fbpx

Се „крстат“ во македонскиот и во албанскиот јазик, а самите ги сквернават

Попусто се удираат в гради министрите во Владата кога зборуваат за заштитата на македонскиот јазик и за важноста од употребата на албанскиот како втор службен јазик во Македонија, кога официјалните веб-страници на повеќето министерства се полни со грешки и пропусти. Едните не престанаа да печалат политички поени на фразата „Јазикот е идентитетот“, а другите изградија политички кариери преку барањето за официјализирање на употребата на албанскиот јазик во државните институции. Притоа, министрите и нивните службеници забораваат да погледнат што им се случува во дворот, односно на нивните веб-страници, и со какви соопштенија комуницираат со граѓаните. Наместо преку нив да промовираат правилна и стандардна употреба на двата јазици, тие грубо ги кршат јазичните и правописните норми или, едноставно, се истакнуваат со неписменост.

Недозволиви грешки

Дали „заменик-министер“ се пишува со почетна голема или со мала буква? Дали станува збор за „пројект“ или за „проект“? Државен Секретар или државен секретар? Оделенија или одделенија? Македонски, албански, англиски јазик – со почетна голема или мала буква? За некого ова се безначајни ситници, но за многумина правописните и печатните грешки во официјалните државни изданија можат да создадат забуна во однос на тоа што е погрешно, а што правилно кога станува збор за правописот на официјалните јазици што се користат во државата.

Сите веб-страници на министерствата имаат опција за избор меѓу македонски и албански јазик, а исто така и за текст на англиски јазик.

Aнализиравме десетина од нив и, со помош на македонист и на албанист како стручни соработници, се обидовме да одгатнеме колку објавените содржини и преводите соодветствуваат со правописот. Наидовме на голем број пропусти, грешки во соопштенијата и во основните менија во веб-страниците, но и на неможност да се отворат.

„Регулатива за внатрешна поднесување“ во министерството на Артан Груби

Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, кое го раководи вицепремиерот Артан Груби, е едно од помладите министерства. Тоа беше изгласано на 27 март 2019 година со двотретинско мнозинство во Собранието, преку трансформација на дотогашниот Секретаријат за спроведување на рамковниот договор. На веб-страницата на ова министерство, Груби првично беше напишан како „минестер“, наместо како „министер“.

Во менито, наместо „внатрешна организација“, беше згрешена првата буква, па пишуваше „бнатрешна организација“, а најнејасен поради јазични грешки беше делот за заштита на личните податоци, каде што пишува „лица за контакт за лично заштита на податоци“, и тоа со големи букви. Кај регулативите, се јавува „регулатива за заштита од внатрешна поднесување“, нешто што комплетно може да го збуни секој што ќе ја отвори веб-страницата. Дел од грешките во меѓувреме беа коригирани, но најголемиот број сè уште стојат.

Паѓачкото мени на веб-страницата на Министерството за политички систем и односи со заедниците изобилува со правописни грешки и категории што се повторуваат.
Веста за протоколарната средба на министерот Груби личи дека е објавена без јазична редактура.

Ако се отворат вестите и последните соопштенија од Министерството, исто така се наидува на голем број грешки и нелогични реченици, како, на пример, веста за средбата на Груби со косовскиот амбасадор.

Доколку сакате, пак, да прочитате повеќе вести, ќе треба да кликнете на линкот „оптоварување повеќе“.

Со грешки изобилува и албанската верзија.

Наместо 1.180 administrator (еднина), треба 1.180 administratorë (множина), со темен вокал (ë) на крајот. Изведување кратенка како „ZVKM 1“ за означување државна функција (веројатно се мисли на „Прв вицепремиер“) стандардниот албански јазик не познава. Тоа би било слично како на македонски „Прв вицепремиер“ да се скрати со „ВЦПРМ 1“. Погрешна е и фразата „Postimet me të Populluara“ што значи „Најнаселени постови“. Веројатно сакале да напишат „Најпопуларни постови“, односно „Postimet më të popullarizuara“.

„Фристајл“ со голема или со мала буква

Грешки во однос на употребата на малата и големата буква можат да се забележат и на веб-страницата на Министерството за здравство и на повеќе други министерства. Правописното правило за употребата на големата буква во македонскиот јазик вели дека имињата на организациските единици се пишуваат со голема почетна буква само кај првиот збор, без оглед на тоа колку е развиена именската група.

Веб-страницата на Министерството за здравство изобилува со грешки за погрешна употреба на големата и малата буква.

На веб-страницата на Министерството за здравство се јавува повеќекратно отстапување од ова правило, не само кај името на секторите од сликата, туку и на други места. Така, овие сектори треба да бидат напишани: Сектор за управување со човечки ресурси и Сектор за стратешко планирање, креирање политики и следење.

Голем број грешки има и на албанската верзија на оваа веб-страница.

Погрешно со големи букви се напишани сврзникот Dhe(Plani Strategjik Dhe Buxheti), како и одредницата Е за падежот генитив (Planet E Veprimit, Pjesa E Parë E Provimit). Исто така, погрешно е напишана функцијата заменик-министер, наместо одвоено, треба слеано (Zëvendës Ministri треба Zëvendësmin).

Во Министерството за економија, пак, во делот на веб-страницата каде што е наведена систематизацијата на работните места, единствено министерот Крешник Бектеши е напишан со сите големи букви и на латиница, додека имињата на останатите вработени се напишани на кирилица.

Погрешно напишани зборови и изрази можат да се забележат и на албанската верзија на веб-страницата на ова министерство.

Наместо Tregu i mbrendshëm треба Tregu i brendshëm,а Sipërmarsija правилно се пишува Sipërmarrja.

И во Министерството за финансии се очигледни грешките во однос на тоа што се пишува со голема, а што со мала буква, па во главното мени пишува „Јавни Финансии“ и „Даноци и Царини“, иако вториот збор треба да биде напишан со мала буква.

Se krstat vo makedonskiot i vo albanskiot jazik a samite gi skvernavat

Во Министерството за култура, пак, наидовме на неколку слични пропусти, како на пример, „Национална Стратегија“ исто како и „Европски Интеграции“ (вториот збор е напишан со голема наместо со мала буква).

Se krstat vo makedonskiot i vo albanskiot jazik a samite gi skvernavat

Грешки има и во содржината на албански јазик. Филхармонија на Северна Македонија е преведена како Филхармонија на Македонија (Filarmonia e Maqedonisë), а самиот збор „филхармонија“ е погрешно напишан, наместо Filarmonia треба Filharmonia (со h). Македонски народен театар е преведен како „Народен театар на Македонија“, Teatri Kombëtar i Maqedonisë, а треба Teatri Kombëtar Maqedonаs.

Ако сакате да се запознаете со последните вести и соопштенија за работата на Министерството за локална самоуправа, ќе наидете на безброј нелогични реченици од коишто тешко може да се разбере суштината на веста. Па така, ако сакате да прочитате за проектот за Пелагонскиот плански регион, ќе наидете на реченица дека „преку проектот се направени за коритото некаде околу километар и пол последната фаза....“, а во некои од вестите ќе наидете и на реченица дека е „завршена заштитното корито“.

Нелогични реченици на информациите објавени на Министерството за локална самоуправа.
Функцијата „Министер“ најчесто е напишана со голема буква наместо со мала.
Недоследност во примената на мала и голема буква на веб-страницата на Министерството за надворешни работи.

Проблеми за тоа што се пишува со голема, а што со мала буква лесно се воочливи и на веб-страницата на Министерството за надворешни работи, со кое раководи Бујар Османи. Веднаш штом ќе ја отворите веб-страницата, невозможно е да не ви падне в очи дека „министерот“ секаде е напишан со почетна голема буква.

Со голема буква се пишува и секој втор збор, како „Нотарски Услуги“, „Матични Книги“, „Престој за Странци“, но тоа не важи за „Имотни листови“ и „Патни исправи“, каде што вториот збор е напишан правилно – со мала почетна буква.

Министерот има „политичка ангажман во пројект“

На веб-страницата на Министерството за правда е објавена биографијата на заменик-министерот Агим Нухиу, а неговата кариера е поделена во неколку сегменти од кои едниот е „политичка ангажман“, наместо „политички ангажман“. Тој тука се спомнува како поранешен „Министер за Внатрешни Работи“ и „Заменик Министер за Внатрешни работи“. При набројувањето на неговите професионални ангажмани, наместо „проекти“, пишува „пројектот“, додека „албанци“, наместо со голема, е напишано со мала буква. Да се пишува националност со мала почетна буква е – елементарен правописен пропуст.

Биографијата на заменик-министерот Агим Нухиу е со многу правописни грешки.
Несоодветна употреба на голема буква за општа именка во вест објавена на Министерството за правда.
Наместо Bojan Mariçiq е напишано Bojan Marichikj.
Правописни грешки има и во биографијата на министерот за правда Бојан Маричиќ.

Во истото министерство, на почетната страна како главна вест затекнавме напис дека министерот Маричиќ тврди оти „резултатите од пописот ќе им бидат потребни и на идните Градоначалници“. Зборот „градоначалници“ е општа именка и се пишува со мала почетна, наместо со голема буква.

На албанската верзија на веб-страницата на ова министерство правописно погрешно е напишано името на министерот.

Во биографијата на министерот, пак, веројатно под влијание на англискиот јазик, се јавува нестандарден збороред и неправилна употреба на предлозите, како и на некоја лексика.

Според редоследот на зборовите во македонскиот стандарден јазик, во именската група на прво место треба да се јави општата именка па потоа специфичното име на поимот означен со именката: програмата МТЕК, програмата Чивенинг. Се магистрира ПО, а не „во“ Меѓународно и европско право или Современи европски студии, а „мастерот“ со којшто се стекнал министерот Маричиќ треба да биде – магистерска титула. 

Проблеми со употребата на големи и мали букви можат да се видат и во биографијата на Беким Реџепи, заменик-министер за транспорт и врски, којшто ги познава јазиците: „Албански, Македонски и делумно Англиски“.
Во главното мени на веб-страницата пишува „оделенија“, наместо „одделенија“.
На албанската верзија на веб-страницата има погрешно напишани зборови и непреведени цели содржини од македонски на албански јазик. Напишано е Rekomanduar, а треба E rekomanduar (превод: препорачано).

Во биографијата на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа може да се види дека месеците се напишани со голема буква, а слично како и кај останатите веб-страници, честопати вториот збор во именските групи се пишува со голема буква. Истово се јавува и на други места на веб-страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Неправилно користење на голема буква.
Фонетски погрешно е напишана функцијата заменик-министер, наместо Zëvëndësministri (со ë кај -vën- ), треба Zëvendësministri (со е).

На албанската верзија на веб-страницата има цели содржини непреведени од македонски на албански јазик и бројни правописни грешки.

Пропусти може да се забележат и на веб-страницата на Министерството за образование и наука. Според правописните правила, датумите може да бидат напишани на повеќе различни начини – со број за денот, а со збор, со арапски или со римски цифри за месецот. Сепак, кога датумот се пишува со број за денот и со збор за месецот, се подразбира дека бројот што го означува денот е реден и токму затоа не се става никаква дополнителна наставка на цифрата.

Se krstat vo makedonskiot i vo albanskiot jazik a samite gi skvernavatСе пишува: 30 август, 4 јануари, 1 јуни, 3 јануари.

Незаинтересирани за одговори

Прашања на темата испративме до 11 министерства: за економија, за политички систем, за информатичко општество, за земјоделство, за животна средина, за надворешни работи, за правда, за образование, за култура, за локална самоуправа и за здравство.

Предмет на интерес беше колку лица работат во Секторот за информатичка и комуникациска технологија; во просек, колкави се месечните приходи на лицата ангажирани во секторот; колку лица работат на одржување на веб-страницата на министерството и дали во институцијата е ангажиран лектор.

Од 11 министерства, одговори добивме само од пет – од министерствата за здравство, за локална самоуправа, за животна средина, за економија и за политички систем.

Така, во Министерството за економија, во Секторот за информатичка технологија работат шест лица, со месечни приходи од околу 15 до 37 илјади денари. Веб-страницата ја одржува едно лице, а во министерството не е ангажиран лектор.

Во Министерството за животна средина и просторно планирање, во Одделението за информатички технологии, вработени се тројца – двајца советници и еден помлад соработник со месечни примања од 22 илјади до 26 илјади денари.

„На одржување на веб-страницата од технички аспект е ангажирано едно лице советник, со статус на вработен на неодредено време, а за информациите што се споделуваат се одговорени вработените од Канцеларијата за комуникација со јавност (главно двајца)“, велат од Министерството.

Во Министерството за локална самоуправа нема сектор за информатичка и комуникациска технологија, а веб-страницата технички ја одржува едно лице коешто, во согласност со работното место, извршува и други задачи.

Секторот за информатичка технологија е укинат и во Министерството за здравство.

„При отворање на управата за Електронско здравство е укинат Секторот за информатичка комуникација и технологии во Министерството за здравство. За потребите од ваков вид на услуги Министерството соработува со вработените во ’Мој термин‘. Во моментов за тоа се ангажирани три лица со договор за дело, кои работат на ажурурање на веб-страната со износ по 35 илјади денари месечно, едно лице со 40 илјади денари месечно и едно лице со 30 илјади денари месечно“, велат од Министерството за здравство.

Само едно од пет министерства со лектор

Од петте министерства, само од Министерството за политички систем ни изјавија дека имаат ангажирано лектор. Инаку, од сите добивме идентичен одговор дека се работи и врз унифицирање на веб-страниците на министерствата.

„Во тек е и тендерска постапка од страна на МИОА во која се предвидени унифицирани веб-страници за сите министерства, вклучително и Владата. Новите веб-страници ќе бидат повеќе сервисно ориентирани и во прв план ќе нудат повеќе услуги за граѓаните, ќе исполнуваат повисоки стандарди за безбедност и ќе бидат пристапни за луѓе со попреченост. Една од причините за потребата да се обноват веб-страниците е тоа што нивната застареност не дозволува унапредување, со оглед на тоа што се градени пред 10-15 години на стари платформи. Транспарентноста на веб-страниците на Владата и министерствата во последните 3 години е видно зголемена, според насоките на Стратегијата за транспарентност на Владата, а со новите веб-страници тие информации ќе бидат повидливи и полесно достапни. Тоа значи дека веб-страниците ќе бидат место каде што граѓаните првенствено ќе ги добиваат потребните информации за услугите коишто им се потребни“, информираа од министерствата.

 

За 13 години една судска пресуда за законски прекршувања

Во Законот за употреба на македонскиот јазик стои дека „службените текстови од законодавната, извршната и судската власт, локалната самоуправа, учебниците, емисиите, печатот, преводите и другите текстови, што се објавуваат, задолжително се лекторираат на македонски јазик, од лектори кои поседуваат лиценца“. Глоба во износ од 1.000 до 1.500 евра во денарска противредност му се изрекува за прекршок на правното лице што ќе објави нелекториран текст, а глоба во износ од 600 до 800 евра му се изрекува и на одговорното лице во правниот субјект. Управен надзор врз спроведувањето на законот врши Министерството за култура.

Од друга страна, во Министерството за култура се вработени само пет инспектори за култура, надлежни да вршат надзори на територијата на целата држава во спроведувањето на осум закони. Досега, според Министерството, нема пресуда за објавување нелекториран текст, со исклучок на еден случај, кога е донесена судска пресуда за изречена глоба за одговорно лице во правното лице (единица на локална самоуправа во Скопје), по којашто е постапено од страна на сторителот на прекршокот.

„При вршењето на инспекциските надзори, првенствено се врши превентивна функција, додека инспекциските мерки и санкции се изрекуваат тогаш кога со превентивната функција не може да се обезбеди целта на надзорот“, велат од Министерството.

Потребни се законски измени

Советот за македонски јазик, на чие чело се наоѓа професорот Људмил Спасов, веќе има поднесено предлог за изменување и дополнување на Законот за употребата на македонскиот јазик, за којшто уште лани во јануари се одржа јавна расправа. Во предложените законски измени, меѓу другото, се предвидува отворање нови лекторати во странство, вработување лектори во јавните институции, како и формирање инспекторат за употреба на македонскиот стандарден јазик како посебна институција. Советот за македонски јазик две години работел врз измените на законот што треба да го замени постојниот, од 1998 година. Сега, според Спасов, законските измени се заглавени некаде меѓу Владата и Собранието. 

„Овој закон е неопходен за секоја држава што претендира да биде или е членка на ЕУ, бидејќи недозволиво е да има нестандарден јазик во официјални веб-страници или во официјалните документи на државата. Се протнуваат грешки и на тој начин се сквернави јазикот. Има луѓе кои знаат дека станува збор за грешки, но голем дел од луѓето кои читаат мислат дека така треба и понатаму така и го употребуваат. Во моменталните законски одредби ангажираноста на лекторите е поопшто кажана, а во законските измени што ги предлагаме потенцираме дека се неопходни лекторите во јавните институции. Предлог-законот сега е заглавен меѓу Владата и Собранието, ние го предадовме комплетен и лекториран за време на техничката влада кога премиер беше Оливер Спасовски, рекоа дека ќе се пристапи кон усвојување, но ете, стоиме некаде во бирократијата без потреба“, вели Спасов.

 

Од Министерството за култура велат дека во периодот од 2008 година досега, односно последниве 13 години, инспекторите за култура извршиле вкупно 1.896 инспекциски надзори од аспект на примена на одредбите од Законот за употребата на македонскиот јазик и од Законот за радиодифузната дејност од аспект на употребата на македонскиот јазик.

„Од страна на инспекторите, на субјектите (правни лица) чиешто работење подлежи на надзор согласно со законот, како управно-надзорни мерки издадени се вкупно 844 решенија со наредба за преземање мерки и дејствија заради отстранување во определен рок на утврдените недостатоци од аспект на примена на одредбата од законот, односно објавените текстови задолжително да се лекторираат на македонски литературен јазик и неговото кирилско писмо. Во овој период, од страна на инспекторите за култура поднесени се вкупно 92 барања за поведување прекршочна постапка до надлежните судови на целата територија на држава, за извршени повреди на одредбите од законот, а во постапката за порамнување согласно со Законот за прекршоците издадени се вкупно 106 платни налози“, велат од Министерството.

Ова, дополнуваат од Министерството, практично значи дека од 92 барања за поведување прекршочна постапка за прекршување на Законот за употреба на македонскиот јазик во последниве 13 години, има само една пресуда.

Хроничен недостиг од лектори во државните институции

Агенцијата за примена на јазикот во текот на 2019 година испратила 641 анкетен прашалник, на којшто одговориле 183 институции.

Едно од прашањата било „Колку преведувачи и лектори имате вработено во вашата институција?“

Se krstat vo makedonskiot i vo albanskiot jazik a samite gi skvernavatГодишен извештај на Агенцијата за примена на јазикот

На прашањето воопшто не одговориле 18 институции. Овие податоци покажуваат дека во државните институции има очигледен недостиг од лектори, но и откриваат дека во Македонија е проблематично да се дознае дали некаде е вработен лектор или преведувач, што само покажува какво е нивото на комуникација меѓу државните органи.

 

Според истражувањето што го направивме, очигледно е дека лектори и стручни јазични соработници се насушно потребни. Практиката го покажува тоа. Сепак, не само лектори по државните институции, туку малку повеќе писменост на нашите академски образовани граѓани не е на одмет. Доколку некоја личност се вработила во државна институција и една од нејзините работни задачи подразбира пишување текст со којшто институцијата ѝ се обраќа на јавноста, којшто е официјален и присутен во виртуелниот простор и на медиумите, недозволиво е таа личност да биде елементарно неписмена или негрижлива во однос на јазикот, а со самото тоа и неспособна за должноста за која е платена.

Сѐ уште се чека на инспектори за надзор на Законот за употреба на јазиците

За оваа проблематика се обративме и до Инспекторатот за употреба на јазиците, чијашто основна надлежност е да ја контролира примената на Законот за употреба на јазиците, којшто стапи на сила на почетокот на 2019 година. Законот пропишува дека во државните институции службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото писмо, е и јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните на Македонија. 

„Инспекторатот за употреба на јазиците не е во можност да врши надзор над целосното и доследно спроведување на одредбите од Законот за употреба на јазиците затоа што се уште е во процес на лиценцирање на инспекторите за надзор над употребата на јазиците. Инспекторите за надзор над употребата на јазиците, се нова категорија на инспектори која се воведува со Законот за Инспекторат за употреба на јазиците. Постапката на лиценцирање и спроведувањето на обуките за стекнување со лиценца за инспектори е уредена согласно Законот за инспекциски надзор. Согласно член 42 од Законот за инспекциски надзор обуката за стекнување со лиценца за инспектор се спроведува врз основа на програма за обука и се состои од два дела во вкупно траење од 12 месеци и тоа: три месеци интерактивна обука и девет месеци практична работа и обука на работно место, под надзор на ментор. По исполнувањето на условите од Законот за инспекциски надзор, односно по полагањето на општиот и практичниот дел од испитот за стекнување со лиценца за инспектор се очекува да бидат лиценцирани и првите инспектори за надзор над употребата на јазиците“, информираат оттаму.

Употребата на феминативи e за поздравување

На веб-страниците на министерствата за наука и образование, за култура и за одбрана, првите луѓе се именуваат правилно како – министерки. Иако во нашата јазична стварност ова сѐ уште се доживува како необично, настојувањето да се употребуваат феминативи е потребно, правилно и пожелно. Јазикот треба реално да ја одразува, дури и да ја унапредува општествената состојба и со тоа, точно да ги именува жените коишто вршат определена функција или се носители на определена титула.

 

Оваа содржина ја изработија А1.он и Само прашај на Институтот за комуникациски студии како дел од проектот Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество.

Новинарка: Мери Јордановска
Стручни соработници: Татјана Б. Ефтимоска, Иван Блажевски

 

Види повеќе на темата: Законските аномалии ѝ пресудија на двојазичноста во судството