fbpx

Мила Царовска и родителите во паралелни светови

Во кофи и тенџериња ја собираат водата што капе од таванот кога врне дожд вработените во основното училиште „Сами Фрашери“ во селото Матка, Општина Сарај. Учениците се принудени да се разместуваат во училниците за да не се намократ. Таму со загриженост ја очекуваат зимата бидејќи многу е тешко да се загрее застарениот објект во кој децата следат настава. Тие сведочат дека често се принудени да одат дома во тоалет или за да измијат раце бидејќи санитарните чворови не функционираат. Спроведувањето на протоколите за Ковид-19 се посебна приказна со оглед на тоа што училиштето се чисти само со вода без хигиенски средства. Старото ќебе со кошто хигиеничарот го чисти училишниот коридор еднаш неделно се дезинфицира со киселина.

Училиштето го посетивме за да се увериме во тврдењата на министерката за образование и наука Мила Царовска за успешниот почеток на новата учебна година. Таа во изминатиов месец постојано укажува дека учениците и наставниците се задоволни од новите наставни програми за четврто одделение и дигитализацијата и дека засега нема знаци дека наставата со физичко присуство може да ја разгори пандемијата од Ковид-19. Спротивно на тоа, родители и наставници велат дека во училиштата нема тоалетна хартија и сапун, дека во преполните училишта е невозможно е да се одржува дистанца меѓу учениците, како и дека во училиштата недостасуваат таблети, ИТ уреди и смарт табли за да може да се одржува настава без печатените учебници.

Неспроведливи протоколи

Во протоколите и планот за настава за годинава не е потенцирано по колку ученици е дозволено да има во училница, но пишува дека мора да се одржува дистанца. Ова тешко се спроведува на дело кога има училишта со над 1.000 деца, и класови со повеќе од 30 ученици.

Д-р Сашко Олумчев, раководител на Центарот за јавно здравје од Гевгелија вели дека училиштата технички не се подготвени да ги исполнат барањата од протоколите.

Mila Carovska i roditelite vo paralelni svetovi 1„Кога се зборува за дистанца, се знае дека таа треба да е најмалку метар и половина. Како да се обезбеди тоа меѓу ученици што седат во иста клупа? Нормално дека не може. Кај нас апсолутно нема услови за да се одржи таа дистанца, освен во класовите со пет-шест деца во подрачните училишта. Ние паѓаме на испитот од старт“, вели д-р-Олумчев.

Тој предава и во средното училиште во Богданци и вели дека точно знае и гледа што се случува на терен. Според него, нереални се барањата во протоколите и за одржувањето на хигиената.

„Како се очекува од двајца или тројца хигиеничари да го дезинфицираат цело школо за време на одморот во пет или десет минути. Луѓето се трудат максимално, но нереални се барањата“, вели д-р Олумчев.

Сличен став има и Стефан Симовски, предметен наставник во скопското основно училиште „Лазо Трповски“. Тој вели дека протоколите се застарени и не се прилагодени на секое училиште.

Mila Carovska i roditelite vo paralelni svetovi 2„Не може исти правила да важат за нашето училиште каде имаме од 22 до 27 деца во клас, и оние во кои има над 30. Сите се трудиме максимално да останеме безбедни, но протоколите за настава дефинитивно треба да се менуваат“, смета Симовски.

Дека во училиштата има проблеми и дека не се почитуваат протоколите неодамна констатираше и Народниот правобранител. Оттаму соопштија дека пред влезовите на училиштата се создаваат турканици поради обврската за мерење на телесна температура, што е особено присутно во училишта со голем број на ученици. Правобранителот укажа дека има голем број паралелки со над 30 ученици сместени во училници, кои најчесто се со простор од околу 30 м2 со што е невозможно одржување на физичка дистанца.

Молк од МОН

Што се презема во вакви ситуации, кога училиштата немаат услови за одржување дистанца меѓу учениците, како се спроведува новата концепција, каков е ефектот од целосното исклучување на печатените книги за четвртоодделенците, кој доби таблет, колку се дистрибуираа до учениците, што се превзема за воспоставувањето на дигитализацијата во образованието? Ова се само дел од прашањата што ги упативме до Министерството за образование и наука, но од кабинетот на министерката и по неколку недели чекање не добивме одговор на ниту едно прашање.

Нема казни, туку опомени

Државниот просветен инспекторат (ДПИ) и Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) се институциите што се грижат дали се спроведуваат протоколите и планот за настава во оваа учебна година. Какви неправилности се пронајдени досега, прашавме и во двете институции.

Ардиан Муслиу, директор на ДПИ изјави дека за септември оваа година планирани се 340 редовни инспекциски надзори и во тек е нивна реализација. Тој информира дека досега добиле вкупно 56 претставки од подносители за кои се извршени вонредни инспекциски надзори.

Mila Carovska i roditelite vo paralelni svetovi 3„Преставките најчесто се однесуваат на избор на наставен и ненаставен кадар, работење на директор на училиште, распределба на часови, прекин на работен однос, запишување на ученици, почитување на протоколи за време на пандемија“, вели Муслиу.

Тој потенцира дека во текот на септември имале поднесоци со наводи за непочитување на протоколи, но немаат констатирана фактичка состојба и со записник утврдено непочитување на истите.

„При констатирани отстапувања од планот или од протоколите со записник се превземаат мерки за отстранување на истите, во зависност од прекршокот. При констатирано прекршување на протоколите се известува и Државниот санитарен и здравствен инспекторат кој има законски надлежности во однос на примена на истите“, вели Муслиу.

Mila Carovska i roditelite vo paralelni svetovi 4Опомени наместо казни за училиштата коишто не ги спроведуваат протоколите

Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат ни‘ одговорија дека од почетокот на учебната година извршиле 280 инспекциски надзори во основи и средни училишта по однос на почитување на протоколите.

„Непочитување на протоколи е констатирано само во многу мал број училишта, при што се издадени не повеќе од 10 решенија за опомена со краток рок за отстранување на истите. Направени се и контролни надзори при што е констатирано дека е постапено во целост по решенијата. Казни не се изрекувани“, велат од ДСЗИ.

Недостатоците се однесуваат на отсуство на редарска служба при влез, неводење писмена евиденција за динамиката за одржување на хигиената, немање извршена дезинфекција од овластена установа, необележана патека на движење на учениците.

Зголемен број на заразени малолетници од Ковид-19

Дали учениците и наставниците се безбедни во училиштата во кои не може да се одржува дистанца, дали опасноста е поголема во училница или за време на одморите кога учениците и најчесто ги вадат маските? Што е променето во однос на епидемиолошката состојба во однос на ланската учебна година, освен вакцинирањето...

Епидемиологот Олумчев објаснува дека според неговите последни анализи од неговиот регион во пораст е бројката на заболени лица на старост од 15 до 25 години.

„Тоа се ученици и студенти, онаа група која се однесува послободно, сака да се дружи, па затоа и има трансфер на вирусот. Исто, така сѐ повеќе заболуваат деца од 5 до 14 години, група која лани не страдаше од вирусот. Дистанцата и маските се неопходни мерки, а во училиштата тешко се обезбедува дистанца. Децата веднаш ги вадат маските штом одат на одмор, а си играат, контактираат. Исто, учат со маски, јадат без маски едни до други. Едноставно не бива така. Треба убавото време да се искористи и да јадат надвор. Треба да се размисли и во однос на предлогот за скратување на часовите“, вели Олумчев.

Mila Carovska i roditelite vo paralelni svetovi 5Тешко е да се контролираат учениците во училишниот двор

Министерството за образование и наука не ни‘ даде одговор на прашањата колку ученици и наставници се заразени од почетокот на учебната година, и колкумина биле или се во изолација. Министерката Царовска во изјавите што ги дава во јавноста говори во проценти, односно во последната изјава вели дека заразени се од 0,01 до 0,03 отсто од вкупно 240 илјади ученици. Инаку, училиштата имаат обрска на дневна основа да информираат во МОН за бројката на заразени ученици и наставници.

Од Министерството за здравство велат дека Институтот за јавно здравје не ги дели пациентите по категории како на пример ученик или наставник, туку само по возраст. Затоа побаравме податоци за број на заболени лица од 6 до 18 годишна возраст во текот на септември, годинава.

- Во периодот од 1-27 септември 2021 година, регистрирани се 1.784 малолетници (6-18 год.) позитивни на Ковид-19, односно 13,7% од вкупниот број заразени со вирусот во земјава.

- Лани во истиот период од 1-27 септември имало 243 позитивни на Ковид-19, на возраст од 6-18 години, или 7,5% од сите позитивни случаи во државата во тој период.

- Од 19 до 26 септември, годинава има намалување на заболените лица кај сите возрасни групи, освен кај возрасната група 10-19 каде се забележува зголемување од 12,3%.

Но, од Министерството за здравство потенцираат дека епидемиолошката состојба е различна во двата периоди.

„Не може да се зборува за зголемување на случаи споредбено со лани, бидејќи во 2020 година, во летниот период -јули и август, не се соочувавме со рапиден раст на новодијагностицирани со Ковид-19“, велат од Министерството за здравство.

Многу проблеми со дигитализацијата, малку одговори

Покрај проблемите поврзани со здравстевниот аспект и кризата со пандемијата, новата учебна година почна и со натегања околу новата концепција, дигиталните учебници за 4 одделение, нееднаквите услови за настава во сите училишта.

Драгана Спасевска од иницијативата „Учебници и настава мора да има“ најави дека ако сите деца не добијат учебници, во октомври ќе има бојкот на наставата и протести. Таа, за „Само прашај“, вели дека секојдневно собираат информации од загрижени родители, а постојат и мноштво проблеми. Учебници нема и не само за четвортоодделенците туку недостасувааат учебници во сите одделенија по одредени предмети.

Mila Carovska i roditelite vo paralelni svetovi 6„Четвртоодделенците немаат воопшто учебници, т.е. МОН доделило само по 5 учебници по одреден предмет, кои ќе се употребуваат за време на час , односно по еден учебник за работа во група. Како ќе се работи со групи за време на пандемија, и како група деца ќе можат да ги следат содржините од еден учебник, ќе треба да ни објасни министерката“, вели Спасевска.

Таа нагласува дека родителите и децата четвртоодделенци се соочуваат со тешка дискриминација бидејќи дигитални уреди, односно таблети има само за одреден број. Според неа, има и потешкотии за симнување и употребување на е-учебниците и затоа некои родители за да им го олеснат учењето на децата се принудени да им копираат учебници.

„И на истите тие им е забрането да ги носат на училиште. Доколку имавме дигитализација, а образованието е бесплатно по закон, тогаш секој ученик требаше да си добие бесплатен дигитален уред“, смета таа.

Наставникот Симовски вели дека нема учебници по странските јазици за основно образование, но и за други предмети. Во нивното училиште има деца кои следат онлајн настава, но истата тешко се спроведува.

„Многу е тешко во исто време да се држи и онлајн и настава со физичко присуство. Тој што е онлајн, не може во живо да следи се што се работи на часот, па не може ни таблата да ја водат добро. Затоа овие деца добиваат дополнителни материјални за работа. Ние немаме услови за во исто време да се држи оваа настава, едноставно технички не сме опремени. Децата што се онлајн не ја добиваат наставата што треба да ја добијат“, вели Симовски.

Mila Carovska i roditelite vo paralelni svetovi 7На учениците им требаат учебници

Во однос на електронските учебници, вели дека да работиш како наставник само со електронски учебник е бесмислено. Тој и досега работел со дигитални онлајн содржини по странските јазици, но само како дополнителна содржина, што за децата е интересно и корисно.

„Многу пополезно би било да се опремуваат училиштата за потребите на дигитализацијата (која е неминовна потреба во наставниот процес). отколку да се изложуваат родителите и училиштата на непотребни трошоци за купување скапи современи ИТ уреди и фотокопирање. Инвестиции во дигитализација се потребни, но да се инсистира по секоја цена исклучиво на електронски учебници е апсурд,“ вели тој.

Симовски смета дека наставниците, исто како и претходно, оставени се да се снаоѓаат додека се реформира образованието.

Наставничката Марија Стефановска која предава во четврто одделение вели дека на децата им недостасува учебник на клупа, и дека концептот на електронските учебници бара таблет за секое дете.

„Ние имаме смарт табла која ми помага многу, но знам колешки колку се мачат да пишуваат на обична табла. Се губи многу време за да препишат во тетратките. Tребаше првично да се обезбедат услови за работа за сите. Не бива дигитализација без опрема“, вели таа.

Mila Carovska i roditelite vo paralelni svetovi 8Родителите се принудени да фотокопираат учебници

Токму поради тоа што децата бараат учебник за учење, многу родители ги фотокопираа учебниците.

„Се организиравме и ги набавивме испечатени учебниците (ископирана и укоричена верзија) од една копирница. За 4 учебници (без англиски јазик) плативме по 750 денари. Знам дека копирањето значи кршење на авторските права, свесна сум за тоа, но самите деца бараат да имаат дополнително и испечатени учебници. Ќерка ми ги користи комбинирано, особено онаму каде што има повеќе текст за читање (пр. по македонски јазик), бидејќи вели дека така и е полесно, дека очите премногу и се заморуваат ако цело време чита на компјутер“, вели Даниела Михајловска, родител на ученичка од Општина Аеродорм.

Донесете тоалетна хартија и сапун

Голем број родители, покрај списокот за училишен прибор, добија потсетување дека треба да однесат и пакет со тоалетна хартија, бришачи за раце, течен сапун, марамици и средство за дезинфекција. Министерството за образование и наука, неколку пати информираше дека оваа пракса треба да престане и ги повика општините да ги обезбедат за нивните училишта.

За тоа во каква состојба се дел од училиштата во однос на надгледни средства, ИТ уреди, како и другата опрема потребна за современа и дигитална настава доволно е да се отворат неколку годишни програми за работа на училиштата за оваа година.

Mila Carovska i roditelite vo paralelni svetovi 9Недостасуваат таблети и комјутери за спроведување на дигитализацијата

Во делот што се однесува за опремата за многу наставни предмети стои забелешката „опремата е застарена и треба да се обнови“ . Училиштата напоменуваат дека е потребно да се набават компјутери, проектори, смарт табли и друга опрема.

Mila Carovska i roditelite vo paralelni svetovi 10Училиштата редовно бараат обнова на опремата

Но, додека МОН и локалните власти си префрлаат чија е обврската за набавка на сапун и тоалетна хартија, за реновирање на тоалети и опремување на училиштата, како и обезбедување услови и средства за дигитализација, најмногу трпи наставата и учениците. Продолжува експериментирањето со учениците бидејќи работите во образованието се решаваат во од, без претходни сериозни анализи за промените и без навремена подготовка на училиштата за обезбедување исти услови за учење за сите деца.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинари: Милена Атанасоска-Манасиева, Мелихате Рустеми
Снимател: Алуш Сулејман
Монтажер: Насер Мустафа

Тагови: