fbpx

„Треска“ може да биде запаметена како пресврт за Скопје

Човек е тешко да се сети кога последен пат идејно решение за одреден дел од Скопје се барало на домашен или меѓународен архитектонско-урбанистички конкурс, иако станува збор за пракса што постои насекаде во светот. Тоа е една од главните причини за неславниот развој на градот каде со „амин“ на локалната самоуправа секој планира и гради како што стигне со цел да се извлече максимален профит, а без да се запазат основните урбанистички правила и јавниот интерес. Ова е посебно изразено во централното градско подрачје каде што веќе се загрозени условите за нормален живот бидејќи постоечката инфраструктура не може да ги издржи сите нови градби. Нова опасност по функционалноста на центарот преставува планот да се градат триесетина висококатни згради на локацијата на поранешната фабрика „Треска“, што би довело до дополнително гушење на овој простор. Со ова образложение, група граѓани поднесоа иницијатива до општина Центар решението за оваа локација да се бара на конкурс. Институтот за комуникациски студии праша стручни лица и советници во општина Центар што мислат за оваа идеја и колку е таа остварлива посебно ако се земе предвид дека поголем дел од оваа локација е приватно земјиште за кое со урбанистичките планови веќе биле определени параметри за градење.

Прашање е колку овој дел од градот би можел да „издржи“ уште околу 188.000 квадрати станбена површина колку што се планирани со ДУП-от Буњаковец 2 во кој влегува и локацијата на фабриката „Треска“, а кој во моментов е под мораториум на општината Центар

Граѓаните имаат право да бараат промени

Зад граѓанската иницијатива стојат 272 лица организирани во различни заедници, колективитети, невладини организации („Здравје пред профит во Центар“, „О2 коалиција“, „Транспарентност Македонија“), како и професионалци и експерти за овие теми. Како овластен предлагач се јавува архитектетката Даница Павловска, а иницијативата ја поддржуваат и Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Академијата на архитекти, Комората на овластени архитекти и овластени инженери, институции, факултети и други.

Во неа, меѓудругото, се вели дека согласно закон, Советот на Општината помеѓу останатите прашања се грижи и за третманот на просторот во урбанистичките планови и планската документација односно одлучува преку кои локални политики ќе го подобри квалитетот на животот во општината.

„Општината Центар-Скопје ја има привилегијата и одговорноста на управување со центарот на државата и се очекува да предлага софистицирани идеи усмерени на идентитетски прашања кои ќе преставуваат поттик и пример за сите останати општини. При тоа, односот кон референтните простори на територијата на општината, а особено кон оние со меморија како што е локацијата на фабрика „Треска“, подразбира синергија со високо професионални личности од сферата на обликување на просторот. Во Општината Центар-Скопје во тек се процесите на одбир на приоритетите за реализација на урбанистичките планови, па таа суптилна тема се актуелизира. Деликатноста на овој простор што го сочинуваат повеќе катастарски градежни урбанистички парцели има повеќе димензии (имотно-правна, економско-социјална, политичка и др.) Редоследот и темпото на нејзиното разрешување мора да бидат професионално уредени, мора да одат во склад со јавниот интерес, со спецификите на временскиот контекст, со новосоздадените потреби…“, се вели во иницијативата.

Станбените градби не се единствен пат до профит

Професионалци од урбанистичко-архитектонската фела се децидни дека конкурс за оваа локација е можно и единствено исправно решение.

Дивна Пенчиќ, професорка на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ на прашањето дали распишувањето конкурс значи можност за давање конкретна програмска задача со која би се ограничила можноста од изградба на мегаломански објекти односно дали би биле воспоставени параметри за тоа какви објекти треба во иднина да има на оваа парцела дава потврден одговор.

