fbpx

Спас или нова опасност за црквата во Курбиново?

Отпочнувањето на долгоочекуваната конзервација и реставрација на архитектурата на едно од нашите највредни културни богатства, црквата „Св. Ѓорѓи” во село Курбиново не ги запре бранувањата меѓу експертите околу начинот и периодот кога е започнато со зафатите што треба да го спасат ова наше чудо.

Црквата која е од исклучително историско значење, е изградена во 1191 година и е дел од византиската градителска традиција со уникатна цариградска концепција. Но, уникатниот фрескоживопис кој го сместува Курбиново на мапата на светските вредности со години е во опасност и оставен на забот на времето. Експертите предупредуваа дека црквата пропаѓа, но сепак, таа не стана приоритет на многу Влади.

Дека Курбиново ќе биде врвен приоритет на институциите изјави новата министерка за култура Ирена Стефоска, веднаш штом седна на министерската фотелја.

Spas ili nova opasnost za crkvata vo Kurbinovo 1Седум години откако е инициран проектот за конзервација на црквата „Св.Ѓорѓи“, во ноември почна и работата на терен, но дел од експертите се загрижени за начинот на кој се одвиваат зафатите и временските услови.

Црква не се гради во ноември

Проф. д-р Донка Барџиева Трајковска, советник конзерватор смета дека во овој период не се почнува со конзервација и реставрација на црква, а во повеќе нејзини написи потенцира дека истата се прави и нестручно. Таа вели дека планот за конзервација и реставрација на архитектурата е играње руски рулет со црквата во Курбиново и дека постои дополнителен ризик по стабилноста на ѕидовите на кои е поставен живописот. Исто така смета дека и начинот на кој е отпочнато отстранувањето на старите фуги на ѕидните платна целосно противречи на утврдените конзерваторски принципи.

За „Само прашај'', Барџиева Трајковска објаснува дека очекувањата за реформирање на дејноста не се исполнети и од нејасни  причини се одржува статус кво. Затоа и смета дека не може да зборуваме за соодветна грижа за наследството, вклучително за највисоките вредности како Курбиново.

Spas ili nova opasnost za crkvata vo Kurbinovo 2„Затоа се и нашите реакции во врска со лошиот тајминг за отпочнување со конзерваторско-реставраторските работи на  архитектурата во Курбиново. Не можете да говорите за неговите високи вредности и да се повикувате на несоодветна грижа за оваа исклучителна вредност, да го прогласите во категоријата културно наследство во опасност и да го одобрувате отпочнувањето на работите на крајот на ноември изложувајќи го споменикот на ризик од оштетување. Овие две работи не одат заедно“, вели Барџиева Трајковска.

Таа смета дека малкумина во нашата држава го познаваат Курбиново во неговата сушност и целина.

„И тие малкумина знаат дека ниту една црква не почнала да се гради кон крајот на месец  ноември. Секој што истражувал и ги проследувал ктиторските натписи и натписите поврзани со времето на градење ќе ви посочи дека редовно со работа се започнувало во месец април, а не во  август и не во декември! Впрочем 25 април како датум на отпочнување на работите на живописот во Курбиново е запишан на чесната трпеза! Ова се факти по кои треба да се раководиме и да бидеме внимателни при преземањето на сите постапки во конзервацијата и реставрацијата“, вели таа.

Spas ili nova opasnost za crkvata vo Kurbinovo 3Ниту една црква не почнала да се гради кон крајот на ноември

Дека тајмингот за отпочнување на конзерваторско-реставраторските работи на  архитектурата во Курбиново е проблематичен се согласува и проф. др Панче Велков, инженер-конзерватор и претседател на здружението за заштита „Македонида“.

Spas ili nova opasnost za crkvata vo Kurbinovo 4„Навистина е невообичаено да се започне со значајни конзерваторски работи на еден ваков објект во декември на надморска висина од 1.100 метри во Преспа. Зошто беше потребен ваков чекор? На ова прашање одговор треба да дадат инвеститорот - Министерството за култура и НУ Завод и музеј Битола кој ги извршува градежните работи. Да се надеваме дека започнатите градежни рабoти нема да ѝ наштетат на црквата“, вели тој.

Со првото влошување на временските услови, ќе се прекине со активностите

Од двете институции, пак уверуваат дека се држат строго до планот одобрен од професионалци и дека веднаш штом временските услови нема да дозволуваат работа ќе се прекине со конзерваторско-реставраторските работи.

Министерката за култура, Ирена Стефоска вели дека конзервацијата на Курбиново ја спроведува национална установа со шестдецениско искуство, Завод и музеј Битола, а како дел од стручниот тим во проектот се вклучени стручни лица - советници конзерватори. Во рамки на истражувањата, вели таа, изготвувањето, контролата, спроведувањето и надзорот над изведувањето на работите учествуваат повеќе експерти од доменот на историјата на уметноста, архитектурата, градежништвото (статиката), како од надлежната установа, така и од ИЗИС, Националниот конзерваторски центар, УКИМ и независни стручни лица.

Spas ili nova opasnost za crkvata vo Kurbinovo 5„Во 2019 година е направена ревизија на изработениот Проект за архитектурата од страна на стручна комисија во чиј состав е и д-р Донка Барџиева Трајковска. Забелешките на таа комисија, во однос на архитектурата и статиката на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, биле вградени во проектната програма и во основниот проект според кој од есенва отпочнаа активностите во црквата во Курбиново. Тоа го дозволуваат и временските услови. Во моментов, од Завод и музеј Битола, кои и го водат овој благороден проект, работат на превентивна заштита на црквата за таа безбедно да ја мине зимата и на пролет да продолжат со зацелувањето на нашата драгоценост од Курбиново“, вели Стефоска.

Spas ili nova opasnost za crkvata vo Kurbinovo 6Надлежните информираат дека е завршена превентивната конзервација на ѕидното сликарство

Барџиева Трајковска пак објаснува дека во изминатите четириесет години, при реставрацијата на архитектурата на Курбиново биле преземени бројни неадекватни мерки кои се покажале штетни и го загрозиле извонредниот фреско-живопис. Како пример посочува дека е употребата на бетонски серклаж и метални елементи во самите ѕидови како и поставувањето на новиот покрив кој довел до нарушување на статиката на објектот. Имајќи ги предвид  последиците од неадекватниот  пристап, се согласила да биде консулнтат на тимот кој го изработил проектот за конзервација и реставрација на архитектурата на црквата.

„Прифатив, особено од причина што моите заложби за реставрација и реституција на стариот конструктивен систем им беа познати на раководителката и на членовите на тимот. Бидејќи сите мои залагања не беа прифатени  од тимот, јас не се потпишав на проектот со што јасно дадов до знаење дека не стојам зад понудените решенија“, вели таа.

Директорката на Завод и музеј Битола, Мери Стојанова вели дека активностите за конзервација на архитектурата на црквата во моментот се одвиваат согласно предвидената динамика и во согласност со временските услови.

Стојанова објаснува дека во текот на јули оваа година, се завршило со превентивната конзервација на ѕидното сликарство, за да се овозможи реализација на конзерваторските зафати на архитектурата, кои започнале во ноември.

Spas ili nova opasnost za crkvata vo Kurbinovo 7„Тогаш се изврши одредување и обележување на старите и оштетени малтерни фуги, од страна на стручната комисија, односно конзерваторскиот надзор кој го сочинуваат лица со долгогодишно научно и стручно искуство во делот на заштита и конзервација, а во склад со одобрениот проект. По обивањето на овие малтерни фуги, беа означени сите конструктивни пукнатини со помош на челични маркери, а се означени и позициите на кои ќе бидат поставени челичните прстени кои се во функција на консолидација на објектот. Потоа се пристапи кон подготовка на ѕидните површини за инјектирање на ѕидните маси, активност која  е предвидена за реализација за следната година. Се врши и пополнување на отворените делови околу градежниот материјал на оштетените ѕидни површини, и тоа со специјални, соодветни варови малтери набавени од Италија“, објаснува Стојанова за „Само прашај“.

Таа додава дека во објектот се поставени и мерни инструменти за контрола на температурата и влагата, за да може да се воочи евентуална промена, која ќе услови преземање на соодветни активности или пак прекин на работите.

„Преку целото скеле ќе биде поставена и фолија со што ќе се изврши комплетно затворање на објектот и намалување на надворешното атмосферско влијание.

Напоменуваме дека со првото влошување на временските услови, ќе се прекине со активностите, и истите ќе бидат продолжени во текот на наредната година“, вели Стојанова.

За негодувањата на дел од експертите околу начинот и периодот во кој се прави реставрацијата на архитектурата на црквата вели дека се нивни лични ставови и не би ги коментирала.

„Нашата работа и како институција, и како стручни лица е да работиме, како што налага нашата стручност, професионаност и особено лична и професионална етика. Зарем сметате дека некој од колегите или од членовите на назначениот конзерваторски надзор не е свесен за важноста и значењето на овој споменик? Зарем сметате дека е мал товарот кој секој од нас го носи во контекст на нашата сегашна работа, но и од една идна перспектива? Не би рекла“, вели Стојанова.

Курбиновци едвај чекаат да се отвори црквата

Митко Ристевски веќе 42 години го има клучот од црквата „Св. Ѓорѓи“. Тој се грижи за редот во овој свет храм и е домаќин на илјадници туристи, најчесто странци кои доаѓаат во Преспа за да го видат ангелот што е пресликан на 50-денарката.

Вели дека црквата е симболот на селото и жителите едвај чекаат да заврши конзервацијата и повторно да блесне во својот полн сјај.


На што треба најмногу да се внимава?

Spas ili nova opasnost za crkvata vo Kurbinovo 8Проф.д-р Панче Велков објаснува дека конзервацијата на црквата е веќе е во тек со полна пареа, а најважно е да се внимава зафатите кои се превземаат да не им наштетат на фреските.

„Тука најделикатен процес е инјектирањето на ѕидовите бидејќи овој процес е иревезибилен т.е. неповратен. Најдобро е да се направи на пролет, веќе ако е неопходно под строга стручна контрола и надзор“, вели тој.

За секоја успешна конзервација на архитектурата на споменик на културата, според Велков неопходно е да се задоволат три важни аспекти:

* Зачувување на автентичноста на материјалите во објектот, во случајот тоа е фрескосликарството. За црквата во Курбиново тоа е најважното културно значење како споменик на културата. Сите други компоненти на културното значење се споредни во однос на фреските кои се едни од најзначајните сочувани фрески од средно-византискиот период во светски рамки.

* Третманот на формата. Овде станува збор за архитектурата и изгледот на црквата. Прашањето сѐ уште стои отворено - дали на црквата ќе ѝ се додаде трем, каков што имала порано? Како ќе се обликуваат фасадните ѕидови? Како ќе се обликува кровот? Треба да се нагласи дека ние всушност не знаеме како точно изгледала црквата во 12 век. Но како и да е, да потенцираме уште еднаш дека најважни во црквата се фреските, ахритектурата ѝ е скромна и со ништо не ги наговетствува раскошните фрески кои ја красат внатрешноста. Би било најдобро овој аспект да се запази во конзервацијата.

* Функцијата, т.е. намената. На црквата треба да ѝ се даде соодветна инфраструктура за прием на посетители која сега не постоим - пристап, паркинг, тоалети, продавница. Но, да не се запостави ни сакралниот карактер на објектот - тој е истовремено светилиште кое ѝ припаѓа на Македонската православна црква. Црквата датира од 12 век,но треба да фукнкционира како културно добро заштитено согласно светската пракса за заштита од 21 век.

Стефоска: Курбиново нė чека да му го вратиме заслужениот сјај

Министерката Стефоска објаснува дека од 2013 до 2020 година, за Курбиново се  исплатени над 6 милиони денари или 100.000 евра. Сега, црквата е влезена во потпрограмата Културно наследство во опасност, за која што се обезбедени 12 милиони денари за почеток.

„Буџетот за заштита за наредната година е 105 милиони денари, за разлика од оваа кога буџетот е 70 милиони денари. Во просек, минатите 10 и повеќе години, буџетот за заштитата бил 40 до 60 милиони денари. За 2021 година, во буџетот се предвидени 3 милиони денари за реализација на непосредната заштита на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, а на располагање, како што веќе реков, се и средства од потпрограмата за Културно наследство во опасност“, вели Стефоска.

Spas ili nova opasnost za crkvata vo Kurbinovo 9Црквата е прогласена за културно наследство во опасност

Таа додава дека Курбиново е драгоцениот камен на круната на нашето културно наследство кој трпеливо нė чека да му го вратиме заслужениот сјај.

„Затоа и го поставив прашањето - зошто во последниве децении црквата на Ангелот од Курбиново не била прогласена од надлежните институции за културно наследство во опасност, иако Законот за заштита на кулурното наследство тоа го овозможува. Таквиот статус, добро во опасност, би ги мобилизирал сите стручни и материјални ресурси во земјава, како и меѓународни експерти и помош за трајно решавање на проблемот. Во тој случај, денеска би зборувале на друга тема. Но, за жал, не е така“, вели Стефоска.

Некултурен третман за културното наследство

Министерката Стефоска смета дека состојбата со културното наследство во земјава е во незавидна состојба, што е резултат на низа причини – нарушена  системска заштита на културното наследство, недостаток на финансиски средства, законска регулатива која не се покажала ефикасна во пракса, недостаток на стратегија, непостоењето на студии за конзервација, опаѓање на бројот на стручен кадар поради долгогодишната забрана за нови вработувања, несоодветните начини за планирање на кадарот.

„На сето тоа, додадете го и проектот Скопје 2014 и фрлените стотици милиони евра во имагинарно културно богатство, наместо инвестирање во зачувувањето на автентичното културно наследство кое го поседуваме“, вели министерката.

За директорот на Управата за заштита на културното наследство, Ацо Костов, кој е и архитект советник конзерватор ставањето во прв план и во фокусот на интерес на црквата ,,Св.Ѓорѓи,, во Курбиново е значајно само по себе, после толку години негрижа  од институциите надлежни за заштита на културното наследство.

Spas ili nova opasnost za crkvata vo Kurbinovo 10„Процесот на конзервација ќе трае и треба да е долг, а не избрзан, секако и обврска е да се следи будно секоја фаза од директната конзервација. Инволвирањето на странски експерти е препорачано, но не исклучувајќи ја и домашната фела која е искусна и неодминливо потребна. Нам ни треба обединување преку призмата на приоритетот, првенствено со почит и респект кон делото на мајсторот од Курбиново“, вели Костов.

Тој смета дека политиката, деценија наназад измислувајќи ,,ново“ културно наследство во ликот на Скопје 2014 најмногу придонел да се прекине развојот и растежот на кадровскиот, професионалниот и финансискиот инкам директно во оваа значајна област -културно наследство.

„Дури би рекол без задршка еден огромен и значаен потенцијал за развој на нашата земја. Институциите надлежни за заштита на културно наследство со години наназад беа декапацитирани во однос на вработувања на млади кадри на кои ќе им се пренесеше искуство и знаење од постарите колеги кои веќе се заминати во пензија. Неработењето директно на заштита и конзервација на културното наследство во комбинација со избирократизиран Закон и правилници каде времето е потрошено на обемни и непотребно обременети елаборати ја отсликува состојбата на неработење на примарната проблематика, односно на директната заштита и конзервација на културното наследство“, вели Костов.

Според него, системско решение треба да понуди новиот закон за заштита на културното наследство и стратегијата за заштита на културното наследство, кои се во изработка.

Професорот Велков пак смета дека примерот со Курбиново како наше незаштитено културно наследство е поради отсуство на стратегија за национални интереси.

„Наместо да се грижиме за нашите културни блага, во културната и научната јавнот се проповедаше дека треба националниот историски наратив да се остави на страна и да се гради супра - национален пост-модерен културен идентитет. Во овој конструиран идентитет нема место за Александар Македонски, што лично не сметам дека е толку трагично, но немаше место ни за црквата од Курбиново“, вели Велков.

Spas ili nova opasnost za crkvata vo Kurbinovo 11Црквата „Св.Ѓорѓи“ во Крубиново е споменик заштитен со закон

Професорката Барџиева Трајковска смета дека заштитата како мултидисциплинарна дејност подразбира субспецијалистичко познавање на сите видови на културно наследство, но пред сѐ на недвижното градителско наследство. Таа додава дека исто така бара доследно почитување на законите и на меѓународните принципи и стандарди кои се содржани во ратификуваните конвенции.

„За волја на вистината уште пред 1991 година(во поранешна Југославија), ние како еснаф не успевме да профилираме препознатлив пристап во конзервацијата и реставрацијата во ниту една област, за разлика од  Хрватска и Словенија кои  имаат школи од кои сме учеле и сѐ уште учиме. Во периодот  на т.н.триесет годишна традиција, успеавме и тие малку професионални принципи целосно да ги деградираме. На институционално ниво постои целосна ерозија на професионалните стандарди и етички принципи, а без етика нема заштита и реставрација. Голем дел од  причините за лошата состојба се должат на отсуството на квалитетни политики во заштитата, кои се заменети со партиски политики и злоупотреба на културното наследство за дневно политички цели“, смета Барџиева Трајковска.

Црквата „Св.Ѓорѓи” во Курбиново е споменик на културата заштитен со Закон и е под заштита на Заводот за заштита на спомениците. Сегмент на фреската на светецот Архангел Гаврил „Aнгелот од Курбиново” се наоѓа на позадината на банкнотата од 50 македонски денари.

 

Оваа содржина ја изрботи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Милена Атанасоска-Манасиева
Видео: Љубица Ангелкова
Фото и видео монтажа: Агим Џељо