fbpx

Македонија има фантом во Владата

Повеќе од една година беше потребно да се направи веб-страница на новото Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците. Откако е оформено, постои „црна дупка“ во однос на неговите активности што го прави своевиден фантом во Владата. „Брзината“ на поставувањето на официјалната веб-страница само ја зголемува енигмата по прашањето што работи ова Министерство, посебно ако се земе предвид дека е меѓу рекордерите по бројот на вработени. За оваа проблематика побаравме одговори од повеќе надлежни институции и од стручни лица коишто подолг период ја следат работата на администрацијата.

 Makedonija ima fantom vo vladata 1

Новото Министерство до пред една недела немаше веб-страница. Случајно или не, таа „експресно“ беше поставена изминативе денови откако од надлежните побаравме одговори зошто по една година од формирањето оваа институција ја нема на Интернет. Официјалното образложение е  дека поради потребата од нејзина преработка и надградба, веб-страницата одредено време не функционирала.

Половина милијарда денари за вработените

Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците со здружени сили и двотретинско мнозинство од 80 пратеници го оформија парламентарните партии на 27 март 2019 година, трансформирајќи го дотогашниот Секретаријат за спроведување на рамковниот договор. Во него, има 1.406 вработени лица на чиишто плати се троши речиси целиот годишен буџет. Имено, за 2020 година буџетот на ова Министерство изнесува 542.785.000 денари, а од нив вкупните трошоци за вработените изнесуваат 523.665.000 денари.

Од Министерството велат дека во вкупниот број на вработени се вклучени и службеници предвидени за распоредување по други институции од јавниот сектор. Досега биле прераспределени 94 лица, а по формирањето на новата Влада, велат дека ќе продолжи процесот на преземање. Во однос на ова прашање, може да се почувствува револт во одговорите од Министерството од каде што укажуваат дека кај одредени институции постои бојкот во однос на прераспределбата.

„Има институции коишто и покрај одлуката на Владата за преземање на вработените од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците  продолжуваат да не соработуваат и воедно да не одговараат на обврската за преземање, иако имаат потреба за нив, односно и покрај тоа што кај овие институции соодветната и правичната застапеност на етничките заедници е далеку од потребното задолжително законско ниво. Ова укажува дека и понатаму продолжува трендот на селективна примена и почитување на начелото на соодветна и правична застапеност, но и недостиг на поличка волја за преземање на вработените", велат од Министерството.

Вештачка творба

Универзитетски професори коишто добро ги познаваат проблемите во однос на организацијата на македонската админстрација се сложни дека формирањето на ова Министерство е нелогично. Според Борче Давитковски, професор на Правниот факултет станува збор за вештачко Министерство, чиишто вработени се фиктивна творба. Тој вели дека во позадината се кријат околу 1.500 лица коишто со години наназад формално-правно се вработени и земаат плата, но не одат на работа.

Borche Davitkovski 200x250„Бројот на вработени во Министерството за политички систем не верувам дека е повеќе од 20-30 луѓе, бидејќи е ново Министерство. А од тие 1.500 лица што не работат, некои се по Швајцарија, Австрија, Германија, т.н рамковни. Таа бројка за жал остана таква. Тоа е вештачко Министерство и мислам дека ова е многу погубно за буџетот. Министерството нема ни простор, ни место каде да ги сместат тие 1.500 луѓе. Тие очигледно и понатаму не доаѓаат на работа. Тоа е фиктивно Министерство и сметам дека треба да се укине“, вели Давитковски.

Сличен е ставот и на неговата колешка, професорката Ана Павловска Данева. Таа вели дека процесот на создавање на ова Министерство, трансферот на службеници и евентуалните нови вработувања се одвивал крајно нетранспарентно и во брза постапка. Без никаква правна, политичка и економска аргументација и без јавни дебати и расправи.

Ana Pavlovska Daneva 200x250„Само политичарите, пратениците коишто неверојатно лесно успеаја да направат двотретинско мнозинство за создавање на ова Министерство и лидерите од тоа владејачко мнозинство можат да ги кажат своите политички аргументи за тоа - која била потребата од создавање на ова Министерство и негово „полнење“ со толкав број службеници", вели Павловска Данева.

Завиткани во нетранспарентност

Освен што до пред неколку дена немаше веб-страница, новото Министерство е невозможно е да се пронајде на Интернет само со впишување на неговото име, а нема профили на Фејсбук, Твитер и Инстаграм, ниту пак Јутјуб канал.

Од Владата објаснуваат дека одлуката за начинот на комуницирање со јавноста ја носи секоја институција посебно.

„Владата и Министерството за информатичко општество и администрација се залагаат за транспарентно работење и укажуваат на важноста од редовна комуникација со сите граѓани“, велат оттаму.

Професорката Павловска Данева, смета дека нетранспарентноста при создавањето, продолжува и во досегашното работење на ова Министерство.

„Oбврска на секој орган на државната управа е да ги објавува сите акти, документи, планови, програми и друго во врска со неговата работа. Услугите кои на граѓаните ги нуди, начин на стекнување со тие услуги, електронска комуникација, управни постапки и сл. Оттука, нејасно е што работи ова Министерство и конкретно, кои услуги ни ги пружа нам, на граѓаните заради кои постои секој орган на управа“, вели Павловска Данева.

Таа додава дека подеднакво одговорни се и кои се должни да го следат работењето на овој орган.

На Интернет страницата нема транспарентни, јавни информации и детали за работните задолженија на целиот бирократски апаратус, а иако има мапа, не може да се дознаат имињата освен за тројцата функционери - министерот, неговиот заменик и државниот секретар.

Од Министерството велат дека постои правилник за систематизација на работните места, како и правилник за внатрешна организација.

„На пример, според Етичкиот кодекс на членовите на Владата, секој функционер кој не ја исполнува оваа законска обврска (транспарентно работење на органот со кој раководи) треба да биде повикан на одговорност. Понатаму, Агенцијата за слободен пристап до информации треба да води листа на органи и податоци кои тие се должни да ги објавуваат и да ги контролира во тој дел. Комисијата за политички систем при Собранието исто така може и треба да врши надзор. Министерот задолжен за информации и транспарентност, МИОА, Државната комисија за спречување корупција итн., сите овие институции имаат надлежност, доколку би имале и волја и капацитет да го направат транспарентно работењето на новосоздаденото Министерство.“, вели Павловска-Данева.

Makedonija ima fantom vo vladata 2„Едниот правилник е веќе објавен на веб-страницата, додека за другиот се чека превод на албански и на англиски јазик и истиот ќе биде објавен“, велат од Министерството.

Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации многу прецизно ја детектира неотчетноста на ова Министерство.

Sabina Fakikj 200x250„На новата веб-страницата на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците недостигаат значаен дел од информациите кои се сметаат за релевантни во оценката на активната транспарентност на институциите. На веб-страницата не се објавени основни податоци за контакт со службеното лице за посредување со информации, потоа листа на информации од јавен карактер на Министерството, како и начинот на кои може да се добијат тие информации. Понатаму, не е објавен список на вработени лица и раководители со нивни контакти, потоа контакт со лицето овластено за заштитено внатрешно пријавување.“, вели Факиќ.

Makedonija ima fantom vo vladata 3Центарот за граѓански комуникации во најновото истражување од јуни, Министерството за политички систем го оценува со 0,00 - нули кои се однесуваат на транспарентноста на нивната работа.

Професорот Давитковски не е воопшто зачуден за нетранспарентноста на Министерството.

„Ама нема зошто да има што било објавено на таа Интернет страница. Го формираа Министерството, ставија министер, претпоставувам има некаков кабинет таму и со тоа се заврши. Едноставно, тоа нешто е вон нашиот административен систем, знаете, насадено дрво, кое органски не припаѓа на нашата извршна власт", вели Давитковски.

Политички виц и министерства за ништо

Во услови кога во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците не се знае кој што работи, дали воопшто вработените одат на работа и се турка нивна прераспределба по други институции, како политички виц звучат ветувањата за намалување на бројот на вработени во администрацијата и за нивен трансфер во приватниот сектор.

„Сметаме дека тоа е комплексен процес кој бара повеќе време, консултации, детални и пошироки анализи кои ќе произведат заклучоци со темелни решенија, а не брзи решенија", велат од Министерството за информатичко општество и администрација на прашањето до каде е идејата за преоѓање на дел од администрацијата во приватните компании.

Од Владата, пак, остануваат на тврдењето дека новиот владин состав ќе го намали бројот на вработени во јавната администрација за 20 отсто.

Сепак, Давитковски не е оптимист дека брзо ќе започне тој трансфер на администрацијата во приватниот сектор.

„Kој приватен бизнисмен ќе ти земе некој од администрација којшто не оди на работа?“, вели Давитковски.

Тој додава дека мора под итно да се среди состојбата во администрацијата.

„Не за друго, сега ќе почнеме преговори со ЕУ. Кoга ќе дојдат бирократите, кога ќе видат Министерство, кога ќе видат толку луѓе, кога ќе видат дека нема ништо, ниту веб- страница, ништо, ни портпарол, ни човек за пристап на информации од јавен карактер, едноставно ќе сфатат дека ова е вештачка творба", вели Давитковски.

Во однос на прашањето дали во новата Влада е можно со најавеното намалување на бројот на министерства да биде опфатено и Министерството за политички систем, оттаму велат дека сѐ уште е рано за именување на министерствата кои ќе ја сочинуваат новата Влада.

„Укинување или формирање на нови министерство е одлука што се носи со 2/3 мнозинство, односно ќе треба согласност и од опозицијата. Таков беше случајот и при формирање на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците. До сега нема иницијатива за укинување на ова министерство", велат од Владата.

Професорот Давитковски пак, практично и реплицира на Владата, посочувајќи ги примерите од позрелите демократии, како што е Велика Британија.

„Дефинитивно, јас стојам на став дека на Македонија повеќе од 12, 13 министерски ресори, не и треба повеќе. Кога британската Влада има толку, ние сме со 16 ресори, па тоа е премногу. Тоа е лошо, сега се најавија реформи, а да не се редуцираат министерства, тие министри без ресор, кајшто никаде во Европа не постојат 30 години, но, кај нас тие се за пазар. Пазар на коалиционите партнери, не се за друго. Таму има и Ром и Турчин, и Бошњак - министри кои ние не ги знаеме. Затоа Владата оди до 23 члена. Функционална влада, еве британската има 12, еве нашава нека биде со 15, со премиер и еден заменик, и готово. Тоа е функционална влада, а ова сега во Македонија не е воопшто“, вели Давитковски.

Официјалниот став на Министерството за политички систем е дека потребата од основањето на таква институција не била случајна, туку е резултат на еден долг процес со анализи и извештаи односно дека е резултата на квалитативна анализа на Охридскиот Рамковен договор за социјална кохезија.

Но, смислата на постоењето на Министерството за политички систем може да биде и поинаква ако се бара одговор на прашањето што има сработено од основањето до денес. Професорката Ана Павловска- Данева кусо одговора: "Со оглед на податоците со кои (не)располагаме – ништо!"

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Автор: Биљана Секуловска

Тагови: