fbpx

ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ нè затрупаа во долгови

Македонија се задолжува со забревтано темпо во изминативе десетина година, а голем дел од позајмените пари се потрошени на непродуктивни трошоци коишто не носат економски пораст. Од 2010 до 2021 година државниот долг на Македонија се зголеми од 1,7 на 6,4 милијарди евра или за 4,7 милијарди евра. Истовремено, јавниот долг порасна од 1,9 на 7,4 милијарди евра, што е зголемување за 5,4 милијарди евра.

Висина на јавен долг*Државен долг го сочинуваат долговите на централната влада, фондовите и општините. **Јавен долг е државен долг плус гарантираниот долг на јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост како и негарантираниот долг.

Владите на ВМРО ДПМНЕ и на СДСМ, во кои главен партнер беше ДУИ изминатава декада велеа дека позајмените пари ќе се употребат за капитални инвестиции: за изградба на патна, железничка, енергетска инфраструктура, болници и училишта односно сè она што ќе придонесе полесно да се води бизнис. Ваквите ветувања беа напишани во основните буџети со кои стартуваа владите на почетоците на нивниот мандат. Во изминативе 12 години беа најавени вкупно капитални инвестиции од 4,6 милијарди евра. Меѓутоа, во овој период заклучно со јуни оваа година се реализирале капитални инвестиции од 3,1 милијарди евра или за 1,5 милијарда евра помалку од ветеното.

Збирни капитални инвестиции од 2010 до 2021 година
Збирни капитални расходи со основен буџет Збирни капитални расходи со ребаланс на буџет од 2010 до 2021 Збирни реализирани капитални расходи од 2010 до јуни 2021
4.640.000.000 евра 4.249.000.000 евра 3.157.000.000 евра
 

При ребалансите на буџетите капиталните инвестиции се кратеа, но буџетскиот дефицит, кој во суштина е новото задолжување порасна и збирно изнесува колку што требаа да изнесуваат најавените, основни, капитални инвестиции.

Збирни буџетски дефицити од 2010 до 2021
Со основни буџети Со ребаланси на буџети
3.493.000.000 евра 4.445.000.000 евра
*Буџетски дефицит е разликата меѓу средствата што планира да ги потроши државата во текот на годината и приходите што ќе ги собере од даноци и давачки од граѓаните и од фирмите.

Позајмените пари кои што не завршија во капитални инвестиции се потрошија за поголеми плати на администрацијата како и на повисоки пензии. Дел од новиот долг се потроши и за платите на администрацијата која не одеше на работа за време на пандемијата, да останат исти, без да се намалат. Ќе завршат и како К 15 за дел од таа иста администрација. Се потрошија и за купување скапи возила во задолжените јавни претпријатија и на државните фондови кои чекаат трансфери од буџетот. А во него, има најмалку пари за развој.

vmro dpmne sdsm i dui ne zatrupaa vo dolgovi 2

Промени се неопходни

Затоа, професорот и економист Никола Поповски, кој беше и министер за финансии и претседател на Собранието, вели дека мора да се смени начинот како ќе се трошат парите. Смета дека понекогаш има и примеси на злоупотреба на ваквото финансирање од страна на креаторите на економската политика.

nikola popovski

„Јавниот долг на Македонија во иднина мора да се намали за околу 10 – тина и повеќе процентни поени од сегашниот и тоа може да се постигне само со грижливо и одговорно планирање на јавните финансии, со повисоки стапки на раст на БДП и со пониски буџетски дефицити во услови на структурни промени и на страната на јавните приходи и на страна на јавните расходи. Тоа ќе бара и откажувања од некои досегашни навики во сферата на јавните финансии и политичкото одлучување. Ако нема такви промени, тогаш јавниот долг и понатаму ќе расте и ќе ги загрозува развојните перспективи на Македонија.“, вели Поповски.

И од Народната банка велат дека треба да сме внимателни и да имаме кредибилна излезна стратегија.

„Тоа значи постепена и паметна фискална консолидација, или т.н. експанзивно фискално штедење, во коешто фискалните мерки ќе се прилагодуваат на фазите на кризата и ќе се насочуваат кон одржливи области, особено оние кое ќе значат пост – ковид структурна трансформација и поддршка на потенцијалниот раст.“, велат од Народната банка.

Од Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс Тинк“ препорачуваат реална фискална консолидација за да се намали товарот на јавниот долг. Фискалната консолидација може да се подели на консолидација на приходната страна (главно, даноците) и на расходната страна. Успешните приказни на Белгија и Данска на намалување на товарот на јавниот долг, посебно преку кратењата на буџетските расходи (плати на јавна администрација, социјални трансфери итн.), претставуваат пример дека постојат начини за одржување на соодветно ниво на јавен долг. Но, треба да се има предвид дека тоа е долг процес и во Белгија и Данска траеше 14 години, велат од „Фајнанс Тинк“.

 
 Прашања на кои Министерството за финансии не даде одговор
  1. Каде отидоа парите од задолжувањата во висина од 1,6 милијарди евра во последниве две години со оглед на тоа што нема значајни капитални инвестиции? Дали се потрошија пораст на плати, пензии и бескорисни буџетски трошоци?
  2. Јавниот долг од 2010 до 2021 се зголеми за 5,2 милијарди евра. Каде се потрошени парите?
  3. Дали 5,2 милијарди евра се добро потрошени?
  4. Колку во просек плаќа Македонија месечно, квартално, полугодишно и годишно за исплата на долговите по сите основи?
  5. Како се одржува ликвидноста во моментов и дали ќе треба нови задолжувања?
  6. Дали ако нема нови задолжувања, може да се наруши исплатата на платите, пензиите и на основните функционирање на државата?
  7. Како во иднина ќе го сервисирате јавниот и државниот долг?
  8. Дали се воведуваат прикриени давачки за да се пополни буџетската каса?
  9. Дали ќе се воведе кризен данок? Ако да, зошто да и каков, а ако не, зошто не?
  10. Дали продажбата на државно земјоделско земјиште и 50% повисоки комуналии за легализирање на дивоградбите се со цел да се пополни буџетот?
  11. Дали ако не се остварат проекциите за раст на економијата, јавниот долг на среден и долг рок може да ја загрози економската состојба?
  12. Дали сметате дека не намалувањето на долгот во апсолутен износ, туку негово намалување како учество во БДП е најдоброто можно решение или се планира во иднина да се намалува долгот и со суфицити во буџетот, односно за реално намалување на задолженоста?
 

За жал, на прашањата каде се потрошени овие нови задолжувања од 4,5 милијарди евра, од Министерството за финансии, иако имаа рок од три недели, не дадоа одговор. Не одговорија ниту од Владата на поставените прашања. Можеби тешко е да се објасни зошто при енормна задолженост, нема пари за изградба на училиште во скопско Визбегово, па дечињата од таму мора да учат во Косово, односно да се дел од образовен систем на друга држава. Немаше ниту одговор ниту на прашањето дали ако без нови задолжувања би имало потешкотии во редовната исплата на платите и пензиите.

Нереален оптимизам

Но, како ќе се сервисира или намалува јавниот долг. Во Стратегијата за управување со јавниот долг за 2022 – 2024 (со изгледи до 2026) се наведува дека враќањето ќе биде со забрзан економски раст и фискална консолидација. Консолидацијата како мерка ја повторуваат различни влади со децении, но никако да дојде. А враќањето со забрзан економски раст не значи дека ќе собереме пари и ќе ја враќаме главнината од долгот, односно дека од 7,1 милијарди евра, долгот би се намалил под оваа сума. Туку планот е следен. За да биде појасно, ќе поедноставиме. Ако бруто домашниот производ е 1.000 денари и сме задолжени со 644 денари, тоа значи дека јавниот долг е 64,4 отсто од БДП. Ако владата планира раст на економијата од 5% и инфлација од 3%, а буџетскиот дефицит да биде 3% од БДП, ова ќе значи дека долгот ќе порасне за 30 денари, а БДП то за 80. Или кога ќе се пресмета новиот долг од 674 денари со повисокиот БДП од 1.080 денари ќе се добие дека јавниот долг е 62,4 отсто од бруто домашниот производ или 2 процентни поени понизок од претходно. Но, во реалноста, ние должиме повеќе како апсолутен износ. Доброто е што државата ќе биде способна да ги плаќа новите долгови без кои што тешко ќе се полни буџетот според желбите на власта.

vmro dpmne sdsm i dui ne zatrupaa vo dolgovi 3Народната банка смета е добро што имаме пристап до финансирање

Од Народната банка нагласуваат дека и покрај зголеменото ниво на јавниот долг, како глобален феномен со оглед на карактерот на тековната криза, пристапот до финансирање на меѓународниот пазар на капитал за нас останува поволен. „Тоа овозможува сигурност во обезбедувањето на неопходните средства за финансирање на потребите на државата и за отплата на долговите од претходните години, а секако на располагање се и другите редовни извори за финансирање, како што се домашниот финансиски пазар и меѓународните финансиски институции.“, велат од НБРМ. Професорот Никола Поповски вели дека нашиот јавен долг би било најдобро да не надминува над 50 отсто од БДП за да не апсорбира огромни средства од БДП за негово финансирање (отплаќање). „Сега исплатите на каматите се приближуваат кон 2 отсто од БДП и тоа е превисоко.“, вели Поповски. Или изразено во пари,тоа се над 200 милиони евра. Од „Фајнанс Тинк“ велат дека далеку сме од загрозување на ликвидноста. „Оваа опција на намалување на долгот преку раст ќе стане неодржлива во моментот кога каматните стапки ќе започнат да растат, што се јавува како релевантна опасност со закрепнувањето на економиите и евентуалните инфлаторни притисоци кои неминовно ќе наметнат централните банки да повлекуваат ликвидност која беше создадена за време на пандемијата, всушност уште од големата криза во 2008.“, укажуваат од „Фајнанс Тинк“. Стратегијата за управување со јавниот долг предвидува и годинава и наредната да расте задолженоста, по што ќе опаѓа. Инаку, во наредниот среднорочен период пристигнуваат за отплата поголеми износи и тоа 450 милиони евра во 2023 година за еврообврзницата издадена во 2016 година, 500 милиони евра коишто ќе треба бидат обезбедени во 2025 година со цел рефинансирање на еврообврзницата издадена во 2018 година, како и 700 милиони евра што достасуваат во 2026 година како резултат на издадената Еврообврзница во 2020 година. Вкупно една милијарда и 650 милиони евра. До 2026 се планира буџетските дефицити, кои што се новоакумулиран долг да бидат 4,3% од БДП во 2020, 3,5% во 2023, 2,9 во 2024, 2,5 во 2025 и 2,2% од БДП во 2026. Економијата пак се планира годинава да расте 4,1%, догодина 4,6% по што во наредните три години по 5,2%, 5,6% и 5,9%. Бидејќи од Владата и од Министерството за финансии не одговорија на прашањата, не знаеме на што се темели ваквиот оптимизам ако се знае дека во периодот 2010 – 2021 планираниот раст беше 3,3%, а економијата испорача само 1,92% пораст. Сите овие бројки нели се важни, затоа што од нив ќе зависи колкав ќе биде јавниот долг.   Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии. Новинар: Горан Теменугов

Тагови: