fbpx

Поважни мерки против корона вирусот на едно место

Вонредната состојба во која се најде Македонија поради заканата од ширење на корона вирусот бара постојано воведување нови мерки и препораки од надлежните органи за да се спречи понатамошно ширење на оваа болест. За да помогне во правилното и навремено информирање, Институтот за комуникациски студии направи групирање на најбитните нови мерки и препораки во однос на движењето, здравствените услуги, образованието и услугите.

Ограничено движење

Владата на седницата одржана на 23 март 2020 година одлучи да се забрани движењето на населението на целата територија на државата од 21:00 часот до 5:00 часот наредниот ден. 

Дополнително, се забранува движење на лицата со возраст од 67 години, во временски период од 11:00 часот до 5:00 часот наредниот ден.

Се забранува и движење на лицата со возраст до 18 години, во временски период од 21:00 часот до 12:00 часот наредниот ден.

Во сабота и недела забраната за движење на целото население ќе започнува во 16:00 часот и ќе трае до 05:00 часот.

Сите јавни установи и приватни компании што работат за време на викенд, треба да се прилагодат на новите ограничувања за движење и да го завршат работниот процес најдоцна до 15:00 часот.

Забрана има и за движење на возила од јавен превоз во временски период од 21:00 часот до 5:00 часот наредниот ден.

Владата донесе и уредба преку која граѓаните кои пристигнуваат на граничните премини за влез во земјава ќе бидат транспортирани до државните карантини секој ден во 10 часот и во 20 часот. Меѓутоа, останува нејасно како ќе се контролира дали превозниците се придржуваат кон оваа мерка.

Владата забрани собирање на населението во групи поголеми од 5 лица на јавни места и површини.

Povazni merki protiv korona virusot na edno mesto 1

Симптоми и тестирање

Доколку граѓаните имаат некој од следните симптоми: сува кашлица, висока температура, треска или отежнато дишење, најпрвин треба да се јават по телефон кај својот матичен лекар. Тие не смеат да одат во ординација, туку исклучиво да се јават по телефон кај својот матичен лекар.

поставува прашања на граѓаните и тие одговорат на десетина прашања. Согласно одговорите на епидемиолошката анкета, електронски алгоритам укажува на тоа дали е потребно тестирање или не и доколку е потребно кој е степенот на итност.

Од Министерството за здравство апелираа до граѓаните дека се должни да даваат точни податоци за епидемиолошката анкета во интерес на јавното здравје и точното приоритизирање на итноста за тестирање, како и да се јават само доколку имаат симптоми, да не се оптоварува системот беспотребно.

Во случај да треба да се изврши тестирање, матичниот лекар го закажува тестирањето преку „Мој Термин“ на некој од пунктовите според местото на живеење на пациентот.

Без закажување, не е возможно да се изврши тестирање и затоа граѓаните се предупредуваат да не одат сами на пунктовите без закажан термин. Во закажниот термин, не треба да се оди кај матичниот лекар или да се зема некоја потврда, граѓаните треба да одат директно на пунктот за да бидат тестирани. Се истакнува дека треба да носат заштитна опрема и по можност да не доаѓаат со јавен превоз.

По земањето на брисеви и соодветно испитување, за резултатите пациентите ќе бидат известени и согласно состојбата ќе биде заземен став за натамошно лекување дали на клиника, болница или во домашни услови, а во целосна секојдневна комуникација со матичните лекари и со сестра и доктор од клиниката за инфективни болести.

Во функција за поддршка на граѓаните е и бесплатниот број на контакт центарот на Министерството за здравство 0800 002 03 на кој може да се добијат сите потребни дополнителни информации, како и информации за тоа како да се закаже тестирање и други препораки во однос на коронавирусот.

Povazni merki protiv korona virusot na edno mesto 1

Наставата продолжува

Владата на седницата одржана на 23 март 2020 година донесе уредби кои се однесуваат на основното, средното и високото образование, а со кои се уредува

наставата и оценувањето на учениците и студентите за времетраење на вонредната состојба.

Со нив, наставата во основните училишта и средните училишта се организира преку далечинско учење односно учење од дома, со примена на средства за електронска комуникација. Средства за електронска комуникација можат да бидат видео-конференциски платформи, електронска пошта или други системи за електронска размена на податоци. Образовните институции сами избираат какви платформи ќе користат.

За периодот на организирање на наставата преку далечинско учење односно учење од дома, наставникот може да изврши оценување на учениците. Со примена на средствата за електронска комуникација може да се спроведат испрашувања, тестирања на учениците или да се користат други форми на утврдување и оценување на знаењето на ученикот.

Студиските програми за стекнување на високо образование на сите три циклуси на високообразовните установи односно јавните научни установи и проверката на знаењето, исто така, ќе се изведуваат преку системот за далечинско учење со примена на средства за електронска комуникација. Преку системот за далечинско учење со примена на средства за електронска комуникација се спроведуваат предавањата, вежбите и сите останатите активности предвидени со наставниот план, како и одбраната на дипломска, магистерска и докторска задача.

Полагањето на испитите и колоквиумите ќе се врши со примена на средства за електронска комуникација под услов да се обезбедени соодветни технички решенија кои обезбедуваат идентификација и контрола на работата на студентите за време на полагањето. Сепак, засега нема информација како ќе се контролира овој процес.

Povazni merki protiv korona virusot na edno mesto 1

Реорганизација во фабриките, без турканици во маркетите

Со новите одлуки менаџерите на производствените погодни и фабриките се задолжуваат да го прилагодат своето работно време и производството согласно забраната за движење на населението во предвидениот период. По исклучок дозволи за движење за одредени категории работници во пекарите, медиумските куќи и кризните штабови ќе се издаваат во Министерството за информатичко општество и администрација.

Во трговските објекти, аптеки и јавни установи кои даваат услуги за населението каде плаќањето и работата се одвива на каси или шалтери е потребно да се ограничи присуството на граѓаните согласно бројот на каси односно шалтери (колку каси/шалтери толку граѓани во исто време). Времетраењето на задржување во овие објекти го ограничуваат и одредуваат менаџерите, кои ангажираат и редари за контрола.

Такси компаниите за време на забраната за движење треба да воведат дежурства со ограничен број на возила и истите да бидат искористени исклучиво за превоз кон/од болничка установа или аптека. Таксистите задолжително да користат лична заштитна опрема во возилото (заштитна маска и ракавици).

Povazni merki protiv korona virusot na edno mesto 1

Новинар: Владо Николовски

Тагови: