fbpx

Скопје не стана Пекинг, Тетово е далеку од паметен град, а за гас ќе почекаме

На голем број од градоначалниците во поголемите македонски градови мандатот ќе им биде кус за да ги исполнат ветувањата дадени пред граѓаните на изборите што се одржаа кон крајот на 2017 година. Иако со една нога се веќе влезени во третата година откако се на чело на локалната самоуправа, нашето истражување покажа дека голем број од најавените проекти во изборните програми не се започнати, кај добар дел од нив роковите се пробиени, а се добива впечаток дека некои од ветувањата биле „фрлени од ракав“ бидејќи нивното спроведување до крајот на мандатот од денешна перспектива е рамно на научна фантастика.

Скопје е град без смог само кога дува ветер

Актуелниот скопски градоначалник Петре Шилегов во својата изборна програма најави дека Градот Скопје ќе се гради и развива заедно со граѓаните, дека ќе го следи нивниот развој и дека ќе се адаптира на нивните потреби. Тој вети дека „планскиот пристап кон проблемите и креирањето на политиките ќе биде задолжително придружуван од мислењата на граѓаните и ќе биде одраз на нивната волја“.

Сепак, практиката покажува дека локалната самоуправа во Скопје освен што воопшто не спроведува некои од најавените проекти, започнува нови без да се консултираат граѓаните. Такви се проектите за изградба на нов Луна парк, пешачка зона во строгиот центар на градот и проширување на околните улици, садење 400 дрвја во големото корито на Вардар, трамвај и многу други. 

Инаку, Шилегов во изборната програма, меѓудругото, најави решавање на проблемите со загадувањето, проекти за средување на сообраќајниот хаос и на проблемите со отпадот, дека Скопје ќе стане велосипедски град…

„Целосно се посветуваме на решавање на проблемот со високата концентрација на ПМ-честитките во воздухот, во Скопје. Го симнуваме од второто место на непопуларната листа на најзагадени градови во Европа. Наш приоритет е подобрувањето на квалитетот на воздухот, а со тоа и квалитетот на животот за сите. Во градот ги носиме најреволуционерните патенти за прочистување на воздухот на денешнината, применети во најзагадените градови во светот, каков што е, на пример, градот Пекинг. Прочистувачите функционираат по принципот на заробувањето на честичките во воздухот и со вградените технологии го прочистуваат воздухот во нивната непосредна близина“, пишува во програмата.

Skopje ne stana Peking Tetovo e daleku od pameten grad a za gas ke pocekame 1И оваа зима во Скопје нема смог само кога е ветровито, а од револуционерните патенти за прочистување на воздухот нема ни трага

Во програмата, скопскиот градоначалник го најави и проектот „Паркирај и вози – комбиниран превоз за помалку метежи“, а со образложение дека Скопје задоволува потреби на граѓаните од цела Македонија поради тоа што голем дел од вкупниот дневен сообраќај во градот им припаѓа на возилата кои дневно мигрираат.

„Сообраќајниот прилив на возила придонесува за зголемување на сообраќајниот метеж, на бучавата и загадувањето на воздухот, со издувни гасови. Реализацијата на проектот опфаќа изградба на најмалку две транспортни ‘Паркирај и вози се' точки, на источниот и западниот влез на Скопје. Сопствениците на возилата ќе можат бесплатно да се паркираат на обезбеден паркинг, а до својата дестинација во централното градско подрачје, ќе користат јавен превоз. Сообраќајот во градот ќе се растовари, а воздухот ќе биде почист“, пишува во програмата.

Шилегов го најави и проектот „Зелени згради – создаваме вертикално зеленило“ како одговор на постојаното намалување на зелените површини во градот.

„По примерот на современите метрополи, ќе ги покриеме безличните ѕидови со природно зеленило. Заедно со граѓаните ќе ги одбереме зградите на кои ќе се постави зеленилото. Ќе се стремиме и објектите под надлежност на државата да добијат зелен лик. Да го освежиме и да го оживееме градот“, пишува во програмата.

Skopje ne stana Peking Tetovo e daleku od pameten grad a za gas ke pocekame 2Практиката покажува дека ниту едена зграда во Скопје, посебно не на јавна институција во изминатиов период не доби зелен лик, освен покривот на ГТЦ, проект кој беше неколку пати менуван по бурни реакции на граѓаните за неговата бесмисленост.

Импровизациите на скопската локална самоуправа можеби најдобро ја отсликува најавениот проект „Подземни контејнери за град со подобра хигиена“.

„Го отстрануваме комуналниот отпад од улиците на Скопје, со мали инфраструктурни зафати. Уличните контејнери, со расфрлен отпад, и неподносливата реа, да бидат минато. Со подземните, вградени контејнери, покрај чиста средина, овозможуваме и селекција на отпадот за рециклирање. Придонесуваме за естетиката на градот како и на еколошкиот аспект, кон целосна урбана средина. Модерното време донесе нови практики, отпадот паметно да се управува и да се преработува“, пишува во програмата на Шилегов.

Наместо тоа, Град Скопје неодамна набави огромен број надземни контејнери, а за систематска селекција и преработка на отпадот засега нема никакви конкретни чекори.

Тетово конечно доби нов водовод, но водата понекогаш мириса

Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, која тера втор мандат, во изборната програма се пофали со изградба на водоводот во градот, а меѓу главните ветувања беа дека Тетово ќе стане „паметен град“ и дека ќе се реши проблемот со паркирањето во градот.

„Ние работевме со упорност и поштеност. За двете фази на изградба и ставање во функција на водоводниот систем, од страна на централната власт беа доделени 4.5 милион евра. Од 11 км изградени во последните 16 години, од кога е инициран овој проект, за само четири години ние ги завршивме останатите 8.5 км од водоводниот цев, саниравме значаен дел од должината на цевот кој со тек на времето беше оштетен и украден, во Европската банка за развој аплициравме со проект за станица за прочистување на водата, добивме грант од 1,6 милион евра и го завршивме проектот. Како резултат на ова, Вие почитувани граѓани, од денес па натака, во вашите чешми, редовно ќе имате исправна вода за пиење а нам ни останува само да изразиме жалење што во овој век, повеќе од две декади сме се соочувале со недостаток на вода“, пишува во програмата.

Skopje ne stana Peking Tetovo e daleku od pameten grad a za gas ke pocekame 3Повеќе медиуми во септември годинава го пренесоа предупредувањето од Центарот за јавно здравје – Тетово дека во октомври и во ноември можно е водата за пиење да има промена на мирисот и вкусот, како изминатите две години.

„Промената на мирисот и вкусот може да се повтори поради паѓање на вегетацијата, односно лисјата во водата што се користи од реките Пена и Лешница во новиот водоснабдителен систем. Апелираме да не се крева премногу страв и да не се обрнува премногу внимание затоа што ние внимаваме на квалитетот и безбедноста на водата за пиење. Лани и предминатата година имаше многу јавувања за промена на мирисот и на вкусот и за среќа нашите испитувања покажаа дека сите останатите параметри се во рамки на дозволените граници и дека водата одговара на параметрите дека е безбедна за пиење“, соопштија од Центарот.

Имено, до оваа појава дојде во септември 2017 година кога почна да функционира новиот водоснабдителен систем со искористување на водата од реките на Шар Планина.

Од Центарот препорачаа доколку водата со променетиот мирис и вкус не е прифатлива за луѓето за пиење да не се користи бидејќи станува збор за субјективно чувство.

Арифи во својата програма најави дека во овој мандат, со цел подигнување на транспарентноста и зголемувањето на ефикасноста на општинската администрација, се планира да се дигитализираат општинските услуги.

Се предвидуваше WEB GIS – апликација за автоматско генерирање на изводите од планот со што за помалку од една минута ќе може од планот да генерира извод, заедно со податоците од синтезниот, општинскиот и инфраструктурен план.

Се планираше проект за 3Д покажување и споредување на градежните парцели во општина Тетово, со кој на современ начин, преку општинскиот портал ГИС, ќе се изработи веб-визуелен показател за моменталните градежни парцели кои по потреба ќе се споредуваат со веќе планираните градежни парцели. Беше најавена и апликација за мобилен „Мој план“, преку која требаше да се добиваат информации за градежните парцели.

„Тетово Smart City (Смарт сити) e иницијатива на Општина Тетово и на VETRON (Ветрон), како напреден чекор кон модернизацијата на животот на граѓаните и олеснувањето на нивната комуникација и онаа на посетителите. Во склоп на проектот, во урбаните простории ќе се постави мрежа на современа опрема од типот Вендотел, која овозможува голем број на дигитални и услужни продукти… Услугите кои ќе бидат нудени од оваа мрежа на дигитална опрема, се: пристап кон Wi-Fi, купување карти за паркинг, плаќање сметки, катастарски услуги, комуникација со граѓаните и други дигитални услуги“, пишува во програмата на Арифи.

Skopje ne stana Peking Tetovo e daleku od pameten grad a za gas ke pocekame 4На сајтот на општината нема никаква информација за реализацијата на овие проекти, ниту пак линк што би водел до овие услуги.

Арифи најави и дека овој мандат ќе се реализираат три проекти за „множење“ на капацитетот на градот за паркинг и тоа две катни гаражи во урбаниот Блок 32.

„Исто така, во постапка се наоѓа и одобрувањето на ДУП во урбаните блокови 7, 8, 16, 27 и 29 во кои предвидени се парцели за изградба на катни гаражи“, пишува во програмата.

Но, досега во Тетово не е изградена катна гаража, а такво нешто воопшто не спомна Арифи која деновиве ги најави активностите за следната година.

„Ќе продолжиме со градежните работи за пробивање на бул. ‘Индустриска’ од Спортскиот центар до градската касарна, а со тоа ќе се овозможи и алтернативна вонградска рута за тешките товарни возила, кои покрај сообраќајниот хаос значително придонесуваа за загадување на амбиенталниот воздух. Овој многу важен инфраструктурен проект сега ги помина сите формални фази и процедури за набавка, а неговата имплементација се очекува да започне во април, следната година. За следната година ќе започнеме со експропријација на имотот на граѓаните за отворање и пробивање на булеварот 'Благоја Тоска', од Клиничкиот центар до крстосницата на Текстилното училиште, кој воедно е еден од најважните проекти за надминување на проблемот со сообраќајниот метеж во градот… Во 2020 година ќе извршиме реконструкција и асфалтирање на некои патишта во градот, како што се: ул. Јане Сандански, ул. Гоце Делчев, ул. 29 ноември, ул. Од Клиничка болница до улицата Дервиш Цара, како и ул. Гоце Стојчевски“, изјави тетовската градоначалничка.

Гасификацијата посебна приказна

Повеќето градоначалници во своите програми како еден од главните проекти ја најавија гасификацијата односно донесување гас до секој дом. Меѓу нив, е и градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, која е една од ретките која во својата изборна програма има ставено рокови за реализација на предвидените проекти.

„Доведувањето на природен гас до секој дом, институција, претпријатие ќе биде приоритет на новиот градоначалник на општина Битола. Во првиот период ќе се вклучат училишта, институции, претпријатија, за во перспектива природниот гас да стане достапен за секое домаќинство. Битола МОРА да има гасификација. Гасификацијата ќе помогне во намалување на аерозагадувањето, но во голема мера има и позитивни финансиски импликации преку намалени трошоци за електрична енергија кај сите корисници…“, пишува во програмата.

Skopje ne stana Peking Tetovo e daleku od pameten grad a za gas ke pocekame 5Освен изработката и презентација на идејни и основни проекти за гасификацијата, нема конкретни чекори за изградба иако крајниот рок во програмата е 2020 година, што укажува на тоа дека битолчани ќе почекаат гас во своите домови со оглед на темпото на реализација на овој проект

Гас до секое домаќинство заклучно со 2020 година во неговата изборна програма вети и актуелниот градоначалник на Штип, Благој Бочварски.

„Гасификацијата на Штип е еден од најзначајните проекти кој директно ќе влијае на намалување на трошоците за греење на секое домаќинство, секоја јавна институција и приватна компанија. Со оваа мерка граѓаните ќе имаат бенефит 40-50% помали сметки за греење. Со изградба на 20 километарски градски гасоводни линии ќе обезбедиме пристап до овој еколошки и економски исплатлив енергенс до сите заинтересирани корисници. Во прва фаза ќе изградиме гасоводна градска мрежа до урбаните делови и транзитни краци до индустриските зони. Во следната фаза ќе продолжиме со приклучоци на секое заинтересирано домаќинство“, пишува во програмата.

Skopje ne stana Peking Tetovo e daleku od pameten grad a za gas ke pocekame 6Иако има спроведено постапки за проекти за гасификација, процесот на изградба сѐ уште не е започнат што укажува на тоа дека многу тешко ќе се реализира ветувањето за гас до секое домаќинство заклучно со 2020 година

Штипскиот градоначалник во својата програма најави и изградба на брана на реката Отиња, односно ново вештачко езеро.

„Штип е еден од ретките градови во Република Македонија во чија близина нема вештачко езеро кое што би придонело да се ублажат летните горештини и зимските студови. Езеро кое на населението би му овозможило услови за рекреација, спортување и одмор. Изградбата на брана на река Отиња со вештачко езеро е повеќедецениска желба на сите граѓани во Општина Штип. Според изработениот проект од Градежен факултет Скопје и економскиот критериум, избраниот тип на браната на река Отиња е брана со корисен волумен од 3 милиони м³ вода. Средствата за реализација се планира да бидат обезбедени од Влада на РМ и буџет на Општина Штип“, пишува во програмата.

Почетокот за изградба беше предвиден за 2019 година, но за жал и тој е веќе пробиен.

Имено Бочварски деновиве соопшти дека е донесен деталниот урбанистички план за изградба на брана на река Отиња.

„Ние веќе имаме детален урбанистички план што е стапен во сила, којшто е во рамки на Генералниот урбанистички план, за што сум многу среќен, бидејќи ова е претпоследниот чекор до изградбата на браната. Последниот чекор во текот на јануари е добивање градежно одобрение, што исто така е во Министерството за транспорт и врски“, вели Бочварски.

Тоа значи дека во најдобар случај изградбата би почнала наредната година.

Ова се само неколку од многуте предизборно ветени, но нереализирани проекти во некои од поголемите градови. Актуелната локална власт пред повеќе од две години ја освои довербата на граѓаните ветувајќи им проекти за намалување на аерозагадувањето, почиста животна средина и поквалитетни јавни услуги. Следната 2020-та е година кога ќе се сумира сработеното, но и нереализираното.

Затоа, СРЕЌНА НЕКА НИ Е!

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Владимир Николоски

Тагови: