fbpx

Тужба во Стразбур доколку се дозволи изградба на висококатници кај „Холидеј Ин“

До:

Следните институции на Република Северна Македонија:

Претседател на државата, г-дин Стево Пендаровски,
Претседател на Владата, г-дин Зоран Заев,
Градоначалник на Скопје, г-дин Петре Шилегов,
Градоначалник на Општина Центар, г-дин Саша Богдановиќ,
Министерство за транспорт и врски на РСМ
Министерство за екологија на РСМ
Медиуми

Скопје, 15.04.2021г.

Почитувани,

Ние, граѓаните сопственици на станови, деловен простор и подземни гаражи и жители на адреса бул. „Кочо Рацин“ бр. 14 (Градски ѕид блок 9) и кулите на адреса бул. „Кочо Рацин“ со неверување и разочараност ги следиме објавите во медиумите за статусот на парцелата меѓу хотелот „Холидеј Ин“ и булеварот „Кочо Рацин“ во центарот на градот, Ново маало според ДУП-от „Градска четврт Ц 08 – Ново Маало 2“ и најавите за напреднати административни процедури за градба на локацијата.

Претставувајќи група на граѓани од околу 320 станбени единици, преку 20-ина деловни субјекти, 160 подземни гаражи и споделувајќи надземен партерен простор и паркинг со договор со Општина Центар во микролокација во самиот центар на градот Скопје на простор кој урбанизирано постои 45 години (од 1976) ја изразуваме нашата крајна разочараност во содржината на најавените планови за изградба на споменатата локација, и ги повикуваме надлежните институции да спречат тешко дело против градот Скопје и условите за живеење во центарот на градот.

Поаѓајќи од премисата дека не смее да постои законска регулатива и процедури кои до толкава мерка се спротивни на очигледниот јавен интерес во центарот на главниот град, стандардите на живеење и функционирањето на урбана средина во современи услови ги повикуваме надлежните институции, но и прогресивните граѓани на околните локации и пошироко да спречат тешка форма на уништување на градот и неговото функционирање. За последиците од непреземање на соодветни мерки од страна на државата за спречување на споменатиот катастрофален план најавуваме и тужба во Меѓународниот суд за човекови права.

Локацијата на која живееме и поседуваме имот функционира 45 години како современ урбан микропростор со соодветни инфраструктурни и урбани содржини и секојдневно функционира како простор за домување и деловен простор во самиот центар на град Скопје. Оттука, секојдневно сведочиме за бројните карактеристики на микропросторот во рамки на функционирање на општината, градот и севкупниот живот во центарот на градот.

Нашето секојдневие сведочи за бројни аргументи кои се во целосна спротивност со издржливоста на најавените планови за локацијата „Градска четврт Ц 08 – Ново Маало 2“ и со целосна сигурност предвидува тешки и непоправливи последици по овој дел од центарот на главниот град. Следните секојдневни проблеми постојат со години, со текот на времето се влошуваат, а изостанува било каква активност за нивно надминување од истите инстанци кои ги процесираат најавените спорни планови за градба, би набројале само некои:

  • Секојдневно сведочиме дека пристапните сообраќајници се едвај доволни за сервисирање на постојната населеност во овој дел на градот. Булеварите „Кочо Рацин“ и „Филип II Македонски“ се преоптоварени во голем дел од фреквентните часови, а се единствени сообраќајници за сервисирање и на спорните градби.
  • Крстосниците кај Народна банка, Народна и универзитетска библиотека „Св Климент Охридски“, „Црвен крст“ и ЈЗУ градската хируршка болница „Св. Наум Охридски“ претставуваат црни точки во сообраќајот на градот, а се главните крстосници кои гравитираат на спомнатата локација.
  • Погоре споменатите сообраќајници на само неколку стотици метра од спорната локација водат до Собранието, единствената хируршка болница во центарот на градот како и до повеќе значајни државни институции со постојани потреби за непречен транспорт,
  • Истото се однесува и на бројните деловни субјекти посебно во Градскиот трговски центар.
  • Нашето секојдневно искуство говори дека на овие сообраќајници и крстосници ниту се изведени ниту предвидени долгорочни решенија за подобрување на протокот, функционалноста и безбедноста на граѓаните освен минорни промени во позитивна насока на подобрување на велосипедска инфраструктура и поместување на пешачки премин.
  • Движењето на пешаците не е подобрено со години, а со постојната инфраструктура незамисливо е да се добие проток на пешаци соодветен на центар на современа урбана средина.
  • Како долгогодишни корисници на градската елементарна комунална инфраструктура сведочиме дека постојните главни инфраструктурни доводи на вода и канализација не се одржуваат редовно и не се подобруваат соодветно на светки искуства и стандарди со цел да одговорат и на постојните потреби со што често пати доаѓа до комунални проблеми кои директно го засегаат квалитетот на живеењето и се на товар исклучиво на нас како крајни корисници,
  • Сведоци сме дека одредени проблеми од јавното осветлување на овој простор не се решаваат на соодветен начин преку 30 години и истата останува непоправливо осветлена под стандардите на урбаното живеење. Одржувањето на околните инсталации за јавно осветление е под современите минимални стандарди.
  • Поради дотраеност и несоодветна институционална покриеност дел од подземната инфраструктура за топлинска енергија е вон функција, доводот на парно греење е во прекин на дел од нашата локација цела сезона со можност за решавање само со приватна иницијатива и инвестиција повторно само на крајните корисници без никакво споделување или поддршка он институциите,
  • Дури и постојните подземни гаражи поради дотраеност на хидро изолација тешко се одржуваат со континуирани штети и без можност за институционална поддршка во нивно решавање, а слично важи и за проблемите со функционирање на паркинг просторот кој го стопанисува општина Центар на нашата адреса.
  • Одржувањето на градското зеленило, ако се изземе косењето на тревата, е непостоечко, а се работи за зеленило кое е засадено пред 40-ина години. За пософистицирано одржување на зеленилото дури не можеме ни да се надеваме, а се работи за дрва со веќе напредната старост како и за зеленило на кое не ми се овозможува ни елементарно полевање.
  • Сведоци сме на начинот на кој се одржува елементарната хигиена во актуелната населеност на просторот. Просторот е нечист и не се одржува во согласност со санитарни стандарди.
  • Секојдневно сведочиме за исклучителната важност на локацијата на најавените градби во однос на нејзината поставеност поред реката Вардар, делумно и на самиот кеј. Оваа важност се темели не само на естетски и функционален план туку претставува и клучен фактор во синџирот на параметри што директно влијаат на загаденоста на воздухот во главниот град, и соодветно на квалитетот на климата во градот и микроклиматските карактеристики на локацијата.
  • Локацијата на нашето живеење наметнува и директно секојдневно сведочење на лошите и штетни решенија од голем дел на објектите од т.н. проект Скопје 2014, што дополнително ни дава за право аргументирано да ги анализираме и последиците од реализацијата на најавените градби на предметната локација и да бидеме сигурни во нивната штетност и неодржливост.
  • За непочитувањето на стандардите на урбано живеење од аспект на пристапност на локациите за итните служби и одговарањето во ситуации на катастрофа и во постојната состојба сведочиме за проблеми кои не се решаваат, а не е тешко да се предвиди до какви последици би дошло кога најавените планови за нови градби би се реализирале.

Според погоре изнесеното сметаме дека најавените градежни активности на споменатата локација означена со „Градска четврт Ц 08 – Ново Маало 2“:

  • се во целосна спротивност со елементарните параметри на урбано живеење во современ град од актуелните димензии на нашиот главен град,
  • најавите за минорни јавни простори на истиот се замајување на јавноста и обид за извртување на основната сопственичка бизнис логика,
  • претставуваат евидентна опасност за безбедноста во центарот на градот на сите граѓани и корисници вклучувајќи ја и нашата микро-локација на сопственици на простор за домување и деловни активности,
  • ги нарушуваат во тежок степен комуникациските и функционални артерии на градот до степен на нефункционалност,
  • претставуваат естетско злодело со трајни последици,
  • ја нарушуваат последната пристапна точка до кејот на реката Вардар,
  • претставуваат тежок удар на микроклимата во овој дел на градот и на сите современи параметри за борба против загадениот воздух во градот во целина,
  • се крајно несоодветни за постојната основна градска комунална инфраструктура
  • претставуваат тежок удар врз напорите за зголемување на зеленилото во градот
  • оневозможуваат формирање на јавен простор од интерес на граѓаните, жителите во непосредната и посредна околина и сите посетители на градот не само на долги туку и на дефинитивни рокови
  • не се во согласност ниту во било каков сооднос со постојните изградени урбани содржини во непосредната околина и пошироко,
  • се во целосна спротивност на препораките од плановите за развој на град Скопје и експертските ставови за апсолутна забрана за градење покрај реката Вардар поради сеизмичките карактеристики на тлото,
  • се еклатантен пример за наметнување на правата од приватната сопственост врз јавниот интерес и простор од клучно значење за главниот град на државата што е во целосна спротивност со елементарните современи параметри за управување со урбани средини,
  • се целосно несоодветни на најскорешните тешки искуства со последната санитарна криза предизвикана со пандемијата од Ковид-19 и начинот на кој светот се бори против неа,
  • не содржат ниеден аргументиран елемент карактеристичен за прогресивни, одржливи и решенија во согласност со апсолутно приоритетните трендови за развој во согласност со природата, т.н. зелени политики и параметрите на хумано живеење, напротив се еклатантно во директна спротивност со истите
  • се сосема несоодветни во однос на развојните препораки во насока на урбано живеење на деца, ранливи категории и лица со посебни потреби,
  • директно тешко го нарушуваат квалитетот на живеењето на постојната локација на Бул. „Кочо Рацин“ бр. 14 и кулите на Бул. Кочо Рацин.

Од овие причини, ние граѓаните сопственици на станови, деловен простор и подземни гаражи и жители на адреса Бул. Кочо Рацин бр. 14 (Градски ѕид блок 9) и кулите на адреса Бул. Кочо Рацин ги повикуваме највисоките инстанци на демократските институции во државата да се повикаат на предимството на елементарниот јавен интерес над секојдневната процедурална и законска регулатива и да го спречат уништувањето на центарот на главниот град и условите на живеење во него. Ги подржуваме сите досегашни јавни иницијативи, почнувајќи од Мораториумот инициран од Советот на општина Центар, бројните граѓански здруженија кои со право повикуваат на разумност и професионалност, платформата Здравје пред профит, мислењата на архитекти експерти, здруженијата на архитекти и слично. Ги поддржуваме актуелните петиции на социјалните мрежи во оваа насока. Го осудуваме неделувањето на институциите согласно основните постулати на нивната институционална поставеност. Доколку не се најде начин на кој ќе се реши овој проблем и ќе се спречат долгорочни тешки проблеми во функционирањето на главниот град, нашите права за заштита на елементарните параметри за квалитет на живот на имотот кој го поседуваме ќе ги бараме во меѓународните институции по судски пат.

По споделување со сите станари од наведените Куќни совети петицијата се потпишува од страна на претседателите на Куќните совети / Заедницие на сопственици на станови како следи:

Бул. „Кочо Рацин“ бр.14 (Влезoви I, II, III, IV, V, VI)
Бул. „Кочо Рацин“ бр.18 (Кула Б-20)
Бул. „Кочо Рацин“ бр.20 (Кула Б-19)
Бул. „Кочо Рацин“ бр.26 (Кула Б-18)
Бул. „Кочо Рацин“ бр.28 (Кула Б-17)
Бул. „Кочо Рацин“ (Кула Б-16)