fbpx

Вештачки се креира пораст на цените на становите

Цените на становите ќе растат е предупредување коешто зачестено во јавноста го пласираат македонските градежници, а како главна причина за тоа се наведува зголемувањето на трошоците за набавка на градежни материјали, за плаќање на квалификуван кадар и за купување на градежни парцели. Меѓутоа, при тоа се заборава на основното економско правило дека пазарот ги одредува цените преку понудата и побарувачката.

Во изминативе години сведоци сме на изградба на огромни станбени блокови во Аеродром, Карпош, Центар, Тафталиџе, Чаир...

Според официјалните податоци од Агенцијата за катастар на недвижности, понудата на станови кај нас одамна ја прегази побарувачката со оглед на тоа што многу повеќе се гради отколку што се купува. Имено, во земјава има над 6.000 непродадени новоизградени станови, а најголем дел од нив се во Скопје.

 

И покрај тоа, последните податоци на Народната банка покажуваат благ пораст на цените на становите во второто тримесечје од годинава.

„Во вториот квартал на 2021 година, цените на становите мерени преку хедоничкиот индекс забележаа годишен раст од 4%, што претставува забрзување во споредба со растот од претходниот квартал. Од аспект на понудата, вредноста на изградените станбени згради забележа раст во првиот квартал од 2021 година, додека расположливите податоци за вредноста на издадените одобренија за изградба на станбени згради во вториот квартал од 2021 година засега упатуваат на намалување, на годишна основа. Од аспект на побарувачката на станови, таа и натаму е поддржана од натамошниот двоцифрен раст на станбените кредити“, пишува во извештајот на Народната банка од август, годинава .

Што е хедонички индекс?

Хедонички индекс на цените на становите е изготвен од страна на НБРСМ врз база на огласите за продажба во главниот град, а објавен од агенциите коишто се занимаваат со промет со недвижности. Цената на станот е функција од големината, населбата во која се наоѓа, катот, дали станот има централно парно греење и дали станот е нов.

Очигледно е дека во цените кои ги пресметува Народната банка влегуваат и оние од новоизградените станови во Скопје, во таканаречените атрактивни населби како Козле, Капиштец, Центар, Карпош каде што цените достигнуваат и до 1.300 евра за квадрат. Сепак, станува збор за исклучоци во кои се таргетираат купувачи коишто можат да си дозволат луксуз.

Практиката покажува дека просечните цени на квадратен метар на продадените станови во скопските населби во перидот 2016-2020 година се многу пониски, дека има променливи трендови односно може да се забележи и пад на цените на станбениот квадрат.

 

Граѓаните полека бегаат од централните градски подрачја

Од Градежната комора на Македонија при Сојузот на стопански комори велат дека годишно во главниот град се продаваат околу пет илјади станови. Од друга страна, според податоците на Агенцијата за катастар на недвижности во 2019 година биле продадени вкупно 2.721 нови станови, а лани, заклучно со септември биле продадени 2.088 станови.

Претседателот на Градежната комора, Ивица Јакимовски очекува цените на становите да растат и посочува повеќе фактори, меѓу кои и укинувањето на неколку детални урбанистички планови што довело до недостиг од локации за градба и зголемување на цените на градежното земјиште.

Од Агенциите за недвижности велат дека понекогаш се случува исти лица да се јават како купувачи на повеќе станови, но почесто станува збор за луѓе кои првпат купуваат ваков тип на недвижност. Агентот за недвижности, Диме Јованов вели дека клиентите најчесто бараат станови со површина од 40 до 80 квадратни метри. Микролокацијата и квалитетот на градбата е првото нешто што влијае на одлуката на купувачите, а цената доаѓа потоа.

Vestacki se kreira porast na cenite na stanovite 1Нехуманите услови за живот полека ги бркаат купувачите од центарот на Скопје

Тој забележува дека полека, но сигурно граѓаните се дистанцираат од централните градски подрачја поради големиот метеж во околината и невозможната мисија да се пронајде паркинг место во непосредна близина на нивниот нов дом.

Банките и градежниците во „љубовна врска“

Градежните фирми мораат да продолжат да работат и да не одат во стечај затоа што веќе имаат собрано градежна опрема и машини, работници коишто треба да земаат плата и поради тоа се бараат нови и нови локации за градење, анализира универзитетскиот професор д-р. Ванчо Узунов.

Vestacki se kreira porast na cenite na stanovite 2Без поддршка од банките би секнала изградбата на станови

Според него, банките имаат капитал којшто мораат да го пласираат па најисплатливо им е да ги кредитираат градежните фирми да прават станови, бидејќи другиот дел од економијата речиси и да не функционира и нема побарувачка за други видови кредити. Тука е и Владата којашто во недостаток на други дејности коишто би го подигнале бруто-домашниот производ (БДП) на државата и би создале повисока стапка на пораст, заедно со локалните самоуправи го стимулираат градежништвото.

Огромен број станови под хипотека

Податоците на Народната банка за вториот квартал на 2021 година ја потврдуваат тезата на професорот Узунов. Има зголемена побарувачка на кредити, при истовремено олеснети кредитни услови, што доведува и до забрзување на кредитниот пораст. Најголемо зголемување на интересот кај луѓето има за станбените кредити. Токму кредитната поддршка што веќе подолг период ја обезбедуваат банките доведува до зголемен интерес за купување недвижности.

Vestacki se kreira porast na cenite na stanovite 3Дел од граѓаните на купувањето стан гледаат како инвестиција

Забележително е што во вториот квартал, годинава значителен процентуален раст од 15,5% бележат нефункционалните станбени кредити. Станува збор за кредити коишто го добиваат овој статус поради нередовна исплата на месечните рати. Според податоците на Народната банка, во 2019 година нефункционалните станбени кредити прв пат по подолг период оствариле двоцифрен пораст од 13,4%.

 

Ако се земе предвид дека заклучно со 2020 година, од вкупно 320.625 станови во Скопје под хипотека кај банките биле дадени 68.409 станови, станува јасно дека евентуално зголемување на каматите на кредитите или неможноста на граѓаните редовно да ги исплаќаат месечните кредитни рати може да доведе до губење на домовите.

Vestacki se kreira porast na cenite na stanovite 4Нереални цени на становите може да предизвикаат несакани последици

Јасно е дека градежниците во желбата за огромни профити постојано туркаат зголемување на цените на станбениот квадрат. Меѓутоа, мора да биде јасно и дека нереалните цени лесно може да доведат до пукање на хипотекарниот меур што може да предизвика катастрофални последици за населението, градежниот сектор и целата македонска економија.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинар: Петар Догов
Снимател: Зоран Догов
Фотограф: Дарко Андоновски
Монтажер: Ристо Душковски