fbpx

Богдановиќ и Шилегов должат одговори за масакрот на „Орце Николов“

Кој им „пресуди“ на дрвјата на улица „Орце Николов“ во скопски Центар? „Само прашај“ побара одговори на прашањата кои ги поставуваат граѓаните откако „заигра“ моторната пила врз дрворедот: кој оценил дека дрвјата се болни и ја потпишал одлуката дека е неопходно да се исечат, кој ја дал дозволата, што покажуваат фитопатолошките наоди, дали се направени за секое дрво посебно, дали немало начин да се спасат дрвата. Прашања поставивме до Град Скопје, Општина Центар и до ЈП „Паркови и зеленило“. Ја побаравме и документацијата поврзана со овој случај.

Повеќе исечени дрвја имаа здрави стебла и разеленети крошни

Од ЈП „Паркови и зеленило“ се правдаат дека постапувале по решение коешто го добиле од Град Скопје. Од Општина Центар велат дека по реакции од жители испратиле барање за сечење на дрвјата до Град Скопје, но оттаму не сакаа да ја достават документацијата за овој случај.

Од Град Скопје ни рекоа дека в понеделник ќе ни ги достават бараните документи за да се види кој ја издал дозволата за сеча и по кој основ, кој ја потпишал, како и за тоа, дали е направена проценка за секое дрво одделно дали е болно или здраво. Денеска не биле во можност да одговорат бидејќи вработените во соодветните служби не биле присутни.

Властите се правдаат дека дрвјата биле стари и болни и претставувале опасност, а невладините жестоко реагираат дека настрадале и здрави стебла, односно „покрај сувото изгорело и суровото“ и оти на граѓаните најгрубо им се ускратува правото на чист воздух во градот којшто во изминативе години беше меѓу рекордерите по аерозагадување.

Дополнителен проблем е што властите не нашле за потребно ниту да го консултираат Шумарскиот факултет за да даде фитопатолошко мислење, за тоа во каква состојба се дрвјата и дали некое од нив можело да се спаси. Тоа за „Само прашај“ го потврди деканот на факултет, Кирил Сотировски.

„Од нас воопшто немаат побарано никакво мислење, ниту формално, ниту неформално“, вели Сотировски.

Еко-активистите револтирани, бараат одговорност

Еко-активистите жестоко реагираат. Тие велат дека власта должи многу одговори за масакрот на дрвјата. Од организацијата „Go green – Биди зелен“ повикаа веднаш да се објави извештајот за проценка на квалитетот и состојбата на исечените дрвја, лицето кое ја направило анализата и кои методи се користени, дотолку повеќе што во зелениот катастар на Град Скопје овие дрвја се одбележани со зелено, а не со жолто или со црвено.

Bogdanovic i Silegov dolzat odgovori za masakrot na Orce Nikolov 1Според зелениот катастар дрвјата на Орце Николов биле здрави

„На терен видовме дрвја кои имаат шупливи гранки, но не и стебло! Проблемот тука е што не е навремено интервенирано од страна на надлежните лица да се кратат и одржуваат тие дрва за да не дојдат до ова. Но, секако не е тоа причина за да се исече цело дрво! Се оштетуваат корењата на дрвјата кои ги „поштедиле“, за до нив да се бетонира. Автоматски му се ускратува животот на тоа дрво! Се сечат млади стебла! Ова не се стари и шупливи дрвја!“, велат од „Go green“.

Од „О2 инцијативата“ потсетуваат дека на сличен начин се постапило и со дрвјата на булевар „Србија“ пред еден месец, но и на „Рузвелтова“.

„Од она што се гледа, дрвјата не се болни, единствен проблем им е што биле големи, најголемиот дел исечени дрвја се со огромни стебла. Од она што се гледа на терен останува впечаток дека им се нашле на пат за поставување цевки и кабли“, велат од О2 иницијативата, посочувајќи дека на улицата „Орце Николов“ е извршен масакр.

Многу прашања и од платформата „Здравјето пред профитот“, составена од граѓани на Дебар Маало и на Центар.

„Зошто немаше анализа кога се правеше проектот колку дрва се болни? Зошто на презентацијата на проектот не беше најавено дека болните дрва ќе се заменуваат? Зошто градоначалникот кажа дека ниту едно дрво нема да се сече? Зошто не чувствуваат потреба да ги објаснат постапките однапред? Зошто ги доведуваат граѓаните во ситуација да се осеќаат изманипулирани?“, прашуваат од платформата.

Градоначалникот Саша Богдановиќ остана на ставот дека дрвјата биле болни. Екипите утврдиле дека 13 дрвја претставувале опасност за граѓаните, а од 13 решенија биле отстранети 8.

Bogdanovic i Silegov dolzat odgovori za masakrot na Orce Nikolov 2

„Како што ќе оди реконструкцијата, секое опасно дрво ќе биде заменето. Отстрануваме болно, старо и исушено дрво. Прво се реакциите од граѓаните, па ние реагираме до Град Скопје и потоа се прави проценка и се отстрануваат дрвата. Јас знам дека граѓаните реагираат на каква било промена во врска со сечата на дрва и зеленило, но да дополнам дека на улицата „Орце Николов“ имаше шупливи дрвја, а тие што изгледаат наводно здрави на фотографиите, немаат корени. Дрво без корен е ризично“, додаде Богдановиќ.

Што вели Законот?

Законот за урбано зеленило од 2018 година точно ја уредува постапката за сечење и кастрење дрвја и гранки. И општината, во случајов Центар и Град Скопје се одговорни за спроведените активности. Со Законот е предвидено дека физичко , правно лице или по службена должност се поднесува Барањето за сечење или кастрење до Секторот за комунални работи на Град Скопје, по што стручни лица треба да направат увид на самото место и да ја утврдат состојбата и потребата од сеча или кастрење, по што се носи решение. ЈП „Паркови и зеленило“ потоа ја најавува активноста во Град Скопје и релевантната општина и постапува решението.

Член 29 од Законот за урбано зеленило

„Општината или Град Скопје се должни да донесат решение со кое ќе ја утврдат потребата за сечење, односно кастрење на оштетеното дрво, и на видливо место се обележува дека дрвото е за сечење или кастрење со црвена боја на височина од 130 сантиметри (сечење: „С“ или кастрење: „К“)“.

Пилите на „Орце Николов“ засега стивнаа, но се чини не за долго, бидејќи градоначалникот Богдановиќ најави дека како ќе оди реконструкцијата, така и секое опасно дрво ќе биде заменето. Граѓаните, пак, останаа со горчина од направениот пустош кој потсетува на некои не толку далечни времиња. Оние кои тогаш беа гласни, сега молчат.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинар: Мартин Пушевски

Тагови: