fbpx

Многу дивоградби, а малку градежни инспектори

Дури 15 општини во земјава немаат овластен градежен инспектор. И уште седум општини немаат вакво стручно лице, но за нив е надлежен инспекторот од соседната, поголема општина, бидејќи тоа го дозволува Законот за меѓуопштинска соработка.

Ова го покажуваат податоците на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам (ДИГУ). Овие податоци се јавни, но неажурирани со месеци. На пример за скопската општина Гази Баба пишува дека нема овластен градежен инспектор, но оттаму добивме одговор дека има и што сработил од почетокот на годинава.

Листа на овластени општински градежни инспектори, објавена на ДИГУ. Истражувањето на Само прашај покажа дека овие податоци не се реални.

А работа за инспекторите има дури и премногу. Долга е листата на обврски за градежните инспектори, која се сведува на спречување на нелегалните градби на граѓани и на бизнисмени. Според Законот за градење тие контролираат градби од втора категорија меѓу кои се образовни, културни институции, рекреативни центри, индустриски објекти, деловни или објекти за домување, па се до автобуски станици, паркови, бетонски бази и уште десетици видови на градби кои влегуваат во истата категорија.

Контролата можат да ја вршат во секоја фаза од градбата и тоа по службена должност или по иницијатива на кое било лице. За поголема заштита при надзор, инспекторот може да побара придружба од полиција.

Според Државниот завод за статистика минатата 2018 година на ниво на сите општини утврдени биле 955 дивоградби. Најмногу од нив биле огради кои отстапувале од предвидените граници, односно 134 на број. Потоа следуваат доградби, надградби и други видови адаптации или вкупно 133 вакви објекти. Исто толку диво изградени биле и деловни објекти. На листата на дивоградби се и 78 гаражи, 6 скалила, 15 тераси, 28 летни тераси, 95 настрешници, 13 времени објекти и 91 помошен објект. Речиси сите, односно 98 отсто од нив се во приватна сопственост.

Скопските општини со по еден инспектор

Само прашај праша што сработиле општинските инспектори годинава во справувањето со дивоградбите и дали се соочуваат со истите проблеми и обем на работа како и претходните години. Се обративме во сите скопски општини, вкупно 11 и неколку низ Македонија, по случаен избор: Битола, Куманово, Велес и Тетово. Вкупно 15.

Од податоците што ги објавиле овие општини, како и нивните одговорите, излегува дека најголем број од локалните самоуправи имаат само еден градежен инспектор. Порано имале повеќе, но некои доброволно си заминале, некои се пензионирале и сега не може да им се најде замена.

По еден инспектор има во речиси сите скопски општини. Исклучок се општините Аеродром, Центар и Кисела Вода кои имаат по два овластени градежни инспектори.

Инспекторите од Аеродром во првите пет месеци од годинава извршиле 56 надзори и издале 8 решенија за отстранување, односно уривање на објектите кои отстапувале од дозволите.

Од нив, 3 биле отстранети од самите странки, во два случаи интервенирала општината, а останатите три се во процедура.

„Трите решенија за уривање што ги извршија самите странки се однесуваат за ограда, враќање ископ во првобитната состојба и челична конструкција. Двете решенија што ги изврши Општината се за отстранување на ограда од бетонски блокови и ограда од метална мрежа. И трите решенија што се во тек се челична платформа, урбана опрема и ограда“, велат од општината.

Во Центар пак, извршени се 74 надзори и издадени се 31 решение за отстранување на:

„Урбана опрема, станбени и деловни објекти, доградба на постојни објекти, огради, рампи, блокатори и инфраструктурни градби“.

Општина Центар неодамна спроведе и акција за отстранување на нелегално поставена урбана опрема. На листата беа 16 кафулиња и кафеани од Дебар маало чии тераси отстапувале од одобренијата кои им ги издала општината.

Фото: СДК.мк

Двајцата овластени градежни инспектори на Кисела Вода во анализираниот период  извршиле  41 инспекциски надзор при пријави и редовни контроли.

„Инспекторите извршија 17 надзори по започнување на градба по издадено одобрение за градење и 16 во фаза на градење. Издадени се 3 решенија за отстранување на градби од кои 2 за градба на ограда и 1 за градба на настрешница“, велат од Кисела Вода.

И општините Гази Баба, Карпош, Бутел и  Ѓорче Петров имаат по еден градежен инспектор.

Најмногу работа, според податоците кои ги добивме, имал надлежниот инспектор на Гази Баба. За првите пет месеци од годинава извршил 133 надзори на колективни и индивидуални станбени објекти, деловни и помошни објекти. Од таму појаснуваат дека општината има инспектор од почетокот на 2018 година и не се запознаени зошто не се ажурирани податоците на ДИГУ.

„Инспекторот има издадено 35 решенија за отстранување на објекти и тоа: 3 решенија за отстранување на деловни објекти и 32 решенија за отстранување на станбени или помошни објекти“, велат од Одделението за инспекциски надзор при општината.

Оттаму додаваат дека сите овие решенија не се правосилни бидејќи за некои од нив е поднесено барање за легализација кое ја запира постапката додека не се донесе одлука.

Како што велат од општина Карпош, до крајот на месец мај надлежниот инспектор изготвил 26 записници за извршен инспекциски надзор и издал две решенија за отстранување на доградба на деловен објект и на киоск.

Градежниот инспектор од Ѓорче Петров пак извршил 58 надзори и издал 13 решенија за отстранување на диво изградени објекти. Десет од нив се однесуваат за помошни објекти, две решенија се за незаконски доградби и едно за станбен објект.

59 инспекциски надзори извршил овластениот градежен инспектор на општина Бутел за првите пет месеци од годинава. Во овој период издадени се 20 решенија за отстранување од кои 8 за пречекорување на градбите на индивидуални куќи. Останатите 12 се однесуваат на незаконски градби се стопански, деловни и помошни објекти и огради, велат од општината.

Најмалку работа имал инспекторот во Шуто Оризари – излегол на терен 10 пати и издал решенија за уривање на пет објекти – семејни куќи и стопански објекти.

Иако Шуто Оризари е во очигледна градежна експанзија, според бројките во Катастарот за недвижности и според одговорите кои ги добивме, излегува дека ова е општина со најмалку издадени одобренија за градба и со најмалку надзори од градежните инспектори. 

Од скопските општини, одговор не добивме од Чаир и покрај двонеделното инсистирање. Но, општината минатиот месец беше во акција во Старата чаршија каде се отстрануваа терасите кои кафанџиите ги поставиле без дозвола. Според објавените информации, општинските власти изготвиле 35 решенија за отстранување на дивоградби на територијата на Чаир.

На нашите прашања не одговори ниту од општина Сарај за која заедно со општина Арачиново на страната на ДИГУ се наведува дека немаат овластен градежен инспектор. Колку дивоградби има во овие општини нема ниту во податоците на Државниот завод за статистика.

Вниманието кон Сарај го свртеа дивите платформи во кањонот Матка. Иако пред четири месеци беше констатирано дека сите дрвени конструкции во езерото се дивоградби, општината сè уште нема преземено никаква акција бидејќи, како што изјави градоначалникот Блерим Беџети, за нив се поднесени барања за легализација. За (не)постапувањето на општината Државната комисија за спречување на корупција отвори предмет.

Многу тешко се наоѓа градежен инспектор 

„Според обемот на работа нам ни се потребни минимум три градежни инспектори“, вели раководителката на инспекциските служби во општина Велес, Славица Переска. Во општината има еден овластен градежен инспектор, кој освен за Велес врши надзор и во општините Чашка, Лозово и Градско бидејќи има договор за меѓуопштинска соработка. Биле двајца, но едниот побарал раскинување на договорот минатата година. Оттогаш не е пополнето ова место, појаснува Переска.

„До сега извршени се 25 надзори во најголем број по пријави на странки. Инспекторот издал 15 решенија во кои се констатира прекршување на Законот за градење и наредил враќање во првобитната состојба“, вели Переска. Во сите случаи било почнато да се гради без одобрение, а најчесто станува збор за доградби.

Фото: СДК.мк

И во општина Битола состојбата е иста. Биле два градежни инспектори, но едниот заминал во пензија на крајот на минатата година. Сега, едниот инспектор извршил 97 надзори.

„Од почетокот на годината издадени се пет решенија за отстранување од кои едно за станбен објект, едно за стопански објект, а останатите три се за помошни објекти (гаража, натстрешница).

Најдобро стои општина Куманово која има 4 овластени градежни инспектори кои во првите пет месеци од годинава извршиле 181 надзор од кои 11 редовни, 151 вонреден и 19 контролни надзори.

„Во овој период издадени се 23 решенија за отстранување од кои сите се реализирани, а издаден е и еден платен налог. Отстранети се градби од втора категорија: потпорни ѕидови, монтажно демонтажни објекти, огради“, велат од општина Куманово.

Одговор побаравме и од општина Тетово, која често е мета на критики поради несправувањето со дивоградбите, но од таму не добивме одговор колку и каков обем на работа има овластениот градежен инспектор.

Според Законот за градење општините се должни да ги објавуваат на своите веб-страници извештаите за извршени инспекциски контроли на квартално ниво.

Член 132 – б

Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, односно општината за извршените контроли изготвуваат квартални извештаи и ги објавуваат на својата веб страница.

Легенда: Извадок од Законот за градење

Ниту една општина не ја почитува оваа законска обврска.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинарка: Марија Севриева

Види повеќе на оваа тема:

Кои се бизнисмените што го градат Скопје и му се радуваат на Уставниот суд?

Тагови: