fbpx

Астрономски разлики во цените за исти призводи и набавки без оглас се белег на итните, Ковид – 19 набавки

Со назнака Ковид – 19 државните институции набавувале исти производи по астрономски различни цени, набавки без објавување оглас од исклучок станале правило, се преговарало во „четири очи“, итно се правеле набавки за период од две години и ретко кој внимавал на отчетноста и транспарентноста при трошењето на јавните пари. „А1он“ во соработка со „Само прашај“ ги анализираше јавите набавки со назнака Ковид - 19 на трите најголеми ковид – болници во Скопје ГОБ „8 Септември“, Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле и на Министерството за здравство во периодот од март минатата година, кога почна пандемијата, досега.

Според објавените договори на Бирото за јавни набавки, изминатите 21 месец секоја од здравствените институции кои имале јавни набавки означени со Ковид – 19, имаат компании кои добиле не еден, туку по неколку тендери. Исти компании едновремено добивале тендери во различни државни институции и во најголем дел тендерите ги добивале без објавување оглас.

Најголем трошаџија на државни пари меѓу здравствените институции во пандемијата е Министерството за здравство. Тоа има потрошено повеќе пари со назнака Ковид – 19 отколку што потрошиле трите најголеми ковид - болнци во Скопје заедно. 

Astronomski razliki vo cenite za isti prizvodi i nabavki bez oglas se beleg na itnite Kovid 19 nabavki 1Од здравствените институции, Министерството за здравство потрошило најмногу пари со назнака Ковид – 19, според објавите на Бирото за јавни набавки

Од март 2020, до почетокот на ноември годинава, Министерството за здравство со образложение Ковид – 19 трошоци, потрошило 7,3 милиони евра. Во истиот период трите најголеми ковид - болници во Скопје, заедно, за лекување и заштита од Ковид – 19 потрошиле 2,4 милиони евра.

Astronomski razliki vo cenite za isti prizvodi i nabavki bez oglas se beleg na itnite Kovid 19 nabavki 2Акционерското друштво „Д-р Пановски“ за една набавка од Министерството добило 307.125.000,00 денари или 4,9 милиони евра

Од Ковид – 19 набавките на Министерството, најголема е набавката на коагулациони фактори и незаместителна терапија за хемофилија за потребите на Институтот за трансфузиона медицина, за период од две години. Акционерското друштво „Д-р Пановски“ за оваа набавка од Министерството добило 307.125.000,00 денари или 4,9 милиони евра.

Токму долгиот период за кој се направени набавките, Државниот завод за ревизија укажа дека е спорен кога се работи за набавки со назнаката Ковид – 19 по направена ревизија на јавните набавки на неколку јавни институции, меѓу кои и Министерството за здравство, во периодот од 01.03.2020 година до 01.10.2020 година. Набавката што треба да покрие две години не е дел од анализата за државните ревизори оти Министерството ја направило годинава, во март. Државните ревизори препораките да не се прават набавки со назнака Ковид – 19 ги направиле врз основа на тоа што утврдиле дека дел од институциите правеле набавки кои треба да покријат една година, а во случајот на Министерството, набавката е за две години.

Оваа, како и уште пет други набавки што ги направило Министерството се во отворена постапка, а останатите 24 набавки со назнака Ковид – 19, биле без распишување оглас.

Од Министерството за здравство за „А1он“ објаснуваат дека имале набавки без распишување оглас поради крајната итност.

„Министерството за здравство постапките кои ги спроведе без објавување оглас, беа поради крајна итност во време на ковид пандемија. Истите се објавени на транспарентен начин на страната на Министерството и за сите постапки, пред отпочнување на истите. Министерството има добиено претходно мислење од Бирото за јавни набавки. Покрај објавување на огласите на веб страната на Министерството за здравство, од страна на Министерството до сите фирми од дејноста, се доставувани покани за учество во постапките“, велат од Министерството за здравство и уверуваат дека континуирано постапуваат по препораките на Државниот завод за ревизија.

Во објавените Ковид – 19 набавки што ги направило Министерството за здравство ги нема вакцините за заштита од вирусот оти Министерството се обврзало на тајност на документите на барање на производителите. Од таму објаснуваат дека цените на вакцините и склучените договори со компаниите се од доверлив карактер.

Astronomski razliki vo cenite za isti prizvodi i nabavki bez oglas se beleg na itnite Kovid 19 nabavki 3На сметката на „Медекс фарм“ за две набавки отишле најмногу пари од Инфективната

Не сите институции ја користеле можноста за набавка без објавување оглас. Инфективната клиника од први март минатата година, па се досега нема ниту една набавка без објавување оглас. Набавките ги правеле со поедноставена отворена или отворена постапка. Клиниката со назнака Ковид – 19 потрошила 984.783 евра за кои набавувала лекови, медицински потрошен материјал, лабораториски тестови и реагенси и заштитна опрема. Има компании кои се повторуваат, односно направиле повеќе набавки за клиниката. Таква е „Медекс фарм“ на чија сметка за две набавки отишле најмногу пари од Инфективна. За двете набавки на лекови и антикоагулантна терапија Инфективната клиника склучила договори со оваа компанија вредни 9,7 милиони денари.

Astronomski razliki vo cenite za isti prizvodi i nabavki bez oglas se beleg na itnite Kovid 19 nabavki 4Најмногу пари болницата „8 Септември“ ѝ префрлила на „Феникс фарма“, која има само една набавка на лекови и ампуларна терапија за 8,3 милиони денари

Исти компании се повторуваат и во набавките со назнака Ковид – 19 што ги направила Градската општа болница „8 Септември“, која од лани во март досега, на овој начин потрошила 666.982 евра. Најмногу пари болницата префрлила на „Феникс фарма“ кои имаат само една набавка на лекови и ампуларна терапија за 8,3 милиони денари.

Astronomski razliki vo cenite za isti prizvodi i nabavki bez oglas se beleg na itnite Kovid 19 nabavki 5Институтот, најмногу пари, 10,5 милиони денари, ѝ префрлил на „Македонија лек“, од каде што во четири набавки набавувале лекови и потрошен материјал

Повеќе од нив потрошил Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле кој функционираше и како ковид – центар за возрасни. Институтот најмногу пари, 10, 5 милиони денари, префрлил на „Македонијалек“ од каде во четири набавки набавувале лекови и потрошен материјал. И оваа јавна институција, речиси без исклучок, ја користела можноста за набавки без објавување оглас.

Државниот завод за ревизија во финалниот извештај посочи дека многу често институциите, користејќи ја можноста да вршат набавки без оглас, преговарале со само една компанија, не ги известувале сите оператори и набавките се направени во услови кога нема прецизна дефиниција за критериуми за утврдување на итноста, а во исто време нема акт со кој ќе се определи каков вид стоки и услуги може да се набавуваат за време на вонредна или кризна состојба.

Набавките без објавување оглас беа дозволени за да се излезе во пресрет на итните потреби поврзани со пандемијата. Како олеснување, на јавните институции им беше дозволено да прават набавки и без претходно мислење од Бирото за јавни набавки, а им остана обврската договорот да го објават во рок од десет дена по потпишувањето. Сите овие олеснувања, оставија простор за сомневања за корупција, фаворизирање на компании и купување производи по цени кои се далеку поголеми од реалните пазарни цени.

Astronomski razliki vo cenite za isti prizvodi i nabavki bez oglas se beleg na itnite Kovid 19 nabavki 6Дали имало злоупотреби, фаворизирање компании, набавки по нереални цени и такви што не биле итни, а се протнале како ковид-набавки, истражува Државната комисија за спречување корупција

Болниците и Министерството за иста или слична стока што ја набавувале плаќале драстично различни цени. Државниот завод за ревизија утврди дека најголема разлика има кај цените на купените заштитни мантили, оти дел институциите платиле и стопати повеќе од оние кои платиле најмалку. Цената на заштитните мантили, согласно извештајот на ревизорите, се движела од 20 до 2000 денари за парче, без пресметан ДДВ, а разлики во цените се откриени за набавените маски, ракавици, скафандери, каљачи, тестови за Ковид – 19, хируршки капи и заштитни наочари.

Дали имало злоупотреби, фаворизирање компании, набавки по нереални цени и набавки кои не биле итни, а се протнале како Ковид – 19 набавки, истражува Државната комисија за спречување на корупција.

„Државната комисија за спречување корупција ги анализира наодите од извештајот на Државниот завод за ревизија за набавките направени со назнака Ковид – 19. Постапката е во тек “, изјави Билјана Ивановска, директорка на Државната комисија за спречување на корупција за „А1он“.

На можни нерегуларности и на зголемениот ризик од корупција предупредува и Центарот за граѓански комуникации кој ги следи набавките со назнака Ковид – 19 од почетокот на пандемијата. Во четвртиот, сумарен извештај од мониторингот на итните јавни набавки од сите институции минатата година, се вели дека една третина од вредноста на сите договори отпаѓа на МВР, кое со 2,2 милиони евра води според износот на склучените договори.

Вкупните договори за итни јавни набавки за заштита од коронавирусот во првите шест месеци од кризата изнесувале 6,7 милиони евра.

43 отсто од вредноста на сите тендери им припаднала само на пет фирми, иако вкупно 186 фирми добиле тендер поврзан со коронавирусот, заклучува Центарот за граѓански комуникации.

Според истражувањето, за 68 отсто од склучените договори институциите ја прекршиле законската обврска да ги објават договорите во рок од десет дена од потпишувањето. На секој трет склучен договор за итните јавни набавки поврзани со коронавирусот, пак, се преговарало само со еден понудувач.

„Вонредноста на состојбата, општиот недостиг на неопходните производи и брзината со која се спроведуваа набавките го зголемија ризикот од корупција при примената на оваа, и онака нетранспарентна постапка за јавна набавка. И добавувачите, знаејќи дека институциите се во тесно и немаат голем избор, можеа да го искористат овој период за зголемување на цените над вообичаените и реалните. За да се стесни просторот за можна злоупотреба на и онака скромните јавни ресурси, потребно е да се вложат максимални напори за зголемување на транспарентноста, отчетноста и рационалноста на овие набавки“, заклучуваат од Центарот за граѓански комуникации.

Зголемување на транспарентноста и отчетноста при јавните набавки препорача и Државниот завод за ревизија.

 

Новинарка: Маја Пачемска Илиевска

 

Оваа содржина ја изработи порталот А1.он во соработка со Институтот за комуникациски студии и онлајн платформата Само прашај, како дел од проектот Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество што го финансира Британската амбасада во Скопје

Тагови: