fbpx

Д-р Харис Бабачиќ: Омикрон е позаразен и поотпорен, не треба да се опуштаме

Од 300 до 500 новозаразени лица од Ковид-19 беше отприлика билансот во последниве два месеца, на дневно ниво во земјава. Додека новиот сој, омикрон, се ширеше во другите држави кадешто властите ги зајакнуваа мерките, во земјава тие останаа исти – влез во трговски центри и ресторани со сертификат за примени две вакцини или сертификат за прележаност не постар од 45 дена. Кафулињата, рестораните и хотелите во меѓувреме се полнеа, завладеа новогодишната атмосфера, а веќе на 4 јануари, бројката на новозаразени се искачи на над 1.100 лица.

D r Haris Babacic Omikron e pozarazen i pootporen ne treba da se opustame 1Забрзан пораст на новозаразени од Ковид-19 на почетокот на 2022 година

Веќе на 6 јануари имаше 1.725 нови, односно 8.209 активни случаи на ниво на држава. Сојот омикрон е утврден кај дел од случаите, пред лабораториите повторно се чекаат редици, од аптеките се купуваат брзи тестови, а големи дебати се отвораат и во однос на заштита на вакцините против омикрон.

На темата „омикрон“ разговаравме со д-р Харис Бабачиќ, лекар-истражувач кој магистрирал епидемиологија на Универзитетот во Минхен, а во моментов е во Стокхолм, каде докторира на протеомика на канцер.

Тој вели дека омикрон е позаразен и поотпорен на постоечкиот имун одговор стекнат преку прележување или вакцинација, но добрите вести се дека омикрон поретко доведува до хоспитализација, за разлика од делта сојот.

Доктор Бабачиќ, кои се најкарактеристичните симптоми на сојот омикрон?

- Симптомите не изгледаат многу поразлични од досегашните кај Ковид-19, иако има ограничени податоци за тоа. Се пријавуваат повеќе случаи со горно-респираторна симптоматологија, како што е течење на нос, кивање и болно грло, но сè уште опстојуваат и температура, кашлица, главоболка, болки во мускули, замор. Прашање е дали полесните симптоми се должат на претходно имуна популација или на тоа што има повеќе млади луѓе меѓу заразените. Заморот изгледа поинтензивен и можеби поретко се јавува губиток на мирис и вкус и кашлица, но доказите за тоа се слаби.

Има ли сознанија дали вакцинираните лица (со две дози или со бустер) или прележаните лица од Ковид-19 се позаштитени од останатите, невакцинираните и непрележани?

- Да, има докази дека вакцинираните се позаштитени од невакцинираните од симптоматска болест и хоспитализација од омикрон. Но заштитата од инфекција е послаба споредбено со заштитата кон делта варијантата. Воочена е ослабена ефективност на вакцините во неутрализирање на омикрон варијантата со антитела и во прелиминарни лабораториски студии и опсервациони студии.

На пример, опсервациона студија во Англија има утврдено дека ако 2-9 недели по втората доза од вакцината BNT162b2 на „Фајзер“/„Бионтех“ (Pfizer/BioNTech), имуниот одговор кон омикрон не е драстично послаб од оној кон делта, постепено опаѓа и 6 месеци по втората доза достигнува до 34.2% заштита против симптоматска болест со омикрон варијантата, споредбено со 63.5% заштита против делта варијантата.

Вакцините на „АстраЗенека“ (AstraZeneca) и „Џонсон и Џонсон“ (Johnsson&Johnsson), пак, изгледа дека не пружаат заштита од симптоматска болест, но пружаат заштита од тешка болест и хоспитализација.

Од друга страна пак, процените се дека заштитата од хоспитализација која трае барем еден ден е некои 40-45% поголема против омикрон отколку против делта варијантата и тоа се добри вести.

Прележаните исто имаат подобра заштита од инфекција, симптоматска болест и хоспитализација од невакцинираните, но засега нема јасни докази дека се позаштитени од инфекција од вакцинираните. Ова е увидено и во други прелиминарни и нерецензирани студии од Јужна Африка, Данска, Шкотска, итн. со различни процени на големината на ефектот.

D r Haris Babacic Omikron e pozarazen i pootporen ne treba da se opustame 2Позитивно е што шансите за хоспитализација од омикрон се помали

Кои се основните разлики меѓу омикрон сојот и делта сојот на Ковид-19?

- Клучната разлика од молекуларен аспект е дека има поголем број мутации кои довеле до промени во структурата на протеините на вирусот, од кои голем дел се лоцирани во S протеинот, кој е одговорен за влезот на вирусот во клетките и кој е таргетиран од вакцините. Со тоа, постои ризик омикрон да е позаразен и поотпорен на постоечкиот имун одговор стекнат преку прележување или вакцинација. Тоа е потврдено и од епидемиолошки аспект во опсервациони студии, во кои е утврдено дека омикрон е позаразна варијанта од претходните, способна да го избегне имуниот одговор. Има докази во прилог на тоа дека предизвикува полесна Ковид-19 болест, но сметам дека уште имаме недоволно податоци за да го знаеме со сигурност тоа.

Дали бустер вакцината помага при заштита од омикрон сојот?

- Најверојатно да. Во истата студија во Англија спомната погоре, бустер на BNT162b2 вакцината на „Фајзер“/„Бионтех“ дала 71.4% ефективност во спречување симптоматска болест со омикрон кај оние кои претходно примиле две дози од вакцината ChAdOx1-S на „АстраЗенека“, слично кај оние кои претходно примиле две дози BNT162b2 вакцината на „Фајзер“/„Бионтех“, кај кои ефективноста на бустерот во спречување симптоматска болест била 75.5%. Воедно, ја подобрила заштитата од хоспитализација поради омикрон.

Кои се препораките за заштита од омикрон сојот на Ковид-19?

- Истите препораки како досега – мијте раце, одржувајте физичка дистанца, носете маска во затворени простории, не одите на собири и избегнувајте гужви, работете од дома доколку можете, вентилирајте ги просториите, покријте се со внатрешноста на раката (не дланката) кога кивате и кашлате. Доколку имате било каков симптом кој укажува на Ковид-19, изолирајте се и тестирајте се. Доколку не сте вакцинирани, примете две дози вакцина. Доколку сте целосно вакцинирани, примете бустер доза. Направете го тоа веднаш штом можете.

D r Haris Babacic Omikron e pozarazen i pootporen ne treba da se opustame 3Граѓаните мора да продолжат да се штитат од инфекција со Ковид-19

Сметате ли дека со оглед на тоа што омикрон дава полесни симптоми, какви што се досегашните сознанија, се наближува крајот на Ковид-пандемијата?

- Би бил многу внимателен со тој наратив. Не треба така опуштено да ѝ пристапиме на варијантата. Таа не го приближува крајот на пандемијата туку го оддалечува. Омикрон варијантата води до неколку пати поголем ризик од инфекција со вирусот споредбено со претходните варијанти и голем дел од популацијата ќе биде под ризик од инфекција. Иако има докази во прилог на тоа дека поретко доведува до хоспитализација споредбено со делта, уште е рано да бидеме сигурни во тоа и не знаеме колку поретко. И да е вистина, наглиот пораст во бројот на случаи може пак да доведе до голем пораст во хоспитализациите и да тоа го оптерети здравствениот систем. Исклучително важно е да бидеме јасни во пораката дека треба колку што е можно да се штитиме од инфекција со омикрон. Репродуктивниот број на вирусот во Македонија е неколку дена многу висок, имаме брз пораст во бројот на случаи и системот треба да се подготви за нов бран на хоспитализации.

Од друга страна, не треба да сме во паника дека сме повторно на почетокот и дека се што е направено било без ефект. Не сме. Вакцинацијата дефинитивно ќе ни помогне да се соочиме и со омикрон варијантата и треба сите да ја исполниме граѓанската должност и да си помогнеме и себе си и на останатите во намалувањето на ризикот од инфекција и хоспитализација.

За една недела омикрон се прошири во 23 држави

Сојот омикрон, B.1.1.529, првпат беше пријавен во Светската здравствена организација на 24 ноември 2021 година, заснована првенствено на информации од Јужна Африка. Веќе на 2 декември 2021 година, СЗО извести дека омикрон е проширен во 23 држави и дека се очекува тој сè повеќе да се шири.

Омикрон се шири полесно од оригиналниот Сарс-Ков-2 вирус, се вели во извештајот на Центарот за контрола и превенција од болести, и се додава дека секој заразен од омикрон може да го шири вирусот на други лица, дури и доколку тие се вакцинирани или пак немаат никакви симптоми.

„Се очекува постоечките вакцини да штитат од тешка форма на болест, хоспитализации и смртни случаи поради инфекција со сојот омикрон. Сепак, најверојатно ќе се појават инфекции и кај луѓе кои се целосно вакцинирани. Со други соеви, како делта, вакцините останаа ефикасни во спречувањето на тешка болест, хоспитализација и смрт. Неодамнешното појавување на омикрон дополнително ја нагласува важноста од вакцинацијата и бустерите“, стои во извештајот на Центарот.

 

Новинарка: Мери Јордановска