fbpx

Децата упатени во воспитно-поправен дом се лишени од задолжителното образование

По 19 години преселби од една во друга казнено-поправна установа и престој во импровизирани и несоодветни услови, децата кои се судриле со законот, а на кои им е изречена мерка „Упатување во Воспитно-поправен дом“, од минатата година казната ја издржуваат во Воспитно-поправниот дом - Тетово во селото Волковија, во услови кои ги задоволуваат меѓународните стандарди и кои соодветствуваат за овој вид на превоспитување на прекршителите.

ВПД-Тетово функционира веќе 59 години, единствен е од ваков тип во земјава, но, по конфликтот во 2001 година, од безбедносни причини почна голготата на континуирана дислокација на неговите штитеници. Од Арабати Баба теќе во Тетово, штитениците беа префрлани од еден во друг затвор, најпрво во Шутка, потоа во затворот во Прилеп, од таму, неколку години престојуваа во затворот во Велес, за на крај да завршат во затворот во Охрид, каде според сите досегашни изјави и оценки, условите биле најлоши.

Од 3 ноември 2020, на локација кај тетовското село Волковија земјава доби Воспитно-поправен дом за кој многумина ќе кажат дека условите се добри и навистина е така, според она што екипата на МИА можеше да го види за време на посетата на Домот -објект вреден четири милиони евра.

Decata upateni vo vospitno popraven dom se liseni od zadolzitelnoto obrazovanie

На вкупна површина од околу 3 500 метри квадратни се простира ВПД-Тетово. Располага со три објекти за сместување, отворено, полуотворено и затворено одделение со нето површина од 1 920 метри квадратни. Покрај сместувачките објекти, изграден е административен блок со нето површина од 1 603 метри квадратни, во чии рамки е приемното одделение, одделение за посети, амбуланта за општа медицина и стоматологија, кујна, трпезарија, перална, едукативно одделение, повеќенаменска спортска сала и административен дел за вработените во установата.

Decata upateni vo vospitno popraven dom se liseni od zadolzitelnoto obrazovanie

- По 2001 година, откако Домот во Тетово беше запален, по 20 години талкање низ затворите низ нашата држава, оваа категорија на деца конечно го доби она што го заслужуваа, Воспитно поправен дом што ги задоволува сите потреби на овие деца, вклучувајќи здравство, образование, групни работи и сали, теретана, спортски игралишта за рекреација. Самите услови прават нивната ресоцијализација да биде уште поуспешна, затоа што ова е ВПД, каде што се упатуваат децата за издржување мерка упатување во ВПД, за разлика, нели, од затворскиот систем кој што поинаку функционира. Сепак, затвор е затвор, а ова е Дом, вели директорот на Домот, Даниел Антоски во интервју за МИА.

Decata upateni vo vospitno popraven dom se liseni od zadolzitelnoto obrazovanie

Во моментов во ВПД-Тетово мерка „Упатување во воспитно поправен дом“ издржуваат 21 дете. Домот е наменет за машки деца, додека, женските деца кои дошле во судир со законот, оваа мерка сè уште ја издржуваат во несоодветни услови, во Казнено-поправната установа – Идризово.

ВП-Домот во Тетово, во моментов има 47 вработени, од кои 13 во Секторот за ресоцијализација, 25 се во Секторот за обезбедување - затворската полиција, шест лица се во администрацијата и две раководни лица, директорот и заменикот.

Decata upateni vo vospitno popraven dom se liseni od zadolzitelnoto obrazovanie

Согласно Законот за правда на децата, дете спрема кое треба да се применат потрајни и засилени мерки за воспитување и превоспитување и негово целосно одвојување од дотогашната средина, судот може да го упати во Воспитно-поправен дом. Во Воспитно-поправен дом детето останува најмалку една година, а најмногу пет години, односно до наполнети 23 години. При изрекувањето на оваа мерка судот не го определува нејзиното траење, туку, за тоа дополнително одлучува. Судот ја преиспитува потребата од престој во Воспитно-поправниот дом секоја година, по службена должност, по предлог на јавниот обвинител или по предлог на Воспитно-поправниот дом.

Деца во судир со законот

Домот има капацитет од 110 легла. Во моментов, во него се наоѓаат 21 штитеник. Најмалото дете е на 15 годишна возраст, а најстарото на 21 годишна возраст.

Иако станува збор за деца, делата поради кои им е изречена оваа мерка воопшто не се „детски“. Најголемиот дел од децата таму се поради прекршување на членовите 235, 236, 237, 238 и 242 од Кривичниот законик, „кражба“, „тешка кражба“, „разбојништво“, „разбојничка кражба“, „одземање моторно возило“, но, има и деца кои таму престојуваат поради прекршување на членот 123 – „убиство“, такви се три случаи во моментов. Има и деца кои се превоспитуваат поради „силување“ и „полов напад врз малолетник кој не наполнил 14 години“.

Во домот моментално престојува едно од децата обвинето во случајот со силуваната и убиената постара жена во Струмица. Станува збор за деца кои во моментот на извршување на делото, минатата година имале 13 и 14 години. Постарото дете, кое сега има 15 години моментално е во домот, а другото ќе пристигне, откако ќе наполни 14 години. Случајот е од пред речиси една година, кога на 19 февруари лани беа приведени двајцата малолетници поради разбојништво и силување во домот на 67 годишна жена, која потоа ја задушиле и таа починала.

Decata upateni vo vospitno popraven dom se liseni od zadolzitelnoto obrazovanie

Таму, исто така е сместено и едно дете со психичко нарушување, кое престојува во приемното одделение. Мерката му е изречена поради насилство извршено врз неговата мајка, но, сепак, од Домот сметаат дека местото не му е таму, дека му е потребна специјална грижа. Надлежните велат дека ќе побараат негово сместување во психијатриска болница. Веќе имаат поднесено барање за вештачење на детето.

Процентуално најзастапен е главниот град, 32 отсто од децата се од Скопје, 22 отсто се од Штип, 18 проценти од Велес, 13 проценти од Струмица и едно дете е од Делчево.

Соби по најсовремени стандарди, секоја со плазма телевизор

Сите штитеници во ВПД-Тетово во моментов се во отвореното одделение. Досега, како што ни посочија надлежните, не се изречени построги мерки за престој во полузатвореното и затвореното одделение.

Decata upateni vo vospitno popraven dom se liseni od zadolzitelnoto obrazovanie

Детето, на кое му е изречена мерка „Упатување во воспитно поправен дом најпрво пристигнува во приемното одделение. Таму престојува еден месец. Со него работи стручен тим од психолог, педагог и социолог, кои ја проценуваат неговата состојба, вршат различни тестови и анализи врз него, разговараат со него, ја земаат предвид тежината на извршеното дело и потоа го прераспределуваат во една од двете групи, кои во моментов функционираат. Во текот на тие 30 дена децата престојуваат во собите во приемното одделение. Таму имаат просторија за групна работа и телевизор.

Decata upateni vo vospitno popraven dom se liseni od zadolzitelnoto obrazovanie

Штитениците кои престојуваат во домот се најчесто од семејства, мал е бројот на деца без родители, но, за жал, како што велат вработените, најчесто се од дисфункционални семејства. Некои од децата само го продолжуваат „занаетот“, кој го научиле од мали нозе од нивните најблиски. Родителите на некои од нив, исто така, престојуваат во затвор поради одредени кривични дела.

Децата имаат право на посета, од членови на најтесно семејство, родители, браќа, сестри. Нема одредени денови за посета, тие не се ограничени, најчесто се прават во договор со матичниот воспитувач на детето. Вработените ни раскажаа дека има и такви деца, на кои никој не им доаѓа во посета, оставени се самите на себе.

Decata upateni vo vospitno popraven dom se liseni od zadolzitelnoto obrazovanie

На секои пет деца има по еден матичен воспитувач, а директорот Антоски вели дека улогата на воспитувачите е најголема и највредна во институцијата.

- Секако сите ние тука сме поврзани во еден ланец, сите имаме една единствена цел, успешна ресоцијализација на овие деца, вклучувајќи ја тука и затворската полиција и воспитувачите секако и јас како директор тука со нив. Воспитувачите се носители на сите активности, коишто ги извршувале и треба да ги извршуваат децата. Тие се нивното се тука, да речам, и татко и мајка, и воспитувач и учител, воспитувачите се се. Секој воспитувач си има план за работа со тие деца, индивидуален план за работа со тие деца, појаснува Антоски.

Штитениците на ВП Домот секако користат и погодности според законот. Со оглед на тоа дека во моментов сите се во отворената група имаат поволност на излегување во град од седум часа, викенд и годишен одмор од дваесет дена, кој што го користат на два дела, зимски и летен, по десет дена.

Децата се сместени во соби, по двајца. Собите се идентични, со два кревета на кат, плазма телевизор, шкафови и посебен тоалет. Постојано имаат топла вода и непречени можности за одржување на личната хигиена.

Decata upateni vo vospitno popraven dom se liseni od zadolzitelnoto obrazovanie

Досега ниту едно дете не побарало да биде само во соба. -Сакаат друштво, велат вработените, кои ни кажаа дека се трудат во Домот да создадат една домашна атмосфера, децата да не се чувствуваат дека се во затворена институција.

Во разговор со одговорните на Домот добивме впечаток дека штитениците мошне добро се прилагодиле на условите и куќниот ред. Особено оние кои претходно биле во затворот во Охрид, сега тука мошне ги ценат подобрите услови за издржување на оваа мерка. Вработените велат ретко има инциденти, понекогаш може да им зоврие крвта и да влезат во конфликт, но, сепак досега немало ниту еден посериозен случај.

За оние штитеници, кои ќе го прекршат куќниот ред или ќе предизвикаат инцидент има посебни соби, кои по останатите се разликуваат по тоа што немаат телевизор. На располагање има три такви соби, а оваа мерка трае од пет до седум дена. Децата кои прекршиле некои од правилата престојуваат во тие соби и освен забрана за гледање телевизија имаат и ограничено движење. Сепак, велат вработените, оваа мерка не ја изрекле речиси осум месеци.

Штитениците имаат матичен лекар од Здравствен дом Тетово, надлежните тврдат дека нема злоупотреба на седативи и антидепресиви

МИА имаше можност да разговара за двајца од штитениците, чии имиња, поради заштита на идентитетот, ги пренесуваме под псевдоним. Милан и Арон се две деца осудени поради кражби кои го поминуваат секојдневието заедно, по ист распоред со останатите штитеници.

Decata upateni vo vospitno popraven dom se liseni od zadolzitelnoto obrazovanie

На Милан во Воспитно-поправниот дом Тетово најмногу му се допаѓа кога играат фудбал. Тој е сместен таму бидејќи крадел и е задоволен од условите што ги има.

- Презадоволен сум, поубаво ми е отколку во Охрид, таму малку не ми се допаѓаше, но, кога дојдовме тука на 3 ноември, значи подобро ми е, вели тој.

Еден негов обичен дом во домот е прилично исполнет.

- Наутро стануваме од спиење, нè будат командирите, си миеме лице, заби, раце, сè, потоа се спремаме, чистиме соба, потоа одиме на појадок. По појадок се враќаме, пиеме терапија и потоа одиме на остручување, учам за водоинсталатер, правиме нешто обично за во домот, маси, клупи, огради и потоа имаме активности, слободни активности, играме фудбал, кошарка, одиме во теретана, играме пинг-понг, се забавуваме, да ни помине убаво денот, раскажува Милан.

Decata upateni vo vospitno popraven dom se liseni od zadolzitelnoto obrazovanie

Тој е во домот веќе седумнаесет месеци, а за тоа колку ќе остане вели дека зависи од него и вели дека знае што ќе прави кога ќе излезе од таму.

- Сакам да се вработам некаде, да научам нешто. Тука доста научивме, вели тој.

За здравствената заштита на децата од понеделник до петок се грижи медицинска сестра, а имаат матичен лекар од Здравствениот дом – Тетово. Секој четврток доаѓаат општи лекари и стоматолози од Здравствен дом Тетово, кои ги извршуваат општите медицински прегледи. Домот освен со лекарска ординација, располага и со стоматолошка ординација, каде стоматолозите ги извршуваат своите интервенции. За посложените, каде се неопходни и хируршки интервенции штитениците се упатуваат во Тетово.

Decata upateni vo vospitno popraven dom se liseni od zadolzitelnoto obrazovanie

ВПД-Тетово има договор и со Клиничкиот центар Тетово, кој на децата им обезбедува матичен психијатар, којшто редовно ги следи нивните ментални случувања.

Изминатите години пред овие деца да се префрлат во Волковија, додека престојуваа во затворот во Охрид, народниот правобранител алармираше дека голем дел од децата тогаш биле на седативи по 24 часа на ден. Заменик-народниот правобранител Васка Бајрамовска – Мустафа во 2019 година во извештајот наведе дека најголемиот дел од тогаш 16-те штитеници примале доза од пет до 20 милиграми од различни антидепресиви и седативи.

Decata upateni vo vospitno popraven dom se liseni od zadolzitelnoto obrazovanie

Но при посетата сега на екипата на МИА и беше посочено дека штитениците кои имаат потреба од таква терапија, ја добиваат исклучиво од матичниот психијатар во Клиничкиот центар – Тетово и оти се е согласно менталните состојби на децата. Во моментов, според надлежните, во домот има деца кои консумираат диазепам и други седативи или антидепресиви, но, уверуваат дека сето тоа е согласно професионалните проценки на матичниот психијатар. Во моментов, според надлежните нема деца зависници и не е потребно воведување на метадонска терапија.

Штитениците вклучени во различни активности, сепак, образование во моментов немаат

Децата во ВПД-Тетово имаат строго пропишан куќен ред. Будење и утрински активности од 6:30 до 8:30, време за лична хигиена, средување на собите, појадок, средување и чистење на павилјонот и кругот и генерално чистење, спортско претпладне, ручек, попладневен одмор, спортско рекреативни активности, вечера, слободно време по личен избор, ноќен одмор од 22:00 до 07 часот изутрината.

Decata upateni vo vospitno popraven dom se liseni od zadolzitelnoto obrazovanie

Ова е официјалниот дневен ред, но, како што ни посочи директорот Антоски, во текот на овие активности се спроведуваат и активностите кои се дел од ресоцијализација на децата.

Штитениците на располагање имаат спортски терен за кошарка, фудбал, теретана, сала за пинг-понг. Задолжително е посетувањето на групните и индивидуалните работилници, кои имаат психолошка природа и им помагаат да се справат со негативните емоции, посетуваат курсеви за неколку занаети, кои им помагаат да развијат различни вештини, работат во кујната. Располагаат и со музичко студио. Во домот, како што велат надлежните има многу талентирани деца.

Decata upateni vo vospitno popraven dom se liseni od zadolzitelnoto obrazovanie

Во ВПД-Тетово има две училници, но, сепак, одреден период образовниот процес за оние кои немаат завршено основно образование е во застој. Средното образование ВПД-Тетово го организира вонредно.

Цимерот на Милан, Арон, во разговор со екипата на МИА вели дека, исто така, ужива кога играат фудбал и споделува дека често знаат меѓу себе да организираат натпревари, кои потоа соодветно се наградени.

- Секоја недела во сабота или недела, зависно од временските услови, играме меѓу себе, минатиот пат правевме турнир меѓу себе и имавме награда од страна на директорот, пехар, јас освоив прво место, а другата екипа второ, вели Арон.

Тој има 18 години и е седмо одделение, а во домот е поради кражби, и како што вели, „други ситни дела“.

Decata upateni vo vospitno popraven dom se liseni od zadolzitelnoto obrazovanie

- Јас имам 18 години и во моментов сум седмо одделение бидејќи малку задоцнив со образованието, сега во моментов тука го продолжувам образованието. Што се однесува до образованието, изминатата година учевме тука, имавме редовна настава, сега во моментов се кочи образованието, не знам зошто, некои причини од Министерството за образование. Но, директорот ни кажа дека во март оваа година ќе го продолжиме редовно образованието, вели тој, посочувајќи дека му недостига да учи.

Престојот во домот за Арон, како што вели му помага и претставува голема поука за него.

- Ова е како една поука, што сме згрешиле како млади. Секој згрешил во зависност од тоа во кои услови се наоѓал, во каква околина живеел, така што, сега ова е поука да научиме да се ресоцијализираме, да научиме нешто, кога ќе излеземе да знаеме што ќе правиме во иднина, вели тој.

Во иднина сака да положи за водоинсталатер, да се вработи и да оформи семејство.

- Од условите сум задоволен максимално до сега, за време на мојот престој тука, за разлика од претходната установа, каде што бев привремено, каде што беа сите деца, некои од децата кои се моментално во домот. За разлика од таму, условите се многу подобри, установата е нова, нашата генерација што дојде тука се деца кои први се вселија во оваа установа, која е нова и ги има сите услови, вели тој и додава дека до сега не се соочиле со некои поголеми проблеми.

Decata upateni vo vospitno popraven dom se liseni od zadolzitelnoto obrazovanie

Антоски за МИА, нагласува дека поголема група деца, околу 13 немаат завршено основно образование. Лани во домот се спроведувало основно образование, организирано со проект на УНДП и Министерството за образование.

- Имаме две училници каде што децата беа поделени во две групи согласно тестирањата на наставниците од училиштето „Гоце Делчев“, коешто е најблиску до нашата институција. Децата беа поделени во две групи и следеа цела година образование и се стекнаа со уверение за завршено ниво на образование, вели Антоски, кој посочи дека во моментов не функционира основното образование, но се надева дека мошне скоро ќе се надмине проблемот.

Во меѓувреме штитениците се вклучуваат во други активности. Црквичка посветена на Свети Сисој, светец за кои постарите ќе кажат дека е најголемиот прогонувач на сите ѓаволи, кои ги напаѓаат децата се наоѓа среде дворот на Воспитно-поправниот дом – Тетово.

Decata upateni vo vospitno popraven dom se liseni od zadolzitelnoto obrazovanie

Црквичката, во која има вградено специјален механизам, со чија помош таа навечер свети, е изградена од вредните раце на неколкумина деца, кои престојуваат во домот, со помош на дел од вработените во него. Спроти црквата почната е изградба на минијатурна џамија, која поради временските прилики е прекината, но нејзиното комплетирање ќе почне во најскоро време.

- Црквичката ја изградија четири деца, со помош на вработените тука, ни кажа затворскиот полицаец, кој ни посочи дека таму нема дете кое кога ќе го повикаш нема да дојде и да помогне нешто, да сработи нешто во домот.

Во нивна непосредна близина гулабарник, со гулаби, кои во моментот кога екипата на МИА беше во посета на ВПД-Тетово беа пуштени на слобода, но ограничена во дворот.

Decata upateni vo vospitno popraven dom se liseni od zadolzitelnoto obrazovanie

Во дворот меѓу трите згради во домот, отвореното, полуотвореното и затвореното одделение, освен црквичката, почнатата џамија, гулабарникот има и прекрасно мини езерце исто така направено од дел од штитениците. Во него пливаат шатките, за кои исто така се грижат и децата и вработените, а во околината декорации од стари гуми, кои му даваат посебна свежина на просторот.

Девојчињата во судир со законот мерката „Упатување во воспитно-поправен дом“ ја издржуваат во затворот Идризово

Назад во Скопје, на периферијата од градот, во женскиот дел од Казнено-поправната установа Идризово, во една адаптирана соба во ходник се сместени три малолетнички, кои, исто така, издржуваат мерка „Упатување во Воспитно-поправен дом“. За разлика од Волковија, кај нив, понекогаш нема струја и вода и целосно изостанува образовниот процес. Тука, со трите малолетнички работи воспитувачка, која, пред сè, е надлежна за другите, полнолетни затворенички кои издржуваат казна затвор. Нејзиното време е поделено и недоволно за вниманието што треба да им се посвети на овие деца.

Decata upateni vo vospitno popraven dom se liseni od zadolzitelnoto obrazovanie

МИА имаше можност за разговара со трите штитенички, чии имиња, поради заштита на идентитетот, ги пренесуваме под псевдоним. Просторијата во која се сместени Амра, Рина и Ниса се наоѓа во непосредна близина со затворските ќелии каде што се наоѓаат затвореничките од КПУ Идризово. Станува збор за една соба со три кревети, масичка, телевизор и туш кабина со ВЦ-школка која од леглата е одделена само преку еден отвор. Дневните активности овие малолетнички ги реализираат со прошетка во дворот, за кој има одреден распоред, поради окупираноста од останатите затворенички со кои го делат истиот.

Decata upateni vo vospitno popraven dom se liseni od zadolzitelnoto obrazovanie

Амра е таму девет месеци, има 15 години, а осудена е поради користење на дрога која што ја консумирала уште на 13 години. Денот ѝ поминува добро, единствено поради фактот што со неа е сестра ѝ, која, исто така, ја издржува таа мерка. Амра вели дека единствена активност во текот на денот им е боење и споделува дека нејзиниот престојот во домот ја променил многу, а веќе има планови и за надвор.

- Научив да не правам веќе грешки, а кога ќе излезам сакам да работам и да си ја чувам фамилијата, вели таа.

Таа не е задоволна од условите во кои престојува, бара да се средат, или, како што рече, во најидеален случај, би сакала да оди во дом, бидејќи смета дека таму е подобро.

Decata upateni vo vospitno popraven dom se liseni od zadolzitelnoto obrazovanie

- Таму ќе ми биде подобро затоа што таму има деца, тука се возрасни кои се многу гласни, ние ги гледаме како се тепаат, во текот на ноќта гласови, врескање, тепачка, секоја ноќ, споделува Амра.

Нејзината цимерка Рина поради кражба издржува мерка упатување во воспитно поправен дом веќе осум месеци. Таа вели дека не знае да чита, и, како што рече, „нема кој да ја научи“, а од престојот во домот научила да не ги прави истите грешки.

- Научив да не крадам, сега сум многу поинаква не крадам, не правам како што бев надвор, вели таа, додавајќи дека кога ќе излезе, сака да работи, како што работат сите.

Рина, исто така, не е задоволна од условите кои ги има во домот, вели дека треба да се подобри состојбата со струјата и водата.

Decata upateni vo vospitno popraven dom se liseni od zadolzitelnoto obrazovanie

- Мене тука не ми е добро, студено е, многу мириса тука, во дом е поинаку, има деца, таму е чисто и има друго јадење, сè е поубаво во дом, тука нема услови, нема вода, со ладна вода се миеме, понекогаш навечер сме без струја, се жали таа.

Со нив е и Ниса, постарата сестра на Амра. Кога ќе порасне, таа сака да биде полицајка, а има и дарба за цртање. Таа на новинарската екипа ги презентираше нејзините цртежи, портрети кои ги слика за време на нејзиниот престој во „импровизираниот“ Воспитно- поправен дом во Идризово. И Ниса сподели дека не е задоволна со условите кои ги имаат и го нагласи недостигот на образовен процес, поради кој, како што рече, „нивниот развој е во застој“.

Decata upateni vo vospitno popraven dom se liseni od zadolzitelnoto obrazovanie

Надлежните велат дека на девојчињата многу поретко изминатите години им била изрекувана оваа мерка, но, сепак, тоа не е оправдување за непостоење на соодветна установа за издржување на истата за лица од женски род.

 

Новинари: Ана Цветковска, Борис Куноски, Ангела Рајчевска
Фото, видео и монтажа: Андреј Бранковиќ

Оваа содржина ја изработи Медиумската информативна агенција (МИА) во соработка со онлајн платформата www.samoprasaj.mk на Институтот за комуникациски студии, како дел од проектот Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество што го финансира Британската амбасада во Скопје.

Тагови: