fbpx

Минирани кањони и исечени стогодишни дрвја за некој киловат струја

Целосно затрупани речни корита и уништено бесценето природно богатство во предели кои биле на ред за прогласување на заштитени подрачја е епилогот од изградбата на дел од малите хидроелектрани во нашата држава. Ова е само еден од загрижувачките наоди што произлезе од истражувањето на Институтот за комуникациски студии по предупредувањата на домашни и меѓународни еколошки здруженија дека кај нас има опасност од целосно исчезнување на реки и загрозени животни и растенија од изградбата на вакви енергетски капацитети.

Одговори за оваа проблематика побаравме од Министерството за економија, Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, но и од вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кои се јавуваат во сопственичките структури на компании што се занимаваат од производство на струја од мали хидроелектрани.

Следуваше неколкудневен пинг-понг меѓу институциите околу надлежноста по одредени прашања, што дојде како увертира на резултатите што ги добивме од контролите што врз изградбата и работењето на некои од малите хидроелектрани ги спроведувал Државниот инспекторат за животна средина, а во кои се утврдени сериозни нарушувања на природата.

При анализата на листата на извршените надзори паѓа во очи инспекциски увид на фирмата „ЕЛ ТЕ ХИДРО“ по пријава за нарушување на режимот на водите од незаконско постапување во 2015 година.

„При увидот се констатира дека теренот по кој е вкопан цевководот, а сега служи како пристапен пат е прооден до место каде има клизиште и одрон, па самиот пат е затрупан. Патот е граден со минирање на околниот терен и целосно се разрушени карпите непосредно на реката Ештерица која претходно беше во кањон со природна убавина, флора и фауна, со столетни ели кои го красеа кањонот со наполно уништено речно корито. За биолошки минимум не може да се каже дека има во реката затоа што наместа и не постои река, туку целосно е затрупана со камења“, се вели во извештајот по инспекцискиот увид.

Се констатира дека надзорот не постапувал по проектната документација и според тоа изведувачот на работите не градел соодветно со што инвеститорот ја нема контролирано изградбата согласно документацијата за која има добиено соодветни дозволи.

„Согласно проектната документација, договори, елаборат за заштита на животна средина, дозвола за зафаќање на вода, не е постапено од страна на инвеститорот, изведувач на работите и стручниот надзор над изведба на работите на хидроелектраната Ештерац при што е нанесена штета која одговорните лица за настанатата штета треба да одговорат согласно закон, а последиците од штетата која е направена не може да се процени од аспект што природната реткост на овој кањон требаше да влезе во картата на заштитени подрачја на Република Македонија и е во прва зона вода за пиење од која се водоснабдуваат неколку града преку зафат бр.3 од хидросистемот Злетовица“, пишува во извештајот.

Практиката покажува дека контролите на инспекторатот најчесто завршуваат со укажувања за исправање на неправилностите како на пример да се внимава на испустот на вода, да се постават мерни инструменти за зафатот на вода, да се направат соодветни рибни патеки согласно проектната документација и слични „ситни“ пропусти на инвеститорите кои, според наодите на инспекторатот најчесто подзабораваат на овие обврски иако нивното исполнување може да има круцијално значење за заштита на биодиверзитетот.

Сосем друго прашање е какви се реалните можности на Државниот инспекторат за животна средина за редовна контрола на овие енергетски капацитети ако се земе предвид дека во моментов таму работи само еден водостопански инспектор. Во најава е вработување на уште еден, а во земјава се смета дека има 4.000 извори на вода, активно работат 96 мали хидроелектрани и постојано се доделуваат концесии за изградба на нови.

Имено, еколошките здруженија обвинија дека Владата на седницата на 14 мај годинава повторно донела одлука за доделување 18 концесии за користење вода за производство на струја односно изградба на мали хидроелектрани од кои дел во заштитени подрачја и дека на тој начин сериозно се загрозува биодиверзитетот во тие региони. Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека нивна надлежност е да утврдат дали локациите на кои се планира изградба на мали хидроелектрани се во заштитено подрачја и во која зона на заштита се наоѓаат.

„На последниот тендер беа предложени две локации за изградба на МХЕ во НП, од кои една во НП Маврово и една во НП Пелистер. За двете локации беше утврдено дека се лоцирани во зона на одржливо користење каде е дозволена изградба, и прибавено стручно мислење од ЈП НП Маврово и ЈП НП Пелистер. Имајќи ги предвид ставовите на невладините организации, Владата ја поништи постапката за доделување концесија за овие локации. Истовремено на барање на невладините организации поништена е и постапката за изградба на МХЕ на Јабланица, која е лоцирана на предложено подрачје на заштита. Во однос на сите други локации, за кои се утврдено дека се наоѓаат во предложени подрачја на заштита утврдено е дека е потребно е да се идентификуваат значајните природни живеалишта и диви видови од национлано и ЕУ значење и за истите да се спроведе мониторинг на пошироката околина, пред започнување на активностите, за време изградба на малите хидроцентрали и најмалку 2 години за време на експлоатација“, велат од Министерството.

Оттаму додаваат дека при планирањето на изградбата на малите хидроцентрали со целата инфраструктура како каптажа, цевководи, машински згради, пробивање на патишта и др. треба да се направи проценка преку постапката за оцена на влијанието врз животната средина, кои ќе бидат загубите за биодиверзитетот и колкав ќе биде бенефитот од произведената електрична енергија од обновливи извори на енергија.

Во однос на укажувањата на меѓународните еколошки здруженија „Euronatur“ и „Riverwatch“ дека искористувањето на сончевата енергија за производство на струја е многу посоодветно за нашата земја отколку изградбата на мали хидроелектрани, од Министерството велат дека не постои некоја соодветна анализа во однос на ова прашање прво затоа што секоја локација претставува простор за себе и не се споредува во однос на деградацијата дали е сончев парк или производство на хидро енергија.

„Без разлика на се, по завршување на концесискиот договор обврзани се за надомест на штета за деградација односно потребно е да се врати во првобитна состојба“.

Ваквиот одговор го отвара прашањето каква е логиката на законската регулатива која налага инвеститорите да платат штета за деградација односно да ја вратат нарушената природна околина во првобитна состојба по истекувањето на концесијата, посебно со оглед на тоа што наодите на инспекторите откриваат минирања во заштитени подрачја и затрупување на речните корита односно непоправливи штети по природата.

На прашањето како ги толкува тезите дека малите хидроелектрани носат повеќе штета отколку корист со оглед на тоа што со нивната изградба нема да се задоволат таргетите за производство на струја од обновливи извори на енергија, а се предизвикуваат ненадоместливи штети по биодиверзитетот, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев вели дека изградбата на малите хидроцентрали, како и на фотонапонските електрани, електраните на биогас и биомаса во целиот свет и во Европа се сметаат како значителен фактор за намалување на емисиите на стакленички гасови, односно нивната изградба значително придонесува кон постигање на глобалните цели за заштита на животната средина.

„Воведувањето на механизми за поттикнување на ваквите типови на електрани е произлезено и од амбициозно поставените цели за учеството на ОИЕ во вкупната потрошувачка на енергија. На ниво на ЕУ  Стратегијата за паметен, одржлив и инклузивен раст ЕВРОПА 2020 утврди пет водечки цели за земјите членки на ЕУ кои треба да се постигнат до 2020, при што една од тие цели се однесува на климата и енергетиката (2020 пакетот за клима и енергетика), која предвидува: намалување на емисиите на стакленички гасови за 20 отсто (споредбено со 1990), зголемување на учеството на ОИЕ до 20 отсто, постигнување на 20 отсто на енергетска ефикасност. Во 2014 година, беше усвоена Рамката за клима и енергетика 2030, која го надградува пакетот за клима и енергетика 2020 и утврдува три клучни цели кои треба да се постигнат до 2030 година: намалување на емисиите на стакленички гасови за најмалку 40 отсто (споредбено со 1990), учество на ОИЕ со најмалку 27 отсто и подобрување на енергетската ефикасност за 27 отсто. Заради постигнување на овие цели земјите членки на ЕУ и Енергетската Заедница (ЕнЗ) преземаат и имплементираат низа мерки насочени кон зголемување на искористувањето на ОИЕ и подобрување на енергетската ефикасност. Што значи дека целиот свет и развиените европски земји ја препознале потребата од изградба на малите хидроцентрали како корисна и токму поради тоа ги има изградено во огромен број во цела Европа и од истите нема штета од причина што станува збор за проточни електрани, изградени по европски стандарди, каде што стрикно се почитуваат директивите за заштита на биодиверзитетот“, вели Анѓушев.

Конкретно за малите хидроцентрали, тој вели дека станува збор за проточни електрани, што значи се зафаќа количината на водата која е дозволена и одредена со дозволата за вода издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање, и истата се испушта повторно во истата река со значително подобрени особини.

„Мора да се напомене дека при изградбата на малите хидроцентрали инвеститорите имаат обврска да ги почитуваат законските прописи кои се однесуваат на изградбата на ваков тип на објекти, истите имаат изработено и одобрено елаборати за влијанието врз животната средина кои се одобрени од надлежното министерство, а во фазата на градење истите можат да се следат од надлежниот инспекторат во рамките на Министерството за животната средина. Секој инвеститор врз основа на Договорот за концесија и врз основа на Дозволата за вода има обврска во секој момент да испушта доволни количини на вода со цел задоволување на биолошкиот минимум, односно да не се направат штети по биодиверзитетот. Инвеститорите при изградбата на малите хидроцентрали инвестираат и во рибји патеки со цел зачувување на рибниот фонд во реките. Малите хидроцентрали заедно со останатите обновливи извори на енергија значително придонесуваат во постигањето на целите и таргетите на Република Северна Македонија во борбата со климатските промени, мора да напоменеме дека во тек е изработка и на нова Студија од страна на Секретаријатот на енергетската заедница со која ќе се дефинираат новите таргети до 2030 година“, вели Анѓушев.

Според него, Владата се стреми кон исполнувањето на зададените цели во насока на заштита на животната средина и намалувањето на емисиите на стакленички гасови, односно преку енергетската транзиција да се заменат загадувачките технологии за производство на електрична енергија со чисти извори кои нема да влијаат негативно врз животната средина.

Еколозите гледаат опасност, инвеститорите негираат негрижа

Вицепремиерот Анѓушев додека е на функција во Владата не го коментира работењето на неговите фирми и поради тоа одговори околу наодите на еколозите од „Bankwatch“ дека некои од неговите мали хидроелектрани го доведуваат во прашање опстанокот на загрозени животински видови каков што е случајот со Брајчинска Река и преспанската пастрмка побаравме од неговата компанија „Феронивест“ во чија сопственост е оваа мала хидроцентрала и уште 24 вакви капацитети низ државата, но и од Државниот инспекторат за животна средина.

Од инспекторатот немаа директен одговор по ваквите наоди освен дека компанијата има добиено решение за изградба на мала хидроелектрана на оваа река.

Од „Фероинвест“ велат дека концептот на мали хидроелектрични централи во Македонија почна да се развива 2007 година преку Министерството за економија кое распиша повици за учество на тендери за додела на концесии за над 140 локации за мали ХЦ со моќност од 35 до 2.500 киловати.

„Компанијата „Мали хидроцентрали“ на „Фероинвест“ беше една од компаниите која конкурираше за добивање концесии. Една од локациите за која државата и надлежните институции процениле дека е соодветна за изградба на мала хидроцентрала поради обилните водотеци и за која беше распишан повик за доделување концесија, беше онаа на Брајчинска река. „Мали хидроцентрали“ во изградбата, која заврши 2012 година, се придржуваше, а и во управувањето се придржува до сите важечки законските прописи. Сите наши МХЦ, вклучувајќи ја и МХЦ Брајчино 1 не се пречка за движењето на рибите, бидејќи обезбедуваат минимален еколошки дозволен проток кој го гарантира животот на рибниот фонд. Сакаме да напоменеме дека голем дел од МХЕ на „Фероинвест“ се градени со средства од ЕБРД каде посебно се обрнува внимание на екологијата. Експерти по екологија на банката беа присутни и вршеа мониторинг и во текот на изградбата и при пуштањето во функција и за сите мали хидроцентрали имаа позитивни мислења во поглед на почитување на стандардите кои се однесуваат на заштита на животната средина и биодиверзитетот“, велат од компанијата.

Од „Фероинвест“ додаваат дека почитувањето на стандардите го потврдило и Извештајот „Истражување на рибната фауна на реките Крива Река, Кркљанска, Брбушница. Каменичка, Брајчинска, Кранска и Селечка во делот на зафатите на мали хидроелектрани и проценка на функционалноста на рибните патеки“, подготвен од еминентни експерти во кој се изврши теренско истражување на рибната фауна на реките на кои се наоѓаат седум МХЦ изградени со средства од ЕБРД. Меѓу нив и за МХЦ Брајчино 1.

„Во овој извештај меѓу другото се вели: „Во текот на извршените теренски истражувања и изведениот електрофишинг констатирано е присуство на бројна популација на брајчинска пастрмка на двата испитувани профили (над и под зафатот на вода) во Брајчинска Река и популација на пастрмки на профилот над зафатот на Крива Кобила. Изградената рибна патека на Брајчинска Река, ја исполнува својата основна намена, рибата може непречено да мигрира од деловите под зафатот кон деловите над зафатот и обратно. Сметаме дека рибната патека на зафатот на Крива Кобила е коректно димензионирана, меѓутоа намалените количества на вода во текот на летниот период се услови на средината кои не погодуваат за живот на пастрмката. Не е исклучено дека со надоаѓање на водата и зголемувањето на количините на вода кои протекуваат во реката ќе дојде до подобрување на животните услови и пастрмката ќе се врати во овој дел од текот и слободно ќе може да мигрира во двете насоки над и под зафатот. Сметаме дека изградените рибни патеки се коректно димензионирани. Треба да се има во предвид дека една од карактеристиките на пастрмката од Брајчинска Река е тоа што таа има релативно мали димензии. Примероци со должина од над 350 мм се исклучително ретки. Популацијата на пастрмки воглавно ја сочинуваат единки со должини до 350мм.”, информираат од компанијата.

Одговори побаравме и од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во однос на обвинувањата на жители на Пехчево дека мала хидроелектрана на компанијата „Енерготек“, каде според нив е сопственик на малцински удел е одговорна за уништување на природната средина во овој регион, но ниту тој, ниту партијата не одговорија на поставените прашања.  


Извор:balkanrivers.net

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинар: Владимир Николоски

 

ПОВЕЌЕ НА ИСТАТА ТЕМА

Малите „машини за пари“ поважни од рисот и пастрмката

Мали хидроелектрани, огромни штети по природната средина

Тагови: