Двојазичноста и федерализацијата беше најчесто користената тема во изборната кампања во провладините телевизии за негативно врамување на партијата СДСМ. Ова е генералниот заклучок од извештајот на Мониторингот на демократијата во Македонија - МОДЕМ, кој се однесува на медиумските содржини емитувани на Јавниот радиодифузен сервис и на комерцијалните телевизии со национална концесија во периодот 30 ноември - 09 декември 2016.
Телевизиите Сител, Канал 5, Алфа и ТВ Нова продолжија со голем број прилози да ја обработуваат темата за ‘двојазичноста’, при што кај некои оваа тема доминираше во вестите. Сите овие телевизии темата ја врамија на сличен начин, како вовед во остварување на некакво сценарио за федерализација на земјата што го предводи опозицијата.
Кај медиумите како ТВ 24, Алсат М, Телма и ТВ 21 многу повеќе се следеа теми поврзани со организацијата и подготовката на изборите: злоупотреба на службената должност и на државните ресурси, неправилностите, финансирањето на кампањата, активностите на граѓанскиот сектор, случувањата во синдикалното организирање и во судството, работата на СЈО, како и редовната работа на институциите, најмногу судовите.
И во овој дел од предизборната кампања јавниот радиодифузен сервис беше единствениот медиум што ги покриваше активностите на сите политички партии што учествуваа на изборите, исклучиво со известување за активностите и пораките на кандидатите и не се отвори ниту една тема.
ИЗВЕШТАЈ - МКД ЗАКЛУЧОЦИ - МКД Текстот е првично објавен на www.respublica.edu.mk