fbpx

Полицискиот час е „добар виц“ во некои делови од Скопје

Изминуваат четириесет дена откако на 22 март, годинава прв пат беше воведен режим за забрана за движење на населението за да се спречи ширењето на корона вирусот. Во овој период саатницата на таканаречениот полициски час се менуваше неколку пати за различни категории граѓани, но без оглед на тоа секојдневно беа констатирани прекршувања на територијата на цела држава. Институтот за комуникациски студии во периодот од 25 до 28 април спроведе фото-истражување на терен во Скопје за да направи увид дали се почитуваат рестрикциите. Нашите фотографии се доказ дека во одредени делови на градот голем број од граѓаните се буквално на улица и прават што сакаат во периоди кога е забрането движењето.

Фотографиите направени во саботата (25 април) во 19:46 часот во Топанско Поле, во неделата (26 април) во парк шумата Гази Баба во 14:46 часот, во Сарај во 16:48 часот и малку подоцна на езерото Треска откриваат дека и младо и старо не ги почитуваат „полабавите“ мерки за движење.
Од 23-ти април Владата ги намали рестрикциите на движењето и одлучи секој работен ден, од понеделник до петок да биде дозволено движењето на граѓаните од 05:00 часот наутро до 19:00 часот. Лицата над 67 годишна возраст можеа да се движат секој работен ден од 05:00 часот наутро до 12:00 на пладне, а младите лица до 18 години можеа да излегуваат од понеделник до петок од 13:00 до 19:00 часот.

Со новите одлуки се намали и ограничувањето на движење за време на викендите. Забраната за движење за викенд почнуваше од 15:00 часот во сабота до понеделник,  05:00 часот наутро. Во сабота, за лицата над 67 годишна возраст беше дозволено движење од 05:00 часот наутро до 11:00 часот наутро, а младите лица до 18 години можеа да излегуваат од 12:00 до 15:00 часот.

Сепак, во саботата (25 април) во Топанско поле вечерта по 19 часот можеа да се забележат деца и возрасни на улица, а во неделата во Сарај беше раздвижено како да нема полициски час. Слична беше состојбата на езерото Треска и во парк шумата Гази Баба, каде и покрај полициските контроли, во неделата (26 април) можеа да се забележат рекреативци, кои освен што не ја почитуваа забраната за движење ги прекршуваа и рестрикциите за групирање.

Пешки, со велосипеди и мотори за време на забраната

Прекршувања на забраната за движење за време на викендот и по почетокот на работната недела можеше да се забележи и во Аеродром, Лисиче, Чаир и Автокоманда. Нашиот објектив забележа граѓани како пешки, со велосипеди, со мотори и со возила се движат за време на полицискиот час.

Освен во парк шумата Гази баба, полициски контроли на видно место за време на забраната за движење имаше и во Аеродром каде полициските службеници ги легитимираа минувачите.

Иако, според последните податоци на Министерството за информатичко општество издадени се 26.000 дозволи за движење за време на полицискиот час, фотографиите откриваат дека во најголем дел прекршителите се рекреативци и млади лица кои очигледно ниту одат, ниту се враќаат од работа.

Во Чаир во саботата (25 април) околу 19:50 минути имаше движење со велосипеди и моторцикли. Прекршувања на забраната за движење можеше да се забележи и во понеделникот (27 април) по 19 часот во Аеродром и Лисиче, како и во Автокоманда во вторникот(28 април) по 22 часот.

За 38 дена „фатени“ 1.145 прекршители во Скопје

Од Министерството за внатрешни работи за „Само прашај“ информираат дека од воведувањето на мерката забрана за движење од 22.03 годинава заклучно со 28.04. (до 5 часот) вкупната бројка граѓани на цела територија на државава коишто не ја почитувале оваа мерка изнесува 3.241.

„Од погоре нотираната бројка, за истиот временски интервал, досега приведени биле 1.978 лица, опоменати биле 375 граѓани, а за 888 лица им биле земени податоци за натамошна постапка. На територијата на СВР Скопје, односно главниот град, во истиот период евидентирани се 1.145 лица коишто не ја почитувале забраната за движење“, велат од Министерството.

Инаку, Јавното обвинителство уште на 22 март, годинава соопшти дека непочитувањето на забраната за движење значи извршување на кривичното дело „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 од Кривичниот законик“.

„За ова кривично дело се одговара кога за време на епидемија на некоја опасна заразна болест не се постапува според прописите или наредбите со кои се определуваат мерки за нејзиното сузбивање или спречување. За ставот 1, за кој е пропишана одговорност на физичко лице, предвидена е парична казна или затвор до една година, а во ставот 2, ако делото го стори правно лице, пропишана е парична казна до 30 милиони денари“, информираа тогаш од Обвинителството.

ЈО секојдневно објавува соопштенија за покренати постапки против прекршители на забраната за движење. Од досегашната практика, може да се забележи дела јавните обвинители до судот најчесто предлагаат паричнa казнa во висина од 100 дневни глоби за обвинитетите лица, а вредноста на една дневна глоба вообичаено е 20 евра.

Надлежните повеќепати повторија дека идејата на рестриктивнте мерки не е да се казнуваат граѓаните, туку да се спречи ширењето на корона вирусот.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии. Новинар: Владо Николовски Фотографија: Томислав Георгиев   Види повеќе на истата тема:

Чекајќи го пикот, заборавивме на транспаретноста за корона вирусот

Свирки и тенџериња за малку надеж Поважни мерки против корона вирусот на едно место

Тагови: