fbpx

Образованието сведено на импровизација

Голем број ученици во Македонија ќе го платат „цехот“ за подзаспаноста на државата и ќе останат без квалитетно образование поради ненавременото организирање на учебната година во услови на пандемија. Иако се приближува крајот на првото полугодие, на површина се‘ уште излегуваат сериозни проблеми во однос на пристапот до настава којашто е сведена на импровизации. Наставниците се буквално оставени сами на себе и се принудени да се снаоѓаат како знаат и умеат за да им пренесат знаење на учениците. Ако до вчера во некои училишта недостасуваа основни услови за работа, денес има ученици кои се оневозможени да следат настава бидејќи немаат пристап до Интернет и немаат компјутери. Иако од Министерството за образование и наука велат дека учебната година се одвива во најдобар ред, нашето истражување покажа дека наставниците и учениците се соочуваат со потешкотии коишто го доведуваат во прашање квалитетот на наставата.

Триесет години без вода, сега дома без Интернет

 

Во селото Бајловце во Куманово се наоѓа подрачното основно училиште „Христијан Тодоровски Карпош“ каде во моментов се запишани 13 ученици. До вчера, осум од нив од четири различни села имаа онлајн-настава, а 5 ученици од 1 до 3 одделение одеа во училиште.

Но, учителката што им предава завчера добила повик од директорката на училиштето дека од денеска сите треба да се префрлат на онлајн часови. Причина за тоа е што во централното училиште од Ковид-19 се заболени неколку наставници.

Во нивните села тешко може да се добие пристап до Интернет и поради тоа наставниците и родителите сметаат дека најдобро е децата да одат на часови со физичко присуство. Затоа и училиштето го побарало тоа од комисијата која одлучува дали во одредено училиште има услови за настава со физичко присуство, но таа не дала дозвола со образложение дека во училиштето нема вода и има полско веце.

Obrazovanieto svedeno na improvizacija 1„Но, во ова училиште 30 години немаше вода. Како тоа не беше проблем досега? Секако дека учениците не останаа со неизмиени раце. Вода се набавуваше во пластични шишиња, се снаоѓавме на секој начин. Навистина не знам како одлучија дека е подобро децата да немаат квалитетна настава“, вели наставничката Љубица Симоновска која тука предава речиси 35 години.

Таа објаснува дека наставниците на учениците од 4 до 9 одделение од петни жили се трудат да воспостават контакт со нивните 8 ученици, а од денеска и таа ќе треба да го прави истото за тројцата првоодделенци и еден ученик во второ и во трето одделение.

„Од учениците од 4 до 9 одделение, само едно дете има компјутер, но често нема Интернет во селата или премногу е слаб. Некои родители се во тешка финансиска состојба, па не може да го плаќаат. Децата се обидуваат некако да се поврзат со телефоните на родителите. На некои и им купија, се разбира поевтини, тоа можат да си го дозволат. Одат кај соседи, роднини, каде што врската е подобра, но често остануваат без онлајн-настава. Наставниците потоа се слушаат на телефон со нив, им даваат задачи, се објаснуваат, но тоа не е квалитетна настава“, вели Симоновска.

Таа укажува дека ланската учебна година, кога сите беа онлајн, домашни задачи и наставни ливчиња во неколку села праќала по продавачите.

„Вчера се слушнав со сите родители и сите се разочарани што и овие пет деца нема да одат во училиште. Една мајка ми кажа на телефон да ја барам само после 9 навечер бидејќи ја гледала стоката, не била дома. Навистина сум загрижена како ќе се одвива наставата“, вели Симоновска.

Инаку, училиштето обезбедило хидрофор откако во изминативе 30 години било без вода. Наставниците и родителите полнеле шишиња со вода од дома, добивале донации во питка вода. Интернет-врска во школото е обезбедена пред 2 години, после неколкугодишни неуспешни обиди на операторите, поради локацијата. Симоновска вели дека сите се надевале дека ќе добијат позитивно мислење од комисијата да им одобрат настава со физичко присуство за сите ученици, бидејќи и водата е обезбедена.

Директорката на училиштето, Марија Додевска вели дека одлуката за сите деца да се вратат на онлајн настава ја донела привремено, додека не се стиши заразата во околината. Таа додава дека неколку наставници од централното училиште се болни, некои ученици се во изолација и не сака да ризикува да се однесе вирусот во селото Бајловце. Но, во централното училиште во Младо Нагоричане каде има 50-тина ученици, наставата продолжува со физичко присуство.

„Одлуката за Бајловце е привремена, јас сум исто на ставот дека за сите е најдобро да се оди во училиште. И најдобро е или сите да се вратиме во училниците, или сите онлајн ако стане премногу ризично. Многу е тешко да се балансира со два типа на настава. Јас сум за тоа дека наставата со физичко присуство е најдобра, затоа и баравме од комисијата да ни одобри за сите, но не одбија. На второто барање не ни вратија воопшто“, вели Додевска.

Таа тврди дека сите деца од Бајловце имаат онлајн-настава и дека никој не е исклучен. Тоа ќе се направи и за овие пет деца кои сега ќе се префрлат онлајн.

„Сите деца се приклучуваат. Некој преку месинџер, некој преку вибер, јас постојано следам што прават наставниците. Само едно девојче има потешкотии да се вклучува, но добиваат и домашни од наставниците, им се јавуваат. Никој нема да остане без настава“, вели Додевска.

Борба со дигиталните предизвици

Овие деца од кумановско не се единствените кои немаат онлајн-настава. Според МОН, во земјава успешна онлајн-настава има за 90,2 отсто од учениците. Останатите ученици кои немаат уреди, наставата ја следат преку МРТВ каде се емитуваат 15-минутни часови, а наставниците имаат обврска да го следат нивниот напредок. Прашавме во МОН што се презема за решавање на овој проблем со учениците кои немаат услови за онлајн-настава.

Од МОН велат дека заедно со општините постојано работат на обезбедување на услови за што повеќе деца да може да се вклучат на наставата од далечина.

„Сите запишани ученици се опфатени со еден од понудените модели за настава со Планот за организирање на учебната 2020/2021 година. Тој предвидува следење настава со физичко присуство во училиште, или настава од далечина која вклучува онлајн настава и следење на часови преку телевизија, но и со достава на печатени материјали од страна на наставниците кои имаат обврска да бидат во постојана комуникација со учениците и да го следат нивниот напредок во совладувањето на материјалот“, велат од МОН.

Според нив, во земјава се одвива успешна учебна година бидејќи на ниту едно дете не му е скратено правото на образование.

Но, состојбата на терен е малку поинаква од оваа сликата што ја дава Министерството. Имено, дел од наставниците и учениците сѐ уште се борат и со Националната платформа за учење на далечина и со дигиталните предизвици.

Таа сега функционира, но не ја користат сите наставници. Дел од нив, во зависност од условите за работа и дигиталните вештини, посегнуваат и по други методи. Користењето на Националната платформа не е обврзувачко, и според нашите соговорници тоа е во ред, бидејќи на секој му треба различно време за да ја совлада.

Педагогот Убавка Бутлеска, вели дека со мали проблеми функционира само делот од „Мајкрософт Тимс“, така што тука наставниците се обидуваат да ги пренесат целосно активностите со учениците.

Obrazovanieto svedeno na improvizacija 2„За жал, непознато од кои причини не профункционира целосно и платформата каде што требаше да се закажуваат часовите, да се задаваат обврските, да се враќаат извршените задачи, да се следи и проверува наученото. Не гледам отпор кај наставниците, напротив, свесни дека мора да научат како се работи изнаоѓаат начини и одржуваат часови. Без разлика на причините поради кои не профункционира платформата, мислам дека она што најмногу ни‘ пречи на сите е неискреноста и чувството дека нешто се крие“, вели Бутлеска.

На нашето прашање поставено до МОН дали платформата сега целосно функционира, оттаму добивме одговор дека онлајн наставата се одвива преку двонасочна комуникација помеѓу учениците и наставниците.

„Сите наставници и ученици имаат пристап до алатката „Tимс“, преку која се одвива синхроната настава од почетокот на учебната година. Секој наставник според наставниот план и програма самостојно ја организира онлајн наставата, домашните задачи и материјалите за учење. Исто така, во комуникација со учениците која најчесто е со видео врска разговара и го проверува напредокот во совладувањето на материјалот“, велат во МОН.

Како досега функционира Националната платформа за учење на далечина прашавме и на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ, од каде што доаѓа тимот на инженери што ја направи платформата за многу кратко време.

Кирил Ќироски, систем инженер на ФИНКИ вели дека Националната платформа за учење на далечина функционира, но потенцира дека таа не e само она што корисниците го препознаваат како lms.schools.mk. Тој додава дека со помош на делот за онлајн настава, кој што е базиран на „Мајкрософт Тимс“ им се овозможува на сите корисници кои што имаат профил на платформата, да ја следат наставата со својата паралелка или клас. Исто така, континуирано се прави синхронизација на податоците за ученици, класови и предмети за да може соодветните корисници да бидат членови на одредените предмети.

Ќироски вели дека секој наставник веќе може самостојно да ја организира наставата.

„Бидејќи системот е доста сложен и содржи огромен број елементи кои се преземаат од различни постојни системи, ние се соочуваме со одредени техничко-технолошки предизвици кои тековно ги решаваме. Она што можам да го кажам е дека на платформата гледаме повеќе од 1.000 најавени корисници во секој момент. Во тек на еден ден има повеќе од 30.000 различни корисници кои се најавуваат. Идејата на платформата не е тие цело време да бидат тука, да ја освежуваат страницата и да очекуваат нови содржини. Идејата е еднаш да се најават и да можат да стигнат до сите содржини на лесен и интегриран начин. Тие всушност со своето корисничко име кое го имаме обезбедено преку платформата и кое што е исто за сите различни услуги, автоматски кога се најавуваат на платформата се најавуваат и на Мајкрософт Тимс, делот од платформата каде се одвива наставата во реално време. Истиот пристап важи и за OneDrive(Уан Драјв), Outlook (Аутлук) и OneNote (УанНоут). Таму може да ги поставуваат своите материјали, од таму да ги преземаат и да ги копираат линковите, да ги поставуваат како домашни на платформата. Сите тие елементи се интегрирани и меѓусебно поврзани. Видео часовите кои се реализираат преку „Тимс“, можат лесно да се закажуваат и на истата платформа“, вели Ќироски.

Obrazovanieto svedeno na improvizacija 3Вкупниот број на профили на Националната платформа е 287.676 во моментов, од кои 200.000 корисници се најавиле на платформата барем еднаш во текот на минатиот месец и имале некаква активност.

Се изгуби драгоцено време

Од Сојузот на средношколци сметаат дека институциите апсолутно мора да поработат на својот „тајм менаџмент“. Според нив, периодот март–октомври бил совршен за планирање. Додека еден тим во МОН би работел на тематиката на наставата од далечина и како таа да биде подобрена, друг тим би имал време да се посвети на планирање на оваа учебна година и изработка на протоколи за различните модели – комбинираниот, тој со физичко присуство и тој од далечина.

Obrazovanieto svedeno na improvizacija 4„Се изгуби многу време, а работата не беше сработена. На наше барање, почетокот на учебната година беше одложен, со цел да им дадеме време на институциите да се подготват. Оттука, сметам дека најголемата грешка беше промашеното време, а лекцијата од оваа година треба да ни биде дека работите мора да ги гледаме стратешки и плански и да размислуваме за секое хипотетичко сценарио. Секако, доколку сите засегнати страни беа навремено консултирани, ќе имавме многу поуспешна учебна година. Да ги сумирам поуките, императив е да се има визија за нештата и инклузивниот процес мора да биде постулат на креирањето политики“, вели Бленди Ходаи од Сојузот.

За Националната платформа смета дека повторно била проблем временската рамка – ниту учениците, ниту наставниците немале адекватно време да се запознаат со неа.

„Обучувањето беше спроведено во „пет до дванаесет“, со што не можеше сите наставници, а особено повозрасните, да го добијат потребното внимание. Според нашата анкета, 65 отсто од средношколците рекле дека ја користат Националната платформа. Оваа бројка мора да се зголеми. Околу квалитетот на наставата од далечина, мојот став ќе го изземам, а ќе ги споделам ставовите на средношколците – само 20 отсто од нив квалитетот на онлајн наставата ја оценуваат со 4 или 5. За да се зголеми квалитетот на наставата, предлагаме да има поголем акцент на интеракцијата меѓу учениците и ученик-наставник за време на училишните часови“, вели тој.

Инаку, Сојузот смета дека комбинираниот модел на настава е најдоброто решение за оваа кризна ситуација.

Кај родителите има поделено мислење околу квалитетот на онлајн-наставата, додека оние чии деца одат во училиште мака мачат со носењето и земањето на учениците во смени и менаџирањето на работните обрски.

Симона Максимовска, мајка на основци вели дека по нешто повеќе од еден месец, децата фатиле ритам со онлајн-учењето. Нејзината ќерка е шесто одделение, немала отпор кон овој начин на учење и сама се снаоѓа, особено со техничкиот момент на платформата.

„На почетокот многу поскрoмно ја користеа платформата, само како видеообраќање и комуникација, сега сѐ почесто гледам дека прават тестови, имаат квизови, домашните ги ставаат во фолдери, се избегнува праќањето по мејл. Верувам дека ова не е сѐ што платформата може, но и дека треба време сите наставници да ја совладаат и да ја направат интересна наставата. Мене ми смета што се дозволува децата да не бидат вклучени со камери, наставниците немаат контрола над нив, не знаат ниту што прават во моментот – дали лежат в кревет, дали се по пижами...Но, и забележувам дека секој наставник на свој начин си реализира настава. Непоимливо ми е во 21 век и на онлајн-настава да им се диктира на деца од 11 години“, вели Максимовска.

Исто така, вели часот трае само 30 минути и доста време се губи во прозивање на децата, и потоа да се диктира. На часот по физичко наставничката им праќала видео за вежбање и го напуштала часот.

„Гледам дека веќе и на децата им опаѓа ентузијазмот, факт е дека мора да се потрудат наставниците малку подобро“, вели таа.

Зголемена нееднаквост

Педагогот Бутлеска, пак потенцира дека сега, во оваа криза за жал се зголемиле сите нееднаквости меѓу децата од секаков можен аспект: можности, способности, семејна состојба, пол, возраст, место на живеење. Таа вели дека само со советувања, пристапи, превенција ова не се решава и дека треба да се вложи во образованието, но на вистинскиот начин. Според неа, направени се неколку клучни грешки кои мора да се исправат.

Грешки кои влијаат врз квалитетот на образованието во услови на пандемија

  • не се обезбеди бесплатен интернет за сите ученици и наставници
  • не се овозможи техничка опрема доволна за квалитетно следење на наставата за сите ученици и наставници
  • не се направија потребните реновирања во училиштата од хигиенски аспект
  • не се вложи во квалитетен професионален развој на наставниците
  • не се направи системски и реформски пристап кон воведувањето на националната платформа за учење

Бутлеска објаснува дека образованието се промени како и сѐ друго, но додека некои и во оваа криза гледаат предизвик и гледаат надвор од кутијата, ние како да пробуваме само да се снајдеме или подобро кажано сосила и по секоја цена да го вградиме старото и познато за нас образование во новото кое го сметаме за принудно и привремено.

„А што ако не е, што ако ова го промени образованието засекогаш? Ќе бидеме приморани поинаку да се преструктуираме и да работиме и во најмала рака да преминеме на редовно хибридно образование. И покрај сите предизвици, крајно време е да се преиспитаме како ги образуваме нашите деца, а ова требаше и многу порано да го направиме. Да почнеме со заедничко вклучување на родителите, наставниците, учениците, законодавците и локалните креатори на политики и да се создаде нова визија и нови цели на образованите системи. Ова е уште поважно сега, бидејќи пандемијата ги стави на виделина сегашната неправедност на образованието, недостатокот на ресурси и застарените пристапи“, вели Бутлеска.

И покрај ваквите примери и забелешки, од МОН уверуваат дека го следат квалитетот на наставата, заедно со Бирото за развој на образование и Државниот просветен инспекторат и велат дека учебната година тече во најдобар ред, иако сме во услови на пандемија.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Милена Атанасоска-Манасиева
Фоторепортер: Томислав Георгиев