fbpx

Окупацијата на Старата скопска чаршија се мери во хектари

ALB

Доаѓаат времиња кога освен на странските туристи, и на граѓаните на Скопје ќе им треба мапа за да ја најдат Старата скопска чаршија. Главна причина за тоа е што постојано се менува ликот на некогашното јадро на Скопје, се нагризуваат границите и се напаѓа околината со висококатни објекти, како некој буквално да сака да ја скрие убавината на Чаршијата. На хартија, законот предвидува дека не смее да се смени ниту ќерамида од покривите, ниту, пак, во непосредна близина на Чаршијата да се градат објекти чијшто габарит ќе ја нагрдува нејзината автентичност. На терен, има случаи каде што со институционално аминување се реализираат гломазни проекти кај што не им е местото, како и поединечни случаи каде што прво се гради, а потоа се бара дозвола. Најсвеж пример за тоа и последен трн во окото на граѓаните е несоодветната надградба на објектот „Менада“. Ако такво нешто може да се случи на самиот влез на Чаршијата, тогаш кој знае што може да има во внатрешноста и нејзината околина. Затоа, истражувавме каква е состојбата, а наодите се алармантни.

Контактните зони како пластелин

Во Законот за прогласување на Старата скопска чаршија за културно наследство од особено значење, донесен од Собранието во октомври 2008 година се определени границите на споменичката целина и таканаречените контактни зони на Чаршијата.

Okupacijata na Starata skopska carsija se meri vo hektari 1Според законот, споменичката целина се наоѓа на подрачјето на општините Чаир и Центар и има вкупна површина од 11 хектари 58 ари и 14,71 квадратни метри. Старата скопска чаршија има три контактни зони, и тоа: контактна зона „Мавровка“, контактна зона „Мост“ и контактна зона „Дуќанџик“, со вкупна површина на тие зони од 23 хектари 46 ари и 47,11 квадратни метри.

Споредбата на податоците од старите топографски карти, од сателитски снимки и други алатки  покажа дека вкупните површини под објекти во Чаршијата и контактните зони пораснале од 11,77 хектари во 70-тите години на 14,81 хектари во 2002 година, односно има пораст од 25,81 отсто на површината под објекти.

Анализата покажа дека во овој тридецениски период, во Старата скопска чаршија и во секоја од контактните зони има тренд на уривање на дел од помалите стари градби за сметка на поголеми градби. Севкупниот број на градби не е значително променет, но средната површина на градбите е драстично зголемена, а со тоа и севкупната површина под објекти во целото подрачје е поголема.

Табела 1: Површина на објекти во 1970 и 2002 во Старата скопска чаршија и трите контактни зони
Okupacijata na Starata skopska carsija se meri vo hektari 2
При анализата се користени податоци од топографски карти во размер 1:25000 од 1970-тите и од 2002 година

Токму за да се спречи ваквата „градежна инвазија“, пред 12 години беше донесен законот со којшто Старата скопска чаршија е прогласена за културно наследство и со којшто на сила стапуваат строги правила за заштита на споменичката целина и на контактните зони на Чаршијата.

Сепак, нашето истражување покажа дека и по донесувањето на оваа регулатива односно во периодот 2007 - 2020 година има забележителни и несоодветни промени на терен.

На мапата се прикажани објекти кои се во можна колизија со член 7 од Законот, во кој меѓудругото се предвидува задржување на постојната висина на објектите, формата на покривите и оригиналните покривни материјали, со задолжителна употреба на ќерамиди како покривен материјал кај новоградбите, и се забранува менување на парцелите и урбаната структура, како и да се подигаат меморијални споменици и спомен-обележја што не се поврзани со настанувањето и развојот на Старата скопска чаршија

Во Старата скопска чаршија од 2007 година наваму е изграден плоштадот „Скендербег“, којшто опфаќа голем дел над објектите кај реонот на „Менада“. Дел од споменикот на културата „Ан Хотел Шар“ има изгубено во површина. Изградена е „Пивница“ со проширување на плоштадот „Св. Спас“. Кај хотел „Буши“ еден објект е претворен во паркинг, а два се урнати. Изграден е нов објект кај Капан ан.

  ПРОЧИТАЈ ПОВЕЌЕ:  
     
 
Молк од Управата за заштита на културното наследство   Кога не може да се среди цела Чаршија, барем да се „дотераат“ излозите

 

Кај трите контактни зони има изградба на згради или повисоки куќи на местата на постарите објекти, изграден е објектот „Бит-пазар“ (бетон, конструкција и постепена замена на тезги), објектот на Филхармонија, новиот плоштад „Филип Втори“…

Табела 2: Преглед на типовите покровност на земјиштето во 2007 и 2020 и сумирана вкупна промена на површините во Старата скопска чаршија и контактните зони
Okupacijata na Starata skopska carsija se meri vo hektari 4
При анализата се користени податоци од сателитските снимки од 2007 и 2020 година

Меѓу најзначајните промени во Старата скопска чаршија и трите контактни зони во изминативе тринаесет години е загубата на 1,7 хектари зелени површини, што е намалување од 30 отсто. Загубите на зелени површини се присутни во сите делови, а се најизразени во контактната зона „Мост“.

На мапата се обележани објекти за кои постои можна колизија со член 8 од Законот, во којшто се вели дека во непосредна околина на Старата скопска чаршија не смее да се градат објекти чија локација, габарит и изглед непосредно влијаат врз Старата скопска чаршија и да се обликуваат отворените простори на начин на којшто ќе се деградира или ќе се нагрдува автентичноста на Старата скопска чаршија и на заштитеното подрачје во целина.

Всушност, кога се алармира за проблемите во Старата скопска чаршија, вообичаено се заборава на контактните зони, што е погрешно.

Тоа го укажува и Дивна Пенчиќ, професорка на Архитектонскиот факултет и член на Комисијата за урбанизам во Општина Центар.

„Контактните зони се многу нападнати. Чаршијата сама по себе е заштитена, но има три контактни зони во кои се инсистира на интензивна градба. Тука има многу притисоци. Тие го менуваат ликот, во смисла на тоа дека тешко се приоѓа кон чаршијата. Порано можевте од секаде да влезете во Чаршијата, тоа сега е променето. Ова не е затворен тип на чаршија, и кога се направени тие упади, со големи објекти, станбени намени, кои ги немаше порано таму, сега наеднаш тој простор добива нов лик. Најеклатантен пример е новиот плоштад „Скендербег“, којшто сега веќе не е толку нов. Тој е еден од најголемите грешки што се направија. Се очекуваше многу од тој проект, очекувавме дека ќе го направи спојот на оној културен дел каде што се сега, нели, новата филхармонија, балетот, музичкото училиште, новиот парк… Дека ќе направи еден мек премин кон Чаршијата. Напротив, тоа направи нова бариера, неискористена, со многу пари потрошени, тотално нефункционална“, вели Пенчиќ.

Противзаконски се „делка“ Чаршијата наместо да се уредува како целина

Поголем дел од Старата скопска чаршија е на територијата на Општина Чаир, а мал дел потпаѓа под Општина Центар. Еден од главните проблеми во однос на регулирањето на состојбите на Чаршијата е што таа, според законот, треба урбанистички да се уредува како целина, но во реалноста тоа се прави за секој дел посебно, односно блок по блок.

Според професорката Јасмина Силјановска, која е и координаторка на активностите на Скопската жива градска лабораторија во проектот „РОК“ (ROCK) од програмата „Хоризон 2020“ во којшто учествува Архитектонскиот факултет при УКИМ, ваквото решение е несоодветно и опасно.

  Целото интервју со проф. Јасмина Силјаноска може да го видите ТУКА  

Овој проблем има длабоки корени. Имено, со законот од 2008 година беше предвидено општините Чаир и Центар да изработуваат детални урбанистички планови за подрачјата од нивна надлежност, кои се во рамките на заштитеното подрачје од Чаршијата. Но, на 29 декември 2010 година се донесени измени на Законот за прогласување на Старата скопска чаршија за културно наследство од особено значење, со кои се воведува обврска за изработка на еден урбанистички план за целата споменична целина „заради заштита, уредување, ревитализација и рационално користење на Старата скопска чаршија“.

Во двете општини прашавме дали издаваат одобренија за градба на територијата на Старата скопска чаршија која потпаѓа во нивните граници, по кој детален урбанистички план и дали постои единствен ДУП за целата споменичка целина. Одговори добивме само од Општина Центар.

„Општината не издава одобренија за градба, одобренија за градба на територијата на Старата скопска чаршија издава Министерството за транспорт и врски, затоа што се работи за градби од 1. категорија, што претставуваат споменичка целина и се прогласени за културно наследство од особено значење. Постои детален урбанистички план којшто е на сила и се вика ДУП „Стара чаршија“. ДУП-от се однесува на целата Стара чаршија и е донесен со одлука бр. 07-600 од 29.9.1999 година од страна на Советот на Општина Центар. Во моментов има активна постапка за усогласување на постоечкиот ДУП-от со Генералниот урбанистички план на Град Скопје од 2012-та година и постапката се работи паралелно и во Општина Центар и во Општина Чаир.“, велат од Општина Центар.

Со други зборови, во 2020 година, кога веќе е во тек постапката за донесување нов генерален урбанистички план за Скопје, се врши усогласување на две децении стар план за чаршијата со ГУП којшто е во фаза на застарување.

  ПРОЧИТАЈ ПОВЕЌЕ:  
     
 
Политиката настрана, има решенија   Старата скопска чаршија била срцето на градот

 

Одговори околу дозволите за градење побаравме и од Министерството за транспорт и врски.

„Од 2008 година досега се доставени 23 барања за добивање одобрение за градба во Старата скопска чаршија, од кои 4 се одобрени како решенија за реконструкција, 3 се во постапка, 16 се одбиени. Барањата се доставени од правни лица за деловни објекти, како и од физички лица кои побарале одобренија за градење и реконструкција“, велат од Министерството за транспорт и врски.

За проблемите со контрадикорните состојби во однос на планирањето во Чаршијата и политичките влијанија, побаравме мислење од Пенчиќ и од Даница Павловска, активистка и експерт во Советот на Европа.

Пенчиќ вели дека во Општина Центар се зачудиле кога Управата за заштита на културното наследство дозволила да се направи ДУП за еден блок од Чаршијата, што е спротивно на законот. Павловска, пак, укажува дека состојбата во Чаршијата е критична.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Уредник: Владимир Николоски
Новинари: Ана Зафирова, Катерина Топалова, Мартин Пушевски
Изработка на мапи и табели: Васко Авукатов, Александар Стојаноски
Сниматели: Иван Поповиќ, Зоран Догов, Борис Каевски, Љубомир Домазетов, Предраг Савиќ
Монтажа: Борче Крстевски, Ристе Душковски
Лектура: Татјана Б. Ефтимоска

 

Поврзани стории: