fbpx

Принудени да избираат меѓу децата и работата

Македонскиот образовен систем не успева да одговори на предизвикот што го донесе пандемијата од корона вирусот, а најдобар доказ за тоа е што до недоглед се пролонгира организирањето продолжен престој за учениците што посетуваат настава со физичко присуство. Иако Владата уште на 29 септември одобри продолжен престој, ретки се училиштата во кои што се згрижуваат деца по часовите. Поради тоа, голем број родители се доведени во незавидна состојба. Тие се принудени да вложуваат натчовечки напори да им посветат внимание на своите деца и истовремено да ги исполнат работните обврски.

Prinudeni da izbiraat megju decata i rabotata 1

Министерството за образование и наука (МОН) се оградува од овој проблем и одговорноста ја префрла на локалната самоуправа.

Одговорите што ги добивме од општините на прашањето зошто сè уште нема продолжен престој го отсликуваат хаосот што владее во образованието. Имено, дел од нив се подготвуваат, некои потенцираат дека немаат услови за продолжен престој, а некои сѐ уште чекаат инструкции од извршната власт.

Самохрана мајка од Куманово ги носи децата на работа

Најголем проблем имаат родителите кои се вработени. Во речиси сите скопски училишта, но и во останатите градови учениците имаат настава во смени и затоа за родителите е невозможно да ги однесат и земат своите деца од училиште без да го напуштат работното место.
Тие се снаоѓаат како знаат и умеат. Бараат помош од соседи, пријатели, блиски и далечни роднини, а некои од нив децата ги носат на работа.

Тамара С. е самохрана мајка од Куманово која има три деца на возраст од 8, 6 и 4 години. Работи во приватен сектор, целото семејство зависи од нејзината плата, а децата мора да ги разнесува по градот во различни термини.

„Станувам во 5.30 часот наутро. Ги подготвувам сите за излегување, подготвувам и ужинки за двајцата ученици. Најмалото дете го оставам во градинка во 6.45, па го носам другото кое почнува во училиште од 7.30 и е најдоцна до 10 или 10.30 часот. Најголемото почнува во 10, ама на друг крај на градот. И јас се прашувам како стигнувам. Работам само утринска смена и се извинувам, и се извинувам постојано, по сто пати на ден. Не знам до кога ќе ме трпат газдите“, вели Тамара.

Бидејќи едното дете завршува во 10, а второто треба да биде во училиште на другиот крај на градот во исто време, Тамара бара помош од пријателите, соседите, нејзината мајка која е болна. После завршување на часовите двајцата ученици доаѓаат со неа на работа и седат таму додека не ѝ заврши смената.

„Тука пишуваат домашна, до мене се. Колку е ова безбедно, знам и сама, но немам излез. Ова не е нормално и сите треба да се свестат дека родителите се избезумени, не знам до кога ќе издржиме“, вели таа.

Тамара ни објасни дека во Куманово, никогаш немало организирано продолжен престој за децата во училиштата. Децата до 10-годишна возраст по часовите се згрижувале во градинка. Сега, градинките се затворени за овие деца.

Makedonija-od-1-septemvri-saka-da-bide-Finska-no-3.jpg

За голем број родители секој ден е ново искушение бидејќи без продолжен престој мора да најдат начин да се погрижат за децата и да ги завршат работните обврски.

Во Општина Куманово велат дека продолжен престој во училиште имало до 2013 година. Оттогаш организацијата на целодневниот престој преминала на  ЈОУДГ „Ангел Шајче”-Куманово. Од Општината велат дека сега во градинка нема згрижување на школски деца бидејќи тие сега работат по посебни протоколи.

„Во моментов во детските градинки во Општина Куманово не се организира целодневен престој за деца, бидејќи се почитува препораката и укажувањето на ресорното Министерство од 07.10.2020 година, кое изрично наведува дека „согласно протоколите, кои се изработени од страна на Комисијата за заразни болести и надлежните Министерства МОН и МТСП, строго е забрането мешање на деца од различни паралелки. Согласно тоа, потребно е целосно и доследно да се почитуваат усвоените протоколи”. Ние како Општина и јавните институции во Куманово сме должни, при вршење на активностите и давање на услуги, да ги почитуваме сите препораки и укажувања“, велат од Општината.

Оттаму потенцираат дека се подготвени да го решат овој проблем откако ќе ги добијат конкретните препораки и заклучоци од повисоките органи, кои ги даваат насоките за постапување во услови на епидемија.

Од МОН, пак се децидни дека локалната самоуправа заедно со училиштата треба да организира продолжен престој. На прашањата кој го контролира овој процес, дали општините имаат некаков рок до кога треба да организираат згрижување на деца по часовите, дали секое училиште е должно да организира ваков тип на настава, оттаму добивме само краток одговор.

„Самите училишта треба да си направат план како ќе се спроведе и одвива целодневната настава за децата од прво до трето одделение. За повеќе информации обратете се до локалните самоуправи и до училиштата“, велат од МОН.

Невиден хаос

И во скопските училишта сѐ уште нема организирање на продолжен престој (целодневна и дневен престој).

Бојана Несторовска има син и ќерка во прво и трето одделение. Во основното училиште во Општина Аеродором ги носи и зема во различно време. Таа работи во ИТ секторот, засега од дома, но сопствениците ѝ најавиле дека наскоро ќе мора да се врати во канцеларија.

„Синот го носам во школо во 7.45 часот, а го земам во 10.30. Ќерката почнува со настава во 11.30 и е до 13.45 часот. Цел ден ги носам и ги земам. Имам среќа што засега работам од дома, но секако ми трпи работата. Имаме најави дека ќе мора да се вратиме во канцеларија, и навистина сум загрижена. Потпишав дека децата сакам да одат во продолжен престој, иако немаме никаква информација што значи тоа, до колку часот ќе биде и сл. Невиден хаос е, се плашам веќе за психичкото здравје на сите. Ваква неорганизираност како држава, општество нема никаде“, вели таа.

Prinudeni da izbiraat megju decata i rabotata 3

Зошто сѐ уште нема организирано продолжен престој прашавме во неколку скопски општини и училишта. Од изјавите на одговорните може да се заклучи дека во некои училишта нема услови, а најголем проблем е што децата од различни одделенија не смее да се мешаат. Во некои, пак, течат подготовките.

Директорката на Основното училиште „Блаже Конески“ од Аеродром, Сузана Настовска вели дека во моментов околу 200 ученици посетуваат настава во училиште. Но, бројката се менува бидејќи дел од родителите ја менуваат својата одлука и децата остануваат да учат онлајн. Дел пак се во изолација бидејќи некој од семејството чека тест, или пак е настинат.

Таа вели дека училиштето нема услови за да организира продолжен престој.

Suzana Nastovska direktor 200x250„Реално немаме, но секако дека ќе најдеме начин да им излеземе во пресрет на родителите на кои им е потребно децата да останат подоцна во училиште. Во моментов сите училници се зафатени до 3 часот. Бидејќи за организирање на продолжен престој не смее да се мешаат групите, ако се пријави и едно дете, ќе мора да си остане во истата училница. Исто така следејќи ги препораките на МОН, сите наши наставници држат онлајн настава од училиште. Ова значи дека нивните училници се исто зафатени. Мора да се напомене дека и немаме доволно кадар. На наставниците им е продолжено работното време. Засега немаме голем интерес за продолжен престој, можеби родителите се плашат, па се снаоѓаат за чување кој како умее. Но, ќе најдеме начин да следиме протокол и сите да се безбедни и згрижени“, вели Настовска.

Сега се прават анкети и преборјувања

Од Општина Аеродром информираат дека продолжен престој за децата од оваа општина ќе има од 19 октомври. Немаат конечна бројка на деца кои се пријавени за згрижување по наставата.

„Во моментов се изведува анкета меѓу родителите и бројот на дечиња кои ќе посетуваат целодневна настава ќе биде познат идната недела. Целодневната настава ќе се одржува во сите училишта на територијата на Општина Аеродром, освен во ОУ ,,Димитар Македонски” поради градежни активности за изградба на ново училиште во самиот училиштен двор“, велат оттаму.

Од Општината потенцираат дека училиштата имаат услови за изведување на целодневна настава, и во делот на наставен кадар и во просторниот дел на училиштата според Протоколот на Комисијата за заразни болести. Исхраната во училиштата ќе биде организирана преку економски оператор.

И во Општина Ѓорче Петров во тек е пребројувањето на заинтересираните родители кои имаат деца до трето одделение, а ќе се одлучат да посетуваат настава огрганизирана во дневен престој или целодневна настава. Во шесте основни училишта, до пред почетокот на пандемијата имаше продолжен престој.

„Од првичните информации добиени од училиштата, во одделенијата нема голем број пријавени ученици за продолжен престој. Според протоколот на МОН, училиштата не смеат да вршат спојување на паралелки, односно секое одделение без разлика на бројот на ученици треба да се организира настава само во една училница. Мора да напоменеме дека и наставниците држат онлајн настава во училиштето, односно во училниците. Оттаму, поради зафатеноста на училниците, училиштата не ги задоволуваат просторните капацитети за одржување на продолжен престој, а проблем има и со недостиг на наставен кадар“, велат од  Општината.

Во Општина Центар велат дека целодневната настава ќе започне од 13-ти до 19-ти октомври, во зависност од подготвеноста на училиштата. Оттаму објаснија дека целодневната настава во училиштата ќе функционира како продолжен престој односно учениците ќе учат во една смена, а потоа оние ученици што остануваат во продолжен престој ќе ги завршуваат своите домашни задачи, ќе повторуваат лекции, ќе се дружат во училишниот двор или игралиште...

„Ова е со цел сите ученици (и оние со класична настава и оние со продолжен престој) да можат да ја следат наставата во целост,“ велат од Општината.

Бројката на ученици што се досега пријавени за продолжен престој е околу 40 отсто од вкупниот број на ученици кои посетуваат настава со физичко присуство. Од Општината велат дека просторно, училиштата немаат проблем, затоа што во овој период физичко присуство има само за учениците од 1 до 3 одделение.

„Во однос на наставниот кадар, секое училиште ќе се организира согласно својот капацитет, при што ќе се вклучат и наставници од целодневна настава од четврто одделение, стручна служба (педагог, психолог, дефектолог), како и наставниците што се проектно ангажирани за физичко образование во одделенска настава – велат од Општина Центар.

Исхраната ќе биде организирана со оброци во училишните кујни, кои ќе бидат сервирани согласно препорачаните протоколи и безбедносни мерки.

Od-prvachinjata-ke-se-bara-1.jpg

Од Министерството за образование и наука немаат одговор на прашањето што ќе се преземе во случај училиштата да не организираат продолжен престој и покрај барањата на родителите.

Според информации од родители, иако било побарано, ваков тип на престој нема да има во ОУ „Григор Прчличев“ во Гази Баба. За овој случај со прашање се обративме до Општина Гази Баба, но до објавувањето на текстот не добивме одговор.

Станува јасно дека надлежните органи доцнат со организирањето на продолжен престој за учениците и дека овој проблем во некои општини ќе се пролонгира и понатаму. Цената за неефикасноста и недостигот од капацитет на локалната и извршната власт ќе ја платат родителите, од кои многумина веќе се исцрпени и доведени на работ од нервен слом бидејќи секојдневно се принудени да избираат меѓу своите деца и работните обврски.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Милена Атанасоска-Манасиева
Фоторепортер: Томислав Георгиев

Тагови: