fbpx

Платите не се единствениот проблем во македонското образование

Висината на платите на наставниот кадар е само еден од проблемите во македонското образование, коешто во изминативе години често беше предмет на брзи и непромислени промени што доведоа до паѓање на квалитетот на наставата и влошување на оцените што нашите ученици ги добиваа за стекнатото образование во училиштата.

platite ne se edinstveniot problem vo makedonskoto obrazovanie 1

Децата жртви на постојани „реформи“

Ќе има ли повторно нови промени во наставата и наставните материјали откако од Министерството за образование и наука „срамежливо“ најавија промени на постоечката концепција и објава на нов конкурс за учебници за 1 и 4 одделение, е прашање на коешто побаравме одговор од належните, а со оглед на тоа што станува збор за промена на учебници коишто се веќе испечатени според новата програма и се користат во наставата.  

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири вели дека новата концепција во основното образование ќе продолжи да се спроведува со исто темпо и етапно, но ќе претрпи и минимални измени.

Jeton Shakiri 200x250„Од тоа што го добивам како информација од институциите со кои заеднички работиме на промените во основното образование, тука пред сé мислам на Бирото за развој на образованието, но и од самите образовни установи, генерален впечаток е дека наставата во одделенијата кои се опфатени со планот за етапно воведување на реформата е значително покреативна за разлика од изминатите години. Интеракцијата ученик - наставник како најважна алатка за совладување на наставната материја е подигната на повисоко ниво, а учениците, наместо кон фактографско се насочени кон учење со разбирање. Тоа се и основните цели на концепцијата и задоволни сме од ефектот кој го постигнува, но оценивме дека спроведувањето во иднина ќе продолжи со минимални измени“, вели Шаќири.

Зошто ќе се прават нови учебници за 1 и 4 одделение?

МОН веќе објави нов конкурс за учебници за 1 и 4 одделение кој трае до 11 мај, кој предизвика дилема зошто воопшто се објавува, кога авторите на веќе постоечките учебници не смеат да се пријават на овој конкурс со истиот материјал, а авторските права веќе ги имаат продадено на Бирото за развој на образованието за следните 5 години. Се наметнаа и прашањата кој ќе ги пишува новите учебници, колкави ќе бидат новите трошоци и дали ќе има време да бидат испечатени до септември.

platite ne se edinstveniot problem vo makedonskoto obrazovanie 2

Чести промени на наставата и наставните материјали

Овие прашања му ги поставивме на министерот Шаќири. Но, од неговиот одговор, нема јасен став за тоа дали ќе се прават сосем нови учебници за 1 и 4 или ќе се најде начин да се искористат истите од годинава.

„Како Министерство заедно со другите надлежни институции имаме должност да продолжиме со започнатите промени согласно новата концепција, а тоа, меѓудругото значи и да изработуваме нови наставни програми, и врз основа на тоа и нови учебници. Конкретно, овој процес за изработка на учебниците го реализира Педагошката служба која веќе го објави конкурсот за нови учебници за прво, второ, четврто и петто одделение, за сите предмети за кои се изработени нови наставни програми. Сите заинтересирани автори можат да ги погледнат условите за учество кои се јасно наведени и да се пријават со свој труд, односно учебник. Процесот ќе се спроведе максимално транспарентно и на крајот конечната одлука за секој учебник ќе ја донесе Националната комисија за учебници која е повторно формирана, односно екипирана и очекувам членовите да бидат на висина на задачата“, вели министерот Шаќири.

Етапна дигитализација

Една од најзначајните промени што ќе се применува од новата учебна година е всушност печатени учебници за учениците во 4 одделение. Поранешната министерка Мила Царовска со месеци водеше битка со родителите околу одлуката за комплетно дигитални учебници и стоеше на ставот дека вака е најдобро. Нејзиниот наследник, пак, смета дека дигитализацијата е важен процес, но и дека мора да се воведува етапно.

platite ne se edinstveniot problem vo makedonskoto obrazovanie 3

Дигиталните учебници остануваа како опција

„Новата концепција предвиде достапност на материјали за учење во дигитален формат, но ова наиде на забелешки кај поголем дел од родителите и од самите ученици, бидејќи во нашата земја сѐ уште повеќе се почитува оној традиционален концепт на учење преку печатен учебник, а и во глобални размери се смета дека дигиталните, ИТ уредите влијаат на здравјето на учениците доколку прекумерно се користат. Во таа насока, одлучивме да излеземе во пресрет на мнозинството ученици и родители/старатели и од следната учебна година ќе имаме учебници во печатена верзија за сите генерации, но секако, тоа не ја намалува вредноста на дигиталните учебници, кои исто така ќе бидат опција на располагање“, вели министерот.

Авторите на концепцијата веќе не се вклучени во имплементацијата

Авторите на концепцијата немаат информации за чекорите што следат во нејзината импленетација. Универзитетскиот професор Кирил Барабареев, кој е еден од креаторите на овој документ објасни дека претходно, со дел од авторите работеле на обуките со одделенските наставници кои започнале со реализација на новата концепција во прво и во четврто одделение. Дел од авторите биле вклучени во работните групи за подготовка на наставните програми по одделни предмети од 1-5 одделене, а некои работеле на новите учебници.

Kiril Barbareev 200x250

„Меѓутоа, веќе подолго време немаме информации за процесите кои следат и кои се планирани за останатите одделенија. Она што знаеме е дека натамошните чекори зависат од МОН и искрено се надеваме дека МОН ќе го поддржи целиот реформски процес кој би требало да обезбеди континуитет на започнатите промени согласно Концепцијата во сите одделенија во основното образование – процес кој треба да се заокружи до крајот на следните пет учебни години. Динамиката на реализација беше прецизно определена и за секоја фаза која следи неопходни се сериозни подготовки, се бара отвореност, енергија за промена и вклученост на сите во општеството. Оттука, не можеме да кажеме ништо конкретно во овој момент – што понатаму, бидејќи немаме информации. Искрено се надеваме дека ќе бидеме прашани и вклучени во фазите кои следат“, вели Барабареев.

Следниот фокус - реформи на педагошките факултети

Артан Лимани, истражувач и експерт за образование смета дека ние не треба да бидеме многу преокупирани со новата концепција, затоа што во суштина истата е добра рамка за понатамошно развивање на истата. Оваа концепција ќе треба да се надградува преку вклучување на самите училишта во тој процес.

Artan Limani 200x250„Затоа, отсега ќе треба да се фокусираме на подигање на човечки капацитети во самите училишта преку една систематска реформа во педагошките факултети и академии. Реформата треба да продолжи со тоа што самите училишта ќе треба да се дообучуваат за имплементирање на концепцијата, преку креирање на нови курикулуми за да можат целосно да станат автономни. Од друга страна, веднаш треба да почнеме со реформирање на педагошките факултети, креирање на нова мастер програма за лиценцирање на наставници преку партнерство, и за крај, креирање на академска програма од четири семестри за дообучување на директорите, кои што треба да ја променат нивната улога во училиштата, од технички во академски лидери на училиштата. Доколку ова не го направиме, концепцијата ќе остане само концепт и нема да може да се имплементира низ самите училишта и да дава резултати“, смета Лимани.

Овие ставови ги поткрепува со случувањата во Финска и примерите во  развиените земји кога прават реформи. Објаснува дека таму реформите во образованието се имплементирале низ период од долги години работа и евалуација.

„Во Финска, на пример, реформите почнале во 70-тите години, а акцентот бил ставен на децентрализација на училиштата за тие самите можат да креираат курикулуми и да одредат политики за вреднување на знаењата, на ниво на училишта. За да ги постигнат целите и добрите резултати, Финците решиле воедно да инвестираат во самите наставници, па постигнале консензус дека од големо значење за реформата е наставниците да имаат реформирано педагошко образование. Таму, секој наставник треба да заврши три години мастер програма, специјално дизајнирана за наставници во основни и средни училишта. Резултатите од оваа реформа тие ги постигнале дури во 2001 година со нивното прво учество во ПИСА тестирањето“, објаснува Лимани.

БРО: Наставниците позитивно ги вреднуваат промените

Бирото за развој на образованието во текот на оваа година правело истражување за тоа како промените се прифатени од страна на учениците и наставниците. Ги побаравме резултатите од тоа истражување, но од БРО посочија дека засега е завршена само првата од трите фази и дека комплетното истражување ќе биде јавно презентирано. Соопштија дека согласно извештајот од стручните посети на советниците и спроведената прва фаза од истражувањето, наставниците позитивно ги вреднуваат промените во новите наставни програми.

„Според нив, наставните програми се многу корисен патоказ во наставата, а активностите предложени во наставните програми се поврзани со реалноста на учениците и ги поттикнуваат на размислување. Вака изготвените наставни програми ќе водат кон достигнување на резултати од учењето споредливи на меѓународно ниво“, велат од БРО.

platite ne se edinstveniot problem vo makedonskoto obrazovanie 4

Ќе има обуки за наставниците

Во моментот, БРО прави и подготовки за организација и реализација на обуките на наставниците кои наредната учебна година ќе реализираат настава во прво, второ, четврто и петто одделeние.

Одделенскaта наставничка  Наташа Тодоровска која предава во ООУ„Ѓорѓи Сугарев“  во Битола, која е претседателка на Здружение на одделенски наставници „Учител“, како и  ЕДУИНО Амбасадор, била вклучена во обуките на наставниците за новите програми и како наставник-ментор ги следи наставниците при новите предизвици. Тодоровска вели дека реформите во образованието се неопходни и години наназад наставниците, родителите и учениците ги барале и очекувале.

Natasha Todorovska 200x250„Слабите резултати и немотивираноста  за учење кај учениците сите не загрижуваше, како и нефункционалноста на нивните знаења. Колку и да не сакаме да признаеме, традиционалниот начин на работа во голема мера е присутен  во нашите училници. Недостигот на просторни, технички, аудио-визуелни средства и дидактички материјали во училиштата е причина што потешко оди процесот на осовременување на наставата и менување на пристапот  на работа на наставниците. Добар дел од  наставниците  самоиницијативно се едуцираат на вебинари, семинари кои нудат различни стратегии и алатки за учење како би го направиле интересно учењето за учениците да стекнуваат практични и применливи знаења. Новата Концепција за основно образование  има за цел да се изгради еден современ модел на образовен систем кој ќе излезе во пресрет на потребите и интересите на учениците во 21 век“, вели таа.

Општините да си ја извршат обврската за опремување на училиштата

Според, неа добро е што најголем дел од општините, ја извршиле својата обврска да ги опремат училиштата со соодветни наставни средства за да може да се реализираат новите програми, но има и такви во кои процесот на опремување е во тек и за жал, таму наставниците се снаоѓаат и работат во поотежнати услови.

„Бидејќи е прва година од имплементација на Концепцијата, начинот на планирање и реализирање на наставата оправдано наиде на воздражаност кај колегите, бидејќи се менуваше целиот пристап во планирањето, нови наставни програми, а материјалите за учење беа во подготовка. Наставниците  планираа активности без учебници, поаѓајќи од стандардите за оценување, содржините и поимите од соодветните теми. Потребно беше време да се сфати и прифати таквиот начин на планирање, кој во суштина е многу флексибилен“, вели таа.

Тодоровска смета дека рано е да се каже каква е применливоста на концепцијата во пракса, но потврдува дека има голема поддршка за наставниците со континуирани обуки.

„Во овој период имаме многу позитивни примери каде училиштата, одлично се опремиле и наставниците кажуваат дека многу им е олеснета реализиацијата на наставата со современите технички помагала. Но, имаме и примери каде наставниците со сите свои сили и средства се „мачат“ да го направат тоа. Зошто општините навреме не ги се опремиле училиштата , за тоа некој друг треба да даде одговор“, вели таа.

platite ne se edinstveniot problem vo makedonskoto obrazovanie 5

Многу училишта без соодветни услови за настава

Новата концепција во основното образование започна во оваа учебна година за учениците од 1 и 4 одделение кои добија и нови учебници. Во следната учебна година и учениците од 2 и 5 одделение ќе бидат опфатени со реформите, а истите сукцесивно треба да продолжат и во останатите одделенија во следните 5 години.

Без континуитет во спроведувањето на зацртаните реформи, младите повторно ќе бидат жртви на неквалитетното образование коешто со години наназад „произведува“ полуписмени генерации.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинарка: Милена Атанасоска