Treska moze da bide zapametena kako presvrt za Skopje 1„Но идејата за изработка на урбанистичко-архитектонски конкурс е да ја вратиме струката планирање и проектирање на вистинскиот пат, онака какошто се работи секаде во светот, а некогаш било пракса и кај нас. Имено, станува збор за отворање на урбанистичкото планирање кон покреативни, компетитивни решенија и размислување преку проекти, а не сурово шпекулантско-инвеститорско планирање и градење. Праксата на распишување конкурси за изработка на плански и архитектонски решенија постои секаде во светот и се одржува со цел да се добијат повеќе решенија, да се имаат на увид пред стручната и пошироката јавност, да се разменуваат идеи, да се поттикнуват иновативни решенија, прифатливи за сите чинители, заинтересирани и корисници на просторот. Конкурсот, би требало да биде изработен врз основа на капацитетот на локалитетот, потребите на идните жители, но и на потесната и пошироката околина, оптималната економска исплатливост, како и на градење на позитивни практики и нови градски слики. Би требало насоките да бидат дадени од стручните лица кои се одговорни за креирање на политиките за просторен развој, делегирани претставници од струковите организации, академската заедница од областа на урбанистичкото планирање и архитектурата.

Секако стручњаците, ако работат во служба на својата струка, не би требало да подлегнат само на економскиот притисок и желбите на инвеститорите и аспирациите на сопствениците, туку вистински да се вклучат во креирањето достојна за луѓе квалитетна градска средина“, вели Пенчиќ.

Таа додава дека овој локалитет нуди извонредни услови и нејзиното планирање и обликување треба да ги опфати содржините кои ќе му донесат специфичен квалитет на самиот локалитет и неговите идни корисници, но и пошироко на околните жители, на целата градска четврт Буњаковец, на општината Центар, но и на целиот град Скопје.

„Може нескромно да се додаде дека локалитетот може да понуди и значајно градско место, препознатливо во цела Македонија. Ова не го зборувам како необјективен романтичар, туку врз основа на работење на многу дипломски работи, многу магистерски работи со студентите од Архитектонскиот факултет при УКИМ од Скопје, но и многу мои лични размисли и истражувања. Фабриката „Треска“ е култна фабирка, кој ја референцирала нашата земја пошироко во регионот и има достигнато многу успеси и своја специфична препознатливост, вработувајќи многу работници и стручњаци, од многу генерации. Тоа е од аспект на некаква меморија и вредни остатоци од индустријализацијата на нашата земја. Но, и самата локација и објектите од фабриката се значајни и како објекти и како меморија и можат да вдомат нови содржини од областа на културата, образованието, значајни социјални собиралишта“, укажува Пенчиќ.

Според неа, не треба по секоја цена да се форсира само домување, кое се чини дека носи најголем, брз и лесен профит, туку напротив треба да се бараат други содржини и намени за профитирање.

„За ова допрва треба да ги едуцираме инвеститорите и сопствениците, но и архитектите и локалната самоуправа. Поради сево ова, сметам дека локалитетот нуди единствени можности за поинакви појдовни позиции при планирање на неговите содржини, искористување на дел од останатите објекти од фабриката. Потребно е креирање на „индустирски парк“, со создавање на неколку култни социјални жаришта, музеј на дрвната индустрија, работилници и креативни центри. Локалитетот е и место за други типови на домување и создавање на простор на разни видови на заедници, кои не се анонимни купувачи на станови и кираџии.

Самиот проблем на несоодветна инфраструктура и обезбеденост на сите потребни содржини за квалитетен живот се можеби сепак прашање на реализација, откога ќе се добијат насоки за квалитетен просторен развој со добро изработен урбанистички план и негово спроведување“, вели Пенчиќ.

На прашањето дали и во која мера општина Центар може да одлучува што ќе се гради на оваа парцела бидејќи поголем дел од неа е во приватна сопственост односно дали би морала да ја откупи парцелата доколку на конкурсот победи решение за парк или објекти од културата, Пенчиќ вели дека изговорот дека се работи за приватна состојба е само изговор да не се преземе сериозен чекор кон креирање  квалитетен град.

Во градот повеќето парцели се приватни, а и некои државни и општински институции се однесуваат како приватни сопственици, па преку урбанистичкото планирање и урбанистичките планови сите добиваат насоки што може да се гради и со какви параметри. Впрочем, урбанистичкото планирање тоа и значи, односно ги контролира аспирациите на сите приватни сопственици и го штити јавниот интерес. Ако се повикуваме единствено на сопственичкото право и желбата секој да гради колку сака и што сака, тогаш не ни треба планирање и градот ќе се развива по теорија на хаос или по законите на дивиот запад. Но, затоа и се појавила струката урбанистичко планирање, токму за да ги обезбеди останатите од нескротливите апетити на поединци. Ако нема урбанистичко планирање ќе нема улици, градинки, паркови, реки и сè останато. Сопствениците ќе се во постојан конфликт и секој секому ќе му го узурпира правото на мирен и квалитетен живот.

Од друга страна, кога зборуваме за акциите што треба да ги преземе општината и обезбедување на фининсиски сретства, забораваме дека тоа се пари на граѓаните, а не на локалната самоуправа и дека парите што се вливаат во општинските и државните каси се од трудот на граѓаните, кои имаат право на квалитетен живот и право да одлучуваат што со нивните пари. Затоа се прави програма, буџет и акциски планови за реализација на тоа што на сите ни е потребно како дел од оваа заеница“, заклучува Пенчиќ.

Кога е во прашање приватната сопственост и јавниот интерес, својот став по ова прашање го изрази и претседателката на Советот на општина Центар Јана Белчева, која застана зад иницијативата.

Treska moze da bide zapametena kako presvrt za Skopje 2„Јавниот интерес го штитат институциите. Ако тоа сме го заборавиле, да се потсетиме!

Мора да се запази јавниот интерес, дури и при располагањето со приватното земјиште. Затоа општините ја имаат обврската да прават детални урбанистички планови. Не е целта никој да трпи штета, верувам дека можеме низ разговор со сопствениците да најдеме заедничко решение. Да не се чувствуваат ни граѓаните ни сопствениците обесправени, но институцијата да застане на страна на јавниот интерес“, вели Белчева.

Конкурсот не мора да значи нарушување на правата на сопствениците

Мартин Пановски, претседател на Асоцијацијата на архитектите вели дека распишувањето конкурс за архитектонско-урбанистичко решение за парцелата кај поранешна „Треска“ не значи дека ќе се нарушат правата на сопствениците на ова земјиште.

„Конкурсот не значи намалување на квадратурата на предвидените објекти што би довело до некакви финансиски оптоварувања за општина Центар, иако кога зборуваме за запазување на јавниот интерес не треба да се заборави дека парите на општината се пари на граѓаните. Конкурсот значи дека стручна комисија би одредила урбанистички параметри за да се понудат поиновативни решенија во однос на габаритот на објектите, зеленилото и другите содржини“, вели Пановски.

Тој изрази верување дека ќе се најде заеднички јазик и дека ќе има конкурс за оваа локација. Во однос на прашањето дали тоа може да стане практика во иднина, тој вели дека е можно за поголеми градежни парцели.

„Граѓаните не треба да добијат погрешен впечаток дека во иднина со конкурс би се одредувал изгледот на секој објект, туку дека при планирањето на просторот би се барале решенија кои нема да ги нарушат основните урбанистички правила и нема да го загрозат јавниот интерес“, вели Пановски.

Treska moze da bide zapametena kako presvrt za Skopje 3Улицата „Френклин Рузвелт“ и околните улички и сега се преоптоварени, а со изградба на триесетина згради кај „Треска“ тие би станале ново тесно грло во Скопје

Советниците очекуваат стручно образложение на иницијативата

Советниците од општина Центар кои успеавме да ги добиеме за разговор за оваа проблематика велат дека успеале да ја прочитаат иницијативата, но и дека пред да одлучат дали ќе ја прифатат, очекуваат стручно образложение околу нејзината реализација и евентуалните економско-правни последици по општината.

Цветанка Симоновска, советничка во општина Центар од советничката група на СДСМ и коалицијата вели дека во координација со колегите ќе донесат став во однос на иницијативата за иднината на парцелата „Треска“ преку конкурс . Сепак, таа вели дека очекува пред седницата да се обезбедат стручни мислења односно презентација на идејата чекор по чекор бидејќи поднесената иницијатива таква каква што е има информативен карактер и во неа недостасуваат многу суштински елементи кои би ја поддржале оваа идеја.

Treska moze da bide zapametena kako presvrt za Skopje 4„Најголемо влијание врз планот што би се градело на оваа локација имаат сопственоста на парцелата и Генералниот урбанистички план во кој е дефинирано што би требало да се гради односно намената на објектите. Дополнително, оваа материја е веќе дефинирана со деталните урбанистички планови што значи дека станува збор за стекнато право на сопствениците така што да се зборува за некаква драстична промена е повеќе идеалистичка идеја отколку нешто што би можело да се спроведе во пракса“, вели Симоновска.

Таа додава дека општината Центар не е богата и дека едвај била извадена од долговите и ја отфрла можноста за евентуален откуп на земјиштето.

„Хипотетички ако пазарната вредност на тоа земјиште е 350 евра за квадрат, сопствениците врз база на стекнато право би барале надомест и за загубениот профит од станбената изградба, повторно хипотетички, од 1.000 евра за квадрат за секој стан во предвидените повеќекатни објекти“.

Имено, станува збор за милионски суми, кои општина Центар не може да си ги дозволи. Симоновска додава дека многу поголем проблем кога се во прашање урбанистичко-инфраструктурните услови за граѓаните кои живеат во Дебар маало, како и околината околу Буњаковец и „Рузвелтова“ се што никнуваат „аждаи“ на местата на некогашните куќи, а пред сè кај „Железничка колонија“.

Според неа, некои лица кои „попувале“ на донесувањето на постоечкиот Генерален урбанистички план со кој на некој начин е запечатена судбината на овој реон сега се јавуваат како иницијатори за конкурс.

„Сакам да потенцирам дека иницијаторите настапуваат ултимативно што негативно влијае врз советниците без оглед на тоа од која советничка група доаѓаат“, вели Симоновска.

Никола Георгиевски, советник во општина Центар од советничката група на СДСМ и коалицијата вели дека граѓаните имаат право да поднесуваат иницијативи и дека советниците се тука за да ги поддржат. Конкретно за иницијативата за парцелата „Треска“, тој смета дека најдобро би било иницијаторите да се договорат со сопствениците.

Treska moze da bide zapametena kako presvrt za Skopje 5„Советниците ја добија иницијативата како информација без стручно образложение во однос на правната регулатива. Мора да се земе предвид дека со Генералниот урбанистички план веќе е предвидена иднината на оваа локација, така што треба да се види какви последици би предизвикало спроведувањето на иницијативата. Истовремено, граѓаните во согласност со законот имаат право да бараат остварување на јавниот интерес и ние сме тука за да ги поддржиме. Затоа, треба да почекаме на образложение околу целата постапка пред да донесеме заклучок околу оваа инцијатива“, вели Георгиевски.

Ружа Пачаџиева, советничка во општина Центар од советничката група на СДСМ и коалицијата вели дека ја разгледала иницијативата, но дека нема стручност од оваа област за веднаш да донесе заклучок.

Treska moze da bide zapametena kako presvrt za Skopje 6„Сакав викендов да се консултирам со син ми, кој работи како архитект во Париз пред да заземам став по ова прашање, бидејќи немам стручно знаење за оваа проблематика“, вели Пачаџиева.

За оваа проблематика побаравме мислење и од општина Центар, но оттаму до објавувањето на текстот не одговорија на нашите прашања.

Каков ќе биде епилогот по оваа граѓанска иницијатива би требало да се знае набргу бидејќи се очекуваа таа да биде ставена на разгледување во Советот на општина Центар на следната седница закажана за четврток.

Treska moze da bide zapametena kako presvrt za Skopje 7

Мнозинство граѓани сакаат парк на местото на „Треска“

За да придонесе во јавната дебата по ова прашање, Институтот за комуникациски студии преку анкета ги праша граѓаните што треба да се гради на оваа парцела. Огромно мнозинство од илјадниците граѓани кои гласаа на анкетата, се изјаснија за парк и придружни содржини за спорт, рекреација или култура.

Имено, за три дена гласале 9.109 граѓани од кои дури 88,29 отсто или 8.042 се изјасниле дека на местото на фабриката „Треска“ сакаат да има парк и придружни содржини за спорт, рекреација или култура. За компромисно решение меѓу опциите парк и придружни содржини и станбено деловни објекти гласале само 839 граѓани или 9,21 отсто од вкупниот број учесници во анкетата, додека само 228 гласачи или минимални 2,5 отсто се изјасниле дека на оваа локација сакаат да се градат само станбено-деловни објекти.

Гласањето за анкетата е сè уште во тек и можете да гласате ТУКА.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Владимир Николоски

{loadposition holidej-in-divogradbi-poveke-tema}

Тагови: