fbpx

Јана Белчева: „Бирократската магла“ може да го проголта паркот кај „Треска“

Темата за уредување на просторот на поранешната фабрика „Треска“ се отвори во јавноста со иницијативата за конкурс преку којшто би се решила иднината на оваа локација. „Треска“ е дел од деталниот урбанистички план (ДУП) за Буњаковец, којшто беше ставен под таканаречен мораториум уште во декември 2017 година бидејќи имаше докази за незаконитости и неусогласености со планот од повисок ранг-Генералниот урбанистички план (ГУП) на Град Скопје.

Интересно за ДУП Буњаковец е што во него се отсликува практиката при планирањето во изминатава деценија. Нејзин главен белег е зголемување на површините за домување и бројот на жители. Истовремено, се намалуваат површините под зеленило, јавните површини и објектите со социјална или образовна намена.

Тоа го покажуваат споредбите на планот за Буњаковец од 2012, предлогот од 2016 и нацртите од 2019 година, коишто ги стопиравме. Во предложеното решение од минатата година се предвидува зголемување на бруто површината за градба од 142.600 квадратни метри на 167.460 квадратни метри односно пораст од 17 отсто. Кај домувањето има зголемување на просторот од 142.364 квадрати на 148.701 квадрати и дури 16.754 квадрати за деловни површини. Спротивно на тоа, зеленилото е намалено за 33 отсто, па дури и улиците (особено попречните пешачки улици и патеки) се намалени за 22 отсто, односно стануваат делови од парцели за градба. Висината на објектите исто така расте, како и предвидениот број жители во таа градска четврт. Упад е утврден и во парцелите за јавни објекти наменети за образовна/социјална/здравствена инфраструктура. Симптоматични решенија се предлагаат за целата четврт, но решението за „Треска“ беше очајно лошо, очигледно предложено за остварување брз личен профит, а без почитување на капацитетите на локалитетот и потребите на идните жители и на околината. 

Планерот има добиено низа забелешки за корекции, но ниту постапува, ниту општината го санкционира.

Конкурсот за „Треска“ беше предлог којшто требаше да се сфати како крик на дел од стручната јавност и здружените невладини организации. Тие побараа урбанистичко планирање со покреативни, компетитивни решенија и размислувања, со анализи и со точни влезни податоци за капацитетите на просторот, анкетирање на жителите, како и иновативен пристап.

За жал, се бараа бирократски и административни пречки за вистинскиот партиципативен процес побаран со конкурсот да не се воспостави како правило за планирањето. На крај, се калкулираше како да се предложи решение со кое граѓаните би биле задоволни дека ќе се прави конкурс и истовремено би се задоволиле интересите на инвеститорите. Наместо да се води по јасни правила, процесот се замагли за да може да се носат одлуки без дефинирани цели, без точни влезни податоци за целиот простор, не само за парцелата на некогашна „Треска“, туку за цел Буњаковец, којшто секако треба да се разгледува како целина при планирањето.

На градоначалникот му се даде преголемо дискрециско право, а во усвоениот заклучок Советот се повикува на одредби од ГУП-от коишто воопшто не се поврзани со темата. Јас тој Совет го напуштив поради несогласувањата и калкулантството кое го препознав, но и јавно изнесените ставови на советниците. Наместо да ги бранат интересите на граѓаните, тие станаа „адвокати“ на сопствениците и градежниците.

Во меѓувреме, се појавија чудни предлози со замена на тези и предлози да се жртвува Универзалната сала. Не знам кој стои зад овие опасни предлози, но јавен простор и онака е малку е останат. Тој треба да се зачува и да се зголеми, а не да дојде до преоптоварување на постоечкииот до степен на неиздрливост. И сегашната криза со корона вирусот ни покажа колку е потребно да има што повеќе јавни површини и паркови за граѓаните да бидат надвор, а да не се групираат.

Денес за „Треска“ ќе се одлучува според планска програма која не е објавена, односно нема јасно дефинирани цели за таа локација и кои се ограничувачките параметри. Податоците за парцелата на „Треска“ во однос на сопственоста постојат, но постоечкото зеленило кое е доволно старо за да се прогласи за парк и да се заштити никогаш не е евидентирано, па лесно може да го снема.

Вкупните податоци за предвидениот број жители во Буњаковец и нивните потреби за градинка, училиште, зелен простор, паркинг и други сервиси не се евидентирани. Планот се работи по стари податоци откако е започнат, а без ажурирање и обновување. Истите лица кои претходно правеле лоши планови повторно се прв избор за планирање.

Што ќе се случи навистина со „Треска“ засега е непознато. Процесот е полн со дилеми, сомнежи, недоверба и се води без комуникација со жителите. Законите предвидуваат можност за експропријација на земјиштето ако постои јавен интерес и потреби кои се поголеми од интересите за брзи профити на поединци. Постои можност условите за градење да бидат строго дефинирани, да се задржи зеленилото во целост, како и меморијата на просторот односно препознатливоста на „Треска“ како култна фабрика од времето на индустријализацијата.

Тој простор има потенцијал за содржини кои ќе го обележат пошироко и може да биде препознатливо место не само за Центар и за Скопје, туку и за целата држава. А кога се споменува приватната сопственост како аргумент против, најдобар е одговорот на професорката Дивна Пенчиќ : „Урбанистичкото планирање ги контролира аспирациите на сите приватни сопственици и го штити јавниот интерес. Ако се повикуваме единствено на сопственичкото право и желбата секој да гради колку сака и што сака, тогаш не ни треба планирање и градот ќе се развива по теорија на хаос или по законите на дивиот запад“.

Жално е што во период кога светот се’ повеќе се врти кон одржливо искористување на просторот, планирање на градовите за безбедно и спокојно живеење на луѓето и достоинство за секој човек, ние правиме планови во кои се важни интересите само на малкумина. Најтажно е што и општинските власти развојот на просторот не го третираат како што е потребно. Наместо да и’ придадат вистинска важност на оваа проблематика, тие во просторот гледаат можност за полнење на општинската каса, еднократен приход со кој ќе се „преживее“ годината и ќе се покријат различни проекти, но и непродуктивните трошоци и вработувања.

Оваа кусогледост остава несогледлива штета по идните генерации. Погрешното уредување на просторот, тие не ќе можат да го поправат лесно и едноставно. Станува збор за необновлив ресурс, којшто е трајно загубен кога еднаш е веќе погрешно испланиран и искористен.

Негрижата кон просторот не е само општинска. Продажбата на државното земјиште со недозволиво ниска цена во центарот на градот, можноста за дооформување и продажба на парцели за градба дури и ако само 30 отсто е приватна сопственост, а останатиот дел државна, легализацијата и неказнивоста... Сето ова јасно покажува дека просторот и неговото уредување не се третира сериозно и од другите институции.

Системите се неповрзани и не постои интегрална стратегија за целите кон кои се стреми градот. ГУП-от и неговите лимити се прекршуваат од оние кои треба да го бранат. Тоа не случува само во центарот на градот, туку нашироко. Одговорност за лошите решенија на просторот имаат и други институции коишто забораваат дека нивната основна задача е да ги застапуваат интересите на граѓаните.

Темата за просторот и планирањето е многу мачна и болна бидејќи загатнува суштинско прашање - дали стручњаците ја бранат струката или лесно подлегнуваат на економските притисоци, желбите на инвеститорите и аспирациите на сопствениците. При тоа, не треба да се заборави дека и планерите и архитектите се жители на градот и ги чувствуваат последиците од несоодветното уредување на просторот.

Иронично е што кога одиме низ светот се воодушевуваме од начинот на кој е уреден урбаниот простор, а тука работиме спротивно на основните принципи. Еден ден ќе треба сите да се соочиме со нашите деца и да им одговориме на прашањето зошто дозволивме пред наши очи да се уништува градот.

 

Автор: Јана Белчева, поранешна претседателка на Советот на општина Центар

 

{loadposition holidej-in-divogradbi-poveke-tema}

Тагови: