fbpx

Намалениот габарит не е оправдување за висококатници кај „Холидеј Ин“

Беспредметна станува дебатата колкав габарит ќе имаат планираните висококатници на парцелата спроти „Холидеј Ин“ кога поради нетранспаретноста на надлежните институции јавноста е доведена пред свршен чин да прифати решение коешто може да биде проблематично од повеќе аспекти. Освен тоа што за планираните објекти во строгиот центар на Скопје не се консултирани граѓаните и експертската јавност, се доведува во прашање легалноста на целата постапка со оглед на тоа што селективно се применуваат зацртаните параметри во урбанистичките планови.

Визуелизација на планираните објекти спроти „Холидеј Ин“ според параметрите коишто ги потврдија од Општина Центар. На локацијата е предвидено да се градат три згради од 15, 20 и 25 ката. Височината на некои од објектите изнесува 80 метри.

Имено, овој проект е одобрен според детален урбанистички план којшто Општина Центар го прогласи за незаконски и беше под мораториум со цел да се ревидира поради неусогласеност со Генералниот урбанистички план на Град Скопје. Продажбата на државното земјиште коешто сочинува поголем дел од градежната парцела беше извршена во директна спогодба со инвеститорите во период кога ДУП-от за оваа локација беше под мораториум.

 

Со непостапување до одобрување

За овој случај е спорно што цели три месеци градоначалникот на Општина Центар не постапи по задолжението на Советот на Општината да ја искористи законската можност за суспензија на овој урбанистички план откако Уставниот суд по втор пат го замрзна мораториумот. Во изминативе неколку месеци, во повеќе наврати се обидовме добиеме одговори дали се постапува по ова задолжение. Од Општината на почетокот тврдеа дека се работи на случајот, за на крајот да испадне дека за ниту еден од спорните детални урбанистички планови не била побарана суспензија иако Законот за урбанистичко планирање тоа го овозможува.

 

Свесно кревање раменици

Обидот да се „затскрие“ реализацијата на овој проект до момент од кој нема враќање најдобро го илустрира комуникацијата меѓу нашата редакција и Општина Центар во текот на минатата недела. Имено, на 7 април, до Општината поставивме прашање дали е точно дека инвеститорите за парцелата кај „Холидеј Ин“ ќе платат комуналии во износ од 2,4 милиони евра за изградба на висококатници на оваа локација, на што беше потврдено дека испратено е барање за пресметка на комуналии до Град Скопје, но дека никаков договор не е потпишан. Од Град Скопје потврдија дека направиле пресметка и додадоа дека Општина Центар не е обврзана да издаде дозвола за градење.

Namaleniot gabarit ne e opravduvanje za visokokatnici kaj Holidej In mestoЛокацијата каде треба да се градат трите висококатници

„Сакам да кажам“ на 10 април објави дека инвеститорите ги уплатиле парите од кои 1,4 милиони евра за Град Скопје, а останатите милион евра за Општина Центар. Градоначалникот Богдановиќ потоа се оправда велејќи дека на 9 април виделе дека парите им легнале на сметка.

„Комуналиите се уплаќаат после направена пресметка од Град Скопје, па потоа од кога ќе се се уплатат договорот доаѓа кај нас. Изводите од цела недела ги гледаме во петок и таму беше уплатата“, вели Богдановиќ.

Сепак, јасно е дека сите биле свесни што ќе се случува. Законот пропишува дека откако ќе се поднесе барањето со потребната документација се врши пресметката, па се прави плаќањето и се склучува договорот. Основниот проект треба да е заверен, а согласности се потребни и од ЕВН, Водовод, Топлификација. Сите знаеле кој колку ќе добие од колачот - милион евра за Центар, 1,4 милиони за Град Скопје.

Namaleniot gabarit ne e opravduvanje za visokokatnici kaj Holidej In SB„Според идејниот проект ќе се градат објекти кои имаат над 55 отсто помалку искористеност од постоечкиот план. Општина Центар продолжува со сите законски форми да се бори да ги измени и подобри плановите иако е многу потешко, бидејќи одлуката за неспроведување на плановите или позната како мораториум двапати беше укината од Уставниот суд, а таа ни беше најјака алатка за да се спротиставиме на реализација на старите и постоечки планови“, вели Богдановиќ.

Со ваквиот развој на настаните практично паѓаат во вода најавите и заложбите просторот крај Вардар да остане отворен, а повеќе од извесно е дека со новите станари и посетители само ќе се влоши сообраќајниот хаос што и сега е присутен на овој потег.

На прашањето зошто во изминативе три месеци, Општината не побарала суспензија на овој ДУП, како што побара Советот, Богдановиќ вели дека добиле насоки од Министерството за транспорт и врски, но дека чекале да биде објавен тарифникот за планови за да почне јавниот повик за нов детален урбанистички план.

„Новите планови согласно законот за урбанистичко планирање се спроведуваат со јавен повик не со јавна набавка како што беше порано“, вели Богдановиќ.

Приватниот поважен од јавниот интерес

Очигледно е дека Општината Центар и Град Скопје не најдоа сили да излезат пред јавноста и отворено да кажат што ќе се гради спроти „Холидеј Ин“. Тие не сметаа дека е потребно да побараат мислење од граѓаните и од експертската јавност како да се постапува со оглед на тоа што станува збор за последниот слободен простор во центарот на градот.

Полесно им беше да молчат и да чекаат инвеститорите МПЦ-ОА и „МГ Фешн“ да го презентираат проектот. Со тоа станува јасно е дека во локалната самоуправа заборавиле дека на последните избори дојдоа на власт со ветувањето дека ќе запре неконтролираното градење во центарот на градот и дека јавниот интерес ќе биде пред приватниот.

Јана Белчева: Урбицид по закон

Urbicide is a term which literally translates as „violence against the city“.

Урбицид или насилство против градот. Дали урбицидот е по закон и пропис и дали навистина никој не може да му се спротивстави? Урбицидот ни се случува во време кога се реоткрива брутализмот, кога документарци се снимаат за наши објекти и зборуваат за градот кој бил „премодерен за своето време“.

Неговото силување трае со години, обезличувањето од поединци кои немаат чувство за наследството во градот, но пострашно од сè, обезличување кое ни се случува пред очи, а на кое институциите или не реагираат, или си ја префрлаат топката на одговорности прогласувајќи се за ненадлежни, или учествувајќи во уништувањето.

Namaleniot gabarit ne e opravduvanje za visokokatnici kaj Holidej In JBСо секој објект од „Скопје 2014“ имаме потсетник на криминалот, на одземениот јавен простор, уништените зелени површини и залудно потрошените јавни пари. Не ми е јасно зошто сè уште калкулираме каде му е местото, зошто никој не е повикан на одговорност, зошто никому не му е веќе гајле дека милијардите што можеа да завршат во училишта и болници, во инфраструктура, завршија во квази барокни објекти и во приватни џебови.

И пак се калкулира со негово легализирање и аминување. За мене е најстрашно дека законски се бара оправдување, но со итарпејовски надитрувања, со дупки и двозначности, со временски применливи или неприменливи закони и прописи и процепи низ кои понатаму изникнуваат згради во зеленило, хотели, проширени парцели за градби. Тоа историско неказнување или озаконување на дивото ни го обезличува градот, им дава сила на насилниците и ги остава граѓаните разочарани.

Тоа е и ситуацијата со последните слободни површини во Центар кои неповратно одат кон зафаќање со бетон, со неприфатливи решенија за просторот, со нехумани планови за кои ниедна институција освен Државната комисија за спречување на корупцијата веќе не реагира.

Запаметени ќе бидат сите кои се соучесници во овој урбицид и тоа: планерските куќи кои погазувајќи ја професионалноста креирале решенија во просторот за задоволување на апетити на моќници и инвеститори, советници и градоначалници кои гласале за ваквите нелегални планови кои се косат со сите услови за хумано живеење, градот Скопје со одобренија на такви плански решенија, како во минатото така и денес, некогаш одобрувајќи проекти за „Скопје 2014“, денес-не застанувајќи во одбрана и поддршка за мораториумот, Министерството за транспорт и врски, некогаш со позитивни мислења за планови носени сред ноќ и без јавни расправи, денес со дозволите по нелегални планови да окрупнува парцели како и по пасивноста да се спречи реализација на нелегални планови, а на крај и Уставен суд со историската одлука дека правото на приватникот е над јавниот интерес.

Но, во конкретниов случај, соучесништво во уништувањето на градот не за прв пат има и Македонската Православна Црква. Затскриени под превезот на светото, се поврзаа со власта во време на „Скопје 2014“ за да си отворат можности за бизнис далеку од моралните вредности кои ги проповедаат. Да не заборавиме, верниците тепаа студенти кои стручно реагираа за лошо планиран центар на град, (на сред плоштад), а МПЦ во зеленилото пред Домот на АРМ, ни остави чир изграден од донаторски пари. Ни остави и кран кој се надвиснува со години и е опасност за сите минувачи, ни остави недовршен бетонски ѕвоник, гадни лимени тараби и црковен објект кој не е во функција. Ни остави одвратност.

Урбицидот не можат да го решат сами граѓаните со протести и со петиции, не можат да му се спротивстават ако институциите покажуваат немоќ коишто ја запечатуваат последната надеж дека просторот не мора да се силува, дека може и да се решава преку конкурс, преку современи идеи и проекти. Институциите ја градат или ја губат довербата со испорака на правдата, не со озаконување на дивоградби, со заштита на јавниот интерес, а демократскиот капацитет го покажуваат слушајќи што граѓаните чувствуваат како потреба.

Нелегални ДУП-ови не може да се основа за легални дозволи за објекти. Ако прифатиме и се помириме со неоспорување и нам ќе ни тропне неправдата на врата, порано или подоцна.

 

Оваа содржина ја изработи Инстутот за комуникациски студии

Новинар: Владимир Николовски, Мартин Пушевски
Фотографија: Томислав Георгиев

 

ПОВЕЌЕ НА ТЕМАТА:

vulgarno profitiranje na smetka na javniot interes 150x150

Масовен одзив на петицијата против висококатници кај „Холидеј Ин“

vulgarno profitiranje na smetka na javniot interes 150x150

Вулгарно профитирање на сметка на јавниот интерес

 Betonski cudovista - featured

Бетонски чудовишта ќе се градат на 83.000 квадрати спроти „Холидеј Ин“

Gradonacalnikot Sasa Bogdanovic objasnuvase zosto se izdavaat odobrenija za gradenje sred moratorium vo opstina Centar 150x150

Лажна битка за враќање на мораториумот за градење во Центар

Gradonacalnikot Sasa Bogdanovic objasnuvase zosto se izdavaat odobrenija za gradenje sred moratorium vo opstina Centar 150x150

Исчезнува последниот слободен простор во строгиот центар на Скопје

Gradonacalnikot Sasa Bogdanovic objasnuvase zosto se izdavaat odobrenija za gradenje sred moratorium vo opstina Centar 150x150

Трка за градење во Центар, „бетонизација“ кај „Треска“ и кај „Холидеј ин“

Gradonacalnikot Sasa Bogdanovic objasnuvase zosto se izdavaat odobrenija za gradenje sred moratorium vo opstina Centar 150x150

Јана Белчева: „Бирократската магла“ може да го проголта паркот кај „Треска“

Gradonacalnikot Sasa Bogdanovic objasnuvase zosto se izdavaat odobrenija za gradenje sred moratorium vo opstina Centar 150x150

Општина Центар може да ја одземе парцелата кај „Холидеј ин“ од МПЦ и Зоран Антиќ

Gradonacalnikot Sasa Bogdanovic objasnuvase zosto se izdavaat odobrenija za gradenje sred moratorium vo opstina Centar 150x150

На мораториумот во општина Центар му недостасуваат наводници

Gradonacalnikot Sasa Bogdanovic objasnuvase zosto se izdavaat odobrenija za gradenje sred moratorium vo opstina Centar 150x150

Кои се бизнисмените што го градат Скопје и му се радуваат на Уставниот суд?

Gradonacalnikot Sasa Bogdanovic objasnuvase zosto se izdavaat odobrenija za gradenje sred moratorium vo opstina Centar 150x150

„Треска“ може да биде запаметена како пресврт за Скопје

Gradonacalnikot Sasa Bogdanovic objasnuvase zosto se izdavaat odobrenija za gradenje sred moratorium vo opstina Centar 150x150

Градоначалникот Саша Богдановиќ објаснуваше зошто се издаваат одобренија за градење сред мораториум во општина Центар

Gradonacalnikot Sasa Bogdanovic objasnuvase zosto se izdavaat odobrenija za gradenje sred moratorium vo opstina Centar 150x150

Во општина Центар за време на мораториум се гради на 149 хектари