fbpx

Министерство за политички систем скроено за политички цели

ALB

Партиски вработувања за партиски членови, коишто се производ на политички договори што секогаш се случуваат пред и по изборите внатре во коалициите на македонските и албанските партии.

Вака ја коментира политикологот Соња Стојадиновиќ улогата на Министерството за политички систем во системот на државата. Според неа, значаен дел од надлежностите на ова министерство се преклопуваат со надлежности на други агенции и комисии кои и претходно постоеле.

– Ние не сме огромна држава како Франција или Русија за да имаме министерство за политички систем, кој е тој политички систем којшто треба да се регулира со едно цело министерство? Друга работа е што толкавиот број вработени е неколкупати поголем од едно просечно министерство. Министерството не е транспарентно, никаде не беше ни објавено објаснување каква е потребата од толкав број вработувања и што ќе регулира тоа. Ако се регулираат односите меѓу заедниците, ние имаме агенции и комисии кои од многу поодамна ги регулираат тие работи. Ова е само создавање уште еден мастодонт, непотребен министерски, за нешто што народот го нарекува ’претурање од шупливо во празноʻ, вели Стојадиновиќ.

Видете го целосното интервју со политикологот Соња Стојадиновиќ

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини, кој беше и претседател на коалицијата на невладини организации „Македонија без корупција“, смета дека овие вработувања не се производ на Рамковниот договор, туку, како што вели, се работи за вработувања по партиски клуч. Според него, за долгогодишната незаконска исплата на плати од буџетот на државата на луѓе кои не одат на работа најодговорни се поранешниот и сегашниот премиер, Никола Груевски и Зоран Заев.

- Нелогично е како вработени по Рамковниот договор да се третираат тие кои повеќе од десет години примаат пари од буџетот без да одат на работа. Во Рамковниот договор таква можност ниту е, ниту може да постои. Кои, со каков закон, кои услови ги исполниле за да го стекнат тоа право досега, за отсега да бидат вработени, како што вели Груби, „со лекс специјалис“, никому не е познато. Сепак, не е тајна дека првобитната евиденција е извршена во партиските ограноци – истакнува Хајредини.

Политички проект без сите правни нишани

Други експерти со кои разговаравме, пак, велат дека формирање вакво министерство не е проблематично, меѓутоа потенцираат дека тоа не е поставено во системот со сите потребни параметри од гледна точка на управното право, од едноставна причина што претставува политички проект.

– Ова министерство се формираше со измени на Законот за организација и работа на органите на државната управа, така што само се тансформираше Секретаријатот. Но, тоа не се направи со сите нишани, бидејќи требаше во самиот Закон да се наведе Министерството со сите негови органи и надлежности. Потоа, требаше да се промени и Законот за влада, во којшто ќе се кажеше дека министерот на ова министерство е и прв, односно единствен вицепремиер по функција, а не тоа да се прави со измена на деловникот, со што обично се уредува водење седница, начин на гласање – објаснува универзитетскиот професор Борче Давитковски.

Според него, освен правилно дефинирање на министерството и определување дополнителна улога на министерот, потребно е итно да се прераспределат луѓето кои не одат на работа а земаат плата, па потоа да се изготви и систематизација на работни места за оние што ќе останат да работат во институцијата. Исто така, посочува тој, треба да се направи функционална анализа за да се избегне дуплирање и кумулација на надлежности на ова со други министерства и државни органи во однос на процесот на вработување во јавниот сектор, како и во однос на креирањето политики во образованието, културата... Дотогаш, како што нагласува, треба да престанат сите постапки за нови вработувања во јавниот сектор.

- Владата под итно мора да донесе одлука за мораториум на вработувања додека не се реши статусот со луѓето, кои, доколку воопшто се наоѓаат во државава, мора да прифатат префрлување на друга соодветна позиција. Тука има простор да се говори за неосновано богатење на луѓе кои земале пари од буџетот без да нудат услуги и сервиси кон граѓаните, а дел од нив не се ни во земјава. Своевремено, во рамките на еден државен универзитет беше изготвена студија според која голем дел од нив беа во странство – посочува професорот по Управно право Давитковски.

Засилена динамика на вработување во изборни години

Како течел процесот на полнење на институцијата со вработени? Според податоците што ги добивме во согласност со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, уште во првата година по формирањето на Секретаријатот за Рамковниот договор биле вработени 205 лица. Случајно или не, токму во оваа 2008 година се одржаа предвремените парламентарни избори на кои ВМРО-ДПМНЕ го раскина двегодишното партнерство со ДПА и формираше влада со ДУИ, чии кадри цело време непречено раководат со оваа институција.

Веќе во следната 2009 година, пак, кога се одржаа двојни, претседателски и локални избори, во тогашниот Секретаријат за Рамковниот договор се вработиле рекордни 800 нови луѓе. Во следната 2010 година, бројката на нови вработени се намалува, но сепак се работи за значителни нови 384 лица. Оттука произлегува дека само во првите 3 години во тогашниот Секретаријат се вработиле вкупно 1.389 лица, што е повеќе од една третина од вкупната бројка на вработени.

 

Понатаму, во 2011 година, кога повторно се одржаа предвремени парламентарни избори, во Секретаријатот се вработиле 567 луѓе, приближно колку и во следната 2012 година, кога во институцијата влегле нови 578 лица. Во 2014 година, пак, кога се одржаа нови предвремени парламентарни во пакет со претседателски избори, во Секретаријатот се вработиле 402 нови лица. Во 2015 година, оваа бројка паѓа на 159, а ваквиот тренд се засилува во текот на следните години, имајќи предвид дека за сите 4 години, од 2016 до 2019 година, се вработени вкупно 16 лица (4+4+3+5).

На тој начин се доаѓа до бројка од 3.509 вработени лица во овој државен орган, кои претежно се вработувале во периодот од 2008 до 2015 година. Ваквата тенденција на вработување се алиментирала со буџетски средства, кои постојано се зголемуваат од година на година, така што тие вкупно достигнуваат 100 милиони евра. За споредба, ако институцијата во 2008 година предвидела 137 милиони денари, годинава се предвидени над 500 милиони денари, претежно за плати за вработените, што значи дека буџетот се зголемил за 4 пати овој период.

Значаен дел од вработувањата се случиле во времето на ВМРО – ДПМНЕ. Токму на таа тема разговаравме и со Тимчо Муцунски, пратеник од опозицијата, и го прашавме – зошто се толерирала ваквата пракса и кој е одговорен за тоа?

Видете го целосното интервју со Тимчо Муцунски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ

„До 2015 и 2016, постоеше еден, јас го нарекувам, сегрегиран канал на вработување, односно вработување на лица во Секретаријатот за рамковен договор со логиката на нештата дека тие понатаму би требало да бидат трансферирани во системот. Тогаш се увиде до колкав степен стигнал овој проблем во рамките на таа голема реформа на јавната администрација преку која ние за првпат дојдовме до вкупниот број вработени во јавниот сектор. Обиди имало за решавање на проблемот, но земете го предвид фактот дека за да направите прераспределба користејќи спогодба, потребна е и согласност од институцијата каде што е вработено тоа лице“, вели Муцунски.

Како се создаваше Министерството за политички систем во нашиот систем?

За првпат, денешното Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците е воспоставено во април 2004 година, кога со одлука на Владата, всушност се формира Сектор за спроведување на Охридскиот рамковен договор. Во меѓувреме, со измените и дополнувањата на Законот за влада, овој сектор се трансформира во Секретаријат за спроведување на Рамковниот договор, којшто практично започнал да функционира од јануари 2008 година. Во таква форма, институцијата делува до пред година и пол, кога секретаријатот стана министерство, со надградени и засилени надлежности.

Инаку, потребата за преобразба на секретаријатот во министерство беше утврдена уште во 2015 година, во анализата што ја изработи Институтот за мир предводен од холандскиот дипломат Питер Фејт, кој своевремено беше еден од посредниците во конфликтната 2001 година. Во оваа анализа, што ја нарача тогашниот секретаријат на чело со Муса Џафери, меѓу другото, се наведува дека потребно е формирање министерство кое „директно би го надгледувало спроведувањето и унапредувањето на Охридскиот договор“.

Според ова, на почетокот на минатата 2019 година, претходниот парламентарен состав, по трет обид, успеа да го собере минимум потребното двотретинско мнозинство од 80 пратеници за да ги изгласа измените на Законот за организација и работа на органите на државната управа, со којшто практично се ситуира новото министерство. Поточно, за овие законски измени гласаше тогашната и сегашната власт предводена од СДСМ и ДУИ, но поддршка дадоа и пратеници на опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Според овие законски измени, министерството ги врши работите што се однесуваат на функционирање на политичкиот систем, спроведување на Рамковниот договор, унапредување на правата (јазични, културни, религиозни) на малцинствата итн. Сите негови надлежности, пак, се остваруваат од страна на различни органи, кои се утврдени со подзаконски акт – Правилник за внатрешна организација на министерството, преку кои се уредува начинот на работа, видовите на организациските облици и нивната надлежност, со цел да се обезбеди „законито, стручно, ефикасно и рационално вршење на работите и задачите“.

Се ветува решение во следните шест месеци

За случувањата во Министерството за политички систем побаравме став и од Кабинетот на министерот за антикорупција и човечки ресурси, Љупчо Николовски. Оттаму велат дека процесот што е содржан во четиригодишната владина програма, во однос на вработените во Министерството за политички систем, веќе започнал да се спроведува и тие биле во постојана комуникација со министерот за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, за да има соодветно решение.

„Планот е, во првите шест месеци, да се распоредат и да тргнат на работа сите вработени по Рамковен договор во државните институции, додека институциите да ги одобрат барањата на вработените за признавање на образованието во согласност со последните промени во Законот за вработените во јавната администрација и јавниот сектор. Етничката припадност нема да се злоупотребува при вработувањата. Ќе се фокусираме на тоа да ги решиме и да ги промениме овие состојби, со промени во структурата, квалитетот и големината на администрацијата“, ни одговорија од таму.

За потребите на оваа сторија побаравме и интервју со министерот за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, но до објавата на текстот, не добивме одговор.

 

Автори: Влатко Стојановски и Кристина Озимец

Оваа содржина ја изработи ПИНА – Платформа за истражувачко новинарство и анализи во соработка со Институтот за комуникациски студии и онлајн платформата Само прашајкако дел од проектот Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество што го финансира Британската амбасада во Скопје

Види повеќе на истата тема

 
Регрутација на 3.509 млади административци вредна 100 милиони евра   Работат 44, а плата земаат 1.410 лица

Тагови: