fbpx

Прв пат паркинг простор и зеленило за секој станар во Центар

Советниците на општина Центар синоќа изгласаа два нови ДУП-ови за Градската четврт И03, локалитет Мирче Мацан и Градска четврт И02 Ново Маало 1 и го тргнаа мораториумот за нив. Ова се први ревидирани планови ОД КОГО по воспоставувањето на мораториумот на 31 план во Центар во декември 2017 година.

Izglasani prvite revidirani DUP ovi vo Centar sto bea pod moratorium 1Саша Богдановиќ, градоначалник на општина Центар

Градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ вели дека „мораториумот се покажа како единствен лек за да се ревидираат плановите затоа што претходните имаа многу недостатоци и отстапуваа од стандардите за квалитетно живеење.

„Јас сум задоволен од досегашната работа, иако помина повеќе од година од кога почна да се работи на промена на плановите. Главната цел беше да се постигне похуман начин на живеење. Среќен сум што бришеме објекти за да ги искористиме површините за паркови и зеленило“ рече градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ.

Izglasani prvite revidirani DUP ovi vo Centar sto bea pod moratorium 2ДУП за Градска четврт И03 локалитет Мирче Мацан, кој се протега на Северосток по осовината на ул. Истарска, на северозапад по бул. Кочо Рацин, на Југозапад по ул. 11 Октомври и на Југосток по бул. Кочо Рацин (во близина на Олимписки базен)

Во новиот план за Градска четврт И03, локалитет Мирче Мацан за кој имаше јавни расправи, а учествуваа и експерти, за прв пат ќе биде применет Законот за урбано зеленило, односно при проектирање на објектите ќе мора да се покаже  дека 20 проценти од парцелата се наменети за зеленило.

Професорката на Архитектонскиот факултет Дивна Пенчиќ, која учествуваше во ревидирање на планот локалитет Мирче Мацан, вели дека е задоволна затоа што во новиот план има место за повеќе паркови, но и се воведува правилото – во секоја станбена зграда да се обезбеди посебен паркинг простор за секој станар.

„Ова беше еден од првите планови што сме го разгледувале и конечно по година и половина, можевме да го предложиме на усвојување. Она што го постигнавме е  да се заштити државно земјиште и да се искористи за паркови, детски игралишта, за поставување контејнери и трафостаници, но и да се намали градбата и да биде порамноправна затоа што имаше големи разлики во претходниот  план. Локациите кои отстапуваа сега се ставени во рамки според  стандарди и нормативи. Релативно успеавме и во тоа да се провери дали навистина ќе може толку да се гради според условот - секој да паркира во своја парцела - што е исто придобивка, затоа што проблемот нема да се прелева и дополнително да се зголемува.“ вели Дивна Пенчиќ, професорка на Архитектонски факултет.

Во ДУП – от за локалитет Мирче Мацан е и зградата на средното училиште Раде Јовчевски Корчагин. Од дворот на ова училиште беше одземена поголема површина поради планираната примарна сообраќајница, која сега се надоместува со нова површина. Земјиштето кое во претходниот план било планирано за станбени и деловни објекти сега ќе биде и доделено на гимназијата.

Jana Belcheva Andreevska 200x250„Со овој план се покажува дека ако стручно се работи, ако се има добра анализа  и ако се почитуваат заложбите, може да се искорегира и да се донесе нов план кој ќе биде подобар и поквалитетен. Имаме многу наследени состојби, но сепак се  покажа дека политиката на планирање во корист на хуманото живеење на граѓаните е можно да се оствари и дека одлуката за мораториум што ја донесовме затоа што плановите не обезбедуваа квалитени услови за живот и урбан развој во градот била исправна“  изјави Јана Белчевска Андреевска, претседателка на Советот на општина Центар.

Уставниот суд наредната среда ќе одлучува за уставноста и законитоста на одлуката на општина Центар да прогласи мораториум. Подносители на барањето за оценување уставноста на мораториумот се Градежната комора на Македонија од Скопје и Стопанската комора на Северозападна Македонија. 

Локалните власти очекуваат дека при одлучувањето ќе се земе предвид и ефектот што се постигна со мораториумот, а тоа се првите ревидирани планови кои одговораат на потребите на граѓаните. Се работи на уште 29 ДУП-ови.

Содржината ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Петрушевска

 

Види повеќе за темата:

Тагови: