fbpx

Власта со потсмев кон граѓаните, ќе се градат висококатници кај „Холидеј Ин“

Извесно е дека паркингот спроти „Холидеј Ин“ наскоро ќе стане големо градилиште на кое во иднина ќе никнат три висококатници. Од Општина Центар потврдија дека е правосилно одобрението за градење на еден од овие објекти. Оттаму велат дека морале да го формализираат одобрението бидејќи рацете им биле врзани по укажувањето од Министерството за транспорт и врски дека нема елементи за суспензија на деталниот урбанистички план за оваа локација.

Vlasta so potsmev kon graganite ke se gradat visokokatnici kaj Holidej In 1Проектот предвидува изградба на три станбено-деловни висококатници

Двете страни претходно со повеќемесечна пинг-понг партија ја замајуваа јавноста и глумеа дека работат на стопирање на градбите коишто се планирани според ДУП кој беше прогласен за незаконски. Всушност, локалната и централната власт не направија ништо за да ја спречат изградбата на овие објекти.

Vlasta so potsmev kon graganite ke se gradat visokokatnici kaj Holidej In 2Богдановиќ и Бочварски декларираат борба за хумано живеење во главниот град, но ништо посебно не прават за тоа

На тој начин, тие ги фрлија во вода потписите на повеќе од 11.000 граѓани, стотици здруженија, познати архитекти, инженери, уметници и други интелектуалци коишто преку петиција и јавен повик до премиерот Зоран Заев и надлежните институции побараа да се спречи изградбата на висококатниците.

План што е незаконски

ДУП за „Градска четврт Ц 08“, во јавноста познат како паркингот спроти „Холидеј Ин“ е донесен од претходната владејчка гарнитура, а долго време беше ставен под мораториум од сегашното раководство на Општина Центар со образложение дека е незаконски. Уставниот суд подоцна го укина мораториумот, а времето во коешто планот беше „замрзнат“ не се искористи да се отстранат аномалиите и пропустите.

Vlasta so potsmev kon graganite ke se gradat visokokatnici kaj Holidej In 3Власта лесно го оживеа спорниот детален урбанистички план

Планот не е усогласен со повисокиот, ГУП на Град Скопје и според пресметките, истиот за 8,8 пати ги надминува параметрите во однос на површината за домување и бројот на жители. Дозволената густина на население според ГУП-от е 805 жители на хектар, а со ДУП-от се предвидуваат 2.400 жители.

Еден од клучните проблеми е што со проектот за изградба на висококатници спроти „Холидеј Ин“ ќе се акумулираат најголем дел од дозволените 1.250 жители со ГУП. Ова значи дека постои опасност жителите на куќите во Ново маало, кои се надеваат дека со изградбата на висококатниците ќе им се решат долгогодишните инфраструктурни и имотни проблеми, на крајот да извисат.

Спорна продажба

Министерството за транспорт и врски повикувајќи се на член 68 Законот за гредежно земјиште пред три години склучи договор за продажба на државно градежно земјиште кај паркингот спроти „Холидеј Ин“ со фирмите „МГ Фешн“ на Зоран Антиќ и „Обновители“ на МПЦ.

Vlasta so potsmev kon graganite ke se gradat visokokatnici kaj Holidej In 4Распродадено државното земјиште спроти „Холидеј Ин“

Договорот беше склучен откако тие претходно се стекнале со над 30 проценти од градежната парцела откупувајќи 4.605 квадратни метри од физички лица. Тогаш, оттаму информираа дека овие фирми поднеле барање за дооформување на парцелата од над 13.640 квадратни метри и дека Државното правобранителство издало позитивно мислење, а цената на продажбата била утврдена согласно Уредба на Владата за висината на цената на градежното земјиште сопственост на Македонија. Јавноста регираше дека таа е многу ниска односно под пазарната вредност.

Vlasta so potsmev kon graganite ke se gradat visokokatnici kaj Holidej In 5Државата можеше да направи парк на оваа локација

Продажбата е реализирана врз основ на можноста за дооформување на парцела со намена „колективно домување со деловни објекти“ предвидено со детален урбанистички план на општина Центар за Голем ринг исток – јужен дел, кој беше предмет на ревизија согласно мораториумот прогласен од општината.

Антикорупициска комисија поднесе иницијатива за истрага до Обвинителството

Државната комисија за спречување на корупцијата неодамна изрази сомнеж дека се извршени злоупотреби на службената положба и овластување кога во 2012 година бил донесен ДУП-от за локацијата спроти „Холидеј Ин“ бидејќи не бил усогласен со Генералниот урбанистички план. Оттаму поднесоа иницијатива за истрага до Јавното обвинителство.

Vlasta so potsmev kon graganite ke se gradat visokokatnici kaj Holidej In 6Претседателката на ДСКС, Билјана Ивановска изрази надеж дека Обвинителството ќе ги отвори очите

Прстот го вперија кон поранешните градоначалници на Центар, Владимир Тодоровиќ и Андреј Жерновски, потоа во раководителот на Секторот за урбанизам во Општина Центар во периодот 2012, раководителот на Секторот за уредување на просторот во Министерството за транспорт и врски, помошникот-раководител на сектор за планирање и уредување на просторот на Град Скопје, планерите и одговорното лице на фирмата ДПУП „Билд“ што го изработиле планот.

Јавното обвинителство во мај, годинава ја доби иницијативата од Државната комисија за спречување на корупцијата за спорниот ДУП која ја опфаќа локацијата спроти хотелот „Холидеј Ин“ во центарот на Скопје. Оттаму соопштија дека иницијативата била распределена за работа кај јавен обвинител и дека по проучување на наводите содржани во иницијативата, јавниот обвинител ќе донесе одлука за понатамошниот тек на постапката.

Vlasta so potsmev kon graganite ke se gradat visokokatnici kaj Holidej In 7Министерството за транспорт и врски не најде спорни моменти

Сепак, со оглед на тоа што Комисијата при Министерството за транспорт и врски предводена од професорот на Архитектонскиот факултет, Мирослав Грчев не најде спорни моменти во ДУП-от за локацијата спроти „Холидеј Ин“ лесно е да се предвиди дека овој случај ќе заврши под тепих и дека никој нема да сноси одговорност за смисленото газење на јавниот интерес во полза на приватниот капитал.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Фото-репортер: Томислав Георгиев

Тагови: