fbpx

Го преживеа Пиколомини, ќе ѝ пресудат дивоградби

Таа брои 2.150 дуќани. Тука има плоштади и пазари, со сводови и куполи. Тоа се големи чаршии изработени по план. Сокаците им се чисти и калдрмисани. Секој дуќан го красат зумбули, темјанушки, рози, босилек, јоргован и крин во вазни и саксии. Тие со својата миризба просто го опиваат мозокот на посетителите и трговците. Тука има образовани и многу чесни луѓе. За време на летните жеги сиот скопски пазар личи на багдадските сенки, зашто сите негови чаршии се со наткривени капаци и сводови како во Сараево и Алеп“.

Вака турскиот патеписец Евлија Челебија ја опишал Старата скопска чаршија при неговата посета на Скопје во 1660-61 година.

Go prezivea Pikolomini ke i presudat divogradbi 1Распослана на просторот од Камениот мост до Бит-пазар, и од Кале до реката Серава, Чаршијата отсекогаш била атрактивен простор за сите патеписци во минатото и главна точка за туристите денес.

Капан ан, Куршумли ан, Даут-пашин амам, Чифте амам, црквите Св. Спас и Св. Димитрија, манастирот Св. Ѓорѓи Горгос Скоропостижник , вилаетскиот конак „Уќимат“, старата турска пошта, безистенот, Камен мост и тврдината Кале се само дел од објектите кои денес сведочат за Византискиот, Отоманскиот, па и перидот на српската власт во Македонија. Некои од градбите од обете страни на калдрмата ги преживеале земјотресите во 1555 и 1963 година, пожарот во 1689, како и двете светски војни. Низ сите овие години, таа доживуваше трансфомации кои не го менуваа само нејзиниот дух туку и физичкиот изглед – модерни бутици со конфекциска стока ги заменија малите занаетчиски дуќани.

Go prezivea Pikolomini ke i presudat divogradbi 2Чаршијата преживеа пожари, земјотреси и војни и остана срцето на Скопје. Прашање е дали ќе одолее на градежниот експанзионизам кој од година во година ги голта автентичните градби, претворајќи ги во стерилни бетонски џинови.

„Старата чаршија како што ја познавам не е веќе иста. Сега со новите градби се случи катастрофа. Се задушуваме“, ни вели еден од нашите соговорници, занаетчија во Чаршијата уште од 1974 година.

Овој крик на беспомошност на човек кој секојдневно е сведок на нејзиното обезличување ни беше порив да тргнеме во потрага по одговори на прашањата: кои институции се грижат за ова културно наследство, дали се почитува регулативата за заштита, кој контролира што се гради и дали некој треба да понесе одговорност за менувањето на ликот на чаршијата.

Исчезнувањето на „Менада“

На влезот од кај Камениот мост, од десната страна спроти поранешната стоковна куќа „Мост“ е локацијата која Скопјани и за сите кои дел од животот минале во Скопје ја знаат како „Менада“ – култно место за многу генерации уште од 70-тите години на минатиот век. Во текот на изминативе децении нејзиниот изглед се трансформираше поради разните пренамени. Најдолго последнава деценија во овој објект беше популарното кафуле „Менада“. Но, овој објект е урнат и веќе неколку месеци тука има голема бетонска дупка, прекриена со платна зад кои ѕирка масивна метална конструкција за нова градба на неколку ката.

Go prezivea Pikolomini ke i presudat divogradbi 3

Go prezivea Pikolomini ke i presudat divogradbi 4Пред неколку месеци на социјалните мрежи првпат се покрена прашањето што се случува со „Менада“ и дали е вистина дека на нејзино место никнува луксузен ресторан?

Токму примерот на „Менада“ открива дека институциите се само неми сведоци на градежното силување на местата кои се духот на градот.

Триаголник на неодговорност

Процедурата за тоа како се добива дозвола за градба во Старата скопска чаршија ја објаснуваат од Управата за заштита на културното наследство (УЗКН). Таа изгледа како проста геометриска форма триаголник: Општина - Управа за заштита на културното наследство – Министерство за транспорт и врски.

