fbpx

Што содржи предлог-законот за прераспределба на административците кои не одат на работа?

Sto sodrzi predlog zakonot za preraspredelba intro

Владата го усвои Предлог-законот за преземање на административните службеници вработени во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и предлогот е пратен на усвојување во Собранието. Целта на законот е да се распоредат сите нераспределени вработени административци во ова министерство, кои според нашите анализи, изнесуваат околу 1300 лица. Сега на овие луѓе кои со години не оделе на работа ќе им биде понудено работно место во најразлични институции, агенции, фондови и јавни установи.

Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, најдоцна 15 дена по влегувањето на законот во сила, на Владата треба да ѝ предложи План за преземање на нераспределените административни службеници од Министерството, вработени преку програмата К-5.

„Планот за преземање се подготвува врз основа на анализите на Министерството засновани врз податоците коишто ги има добиено од Министерството за информатичко општество и администрација, врз основа на Регистарот на државни и јавни службеници, за моменталните слободни работни места во институциите на јавниот сектор. Воедно, при подготовка на Планот се води сметка за стручната подготовка и квалификација на административниот службеник и можноста истиот да биде распореден во градот во кое има живеалиште. Исто така, при распоредувањето, се води сметка за состојбата на соодветна и правична застапеност на институцијата којашто ќе го преземе административниотслужбеник“, велат од МПСОЗ за ПИНА.

Според информациите оттаму, административците ќе имаат можност да бидат распоредени во органите на државната и на локалната власт, но и во други државни органи како институциите кои вршат дејности од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето и спортот. Можен е трансфер и во други дејности организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија, но и трансфер меѓу општините и Градот Скоје.

Административниот службеник кој нема да го прифати понуденото работно место, според Планот за преземање, ќе биде трансфериран во трансфер-листата која ја води Министерството за информатичко општество и администрација.

Од МИОА за ПИНА велат дека прераспределбата на вработените во МПСОЗ ќе го врши самото Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, кое треба до Владата да достави на усвојување План за прераспределба.

„Министерството за информатичко општество и администрација ќе има обврска вработените кои ќе одбијат да го потпишат понуденото преземање преку распоредување да ги евидентира на трансфер-листата за можни преземања врз основа на барање кое ќе биде доставено од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците“, велат од ова министерство.

Што содржи предлог-законот?

Законот ги опфаќа вработените кои засновале работен однос заклучно со 31 декември 2019 година и во предлогот се вели дека нема да предизвика фискални импликации врз државниот буџет, како ни врз другите јавни финансиски средства, бидејќи тој предвидува преземање вработените во Министерството за политички систем и односи за кои веќе се обезбедени финансиски средства.

Според предлогот, планот за преземање на вработените ќе содржи лични податоци за сите вработени кои треба да бидат преземени и распоредени, податоци за нивото на работното место на тековното вработување, податоци за стекнатото образование, како и називот на институцијата во која се презема вработениот, со почитување на одредбите за заштита на лични податоци.

Врз основа на Планот за преземање, Министерството за политички систем за секој вработен треба да изготви решение за трајно упатување и ова решение на вработениот му го доставува лично.

„Вработениот, во рок од седум дена по добивањето на решението од ставот (6) на овој член, потпишува изјава за прифаќање на решението за трајно упатување. На вработениот кој нема да ја потпише изјавата од ставот (8) на овој член му се укинува работното место во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и тој се евидентира на трансфер-листата за можни преземања на Министерството за информатичко општество и администрација“, се вели во предлог-законот.

Членот 7 од предлог-законот предвидува и казни – глоба во износ од 2000 евра во денарска противвредност за прекршок на одговорното лице во институцијата доколку не ги усогласи актите за внатрешна организација и актите за систематизација на работните места.

Со овој закон треба да се најде трајно решение за вработените административци во Министерството за политички систем, институција која претходно функционираше како Секретаријат за рамковен договор, кои со години не одеа на работа.

ПИНА и „Само прашај“ неодамна објавија четири стории и анализи во коишто детално се обработуваат проблемите со вработените во Министерството за политички систем, каде што работат само 3 % од вработените, стории коишто може да ги прочитате во продолжение. Нашите информации покажаа дека во ова Министерство работат само 44 лица, иако официјално плата земаат 1410 лица. Дополнително, објавивме дека заклучно со тековната 2020 година, вкупниот буџет за институцијата која претходно функционираше како Секретаријат за Рамковен договор за 13 години изнесува околу 100 милиони евра, претежно наменети за плати. Антикорупциската комисија, пак, истражува дали вработени во ова министерство живеат надвор од земјава, а земаат плата.

 

Автори: Кристина Озимец и Влатко Стојановски

Оваа содржина ја изработи ПИНА – Платформа за истражувачко новинарство и анализи во соработка со Институтот за комуникациски студии и онлајн платформата Само прашајкако дел од проектот Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество, што го финансира Британската амбасада во Скопје

Види повеќе на темата:

Министерство за политички систем скроено за политички цели

Антикорупциска истражува дали вработени во Министерството за политички систем живеат надвор од земјава, а земаат плата

Работат 44, а плата земаат 1.410 лица

Регрутација на 3.509 млади административци вредна 100 милиони евра

Тагови: