fbpx

Расадникот како последно упориште во битката за Скопје

Расадникот е последниот слободен простор во Општината Кисела Вода. Изминатите 5 години се реактуелизира неговото урбанизирање, преку предлог-планови што предизвикуваат негодување и страв од урбанистичко фијаско за општината и за градот.

Поради „транспарентноста“ на урбанистичките процеси во Македонија, ќе се обидеме детално да ве запознаеме со локацијата, што содржеа последните два предлози на општината и кон што би требало да се стремиме како заедница и професија.

Rasadnikot kako posledno uporiste vo bitkata za Skopje 1Од булевар „Борис Трајковски“ кон Расадникот 2021 год.

Местоположба

Расадникот е позициониран среде општината и претставува клучен простор за меѓусебно поврзување на урбаните делови на Кисела Вода.

На североисточната страна тој е распослан долж булеварот „Борис Трајковски“ , на југоисток допира до населбата Цементарница, на југ до маалото попознато како „Последна 24-ка“, додека веќе на запад границата ја дефинира истоимената населба Расадник.

Планскиот опфат за градска четврт Ј14 е многу поголем, но центарот на нашето внимание е слободниот простор за којшто треба да се избориме како општество.

Rasadnikot kako posledno uporiste vo bitkata za Skopje 2Кисела Вода со Расадникот/ Од изданието „Пелагонија“ 1975 год. / Фоторепортери на изданието: Благоја Дрнков, Киро Георгиевски, Ристо Стојковски

Rasadnikot kako posledno uporiste vo bitkata za Skopje 3Од Расадникот кон истоимената населба, новата населба во изградба на местото на ГРО „Пелагонија“ и 11 Октомври – згради 2020 год.

Дејноста на овој простор, по земјотресното урбанизирање на Скопје, била планирана за градски парк на долг рок, а сѐ до пред 15-ина години функционираше како овоштарник. Во него се одгледуваа вишни, урми, шипинки, ореви итн. Некои од насадите беа отстранети, додека по процесот на денационализација настапува целосно запуштање на просторот и спонтан развој на флората.

Rasadnikot kako posledno uporiste vo bitkata za SkopjeРасадник 2019 година

Просторот на Расадникот е дел од „светиот триаголник“ на градски паркови во урбанистичките планови на Град Скопје сѐ до почетокот на 90-тите години на XX век.

Rasadnikot kako posledno uporiste vo bitkata za SkopjeОсновен план на зелени површини и рекреација 1965 год.

Денационализација

По менувањето на општественото уредување во самостојна Република Македонија и движењето кон капитализмот, во 1998 година за првпат беше донесен Законот за денационализација, со којшто државата требаше да го врати имотот национализиран во текот на Поранешна Југославија. Покрај ова, како мерка се даваа и државни обврзници или, пак, одреден вид компензации, доколку постапката за враќање на конкретниот имот е невозможна од различни причини.

Со овие процеси, битката за Расадникот од страна на некогашните сопственици започна. Нема ништо спорно во враќањето на имотите, но желботеката наречена Детален урбанистички план брзо беше разбрана од потенцијалните нови корисници.

Со пропаѓањето на ваквиот тип расадници и нивното запоставување, како и со развојот на градот и неговите потреби, урбанизацијата на овие простори беше неминовна. Во меѓувреме, општеството се стекна со лоши навики и бајат менталитет во којшто процесите во развојот на просторот се препуштија на желбите на поединци, инвеститори, бизнисмени, политичари, додека професионалците имаа улога единствено на коментатори по весниците.

Предлог урбанистички план 2016

Општината Кисела Вода, во текот на изминатите 5 години, предложи 2 плана за урбанизација на Расадникот. Првиот се случи 2016 година, додека вториот во 2019 година.

Предлог-планот од 2016 година го третираше слободниот простор на Расадникот доминатно за станбено домување.

Rasadnikot kako posledno uporiste vo bitkata za SkopjeКомпјутерска визуелизација и монтажа на предлог-планот од 2016 година

Подреденоста на дел од објектите беше во правилна ориентација во поглед на осончувањето и проветрувањето што доаѓа од падините на Припор и Водно. Но, помеѓу нив, неразумно следеа долги „штангли“ кои истите позитивни можности ги блокираа.

Rasadnikot kako posledno uporiste vo bitkata za SkopjeКомпјутерска визуелизација и монтажа на предлог-планот од 2016 година

Планот воопшто не го третираше овој простор како градски простор во поглед на неговите функции, а просторот не ги задоволуваше ниту своите локални. Во општина во која недостасуваат безброј јавни функции, не се предвидуваше ништо дополнително. Уште во тој период реагиравме со објави и со писма до тогашната локална власт, коишто во процесот на јавното анкетирање беа одбиени.

Реагиравме на недостигот на голема зелена површина во облик на градски парк, јавни образовни институции, полиција, поликлиника, трговски содржини, спортско- рекреативен центар (за фудбал, тенис, ракомет, кошарка), можеби стадион, плоштад и шеталиште.

Поради големата густина на објектите и неусогласеноста со бројките што произлегуваат од ГУП, како и големиот број реакции на јавноста, предлог-планот беше вратен од страна на Министертвото за транспорт и врски.

Предлог урбанистички план 2019

По три години, Општина Кисела Вода предложи нов план за усвојување, којшто видно имаше подобрување во смисла на дополнување со некои од јавните функции.

Rasadnikot kako posledno uporiste vo bitkata za SkopjeПредвидени објекти од општествен интерес во предлог-ДУП 2019

Се отворија неколку позиции за локални форми на парк, пешачки продори меѓу станбените објекти, зелени коридори. Во овој план се предвидуваат и повеќе објекти од општествен карактер. Со тоа е извојувана еден дел од битката за јавниот интерес.

Rasadnikot kako posledno uporiste vo bitkata za SkopjeКомпарација на височини на реални објекти и предвиден карактеристичен објект од предлог ДУП за Расадник 2019 год.

Но, да не се залажуваме, ова е далеку од добар план. Во него е подигната свеста за потребата од одредени функции на просторот, но станбената мегаломанија е сѐ уште присутна до граници на задушување.

Нехумани услови за домување

Креирањето површини на градба во втората димензија е совршена графичка манипулација за обичниот граѓанин кој не умее добро да го чита планот. Така, во балансот на боите, окото перципира зелена боја – зеленило и портокалова – објект. Но кога ќе ги погледнеме височините на објектите, умножувањето на таа површина оди некаде и до 14 пати.

Монтажа на 3Д-модел во реални позиции / Google maps

Вака поставените објекти ја одземаат светлината, ја намалуваат приватноста, креираат зони без проветрување и темни улични кањони, што е неразумна „визија“ за толку слободен простор во којшто предизвикот за меѓусебно врзување и игра на функциите треба да е прилично инспиративен процес.

Rasadnikot kako posledno uporiste vo bitkata za SkopjeRasadnikot kako posledno uporiste vo bitkata za SkopjeRasadnikot kako posledno uporiste vo bitkata za SkopjeПресеци низ локација

Хаотична архитектура на повидок

Организацијата на просторот подразбира креирање композиција која, пред сѐ, треба да е функционална, а потоа и естетска, нудејќи слики што произведуваат доживување и личен впечаток за просторот. Обликувањето на објектите, т.е. предвидувањето на нивниот габарит е вовед во архитектурата. Без вакво нешто, создавањето квалитетна архитектура е невозможно.

Тродимензионална визуелизација во реална пропорција според предвидени максимуми од предлог ДУП 2019 год.

Овој предлог-план нуди максимум и проектански офсет, според лошата организација на дел од парцелите. Па така, долж продорот предвиден за минувањето на далноводот, се случува невкусно отсекување на габаритите. Знаејќи ги инвеститорските апетити за максимум заработка, можеме само да замислиме под каков притисок ќе се најдат идните проектанти на овие објекти, додека градот може да очекува неквалитетен градски пејсаж.

Rasadnikot kako posledno uporiste vo bitkata za SkopjeМонтажа на 3Д-модел во реални позиции – Продор на далноводот/Google maps

Слепи пред можностите

Во ХХI век, да се претстави сопствената визија на ваков начин е неброен пораз во редицата лоши планови кои го прекроија Скопје. Загрижувачка е лежерноста на неразбраната лекција и особено, недостојноста да стоите пред толку слободна површина нудејќи урбанистички хаос. Во ерата на интернетот и достапноста на информација во делови од секундата, да дозволите ваква безидејност е само уште еден доказ за македонската летаргичност. Одлучуваме да бидеме неми набљудувачи на светските движења, стоејќи во калта и кревајќи раменици.

Закони, правилници, урбанистички планови и тивка политички коректна интелигенција е совршената равенка за нашето хибернирање.

Јавноста веќе одамна реагира, веќе и медиумите почесто известуваат за проблемите во градот, но политиката успешно го игнорира проблемот бидејќи нема доволно капацитет да го перципира како проблем. Изгледот на нашите градови е вистинска слика за нашето културно уназадување.

 

Студентски проекти за Расадникот

Потребите на градот

Скопје се соочува со сериозни проблеми од секаков аспект. Свесни сме за губењето на многу позитивни вредности на постземјотресното Скопје, за загадувањето на воздухот, губењето вредни архитектонски одбележја и културни споменици, агресивен пристап кон јавниот простор. Во таквиот вртлог од политички оправдувања, нашата свесност за ургентноста е ставена на тест. Скопје не поседува повеќе слободни површини на југот, коишто ќе понудат современи концепти на домување, градски парк, вистински квалитетни јавни простори.

Rasadnikot kako posledno uporiste vo bitkata za SkopjeРасадникот во контекст на Скопје

На Скопје му недостасува чекор со времето, му недостасува граѓанска дрскост која нема да отстапи пред невкусот на политичките одлуки за просторот.

Да бидеме конкретни, во Расадникот ни е потребно:

  • Градски парк со квалитетни содржини – најмалку 30 % од слободниот простор;
  • Спортско-рекреативен центар за фудбал, тенис, кошарка, ракомет, одбојка;
  • Пешачки авении, плоштади, пјацети;
  • Поликлиника;
  • Полиција;
  • Пожарна:
  • Образовни институции: градинки, училишта итн.;
  • Трговско-деловни содржини;
  • Квалитетно станбено домување во комплекси.

Rasadnikot kako posledno uporiste vo bitkata za SkopjeРасадникот како дел од „светиот триаголник“ на градски паркови во Скопје

Сопственичка структура

Она кое постојано го повторуваме во поглед на урбанистичкото планирање е сопственичката структура. За можноста истото да се менаџира веќе предложивме начин, но за тоа е потребно сериозен организациски пристап. Крајниот резултат ќе е секако позитивен за сите страни.

Каква е моменталната сопственичка структура во Расадник >>>

Rasadnikot kako posledno uporiste vo bitkata za SkopjeАнализа на сопственост според јавно достапните информации од Катастер

Среде процеси

Во моментот се случува таканаречениот „јуриш“ на детални урбанистички планови, за да поминат што повеќе „развојни идеи“ пред носењето на новиот ГУП 2022 – ’32, за Планот да нема надмоќност над нив.

Ние не можеме да знаеме што ќе предвиди новиот ГУП, но борбата треба да е насочена кон привремено продолжување на трајноста на постоечките ДУП-ови или нивно замрзнување сѐ додека не се донесе новиот ГУП. Впрочем, правилата треба и така да се постават – важењето на плановите да престане во истиот момент на носење на новиот генерален план.

Очигледно е дивеењето на мали групи и поединци, секако и влијанијата на крупните играчи во локалната власт, кои го прекројуваат просторот небаре е нивна сопственост.

Мора да се избориме...

За оваа проблематика разговаравме со професорот Влатко П. Коробар, од Катедрата за урбанизам при Архитектонскиот факултет во Скопје

Распис на конкурс

Праксата за носење урбанистички планови мора да застане. Ниту еден план од ваква важност по околината не смее да се донесе како тендерска набавка. Веднаш треба да смогнеме сили да го вратиме она што претставуваше конкурс, јавна презентација, потесен избор и доработка на проектите пред финалниот избор. Сиот тој процес, со помош на дигиталните можности, треба да се следи и да биде достапен за секој граѓанин. Одлуките не смеат да се носат зад затворени врати со секаков обид за скришно делување.

Rasadnikot kako posledno uporiste vo bitkata za SkopjeПанорама на Расадникот во контекст на околината

Расадникот како нов почеток

Градскиот парк на овој простор треба да се случи без компромис, заедно со спортско-рекреативните содржини и јавните институции. Општината Кисела Вода тука треба да го оформи својот локален центар, додека булеварот „Борис Трајковски“ треба да го набљудуваме како мост со градот.

Расадникот како градски парк е нешто кое може да добие посебен шарм, бидејќи тука веќе има развиена форма на флора. Би можеле ли да замислиме парк којшто ќе го интегрира ова зеленило?! Со внимателен пристап, делови би се сплотиле со новопосадени садници креирајќи флорални зони. Парк со ореви, цреши, вишни, шипинки како зачуван код од минатата функција на просторот би бил легитимен урбанистички спомен. Простор каде што ќе наидеме на езерце, фино место за кафе покрај вода, можеби педалинка. Колку ваквата слика би дефинирала идентитет на општината и удобност на жителите од околните населби?!

Скопје и Општината имаат одлична можност да го променат начинот на делување и, на долг рок, да создадат пример како може да се делува поинаку. Успешно поставениот модел за Расадник ќе повлече позитивни промени во практиката понатаму.

Во контекст на возможните промени во начинот на делување, може да ја прочитате нашата претходна објава „За градското зеленило (2): Потенцијал за промени“

Rasadnikot kako posledno uporiste vo bitkata za Skopje

 

Оваа содржина е изработена за онлајн платформата „Само прашај“ на Институтот за комуникациси студии во соработка со веб-страницата „Македонска АРХитектура“ (МАРХ) во рамките на проектот „Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество“, финансиран од Владата на Обединетото Кралство со поддршка на Британската амбасада во Скопје. Мислењата и ставовите наведени во оваа содржина не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската амбасада. 

Автор: Филип Конески
Фотографии: Филип Конески, Борис Јурмовски
Графички прилози: Мартина Штериова, Љубен Трајаноски, Мартин Ефремовски, Ноеми Чаусидис, Филип Конески
Лектура: Татјана Б. Ефтимоска

Тагови: