fbpx

Лажна битка за враќање на мораториумот за градење во Центар

Општина Центар води декларативна борба за стопирање на градбите предвидени со деталните урбанистички планови за кои е утврдено дека се спротивни на Генералниот урбанистички план на Град Скопје. Изминаа три и пол месеци откако Уставниот суд го замрзна таканаречениот мораториум за градење, а локалната самоуправа и покрај најавите во овој период не поднела ниту едно барање за суспензија на спорните планови до Министерството за транспорт и врски. До пред неколку недели од Општината тврдеа дека активно работат на „оживување“ на мораториумот.

Молк од Општина Центар

Од Министерството потврдуваат дека Општина Центар не доставила елаборати или какви било документи, ниту пак прикачила некој од плановите за суспензија во системот е-урбанизам.

„До денеска, 22 март, во системот е-урбанизам, општина Центар нема доставено барања за суспензија на урбанистички планови. Исто така, Министерството за транспорт и врски нема примено документација која се однесува на суспензија на конкретните УП за кои прашувате“, велат од Министерството.

Lazna bitka za vrakanje na moratoriumot za gradenje vo CentarПринтскрин од одговорот од Министерството за транспорт и врски

Од Општината молчат. Не сакаа да одговорат на прашањето зошто не се користи можноста за суспензија на спорните планови, за кои самата Општина тврди дека се незаконски и штетни.

Маѓепсан круг

Мораториумот за градба во Општина Центар требаше да спречи продолжување на урбанистичкото дивеење во срцето на Скопје. За првпат беше донесен во 2017 година, но двапати оспоруван пред Уставниот суд, еднаш од Градежната комора при Сојузот на стопански комори и вториот пат од охриѓаните Александар Илиоски и Игор Влакевски. Во меѓувреме, општината успеа да ревидира само 8 од вкупно 31 ДУП-ови, кои беа прогласени за спорни. Со последната одлука од 3 март, Уставниот суд го укина мораториумот за градба.

Lazna bitka za vrakanje na moratoriumot za gradenje vo CentarСе очекува нова градежна офанзива во централното градско подрачје

Три месеци пред оваа одлука, откако Уставниот суд првично го замрзна мораториумот, Советот на Општина Центар го задолжи градоначалникот Саша Богдановиќ да се бара суспензија на плановите преку Министерството за транспорт и врски и на тој начин да се „оживее“ мораториумот. Меѓутоа, овој период наместо за акција беше искористен за префрлање на топката од локалната самоуправа до Министерството за транспорт и врски и обратно. На нашите прашања од Министерството постојано информираа дека не се доставени елаборати, туку е побарано само мислење како да се изработат, а Општината тврдеше дека се постапува. И така во круг.

Чист терен за облакодери спроти „Холидеј Ин“

По одлуката на Уставниот суд за укинување на мораториумот во Центар, исчистен е теренот за изградба на висококатници спроти хотелот „Холидеј Ин“. Инвеститор е фирмата „Обновители“ на бизнисменот Зоран Антиќ и МПЦ. Од Општина Центар не одговорија на прашањето дали е веќе одобрено решението за оваа локација и што предвидува.

Lazna bitka za vrakanje na moratoriumot za gradenje vo CentarНа локацијата спроти „Холидеј Ин“ според ДУП беше предвидено да се градат облакодери и помали станбени објекти за приближно 11.000 жители, што е еднакво на бројот на население во еден од помалите македонски градови

Деталниот урбанистички план за овој потег „ДУП Градска четврт Ц 08 – Ново Маало 2“ е во фаза 10, што значи дека планерот постапува по стручното мислење.

Уште една локација којшто чека бетонизација е онаа кај поранешната фабрика „Треска“. За таканаречениот Блок 06 кој е дел деталните урбанистички планови за Буњаковец,

Lazna bitka za vrakanje na moratoriumot za gradenje vo CentarУлицата „Рузвелтова“ ќе стане ново „тесно грло“ во сообраќајот доколку се реализира планот за изградба на 30-ина згради на локацијата кај поранешната фабрика „Треска“.

Под притисок на јавноста и на дел од советниците, Советот на Општина Центар пред еден месец, на 61. седница донесе одлука за распишување конкурс за изработка на идејно решение за оваа локација. Се‘ уште нема никаков епилог по оваа одлука и не се знае дали воопшто ќе има конкурс.

Lazna bitka za vrakanje na moratoriumot za gradenje vo Centar На двете локации се враќа во игра реализацијата на плановите коишто очигледно се направени за да се задоволат желбите на инвеститорите за максимален профит.

Парцелите кај „Холидеј Ин“ и поранешната фабрика „Треска“ се само два од многуте примери во кои фирмите коишто ги изработуваат деталните урбанистички планови очигледно најголем дел од просторот гледале да го предвидат за изградба на станбено-деловно објекти со единствена цел – да се извлече максимален профит за инвеститорите. При тоа, не се запазени основните урбанистички правила за хуман живот на граѓаните.

Lazna bitka za vrakanje na moratoriumot za gradenje vo CentarПланот за локацијата кај поранешната фабрика „Треска“ со зградите „наполитанки“ е пример за прекршување на основните урбанистички правила за квалитетен живот на граѓаните.

Ваквиот начин на планирање беше и главна причина за воведување на мораториум за градење во Општина Центар од каде што тврдеа дека градењето ќе продолжи откако спорните ДУП-ови ќе се усогласат со Генералниот урбанистички план. Сега, откако Уставниот суд го укина мораториумот, а Општина Центар очигледно ретерира во борбата за суспензија на плановите станува јасно дека граѓаните и јавниот интерес повторно се жртви на апетитите на инвеститорите, чијашто главна цел е профитот, а не квалитетот на живеење.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинар Мартин Пушевски

  {loadposition holidej-in-divogradbi-poveke-tema}

Тагови: