиции од над 10 милиони евра и даночни олеснувања. Тој ќе биде ослободен од плаќање на персонален данок на доход на примањата по основ на плати на вработените за период од десет години без оглед на бројот на вработените.

Исто така, во законот пишува дека ќе биде ослободен од плаќање ДДВ за градежните материјали за изградба на зоната и објектите во неа, а ќе има помош и за обука и усовршување на вработените.

Поволности  за инвеститорите во туристичките развојни зони

1. Кога корисникот на зоната е носител на правото на градење во зоната, во периодот од издавењето на одобрение за градење до издавање на одобрение за употреба на градбата во периодот на почетна инвестиција од плаќање на данок на додадена вредност се изземени:

  • прометот на градежни материјали кои се превезуваат или испраќаат во зоната, ако примателот на градежните материјали е корисник на зона, под услов градежните материјали да не се наменети за крајна потро- шувачка;
  • прометот на градежни работи, ако примателот на услугата е корисник на зоната;
  • увозот на градежни материјали кои се наменети да се внесат во зоната, ако примателот на градежни материјали е корисник на зона, под услов градежните материјали да не се пуштени во слободен промет, односно да не се наменети за крајна потрошувачка.

2. Даночниот обврзник, корисник на зоната, подлежи на ослободувања и олеснувања од плаќање на персонален данок на доход на примањата по основ на платите на вработените лица за период од де сет години од започнувањето на вршење на дејност во зоната, односно од првиот месец во кој корисникот ќе изврши исплата на плата, без разлика на бројот на вработените лица кај корисникот.

3. На корисникот на зоната кој обезбедува нови вработувања може да се додели помош за оправданите трошоци за образование во форма на посебно или општо усовршување на работниците при што:

  • посебно усовршување е предвидено за стекнување на теоретско и практично знаење применливо за сегашните или идните работни места на претпријатието коешто е корисник на државната помош;
  • општото усовршување е предвидено за стекнување на теоретско и практично знаење применливо за сегашните или идните работни места на претпријатието корисник на државната помош, но и за други претпријатија или во други активности, коишто значително ги зголемуваат можностите за вработување на работникот;
  • помош од овој член може да биде доделена во износ до 50% од оправданите трошоци во случај на општото усовршување и во износ до 25% од оправда ните трошоци во случај на посебното усовршување.

Според регулативата, градежното земјиште ќе го продава Владата, а одобрението за градење во туристичката зона ќе го издава Министерството за транспорт и врски.

Законот за туристичка развојна зона

 

Во државава сега има 8 туристички развојни зони. Освен Љубаништа, прогласени беа и Градиште (Охрид), Калишта (Струга), Треска (Радожда), Стар Дојран, Нов Дојран, Крушево и Берово. Но, најголем дел од нив останаа празни.

На прашање испратено до Владата кои се ефектите од овие зони, велат дека „проектите се во различна фаза на реализација“.

Најавуваниот туристички бум од овие зони очигледно изостана, но тоа не ги премислува властите и во СРЦ Треска да се промовира туристичка развојна зона.

„Туристичката развојна зона е можност за привлекување на инвестиции каде стопанисувањето би било јавно – приватно партнерство со што се гарантира пристап за сите граѓани и подобри услови од сегашните“ велат од Владата.

Ист став има и локалната власт во Сарај. Беџети најавува инвестиции во висина од 200 милиони евра и отворање на 1.000 работни места.

Лесно може да се случи да се приграби земјиштето околу езерото Треска, а тоа повторно да биде забрането за капење

 

Ако се земат предвид поволностите што ги нуди законската регулатива за инвестирање во туристички развојни зони станува јасно зошто на локалната самоуправа во Сарај и‘ се брза езерото Треска да го добие овој статус.

Нема ништо спорно да се инвестира во развој на овој дел од поширокото подрачје на Скопје, но проблематично е што се презентира план без никакви студии за тоа како ќе се прочистува водата во езерото Треска, ниту пак какво влијание би имале новите градби врз животната средина во предворјето на Матка.

Поради тоа оправдан е сомнежот дека зад целата работа стојат бизнис интереси за приграбување државно земјиште и дека најмалку од се е важно враќањето на животот на езерото Треска.

 

Уредник: Владимир Николоски
Новинар: Соња Петрушевска
Снимател: Иван Поповиќ
Дрон: Љубомир Домазетовски
Монтажа: Ристо Душковски
Веб развој и адаптација: Стефан Стојановски
Лектура: Татјана Б. Ефтимоска

 

Views: 10220