fbpx

Оправдан страв од нова злоупотреба на етничката припадност

Ќе биде ли во предлог-буџетот за 2021 година вметната „затскриена“ ставка за субвенционирање на компаниите коишто ќе ангажираат работници под етнички клуч е прашање што заслужува сериозно внимание. Поминаа речиси два месеци откако првиот вицепремиер Артан Груби ја промовираше оваа идеја, а од тогаш до денеска, никој од власта не понуди конкретна анализа, зошто е потребен ваков проект и кој треба да биде крајниот ефект. Јавноста со право се прашува дали е можно под превезот за помош на фирмите и нови вработувања во време на кризата од КОВИД-19 односно за стимулирање на меѓуетничката интеграција да се случи злоупотреба на етничката припадност за партиски вработувања. Вакви стравувања, поради досегашните искуства во јавниот сектор имаат поголем дел од нашите соговорници.

Воопштени фрази, безброј толкувања

Во програмата за работа на Владата 2020-2024 година никаде не се најавуваат субвенции за таканаречените етнички вработувања во приватниот сектор. Најавата за ваква мерка е базирана на делот од програмата во кој се вели дека „Владата ќе го повика, охрабри и ќе соработува со бизнис секторот т.е. домашните и странски компании да ги поддржат добрите меѓуетнички односи и вредностите на толеранција, застапеност и меѓусебна доверба и во нивните работни средини, за да се искористи целокупниот човечки потенцијал со кој располага нашата земја“.

Opravdan strav od nova zloupotreba na etnickata pripadnost 1Оваа реченица не е во делот за економски мерки, туку во сегментот кој го промовира концептот „Еднакво општество за сите“

Преку објаснувањата што ги дадоа владините претставници откако прв пат беше најавена намерата за зголемување на правичната застапеност и во приватниот сектор, може да се заклучи дека и ним се‘ уште не им е докрај јасно како би се делеле субвенции од буџетот за оваа намена. Но, сите се сложни дека субвенции ќе има.

Артан Груби, прв вицепремиер -  17.09.2020

Opravdan strav od nova zloupotreba na etnickata pripadnost 2„Беа разгледувани различни идеи на кој начин би можело да се помогне правичната застапеност на сите заедници и во приватните компании, посебно во тие каде што државата има удел - дали по критериумите на распределба на работата, дали преку субвенционирање… Сепак, останува да се види која е најдобра можна опција за да имаме и правично и адекватно застапување на сите заедници и во приватниот сектор.“

Зоран Заев, премиер  – 18.09 2020 година

Opravdan strav od nova zloupotreba na etnickata pripadnost 3„Во владината програма е точно прецизирано дека Владата ќе го поттикне и ќе соработува со бизнис-секторот за да се поддржат добрите меѓуетнички односи и меѓусебната доверба. Тоа е особено важно за да зборуваме за промена на свеста кај секој од нас и отфрлање на предрасудите од кој било тип, за секој квалитетен кадар да биде соодветно ангажиран. Субвенции ќе има за сите етнички заедници, за сите иницијативи, ќе продолжи регионалниот пристап, ќе гледаме низ регионите и низ потребата од квалификувана работна сила, но и на мотивацијата на граѓаните да се квалификуваат за потребите на пазарот на трудот.“

Крешник Бектеши, министер за економија -  21.09.2020

Opravdan strav od nova zloupotreba na etnickata pripadnost 4„Тоа значи дека сите компании што се основани и раководени од Албанец ако во неговата приватна компанија вработува Македонец, тогаш ќе биде поддржан од страна на Владата. А, тоа ќе биде направено на инклузивен начин и граѓаните да се доближат што повеќе. Оваа мерка ќе се реализира зошто е обврска што произлегува од владината програма што е усвоена во Собранието и нема отстапка од владината програма. Ќе барам од страна на Владата со донесување на предлог-буџетот за наредната година такви средства да бидат предвидени“.

Нов параван за партиски вработувања

Според Драгана Дрндаревска од „Мрежата за заштита од дискриминација“ за да се спроведат вакви мерки власта прво треба да не’ убеди дека е потребно „етничко субвенционирање“ односно дека има работодавци кои не сакаат да вработуваат лица од друга етничка заедница. Таа смета дека ваквиот предлог наликува на обид партиските вработувања од јавниот да се префрлат во приватниот сектор.

„Партиските вработување дефинитивно значат дискриминација бидејќи на тој начин се доделуваат незаконски привилегии на луѓе кои што не ги заслужуваат односно не исполнуваат одредени критериуми за одредено вработување“, вели Дрндаревска. 

Поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски вели дека концептот за субвенционирање на етнички вработувања е противуставен.

Opravdan strav od nova zloupotreba na etnickata pripadnost 5„На приватниот капитал не можат да му се наметнуваат услови, дотолку повеќе што застапеноста на заедниците е уставно одредена и таму е кажано за каде се однесува, пред се за политичките тела, судството, Собранието итн. Вработувањето на етничките заедници во приватните фирми излегува од уставните норми. Уште повеќе е карикирање на проблемот, имајќи предвид како досега се одвиваше процесот на вработување, со 1.600 вработени во администрацијата, коишто не одат на работа, а може и да се во странство“, вели Ивановски.

Приватниот сектор бара квалитет и даночни олеснувања

Професорот Борче Треновски од Економскиот факултет го нагласува големото политичко влијание при вработувањето во јавниот сектор. Според него, во приватниот сектор каде што профитот е приоритет, важат други правила.

„Вие кога одите на доктор, не прашувате кој етникум е докторот туку кој може да ви заврши работата и да биде најефикасен за вас. Ова значи дека компетенциите треба да бидат на прво место“ вели Треновски.

Според статистиката на Агенцијата за вработување, повеќе од 150.000 лица се невработени. Од нив заклучно со 30 септември, годинава 76.431 се Македонци, 47. 688 се Албанци,  8.920 се Турци, 13.703 се Роми... По региони невработеноста е најизразена во североисточниот дел на земјата. Ако целта на државата е да се намали невработеноста, работодавачите предлагаат мерки по примерот на европските земји, за поголема стимулација на инвестициите во општините каде што има најголема невработеност.

Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи вели дека треба да се следи примерот на Бугарија каде што за отварање фирми и вработување луѓе во општина во која има невработеност повеќе од 25 проценти од просекот, државата го ослободува инвеститорот од данок на добивка во рок од пет години.

Opravdan strav od nova zloupotreba na etnickata pripadnost 6„Вакви мерки треба и кај нас, за руралните места каде има невработеност. Не е важно дали живеат Македонци или Албанци. И за ваква мерка никој нема да ви рече дека не е економска или не е во согласност со ЕУ. А субвенционирањето на етнички вработување е спротивно на меѓународна конвенција за антидискриминација при вработување, која ја имаме потпишано. Дискриминација значи и ако некого исклучиш, не му дадеш шанса да се вработи, ама дискриминација значи и ако имаш наклоност кон некого, да му дадеш предност по основ на раса, боја, пол, вера , национално потекло. Македонија дава извештај секоја година на Меѓународната организација на трудот за почитување на овие конвенции и мислам дека секој што ќе пријави такво нешто во МОТ ќе наиде на реакции од нивна страна. Нашата Влада треба  да сопре такво нешто, а неа да почнуваме сега во 21 век такви дискриминации“, вели Димитров.

И професорот Треновски кој учествува во изготвувањето на Стратегијата за рамноправен регионален развој вели дека треба да се следи примерот на земјите кои нудат повластена даночна стапка или други олеснувања на компаниите кои ќе инвестираат во посиромашните региони.

За најавата за субвенционирање на етнички вработувања мислење побаравме и од Стопанската комора на Северозападна Македонија, но оттаму одговорија дека немаат усогласен став по ова прашање и дека затоа не можат да одговорат.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Петрушевска Монтажер: Костадин Анастасов

 

Тагови: