fbpx

Трка за градење во Центар, „бетонизација“ кај „Треска“ и кај „Холидеј ин“

Општина Центар пред налет на инвеститорската чизма. Се нижат барања до локалната самоуправа за добивање извод од урбанистички план. Само од стартот на годинава ги има 175. Одлуката на Уставниот суд за времено замрзнување на мораториумот за градба се заканува да се претвори во камче кое ќе предизвика вистинска лавина од нови објекти во срцето на Скопје.

„По решението од Уставен суд, објавено на 05.01.2021 година до 8 февруари, годинава доставени се 175 барања за извод од урбанистички план. За 50% е зголемен бројот на поднесени барања.“, откриваат од општината.

Во Центар се очекува „тепачка“ за нови одобренија за градба, бидејќи инвеститорите бараат извод од детален урбанистички план да утврдат дали може да се гради на одредено земјиште, колкави и какви градби се дозволени, кои се максималните висини, да соберат податоци за сообраќајни, комунални и телекомуникациски инфраструктури. Од Центар за „Само прашај“ потврдуваат дека барања за изводи има и за двете жешки точки кои значително може да го променат ликот на Скопје - кај фабриката „Треска“ и кај „Холидеј Ин“.

Иако најавен, за просторот кај „Треска“ сè уште нема јавен конкурс. Најверојатно, оваа точка наскоро ќе се најде пред Советот на Центар. Десетици згради на овој потег со неколку илјади жители значително ќе го оптоварат сообраќајот, а улицата „Френклин Рузвелт“ ќе ја претворат во тесно грло.

Trka za gradenje vo Centar betonizacija kaj Treska i kaj Holidej in 1Се турка изградба на огромен станбен комплекс на локацијата кај поранешната фабрика Треска

Со еден од деталните урбанистички планови кои општина Центар ги стави под мораториум на крајот на 2017 година се предвидуваше на земјиштето кај поранешната фабрика „Треска“ да никнат 30-ина згради, наредени како наполитанки. Станува збор за густо населено подрачје, со многу жители, а малку зеленило.

Интересни за овој случај беа објавените информации во јавноста за поврзаноста на планерот, со сопственик на земјиште и со градежна компанија од Охрид. Случајно или не, и иницијативата до Уставниот суд за мораториумот ја поднесоа двајца Охриѓани.

Trka za gradenje vo Centar betonizacija kaj Treska i kaj Holidej in 2На парцелата спроти Холидеј се предвидува да никнат висококатници што дополнително ќе го влоши квалитетот на живот во срцето на Скопје

Деталниот урбанистички план за потегот кај хотелот „Холидеј Ин“ исто така беше под мораториум, ситуација што се промени со одлуката на Уставниот суд. Барањето за извод од урбанистички план покажува дека и во овој случај, борбата за јавниот интерес е далеку од завршена.

Огромниот паркинг спроти хотелот „Холидеј ин“ ќе биде уште еден тест дали јавниот интерес е поважен од приватниот. Овде во ДУП беа нацртани три 60-катници, поврзани со 20-катници, стара идеја што се актуелизираше со продажбата на земјиштето, на што реагираа невладините организации, Антикорупциска отвори предмет, а приватниот инвеститор објаснуваше дека таму се планира „зелен“ станбен и деловен простор, со највисока кула од 30 ката и неколку помали.

Trka za gradenje vo Centar betonizacija kaj Treska i kaj Holidej in 3„Никој нема против да се остварува профит и нормално е да се остварува профит, и секој работи за профит, меѓутоа профитот мора да го претпочита јавниот интерес. Значи, не можеме ние да се доведеме во ситуација на сметка на јавниот интерес и на јавните површини да остваруваме профит“, вели архитектот Миодраг Радоњиќ-Бато.

Наградуваниот архитект објаснува - урбанизмот е мултидисциплинарна наука во која порано во планирањето биле вклучени и економисти, психолози, социолози, еколози, демографи со цел заштита на јавниот интерес и создавање современи и хумани услови за животи. Се внимавало, од тоа колку зеленило, градинки, училишта и амбуланти ќе има, до тоа колку гранапи и занаетчиски дуќани.

„Денеска, урбанистичкото планирање е сведено на задоволување на одредени интереси, лични интереси, партиски интереси, интереси на моќниците, на партиски функционери и на раководители на општини и на градови, така да планирањето денеска фактички се врши во приватен интерес, во сопствени интереси, сосема занемарувајќи го јавниот интерес и општото добро. Зошто го велам тоа? Затоа што ние имаме ситуација, не велам дека и тие што се нарачатели на планови и извршители на планови не го знаат сето тоа што го кажав, и дека тоа не го знаат и планерите, сите го знаат, меѓутоа под одредени притисоци, поготово на моќ и на пари, принудени се да ги изготвуваат плановите према некои туѓи желби, кои во принцип се лаици и кои воопшто не ги интересира јавниот интерес“, вели Радоњиќ.

Професорот Мирослав Грчев од Архитектонскиот факултет во Скопје смета оти мораториумот во Центар бил неопходен, но вели дека морал да биде ограничен само на местата каде имало злоупотреби и да трае пократко.

Trka za gradenje vo Centar betonizacija kaj Treska i kaj Holidej in 4„Во рамките на тие планови, плански опфати имате дел кој што е неприфатлив, во смисла на премногу очигледна хипертрофија на приватниот интерес во однос на јавниот интерес, точно, меѓутоа треба да се таргетираат оние делови за коишто има доволно аргументи да се каже ова е погрешно, и воедно треба да се мобилизира стручната и општествената јавност, односно надлежните органи да тоа брзо и ажурно го прават. Мораториумот беше неопходен, злоупотребите беа големи и дисперзни, распространети, меѓутоа тој не е дел од урбанистичкото планирање и од живеењето на градот. Мораториум може да се направи само за кратко време, само за таргетирани цели за да биде во вистинска смисла на зборот позитивен и да не предизвика и нанесе штети на други правни и физички лица“, вели Грчев.

Денешните згради се оставени уште во планирањето да зависат од желбата на станарите и на инвеститорите кои бараат квадрат повеќе, па наместо квалитет се добива квантитет, објаснува Грчев, кој е и поранешен градоначалник на Центар.

„На примерот на Буњаковец и на Дебар Маало може да се види дека него го изгради капиталистичкиот начин на размислување и желбите на сопствениците на земјата и куќите, значи жителите. Приказната цело време се мистифицира, тоа е некоја урбана мафија. Како може да упадне урбана мафија и на луѓе да им гради во двор, да им ги руши куќите од приземје или приземје и спрат и да им гради петкатници со дупло поголема површина на основа и да им дава нив по два стана, како кој нели во тие згради, ако тие самите не го бараат тоа“, вели Грчев.

Од Центар велат дека од од 5 јануари 2021, кога е објавена одлуката на Устованиот суд до 8 февруари, годинава се доставени 23 барања за добивање одобрение за градба на куќи, станбено-деловни и деловни згради. Досега ниту едно не е издадено, но интересот е зголемен. Барањата се нижат, постапката за суспензија веќе месец и половина е заглавена на релација локална самоуправа - Министерството за транспорт и врски.

Од ресорот велат дека ги чекаат стручните елеборати, иако поради селење во нови простории оттаму не успеавме да добиеме нови информации до каде е постапката. Општината, пак, тврди дека такво нешто од нив не било побарано. Од Центар велат дека тие поднеле материјали за неусогласеност на деталните планови со Генералниот урбанистички план на Град Скопје, па што чекаат одговор како да постапуваат. Додека има конечен епилог – инвеститорите слободно ќе прават профит на грбот на јавното добро.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинар: Мартин Пушевски Снимател: Иван Поповиќ Монтажер: Ристо Душковски

  {loadposition holidej-in-divogradbi-poveke-tema}

Тагови: