fbpx

Антикорупциска истражува дали вработени во Министерството за политички систем живеат надвор од земјава, а земаат плата

Има ли вработени во Министерството за политички систем и односи со заедниците (МПСОЗ) кои земаат плата, а воопшто не се во земјата? Од ова министерство велат дека тие вршат проверки дали и колку од вработените се надвор од земјата, но истовремено вршат интервјуа за нивно работно ангажирање во сектори во ова министерство, како и за нивно распределување во други институции, главно по хоризонтала.

- Сигурно има такви случаи, меѓутоа не станува збор за голем број од вработените, бидејќи иако тие не доаѓаат на работа, имаат одредени обврски за потпишување различен тип на документи, што бара физичко присуство. И, во такви ситуации, најчесто вработените доаѓаат, што значи дека се тука – уверуваат од МПСОЗ.

Изминативе години, поголем дел од овие лица вработени според таканаречената К5-Програма, преку која се спроведуваат „рамковните“ вработувања со цел правична застапеност, се прераспределени во други институции, па моментално во ова министерство има 1.410 вработени, од кои на работа одат само 44 лица, или 3 отсто од вработените. Како што велат од Министерството на чело со министерот Артан Груби, се прават напори да се најдат соодветни работни позиции за останатите вработени, со исклучок на 50 до 100 кои ќе останат, во зависност од потребите.

Платата е еквивалент на вложениот труд

Ако се земе предвид дека основен правен постулат во однос на заработувачката гласи дека „платата претставува еквивалент на вложениот труд“, тогаш, во случајот со вработувањето на над 3.500 луѓе според Рамковниот договор надвор од систематизацијата, постои злоупотреба на буџетски средства и злоупотреба на службена положба, децидни се експертите. Покрај тоа, дел од нив лоцираат одговорност и за неосновано стекнување корист, бидејќи овие лица земаат плата, а не одат на работа.

- Овие луѓе се вработувани според Рамковниот договор, со цел да се достигне одреден процент во насока на правична етничка застапеност во јавниот сектор. И тој аспект треба да се респектира, бидејќи, како што е познато, Рамковниот договор се донесе во едно кризно време од безбедносни причини и неговото почитување или непочитување има безбедносни импликации. Меѓутоа, од чисто правен поглед, несомнено овде постои злоупотреба на буџетски средства – вели поранешниот државен јавен обвинител Јован Трпеновски.

И според поранешниот антикорупционер Драган Малиновски овој случај е спорен од легален аспект, но тој посочува дека ситуацијата е комплексна до толкав степен што не може толку едноставно и директно да се лоцира одговорноста. Иако е овде јасно дека вработените лица оствариле неоснована имотна корист бидејќи добиле пари без да работат, сепак, за него клучното прашање што треба да биде предмет на интерес и истрага е кој овозможил овие луѓе да станат товар на буџетот без притоа да има потреба од нивните услуги.

- Кај нас секогаш било проблематично кога вакви процеси се покриваат со програма на Владата, која е колективно тело, и на тој начин се премостува принципот на индивидуална одговорност. Арно ама, во случајов има луѓе кои оствариле приход без да вршат работи или да даваат услуги, што, според Закон за облигациони односи, е стекнување корист без основа. По таа логика, тие треба да ги вратат средствата и тука воопшто не е важно дали се во земјава или се на друго место. Но, многу побитно е кој го овозможил тоа – вели Малиновски.

Антикорупциска постапува, обвинителството чека

Инаку, темата со „рамковните“ административци била отворена на неколку седници на Комисијата, при што превладувало мислењето дека треба да се преземат одредени чекори, потврдуваат од Антикорупциската комисија. Според антикорупционерите, овој случај има многу дефекти во процесот на вработувањето, оценувањето и плаќањето на административците. Но, како што оцениле тие, најбитен сегмент е политичката злоупотреба и очигледната политичка корист на повеќе влади.

- Во рамки на предметот се постапува и во оваа фаза се прибира документација од надлежните органи – ни изјави претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска, додавајќи дека еден од главните елементи што го испитуваат околу државните административци на товар на буџетот е токму тоа дали има и такви кои се наоѓаат надвор од државата.

Во исчекување на епилогот од антикорупциската постапка, официјално се обративме до Јавното обвинителство со прашање дали за огромниот број вработени на буџетски товар кои не одат на работа има доволно елементи за да се отвори предмет, односно предистражна постапка за проверка на сомнежот за евентуално оштетување на буџетот. Иако имаат законска можност да постапат и по допрен глас, сепак, од Обвинителството добивме одговор којшто упатува на заклучокот дека за да постапат, чекаат иницијатива од друга инстанца.

Јавното обвинителство во сите случаи кога има добиено писмена информација, известување или кривична пријава постапува согласно своите законски надлежности. Имајте предвид дека согласно Законот за кривична постапка, секое правно или физичко лице има обврска да поднесе пријава за настан за кои смета дека има елементи на кривично дело. Во таа насока, потсетувамe дека за својата работа државните институции одговараат пред надлежни органи кои го следат нивното постапување, стои во одговорот што го добивме од Обвинителството.

Награди за лојални партиски членови

Во тој контекст, Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија, вели дека клучната одговорност започнува со таканаречената проценка на влијанието на регулативата при носење на самиот закон за Министерството за политички систем – зошто служи ова министерство и какви импликации ќе има врз буџетот? Како што истакнува тој, низ времето станало очигледно дека тоа служи за, како што вели, распределба на награди за лојални партиски членови.

- Прво, таков закон и такво министерство не ни требаше без да се знае што со него, а потоа тука е кривичната одговорност за злоупотреба на службена функција и одењето против подзаконските акти, пред сѐ со систематизацијата во ова министерство. Таа (одговорност) треба да биде лоцирана и побарана од оној што првично ги вработил овие луѓе надвор од систематизацијата – посочува Трошановски.

Покрај утврдувањето кривична одговорност за вработувањето на лицата, тој посочува дека следниот чекор би требало да биде носење закон со којшто би се овозможило што поскоро овие формално вработени лица да бидат реално распределени во други институции. Дури потоа, доколку некој не сака да биде ангажиран, додава Трошановски, може законски издржано да се отпушти од работа.

- Политичката одговорност исто така е прашање тука, меѓутоа очигледно клиентелистичките придобивки од ваквите вработувања се големи и луѓето не препознаваат голем проблем, бидејќи го гледаат, на некој начин, како награда – вели тој, додавајќи дека ваква еклатантно противречна ситуација со таканаречени „административни фантоми“ не постои никаде на друго место.

Незаконски вработувања според К5-програмата

Уште пред 12 години, Државниот завод за ревизија утврдил низа неправилности во работата на некогашниот Секретаријат за спроведување на Рамковниот договор. Имено, во ревизијата на сметката за редовно работење од 2008 година, која е прва година од функционирањето на институцијата во ваков формат, се наведува дека во текот на оваа година е спроведена постапка за вработување 240 лица по потпрограмата К5 – Соодветна и правична застапеност на заедниците. Арно ама, според ревизорите, ваквите вработувања биле незаконски.

Во Законот за извршување на Буџетот за 2008 година е дефинирано вработувањето на припадниците на заедниците кај буџетските корисници да се врши по претходно одобрение на Координативното тело за соодветна и правична застапеност, формирано од Владата, кое треба да заседава секој месец за да ја утврди потребата од нови вработувања во органите на управата. Но, Координативното тело не заседавало во периодот што е предмет на ревизија, поради што ревизијата не се увери дали потребата од нови вработувања е соодветна и реална, стои во ревизорскиот извештај.

Иако ревизорите, покрај останатото, констатирале дека нерационално се користеле буџетски средства во однос на вработувањата, оттогаш до денес не е извршена нова ревизија на регуларност на институцијата. Единствено во 2015 година е објавена ревизија на успешност, во чиешто резиме, меѓу другото, стои дека „делумно се преземени активности за воспоставување и обезбедување ефикасност и ефективност во системот...“ Воедно, како што ни изјавија од ДРЗ, во 2016 година извршиле и ревизија на следење на преземените мерки по дадени препораки.

Барања и предлози за субјекти предмет на ревизија можат да дадат и надворешни заинтересирани страни, како што се: Собрание на РСМ, јавноста, државни органи, како и предлози произлезени од зголемениот интерес на медиумите, стои во одговорот на ревизорите, кои потенцираат дека предмет на ревизија се над 1.300 субјекти од јавниот сектор.

Се крие идентитетот на вработените

Како што веќе објавивме, во овој период од 2008 година досега, институцијата располагала со вкупен буџет од околу 100 милиони евра, кои главно биле наменети за вкупно 3.509 вработени, при што моментално има 1.410 формално вработени, од кои работно ангажирани се само 44 лица. Впрочем, од Министерството за политички систем ни доставија податоци за структура на вработените, нивните работни позиции итн., но не ни ги доставија и нивните имиња со образложение дека се работело за лични податоци, така што нѐ оневозможија да извршиме дополнителни проверки за нив во други државни органи.

Првично, од Владата, преку министерот Груби, но и преку вицепремиерот Љупчо Николовски, најавија дека овој проблем ќе биде решен во првите 6 месеци од мандатот со прераспределување на вишокот административци. Но, во меѓувреме, вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи изјави дека процесот ќе биде ставен на стендбај сѐ додека не заврши пандемијата на КОВИД-19. Поради ваквите различни ставови, се обративме до Владата, од каде што ни посочија дека, сепак, планот е во првите шест месеци да се распоредат сите вработени по Рамковниот договор, а институциите да го признаат нивното образование.

Во систематизацијата е предвидена структурата на вработени во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, каде што е предвидено соодветно образование за секое работно место. Етничката припадност нема да се злоупотребува при вработувањата. Ќе се фокусираме на тоа да ги решиме и промениме овие состојби, со промени во структурата, квалитетот и големината на администрацијата, стои во писмената изјава од „Илинденска“.

Сепак, од Владата не добивме одговор на прашањето дали имаат сознанија дека дел од „рамковно“ вработените се во странство, како што посочи и самиот министер за политички систем во еден телевизиски настап. Исто така, изостана одговор и на прашањето дали биле побарани информации, па и одговорност од него за ваквата состојба, настаната како резултат на толерирањето голем број вработени да не одат на работа, а да земаат плата. И покрај нашите упорни обиди, Груби ги игнорираше сите повици да одговори на прашањата и дилемите на оваа тема.

 

Автори: Влатко Стојановски и Кристина Озимец

Оваа содржина ја изработи ПИНА – Платформа за истражувачко новинарство и анализи во соработка со Институтот за комуникациски студии и онлајн платформата Само прашајкако дел од проектот Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество што го финансира Британската амбасада во Скопје

Тагови: