fbpx

Нелегални мега градби ја бришат автентичноста на Старата скопска чаршија

Нелегални мега градби ја бришат автентичноста на Старата скопска чаршија

kopce1

Со векови старите објекти и поновите градби во Старата скопска чаршија ги чуваат испреплетено минатото и сегашноста на Скопје. Надвиснати и залепени еден до друг некогаш го одземале здивот, а денес сè почести се тажните воздишки за нив бидејќи стануваат жртви на безмилосната градежна експанзија. Неодамна отпочна нејзина реставрација и санација која предизвика бура во јавноста. Директорот на НУ Конзерваторски центар, историчарот на уметност Коле Чапкановски, кој веќе две години ја извршува оваа функција, вели дека со години наназад постојат нелегални градби кои ја нарушуваат автентичноста на чаршијата. Сепак, вели дека во периодот додека ја води оваа институција се запазуваат сите законски процедури за увид во новите градби и соодветно се реагира доколку се забележат незаконски активности.

Сведочиме на реставрација и санација на споменичната целина „Стара скопска чаршија“ кои ги спроведува општина Чаир како дел од „Проектот за локална и регионална конкурентност“ поддржан од меѓународните донатори на ЕУ и Светската банка. Дали се направени анализи и археолошки истражувања по кои ќе следи процесот на реставрација и санација?

Nelegalni mega gradbi ja brisat avtenticnosta na Starata skopska carsija 1За потребите на проектот „Промоција на чаршиски туризам во Општина Чаир“ поднесен од Општина Чаир до „Проектот од локална и регионална конкурентност“ (ПЛРК), Конзерваторски Центар – Скопје изготви конзерваторски услови посебно за секој од 39-те дуќани за калдрмата во чаршијата

Од направената претходна реконструкција на улица „Битпазарска“ нема евидентирано постоење на археолошки наоди долж трасата по која се протега „Битпазарска“. Во текот на вадењето на претходниот травертин и слој од неговата подлога НУ Конзерваторски центар - Скопје има постојан увид и врши надзор при што постои фото документација. Нема видливи археолошки наоди на длабочина на претходно извадениот тампониран дел. Развојно гледано низ историјата, во почетокот улиците во чаршијата биле земјени, подоцна на нив се поставени даски, па следуваше базалтно поплочување. Во периодот после земјотресот во 1963 година, во седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век беа „автентично“ реконструирани со травертински блокови. „Битпазарска“ беше главен коридор, т.е. улица која го поврзуваше Камениот мост со Бит пазар што и до денешен дел е главен коридор на Старата скопска чаршија. Модернизацијата на градот ја опфати и Старата скопска чаршија при што улицата „Битпазарска“ беше на удар од развојот во чаршијата и со тоа претрпе значителна деградација. Беше раскопувана многу пати од поставување на топлификациски цевки, водоводни мрежи, електрични и телекомуникациски водови и инсталации. Сегашната реконструкција опфаќа замена на травертинот со автентичен травертин.

Улиците во чаршијата многу пати во минатото се прекопувани поради различни причини, а според надлежните моменталната реконструкција е во согласност со законските прописи

Работењето во чаршијата се случува во момент кога поголем дел од населението е по дома во карантин, а тоа влева сомнеж во целиот процес на работење. Зошто јавноста не беше информирана за овој чекор, туку едно утро сите бевме изненадени?

Јавноста неколку пати беше медиумски информирана пред да започне реконструкцијата на улица „Битпазарска“: од страна на Министерството за економија, од страна на градоначалникот на општина Чаи, како и со поставената табла од инвеститорот за изведбен проект. Информативно ќе ве запознаам дека работите беа започнати претходно на почетокот на улица „Битпазарска“ неколку месеци пред објава на пандемијата со корона вирусот.

Досега сведочевме дека во чаршијата има недозволени реконструкции, дивоградби, рушење на дуќани и градење на нови со поголем габарит, недозволени тераси... Каде се се забележани нарушувања во рамки на споменичната целина? Кои се најкритични? 

Нарушувањето во делот на недозволено градење во Старата скопска чаршија е од многу поодамна. Во суштина Скопската чаршија во огромен дел ја има задржана автентичноста, преовладуваат десетина мега градби кои и тоа како го разбиваат старото јадро, каде што покрај нелегалноста на градбите истите не се обиделе да ја зачуваат ниту автентичноста што јасно не е оправдание за нелегална градба. Сè што е нелегално е критично.

Видливи отстапувања од конзерваторските услови постојат на почетокот на градба на ул. „Ќурчиска“, пред Музејот на Македонија, објектот на ул. „Градиште“ во непосредна близина на Капан ан и добро познатата „Менада“

Дали ги пријавувате некаде објектите кај кои има недозволени интервенции според заштитно конзерваторските основи? Каков е процедуралниот пат?

НУ Конзерваторски центар -Скопје, говорам за мојот досегашен мандат, совесно и одговорно постапува согласно Законот за заштита на културното наследство. Константно се прават теренски увиди од страна на стручни лица вработени во установата. Доколку се забележи нелегална градба, стручниот тим прави увид, составува извештај, кој во прилогот содржи и фото документација со препорака за „Итно запирање на изведбените работи од страна на сопственикот на објектот“. Изготвениот извештај од увид го доставуваме архивски заверен до Управата за заштита на културното наследство за понатамошноп постапување. Тоа е процедурата и нашата надлежност во овој сегмент од заштитата на културното наследство како НУ Конзерваторски центар - Скопје.

Од кога сте Вие на позиција директор на Конзерваторски центар, колку објекти го имаат статусот со отстапки и нелегалност на градбата? И за колку од нив има преземено реакција од другите институции што делат надлежност со вас?

Стручен тим од нашата установа прави увиди во Старата скопска чаршија на нелегално преземени градежни активности кои не се во согласност со Законот за градба, реконструкција и санација во споменичната целина, т.е. без претходно поведена институционална постапка до конечно добивање на конзерваторско одобрение од страна на Управата за заштита на културно наследство (УЗКН). Како установа имаме направени увиди со изработени извештаи пропратени до УЗКН од кои три по својот габарит отскокнуваат од сите останати и се лесно воочливи. Од страна на УЗКН преку инспекциските служби имаат постапувано по однос на нашите извештаи од направените увиди.

Може да се гради со конзерваторско одобрение

Според нашите информации, кога нема важечки ДУП како во случајот со чаршијата или план, при градба на објект се прават заштитно конзерваторски услови, издадени од Националната установа Конзерваторски центар – Скопје, техничка документација (текстуална, графичка и документарна) за секој објект поединечно, по кои треба да се изработи проект од проектантска куќа со А лиценца со вклучен конзерватор со лиценца. Потоа проектот се носи повторно во НУ Конзерваторски центар на стручната контрола согласно важечки параметри за зачувување на културно наследство односно габарит, висина и зачувување на автентичноста на објектот. Откога тоа ќе се врамат проектите според стандардите, се добива конзерваторско одобрение од Управата за заштита на културно наследство.

Старата скопска чаршија сè уште е една од најубавите на Балканот, но без соодветна контрола може лесно да го загуби овој епитет

Со кои институции соработувате за да се заштити оваа споменична целина од градежните напади кои и се нансуваат?

Институционално по однос на оваа проблематика константна соработка имаме со Управата за заштита на културното наследство, Музеј на град Скопје, Националниот музеј на Република Северна Македонија и секако со Министерството за култура на Република Северна Македонија преку отчет за преземените постапки.

„Менада“ е на контактна зона на чаршијата, таа се гради, а нема дозвола? Дали е заштитена? Кој треба да ја издаде дозвола за да се гради таа? Која е процедурата за неа?

„Менада“ како поединечен објект (градба) не претставува споменик на културата, но во согласност со Законот за прогласување на Старата скопска чаршија за заштитено културно наследство како споменична целина, „Менада“ е опфатена и така е третирана. Како кон сите нелегални градби, така и кон „Менада“ постапката е иста. Формиран беше стручен тим кој изврши увид, направи извештај со прилог на фото документација со препорака за „Итно запирање на одвивање на градежни активности“ кој извештај е испратен до Управата за заштита на културното наследство со заверен архивски број.

Култната „Менада“ во која поминуваа генерации скопјани, сега е заглавена во правни лавиринти и прашање е дали некогаш повторно ќе биде вратен нејзиниот автентичен изглед

Што да очекуваме од сегашната реконструкција на чаршијата? Освен опфатот на 39 те дуќани и Битпазарска, ништо друго не се знае? До кога ќе трае? И дали со оваа реконструкција ќе биде комплетно заштитена автентичноста на Старата скопска чаршија?

Реконструкцијата на улица „Битпазарска“ ќе трае согласно договорот за рок на изведба склучен помеѓу инвеститорот и изведувачот. Следна реконструкција ќе се случи на улица „Самарџиска“ како и поставување на сигнални табли за 16 споменици на културата . 

Дали имаме системска недоследност, свесно или несвесно префрлање на работите во чаршијата за да може понатаму да си никнуваат дивоградби?

Недоследностите се прават на самиот старт, со непочитување на постапките, т.е. непочитувањето на регулативата по однос на Законот на заштита за културното наследство.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Ана Зафирова
Фоторепортер: Томислав Георгиев

 

Повеќе на истата тема:

Го преживеа Пиколомини, ќе ѝ пресудат дивоградби

Една од најстарите куќи во Старата скопска чаршија под опсада