fbpx

Стоп за сеча на дрвјата во Скопје

Под мотото „Кога пилите ќе стивнат“ вчера во Скопје се одржа протест против сечењето дрвја на улицата „Орце Николов“. Протестот почна со едноминутен молк и положување цвеќе на местата на коишто се наоѓаа дрвјата што беа исечени од Општина Центар и Град Скопје.

Учесниците на протестот со транспаренти укажаа на важноста на секое дрво

Од граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“, којашто го организираше протестот побараа да престане уништувањето на градското зеленило.

„Ќе запре ли некогаш, под власта на која било партија, уништувањето на белите дробови на Скопје? Ќе покаже ли барем еднаш градската администрација стручност и транспарентност во градежните зафати во Скопје? Ќе се освестат ли локалните моќници дека дрвјата во Скопје се основен предуслов за нормален и здрав живот за нас и за нашите деца?“.

Се бара одговорност за масакрот на дрвја на улицата „Орце Николов“

Револтот на граѓаните го предизвика ненајавеното сечење на дрвјата и прекршување на ветувањето на градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ дека ниту едно дрво нема да настрада при реконструкцијата на улицата „Орце Николов“.

Барања до градската власт

  • Да се запре извршувањето на решението издадено од Град Скопје со кое се овозможи масакрот на улица Орце Николов со цел да се спасат преостанатите дрвја кои сè уште не се исечени.
  • Веднаш јавно да се објават сите документи кои содржат стручни аргументи врз основа на кои градоначалникот на Град Скопје го донел решението за сечење на десет дрвја.
  • Итно да се измени Статутот на Град Скопје со додавање одредби за зголемена транспарентност, ефективна вклученост на јавноста и задолжително објавување на решенијата за сечење зеленило на веб-страницата и на официјалните профили на социјални мрежи на Град Скопје на денот на нивното донесување.
  • Град Скопје и општините во Град Скопје да воведат статутарни одредби за задолжително да организираат презентација на проекти за уредување улици и јавни простори од страна на проектантите и одговорни лица во општините, како и можност за партиципација на јавноста.
  • Зелениот катастар на Скопје веднаш да се ажурира со сите неопходни информации и отсега натаму тоа ажурирање да е задолжително тековно.
  • ЈП Паркови и зеленило во согласност со тековно ажурираните информации на Зелениот катастар, задолжително да изработи план за лечење на дрвјата кои со професионална нега може да се спасат и истиот доследно да го применува.
  • Итна независна ревизија на проектот за реконструкција на улицата Орце Николов и објавување на проектантот и ревидентите на проектот.
  • Да се поднесат пријави по службена должност против сите кои ги прекршиле законите, кои ги пречекориле своите законски овластувања и кои несовесно работеле во службата.

Критериумите за сечата на дрвјата засега се тајна

Од Општина Центар се огласија за протестот со објаснување дека е издадено е решение за отстранување на 13 дрвја, од кои отстранети се 8, по претходно извршени испитувања од надлежните стручни служби, каде е утврдено дека се работи за стари, болни и оштетени дрва.

„Крошните на дрвата чии гранки се кршеа при секое поголемо невреме во градот претставуваа опасност за граѓаните и минувачите. Во повеќе наврати до Општината од жителите од околните згради има пристигнати писмени барања за отстранување на дрвата. Оние дрва што се отстранија, ќе се заменат со нови, висококвалитетни садници, а за останатите ќе се бараат дополнителни решенија”, велат од Општина Центар.

Уништен е еден од најубавите дрвореди во Скопје

Ваквите нелогични објаснувања од Општината беа една од главните причини за протестот. Имено, граѓанските здруженија не веруваат во образложенијата дека дрвјата биле болни и дека не можеле да се спасат бидејќи повеќето од нив имаа здрави стебла и разеленети крошни. „Само прашај“ веќе пишуваше дека Општината и Град Скопје не објавија никаква документација за да ги поткрепат ваквите тврдења. На крајот на минатата недела од Општината и од Град Скопје ги побаравме сите документи коишто треба да дадат одговори на прашањата кој оценил дека дрвјата се болни и ја потпишал одлуката дека е неопходно да се исечат, кој ја дал дозволата, што покажуваат фитопатолошките наоди, дали се направени за секое дрво посебно, дали немало начин да се спасат дрвата. На нашето барање, од Град Скопје најавија дека ќе ги обелоденат податоците за тоа кој дал дозвола за сеча и дали е извршена одделна проценка на состојбата за секое од исечените дрвја.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Фоторепортер: Томислав Георгиев