Go prezivea Pikolomini ke i presudat divogradbi 5

„Пред да се гради сопственикот или инвеститорот оди во општината и бара извод од ДУП за да се види дали таа парцела ја има во ДУП - от или е потребно конзерваторско одобрение. Во ДУП- от се вметнати димензиите кои објектот треба да ги запази. Доколку постоа таква маркичка, следна институција е УЗКН каде планот за градба се одобрува и врз основа на тоа се добива дозвола во Министерството за транспорт и врски“, објаснуваат од Управата.

И тоа е полесниот случај.

Go prezivea Pikolomini ke i presudat divogradbi 6Три институции треба да дадат одобрување пред да се гради, а сите креваат раменици за „Менада“

Но, ситуацијата станува посложена ако објектот е заштитен. Тогаш планот за доградба или реконструкција мора да ги следи условите што ги предвидува историјатот за тој објект. Доколку поднесениот план е во согласност со автентичниот објект, за него се добива конзерваторско одобрение. Тој што не го поседува се соочува со санкции - парична казна, стопирање на градба или уривање.

За објектот што никнува кај „Менада“ ниту некој побарал, ниту пак е издадено одобрение.

Општина Чаир, каде инвеститорот или сопственикот требало прво да се обрати не издала никаква дозвола за градежни работи за промена на надворешниот изглед на локалот. Оттаму велат дека испратил е инспектори да видат за што станува збор, а извештајот го предале до Министерството за транспорт и врски.

Од Министерството за транспорт како крајна институција која дава дава зелено светло децидно ни одговорија дека ниту од кај нив не е издадена дозвола за овој објект. 

И со тоа триаголникот на надлежни институции се затвора – никој не дал дозвола, но, на објектот и натаму деноноќно се работи.

Никој не ги брои дивоградбите

Најтешкиот дел во обидот да откриеме кој стои зад ваквото дрско и своеволно однесување во Чаршијата е да се добие податокот колку вакви објекти регистрирале институциите.

На нашите директни прашања добивме или општи одговори или стари податоци или се институциите се прогласуваа за ненадлежни.

„Општина Чаир ги има евидентирано сите објекти што се градат без дозвола, информирани се Владата и Министерството, Градот Скопје и Државниот инспекторат. Иако не сме надлежни, излеговме и ги евидентиравме, очекуваме да видиме какви мерки ќе преземат“, изјави неодамна при посета на Чаршијата градоначалникот Висар Ганиу, одговарајќи на новинарско прашање.

Go prezivea Pikolomini ke i presudat divogradbi 7Ниедна институција не открива податоци за нелегалните објекти

Единствените податоци за некаква интервенција до кои дојдовме се од јуни минатата година и се однесуваат на диво поставени тераси. Тогаш биле констатирани 35 нелегални доградби, од кои сопствениците на 29 објекти сами ги урнале во дадениот рок, додека шест такви објекти се урнати со полициска асистенција. Казнети се со по пет илјади евра и покривање на трошоците за уривање.

Од Општината не упатија сите податоци да ги бараме во Министерството за транспорт, кое во 2011 година им ги одзело ингеренциите за Старата скопска чаршија со образложение дека се работи за зачувување на простор кој има значење за државата, а не само за Скопје.

Три години не е издадена ниту една дозвола за градба?

Во ова Министерство пак, како што ни одговорија, во последниве три години не е издадена ниту една дозвола за градење во Чаршијата. За три години поднесени биле три барања, но откако на инвеститорите им биле побарани дополнителни документи, самите ги повлекле.

„Министерството е надлежно да издава дозволи за градба и доградба во чаршијата, но дивоградбите се предмет на легализација во Општина Чаир, а секоја нелегална градба треба да биде контролирана и санкционирана зависно од прекршокот од Државниот градежен инспекторат, кои треба да водат контрола за тој дел“, објаснуваат од Министерството.

Go prezivea Pikolomini ke i presudat divogradbi 8Грижа само на хартија

И од Управата за заштита на културното наследство, го посочуваат Државниот градежен инспекторат како надлежен за постапување со дивоградбите.

„Пријава може да поднесе секој, по што се констатира состојбата на терен, доколку се констатира прекршок се пропишува казна и се стопира градбата. Потоа ова оди со пријава до Државен инспекторат кој е извршниот орган, кој располага со оператива и одлучува дали треба уривање“, велат од УЗКН.

Во одговорот што го добивме од Државниот градежен инспекторат единствено потврдија дека има пријави за нелегано градење во овој дел од градот и дека по нив соодветно е постапувано. Иако во нашите прашања беше побарано да ни достават бројка за пријавите или предметите каде е интервенирано, таков податок не добивме.

Закон за заштита кој никој не го почитува

Стара скопска чаршија се наоѓа на подрачјето на општините Чаир и Центар. Со донесувањето на Законот за Старата скопска чаршија на 13 октомври 2008 година, таа е прогласена за културно наследство од особено значење и оттогаш е под трајна заштита на државата.

Go prezivea Pikolomini ke i presudat divogradbi 6Има три контактни (заштитени) зони: “Мавровка”, “Мост” и “Дуќанџик”, со вкупна површина од 23 ха 46 ари и 47,11 м².

Во членот 7 од овој Закон е наведено што не е дозволено да се презема во ова подрачје:

- да се менува постојната урбана структура, односно уличната мрежа, големината на блоковите и парцелите, отворените простори и слично;

-да се градат или внесуваат индустриски и слични капацитети што придонесуваат за присуство на разни форми на загадување;

-да се подигаат меморијални споменици и спомен-обележја што не се поврзани со настанувањето и развојот на Старата скопска чаршија и

-да се врши ископ на темели или подруми ниту да се изведува кој било друг вид земјани или градежни работи без претходно спроведување заштитни археолошки истражувања.

Членот 8, пак, регулира што не е дозволено во контактните зони:

-да се градат или внесуваат индустриски и слични капацитети што придонесуваат за присуство на разни форми на загадување;

-да се врши ископ на темели или подруми ниту да се изведува кој било друг вид земјани или градежни работи без претходно спроведување на заштитни археолошки истражувања;

-да се менува уличната мрежа доколку со тоа се нарушува или оневозможува функционалната комуникација со Старата скопска чаршија;

-во непосредна околина на Старата скопска чаршија да се градат објекти чија локација, габарит и изглед непосредно влијаат на Старата скопска чаршија и

-да се обликуваат отворените простори на начин на кој ќе се деградира или нагрдува автентичноста на Старата скопска чаршија и на заштитеното подрачје во целина.

Спорна ревитализација: Типизирани излози и замена на травертинот

Во февруари 2010 година, тогашната влада ја промовираше Програмата за ревитализација на Старата скопска чаршија за периодот 2010-2015, подготвена од Националниот совет формиран од Владата за координација на реализирањето на иницијативите и активностите на сите институции надлежни и вклучени во заживувањето на чаршијата.

Беше најавуван како стратешки документ што ќе овозможи преземање долгорочни мерки за ревитализација, одржлив развој, стопанско и културно реактивирање на чаршијата, зачувување на нејзиниот идентитет и афирмација за натамошен развој. Тогаш беше промовирана и веб страница www.skopskacarsija.gov.mk која веќе не постои. Податоци за Чаршијата сега единствено има на сајтот на Општина Чаир и на Град Скопје.

Од Општина Чаир велат дека во моментов им два тековни проекти: едниот е со Министерството за економија за типизирани излози, кој предвидува замена на металните и ПВЦ рамки со дабово дрво што е најблиску до некогашниот изглед на дуќаните. Со овој проект на типизирани излози во моментов се опфатени 63 дуќани.

Вториот проект е со Светска банка во вредност од 800 илјади евра и со кој ќе се менува травертинот на една од најфреквентните улици во чаршијата „Битпазарска“ во должина од 2000 метри. Интервенцијата ќе се искористи и за вкопување на електричните кабли под земја.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Трајковска
Фотограф: Томислав Георгиев

Види повеќе на истата тема:

Една од најстарите куќи во Старата скопска чаршија под опсада