fbpx

Македонија во главоболки во пресрет на 1 септември

Многубројни дилеми и прашања имаат родителите и наставниците пред самиот почеток на новата учебна година. Дискусиите за тоа дали децата треба да тргнат во школо или да продолжат онлајн и оваа година ги разгоруваат социјалните мрежи. Голем број родители и наставници се загрижени и дали нашите училишта може да бидат доследни во спроведувањето на сите заштитни мерки предвидени во протоколите за настава со физичко присуство како и Планот за настава.

Но, она што најмногу ги загрижува сите е тоа што во новите документи кои даваат слика за тоа како ќе се реализира наставата, не е предвидено колку ученици може да има во една училница, дали ќе биде дозволено да седат по двајца ученици во една клупа, односно како ќе се одржува дистанцата во преполните училишта и класовите кои бројат над 30 ученици?

Makedonija vo glavobolki vo presret na 1 septemvri 1Нејаснотиите и неизвесноста го зголемува стравот меѓу родителите

„Само прашај“ се обиде да добие одговор на дел од овие прашања, но од Министерството за образование и наука велат дека сите одговори ги има во протоколите за настава со физичко присуство во основни и во средни училишта и Планот за настава за учебната 2021/22, како и тоа дека на некои прашања треба да побараме одговор од Комисијата за заразни болести, како и општините. На наше инсистирање дека на некои прашања нема одговори во овие документи, како на пример тоа дека нема предвидено колку ученици треба да има во една училница и дали онаму каде што не може да се одржи дистанца ќе треба да се поделат класовите, од МОН останаа на истиот став дека сѐ има во документите.

Во продоложение даваме одговори на битни прашања што ги мачат родителите. За некои од нив има објаснување во протоколите за настава со физичко присуство и Планот за настава за оваа година, а дел од прашањата одговорија Министерството за здравство и општините.

Дали од 1 септември ќе има продолжен престој и целодневна настава во училиштата?

- Слично како и минатата учебна година, дали ќе има продолжен престој или целодневна настава ќе зависи од самите општини и училишта. Според протоколот, во основните училишта каде што има продолжен престој, потребно е да биде организиран во рамките на расположливите просторни капацитети и да се реализира со ученици од иста паралелка и од исто одделение (без мешање на децата од различни одделенија или паралелки). Дали ќе се обезбеди згрижување на децата по часовите за да може родителите да одат на работа, прашавме во неколку општини. Од скопската Општина Карпош ни одговорија дека тие ќе обезбедат продолжен престој, согласно Законот за основното образование. И од Општина Аеродром одговорија дека од 1 септември ќе има продолжен престој и целодневна настава во училиштата.

Дали ќе работат кујните во училиштата каде што има продолжен престој, односно дали ќе има оброци за учениците или сами ќе треба да носат храна од дома?

- И ова прашање ќе зависи од условите во секое училиште и општина. МОН велат дека ова прашање не е во нивна надлежност. Протоколот за основните училишта предвидува учениците да носат оброк/храна од дома која треба да биде соодветно спакувана или готов производ, притоа водејки сметка за стандардите и нормативите за исхрана за оваа ктегорија на деца. Храната која се подготвува во училишните кујни за децата со продолжен престој, треба да биде со строго почитување на правилата за добра производствена и хигиенска пракса утврдена со Закон за безбедност на храна, како и НАССР стандардите и протоколите за заштита од Ковид 19. Послужувањето на оброците се реализира во училишните трпезарии водејќи сметка да не дојде до мешање на ученици од различни паралелки. Од Општината Карпош ни одговорија дека за учениците кои посетуваат продолжен престој ќе има организирана исхрана, а оброци ќе има и за учениците во училиштата во Општина Аеродром.

По колку ученици е дозволено во училница и како ќе се организира наставата со физичко присуство во училиштата каде што во училниците нема доволно простор за соодветно растојание меѓу учениците?

- За овие важни прашања нема никакви одговори во посочените документи од страна на МОН. Зошто е тоа така, нема одговор ниту од МОН, ниту од Комисијата за заразни болести. Ланската учебна година паралелките на учениците од 1 до 3 одделение беа помалубројни, односно класовите беа поделени и протоколите јасно укажуваа како да се одржи дистанцата. Во Планот за настава, пишува дека: „За учениците наставата се реализира со физичко присуство во просториите на училиштето, со максимално искористување на просторните и кадровските капацитети во училиштето и со задолжителна примена на сите заштитни епидемиолошки мерки утврдени во Протоколите за настава со физичко присуство“.

Makedonija vo glavobolki vo presret na 1 septemvri 2Во голем број училишта нема услови за следење настава со соодветна дистанца меѓу учениците

Кои ученици ќе може да следат настава само онлајн?

- Според Планот за настава, исклучок од правилата се одредени категории ученици со хронични болести и ученици кои имаат родители/старатели со хронична болест за кои ќе се овозможи да следат настава од далечина или комбинирано.

Можност за следење настава од далечина или комбинирано може да биде овозможена и во други ситуации поради немедицински причини, по упатено барање на родителот, за кое ќе одлучува училиштето. За учениците кои се позитивни на Ковид 19 или се во самоизолација, наставата може да се реализира преку учење од далечина. Сите се вклучуваат на часот онлајн додека трае наставата и за оние со физичко присуство.

Кој и како ќе следи дали училиштата ќе ги почитуваат протоколите и дали се предвидени некакви казни?

- Следењето на реализацијата на наставниот процес согласно Планот за настава и протоколите согласно трите модела (со физичко присуство на учениците, комбиниран модел и учење од далечина), го врши Државниот просветен инспекторат согласно своите надлежности преку редовен и вонреден надзор, а надзор на примената на протоколите за одржување на наставата со физичко присуство и комбиниран модел на настава во учебната 2021/2022 година вршат Државниот просветен инспекторат и Државниот санитарен инспекторат согласно нивните надлежности. Од Министерството за здравство одговорија дека ќе има засилени контроли во сите училишта.

Ќе може ли настава да одржуваат наставници што не се вакцинирани?

- Од Министерството за здравство велат дека засега нема одлука за задолжителна вакцинација на наставниот кадар, но апелираат сите наставници да се вакцинираат бидејќи тоа е најдобриот и најефикасниот начин за заштита. Од Институтот за јавно здравје одговорија дека 70 проценти од наставниот кадар е вакциниран.

Дали на настава ќе можат да присуствуваат само ученици чии родители се вакцинирани и дали ќе се бара доказ за тоа?

- Од Министерството за здравство одговорија дека засега нема таква одлука или барање од родителите. Но, исто така апелираат до родителите да се вакцинираат.

Што ќе се случи доколку еден или повеќе ученици се заразат од Ковид-19? Ќе има ли прекин на наставата и изолација за целиот клас? Како ќе се постапува?

- Ако ученик развие симптоми додека е на училиште, се изолира во посебна просторија, се повикуваат родителите да го земат детето и да се обратат кај матичниот лекар. Ако се потврди дека е болно од Ковид-19 се известува епидемиолошкта служба во Центарот за јавно здравје која итно треба да направи анкета со наставниците и учениците за проценка на степенот на ризик врз основа на контактите што ги имале. Од оваа институција ќе проценат кој треба да оди во изолација, дали само оние што имале близок контакт со ученикот или целото одделение.

Дали при појава на Ковид-19 во одредено училиште или одреден клас ќе се бараат тестови од останатите ученици за да присуствуваат на настава?

- Засега нема такво нешто, велат од Министерството за здравство. Нема да има масовно тестирање на ученици.

Во која ситуација се предвидува учениците да преминат на онлајн или комбинирана настава. Каква треба да биде епидемиолошката состојба во земјата за да се случи тоа сценарио?

- Во Планот за настава пишува дека не е возможно да се предвиди дали и кога ќе се промени епидемиолошката состојба во државата, или некој регион или општина, па затоа сите треба да бидеме подготвени на можноста за промена на начинот на спроведување на наставата и преминување на модел кој во одредена ситуација ќе биде најприменлив. За брзи промени треба да бидат подготвени сите, од директорите, до наставниците и стручните служби, останатите вработени во училиштата, како и учениците и нивните родители/старатели, но и сите оние кои придонесуваат за помош и поддршка не само во реализацијата на планираните наставни часови, туку и во овозможувањето на квалитетно воспитание и образование.

Како ќе изгледа наставата во училиштата во време на пандемија?

- Протоколите и Планот за настава предвидуваат три сценарија за настава во земјава. Покрај наставата со физичко присуство со која ја почнуваме годината, во секое време ако се влоши состојбата со заразените може да се премине во учење на далечина или комбинирање на физичко присуство и учење од далечина во групи или комбиниран модел.

Часовите за основците ќе траат 40 минути, а за средношколците 45. Секое училиште за пристигнувањето, за заминувањето на паралелките во и од училиштетo, за смените, користењето на големиот одмор изготвува распоред. Малиот одмор се користи во траење пд 5 минути меѓу часовите и голем одмор во траење од 15 до 20 минути. За време на одморите задолжително се почитуваат мерките за заштита согласно протоколите за настава, и потребно е да се намали колку што е можно повеќе физичкиот контакт меѓу учениците.

Прашање е колку училиштата се подготвени да ги спроведуваат протоколите

За време на големиот одмор кога учениците се во училишниот двор, задолжително се спроведува чистење на училниците со вода и сапун/детергент и со дезинфекциско средство кое делува на вируси и задплжително се проветруваат просториите. Треба да бидат ставени во употреба сите влезови во училиштатата, а на учениците и наставниците при влез ќе им се мери температура. Маските се задолжителни додека траат часовите. На големиот одмор може да ги извадат, но потребно е да одржуваат дистанца. Забранети се физички контакти за поздравување меѓу учениците и вработените во училиштата.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинар: Милена Атанасоска Манасиева Фоторепортер: Томислав Георгиев

Тагови: