fbpx

Јана Белчева: Планот за „Мал Ринг“ нов удар за срцето на Скопје

На 17 јули 2020 поднесов барање за повлекување на деталниот урбанистички план (ДУП) за „Мал Ринг“ во Општина Центар, предложен за јавна анкета на 22 јули 2020. Планот е изложен на увид, ставен е на веб-страницата на општината, но тој нема суштински промени во однос на претходните решенија за центарот на Скопје.

Како советник во Општина Центар, како совесен граѓанин и како родител одговорен за иднината на следните генерации, се обратив до градоначалникот, Советот, и Комисијата за урбанизам за да побарам ДУП „Мал Ринг“ да биде повлечен, одново стручно разгледан, а анкетата пред јавноста да биде одложена за периодот по септември 2020.

Jana Belceva Planot za Mal Ring nov udar za srceto na Skopje 1Овој ДУП е особено значаен за градот, па и за целата држава бидејќи со него се дефинира срцето на главниот град и бара посебно внимание и суптилно решавање. Решението за „Мал Ринг“ мора да покаже дека е производ на заедничка стручна и јавна расправа, низ демократски, отворен, партиципативен и сеопфатен процес кој ќе се води активно, фокусирано и во политички постабилен миг. Закажаната јавна анкета во време на пандемија, сред лето, но и во политички чувствителен момент кога сите очи се вперени во резултатите од изборите не покажува исчекор од начинот на носење на планови за Центар и за „Скопје 2014“. А „Скопје 2014“ како најпогубен, но и најкриминален проект не би смееле да го озакониме и потврдиме со нов план за „Мал Ринг“.

Ќе ги набројам само кусо објектите за кои се отворени постапки и дискусии, но се’ уште се дел од планот. Тоа се: „Шпански скали“, меморијалниот објект „Мајка Тереза“, катната гаража во зеленилото зад Собранието и Домот на АРМ, сите споменици од „Скопје 2014“, објектите во коритото на Вардар, па дури и онаа спорна ќебапчилница пред хотел „Холидеј Ин“.

Со „Мал Ринг“ наследивме објекти и земјиште коишто се нелегално продадени, коишто беа предмет на процеси и обвиненија од СЈО, а за нив и денес се водат постапки во судови и обвинителства, како и истражувачки лаборатории и студии. Поразително е што со предложениот план ставен на јавна расправа тие законски спорни моменти се потврдени.

Која е причината да се брза со план за којшто има толку многу отворени прашања и постапки? Ова е план за Зелена престолнина со изгубено зеленило, а без решение за озеленување. План е за стимулирање и привлекување на возила кон центарот на градот нудејќи им паркинг под плоштадот (на 2 нивоа), зад АРМ, зад Министерство за Правда, зад „Палома Бјанка“.... со што ќе трпи протокот на јавниот превоз во и кон центарот. Може ли ова да е решение за загадувањето кое го трпиме во центарот? Ниту со една реченица овој план не нуди поинакво решение.

Центарот, а особено „Мал Ринг“ се зони во кои поради близината на Вардар и климатските промени може се случат последици по безбедноста на луѓето, јавните и приватните добра. Поплавувањата во подрумските простории на МНТ, Архивот и други ги доживеавме, но само слушнавме за решение за отстранување на галиите и другите препреки во Вардар, а реализација не видовме. Во планот нема измени од реалната состојба на терен, а мерките за заштита и спасување се повторно наведени само со цитирање на законите.

И денес Центар останува економски и социјално раслоен и со изразени нееднаквости. Овој план не може да придонесе кон надминување на состојбите, напротив, повторно овозможува концентрирање на инвестиции на мал простор, а запоставување на неразвиените населби. Економските ефекти од ваквото планирање ги живееме, но редно е да ги надминеме.

Со предложениот план за „Мал Ринг“ се покажува дека локалните власти и надлежните институции не ги разбираат и следат решенијата за одржливи, зелени и отпорни градови по мерка на човекот. Ова е план без визија и без показатели за тоа како сакаме да изгледа Скопје како иден, нов европски главен град.

Планерот, иако е креатор и на претходниот план, жали за состојбите причинети од „Скопје 2014“, за променетите фасади и за недозавршените промени што е тешко лицемерие.

„Мал Ринг“ бара посебно внимание и разработка за да се преобрази во однос  на потребите, но и да ги надмине неопходните квалитативни и естетски недостатоци утврдени низ бројни студии и анализи.

Планот не претставува исчекор и планирање на центарот со нови вредности и потреби, туку покажува немоќ за справување со предизвиците.

Уште еднаш ги повикувам градоначалникот Саша Богдановиќ, целиот Совет, Комисијата, па и град Скопје и Владата на РСМ да покажат смелост за промени, да исчекорат и да го повлечат предложениот ДУП кој ќе се врати на доработка и разгледување од септември 2020.

 

Авторката е советничка во Советот на Општина Центар

Прочитајте повеќе:

Јана Белчева: „Бирократската магла“ може да го проголта паркот кај „Треска“ Белчева: Одлуките во општина Центар се носат од личен интерес

Тагови: