fbpx

Хотелските базени полни, „тиња“ за мавровци

Некогаш ја пиеја најубавата и најчиста вода во земјава, а денес жителите  во село Леуново и викенд населбите околу Мавровското езеро купуваат вода за да ги задоволат своите потреби. Тие обвинуваат дека водата од селскиот водовод којшто е изграден со самопридонес, Општината Маврово-Ростуше дозволила да си ја „присвои“ сопственикот на хотелскиот комплекс „Радика“. И додека вода за хотелските базени има, празните чешми и вода загадена со ешерихија коли е секојдневие во Леуново и другите делови на мавровскиот крај.

Hotelskite bazeni polni tinja za mavrovci 1Сопствениците на куќи во Маврово негодуваат бидејќи нивните чешми се суви или имаат неквалитетна вода, а истовремено Општината дозволила хотелот „Радика“ да користи еден од водоводите само за свои потреби

Суви чешми и загадена вода

Владо Лазаревски, претседател на месната заедница Леуново вели дека викендиците се оставени да се снаоѓаат за вода иако нивните сопственици уредно плаќаат за снабдување.

Hotelskite bazeni polni tinja za mavrovci 2„Истиот извор го користи и населбата и хотелот „Радика“. Прво беше доделен на викендиците кои што започнаа со градба од 1970-1971 па навака, а хотелот почна да се гради 1981 година. Тогаш беше тој период комунистички, кога направија, ајде ќе биде ова заедничко, да се снабдуваат, па направија таму пумпна станица, а нема висина изворот и сега тој си го присвои и ги остави викендиците на цедило. И тие веќе немаат вода и таа што е вода е неквалитетна.“, вели Лазаревски.

Тој додава дека нечиста вода затрупана во тиња служи за водоснабдување на жителите во село Леуново и викенд населбите околу Мавровското Езеро.

„Тече два километри вода по дол, се мати со лисја, со глупости, ја пикаат во цевка и ја дистрибурираат. Секоја викендица филтер стави. Филтрите се црни, таа вода не е за пиење, а луѓето си плаќаат“, вели Лазаревски.

Игор Поте, сопственик на викендица во Леуново од 1973 година информира дека пред неколку месеци ја тестирале водата и добиле извештај дека истата не е за пиење.

Hotelskite bazeni polni tinja za mavrovci 3„Во самата вода нема трагови од хлор, втора работа ни беше посочена дека се наоѓаат елементи од ешерихија коли и дека не е безбедна. Истата мора да се преврива ако сакаме да ја користиме за миење на одредени работи“, вели Поте.

Еден водовод ексклузивно за хотелот

Градоначалникот на Општина Маврово-Ростуше, Медат Куртовски вели дека во село Леуново има три водоводи. Еден го користи викенд населбата и со него управува ЈПКД Маврово. Вториот го користи село Леуново, а го управува месната заедница Леуново, а третиот го користи и управува хотелот „Радика“.

Hotelskite bazeni polni tinja za mavrovci 4„Ние работиме на изработка на проектна документација за зафаќање на нови извори и изградба на нов резервоар за да се реши недостигот од вода. Иако мештани таму кажуваат дека чешми се оставени постојано да течат. Водоводот кој што го користи хотелот „Радика“ го изградила пред неколку децении „Железара“, тогашен сопственик на хотелот и оттогаш го користат. Жителите на село Леуново имаат свој сопствен водовод кој нема врска со водоводот на хотелот „Радика““, вели Куртовски.

Спротивно од ставот на општината, Државниот инспекторат за животна средина во септември, годинава објави дека утврдил многубројни неправилности во работењето на хотелскиот комплекс „Радика“. Хотелот не плаќал надоместок за користење на води, иако бил обврзан со Законот за води, но исто така и зафаќал вода од извори во селото Леуново, а немал поставено мерач на проток. Отпадните води од хотелот сѐ уште непречистени се влеваат директно во Мавровското Езеро, иако резортот „Радика“ уште минатата година бил задолжен од инспекторатот да изгради пречистителна станица.

Новоизградените објекти го отежнуваат водоснабдувањето

Од Јавното претпријатие за комунални дејности Маврово информираат дека оваа година во летниот период немало голема суша и затоа немало многу проблеми околу водоснабдувањето на корисниците, за разлика од минатата година кога се соочиле со недостиг на вода поради намалена издашност на изворите, големата суша во летниот период, несовесно трошење на водата од страна на корисниците како и зголемениот број на новоизградени објекти во изминатите години.

„Во договор со општината превземени се активности за пронаоѓање на нови извори кои што треба да се зафатат со што ќе биде надминат повеќедеценискиот проблем. Исто така во наредната година се планирани повеќе активности за пронаоѓање на нови извори во с.Маврово, со цел подобрување на водоснабдувањето на местата на кои што надлежност има Јавното претпријатие за комунални дејности Маврово“, велат од претпријатието.

Револтот расте поради нови дивоградби

Револтот кај жителите од Маврово се зголемил откако сопственикот на хотелот „Радика“ почнал да гради викендици на државно земјиште. Велат, моментално има 17 вакви викендици, а се планираат да се изградат дури 87. Се предвидува тие да бидат приклучени на истата водоводна цевка што во иднина дополнително ќе го отежне водоснабдувањето.

Се оспорува планот за изградбата на нови викендици во комплексот „Радика резорт“ коишто дополнително ќе го отежнат водоснабдувањето

Градоначалникот Куртовски вели дека објектите што се градат кај хотелот „Радика“ се градат на приватен имот и според урбанистички план за селото од 2000-та година, а се разработени со архитектонско урбанистички план од 2018 година. Според него, инвеститорот има добиено правосилно одобрение за градба за 17 објекти, а во тек е постапка за поставување на пречистителна станица која ја има набавено и за уште 22 објекти за кои се уште нема правосилно одобрение.

Државниот инсптекторат за животна средина за овој урбанистички план утврди дека ЕСМ, државна компанија којашто управува со Мавровското Езеро има дадено контрадикторни ставови. Имено, во 2010 година е дадено позитивно мислење, а десетина години подоцна негативно мислење за спроведување на планот со образложение дека градбите би навлегле во заштитната зона на езерото.

Во последното мислење ЕСМ ја оспорува изградбата на нови викендици во „Радика резорт“

„Опфатот зафаќа во акумулација Маврово (под кота 1.233 м.н.в.) и излегува во заштитниот појас од 50 метри од максималната кота на акумулацијата, дефиниран во Законот за води како заштитен појас во кој не треба да се планираат и изведуваат градежни активности. Не може да се даде согласност за изработка на планираниот АУП во предложениете граници на опфат, туку треба во еден дел (под заштитен појас од 50 метри) да се корегира“, се вли во документот од ЕСМ.

Државниот инспекторат за животна средина неодамна соопшти и дека по извршениот инспекциски надзор во септември, годинава испратил писмен допис до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам со кое бара да биде спроведен инспекциски надзор на постапката за носење на архитектонско-урбанистички проект за формирање на градежна парцела на која се предвидува изградба на новите викендици во „Радика резорт“.

Издадено решение за уривање на дел од објектите

Компанијата „Радика резорт“ доби решение за уривање на деветте вили што без дозвола се градат под хотелот Радика во Маврово, објави на 1 октомври, годинава МКД.МК.

Во насписот се вели дека Општината Маврово Ростуше под притисок на јавноста конечно и официјално донела решение со кое на инвеститорот „Радика резорт“ му се наложува во рок од 15 дена да ги отстрани градбите, 9 типски објекти изградени во армирано-бетонски скелетен систем.

„Градежните инспектори на Општина Маврово и Ростуше првиот увид го извршиле уште во март годинава, по што било констатирано дека инвеститорот нема одобрение за градба. Планот на инвеститорот е тука да се изградат 87 такви типски куќи, а изградбата на првите девет продолжила и после март. На 15 септември бил извршен уште еден увид од страна на градежните инспектори, но изградбата продолжила. Во решението на општината пишува дека доколку инвеститорот сам не ги урне нелегално изградените објекти, тоа ќе го стори општината, но трошоците ќе мора да ги намири инвеститорот“, пишува во сторијата на МКД.МК.

Надлежниот градежен инспектор во документот вели дека од разговорот со претставници на хотелот „Радика“, овластеното лице Мурат Јусуфи му кажало дека градежните активности продолжиле затоа што инвеститорот сметал дека затоа што на 2 јули 2021 година има платено комуналии за 22 објекти во вредност од 56.188 евра може да гради и дека одобрението ќе го обезбеди во најкус можен рок.

Рокот за уривање e веројатно до средината на октомври, а мештаните велат дека работниците си продолжуваат со изградбата на куќите, се вели во објавата на МКД.МК.

Викендиците на продажба

Нашата редакција се обиде да стапи во контакт и со инвеститорот – косовската фирма „Алба груп“, којашто од 2017 година е сопственик на хотелот „Радика“, но никој не одговори на нашите повици и прашања.

Според веб-сајтот на компанијата „Алба груп“ проектот за изградба на 87 викендици наречен „Радика вилиџ“ е вреден 13,2 милиони евра

Утврденото бесправно градење и проблемите со водоснабдувањето не го спречува инвеститорот да продолжи со реализација на проектот. Имено, на интернет веќе постои веб-страница на која се рекламираат и продаваат вилите во новиот комплекс наречен „Радика вилиџ“.

Оваа содрижина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинар: Ивана Рамаданова Снимател: Влатко Џиковски Монтажер: Ристо Душковски

Тагови: