- Наводите во Извештајот на ЕП за влијанието на „српски свет“ во Македониа ја разбрануваа политичката сцена во Скопје.
- Генералниот заклучок што може да се изведе е дека тие повеќе послужија за размена на обвинувања меѓу власта и опозицијата отколку што им се придаде геополитичко значење.
- Официјални лица: Нема сериозна аргументација за присуство на „српски свет“ во Македонија.
Изјавата што неодамна ја даде поранешен висок државен функционер за тоа дека зад атентатот на претседателот Киро Глигоров стои некогашниот српски вожд Слободан Милошевиќ, ги разбранува духовите во Скопје. Не поради некаква ексклузивност на откритието, туку затоа што дојде во период кога надворешни политички фактори излегоа со тврдења дека српското влијание во Македонија е поголемо од кога било досега, алудирајќи дека тоа ги поткопува и напорите за влез на земјата во Европската унија. Темата еруптираше веднаш по извештајот на Томас Вајц во кој се изразуваше загриженост дека нашата земја е под силно влијание на северниот сосед.
Анализирајќи ги причините и последиците од наводното присуство на српски свет, како што тврди Европскиот парламент во усвоениот извештај, заменик-министерот за надворешни работи Зоран Димитровски во изјава за Само прашај вели дека таа формулација е ставена на барање на неколку бугарски европратеници. „Вајц прифатил со идеја да го балансира делот каде што во првичната верзија на четири места во извештајот беше споменат македонскиот идентитет и македонскиот јазик“, вели тој.
„Бугарската врховистичка политичка елита се обидува да наметне една теза дека во Македонија сѐ што не е бугарско е српско. И тоа е идеја уште од времето на Санстефанска Бугарија. Во суштина бугарската и научна и политичка елита не може да прифати никаков македонски свет и никаков македонизам“, истакна Димитровски.
Извештајот на Томас Вајц, ја повикува нашата земја да вложи повеќе напори за да гради отпорност против странско мешање и манипулација со информации. Исто така е изразена загриженост, како што се вели, што Северна Македонија и другите држави од Западен Балкан кои се на пат кон ЕУ, се особено тешко погодени од странско мешање и дезинформациски кампањи, вклучително и хибридни закани, финансиски дотации со потекло од Русија и Кина, а како пример го посочуваат заемот што Македонија го зеде од Унгарија со заклучок дека се покажало дека се тоа кинески пари.
„Европскиот парламент е загрижен и поради улогите на унгарската и српската влада во помошта на Русија и Кина да ги остварат своите геостратешки цели во регионот“, е нотирано, меѓу другото, во Извештајот. Во документот се изразува загриженост и поради „проектот за таканаречениот ‘српски свет’ кој го застапуваат некои претставници на Владата.

Премиерот Христијан Мицкоски зборувајќи за оваа тема во неодамнешно интервју рече дека нема такво чувство ниту пак информации. „Ние сме повлекле унгарски кредит од земја членка на ЕУ и на НАТО“, изјави тој и дополни дека е лицемерие ЕУ да ја прозива Македонија за тоа додека самата Унија развива односи со Кина.
„Претпоставувам дека се мисли на Отворен Балкан кој полека заминува во историјата, бидејќи нема никакви иницијативи и средби. Но, ќе ве потсетам дека прогресивните, либералните политичари од СДСМ го воведоа Отворен Балкан. Јас имам исклучително блиски односи и со ХДЗ и Пленковиќ и мојата прва официјална посета беше на Хрватска. Како тоа ќе се толкува – дека сум поблизок со ХДЗ отколку со Вучиќ. А се знаат ли границите на српскиот свет? Не би сакал да правам такви паралели бидејќи се неточни. Во минатото кога се доведуваше во контекст тој српски свет беше т.н. Отворен Балкан-иницијативата“, рече Мицкоски.
Тензично меѓу Владата и опозицијата
Реакциите на македонските политичари дека државата не е дел од таканаречениот српски свет ја преокупираше политичката сцена до таа мера што тоа стана водечка летна тема која го поларизираше општеството.
Претседателот на СДСМ и претседавач со Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче, на седницата на Советот на која се презентираше Програмата и приоритетите на данското претседателство се осврна на безбедносните предизвици со кои се соочува Македонија, а поврзани со странски влијанија и дезинформациски кампањи.
„Би сакал данската амбасадорка да каже дали ова го земаат предвид и дали се анализира овој дел од Извештајот, кога се зборува за зајакнување на безбедносната политика. Тоа дека Северна Македонија останува предмет на непријателски операции на странско влијание, вклучително напори за поделба на општественото ткиво на земјата и искористување на антиевропските чувства, особено преку таблоидите и медиумите на српски јазик кои функционираат како регионални засилувачи на наративите на Кремљ и уживаат значително влијание“, рече Филипче.
Меѓутоа, иако е видливо дека наводите за „српски свет“ ја разбрануваа политичката сцена во Скопје, генералниот заклучок што може да се изведе е дека тие повеќе послужија за размена на обвинувања меѓу власта и опозицијата отколку што им се придаде значење на опасност за државата.

Зоран Шапуриќ, ветеран во политиката и повеќекратен министер, во изјавата за Само прашај вели дека Вајц не дава некои поконкрени и директни аргументи за влијанието на „српски свет“ кај нас.
„Сѐ додека не се дадат јасни показатели и аргументи за тоа, не може да се каже ништо директно и може и понаму да биде предмет на политички препукувања. Единствено можен одговор на Македонија наспрема ова може да биде цврсто останување на евроатланските вредности и евроатланскиот пат“, смета Шапуриќ.
Ако се бара некаква логика во заклучоците дека Македонија е полигон на српскиот свет, не може да се најде. Заменик-шефот на дипломатијата Димитровски посочува на неколку важни аспекти во политиката на државата кои ја побиваат таквата теза. Тој вели дека, ако е некој дел од некаков српски свет, нужно е да се биде дел и од надворешната политика на Србија. Но, ние, подвлекува тој, сме комплетно спротивни од надворешна политика што ја води Србија. Како пример ја дава украинската криза за која нашата држава има сто посто усогласеност со европската надворешна и безбедносна политика - санкции кон Русија, помош на Украина, неколку пакети помош, а тоа и ќе продолжи, додава Димитровски.
„Вториот аспект е што во Владата имаме коалициски партнер ВЛЕН кој што има сериозна соработка со косовската влада предводена од господинот Албин Курти. Имаме одлични односи со таа влада. Како може да биде обвинувана влада што соработува со Албин Курти дека е дел од српски свет“, вели заменик-министерот за надворешни работи, нагласувајќи ги како аргумент и стратешкото партнерство со Велика Британија и со САД.
Независно од недостигот на аргументи за потврда на наводите во извештајот на Вајц, на македонската политичка сцена продолжува да живее оваа тема. Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски, одговарајќи на опозициските критики рече дека поранешниот претседател Стево Пендаровски за петте години колку што му траеше мандатот се сретнал девет пати со српскиот лидер Александар Вучиќ, а на неговиот претходник Бујар Османи му изброја дека за четири години се сретнал 11 пати со политичари од Србија.
„Поранешните претседатели на влади од редовите на СДСМ имале над 25 билатерални средби во период од седум години со нивните колеги од Србија. Активен на оваа тема слушаме е и поранешниот министер за надворешни работи, Османи, во четири години 11 билатерални средби со неговите колеги во Србија. Јас не ценам дали тоа е добро или лошо како министер за надорешни работи, но ние треба да соработуваме со сите. Не може вие да критикувате ангажман со кој било наш сосед, а да имате историски бројки на средби токму со тие претставници“, рече рече Муцунски.
Известувачот Вајц беше во посета на Македонија, неколку месеци пред објавувањето на Извештајот
Домашни посматрачи сметаат дека на темата и се придава поголемо значење отколку што заслужува. „Тоа се користи без потреба и за политички препукувања кај нас“, вели нашиот соговорник Зоран Шапуриќ. Навраќајќи се на Отворен Балкан кој и шефот на Владата, Мицкоски го посочи како причина за наметнувањето на „српски свет“, Шапуриќ потсетува дека Отворен Балкан беше замислен како надградба на Спогодбата за слободна трговија ЦЕФТА каде што членуваат и балканските земји.
Тој вели дека овој мини балкански сојуз требало да води кон натамошно унапредување на слободен проток на стоки и услуги и слободно движење на работна сила, признавање на дипломи. Но, целите не се исполнија.
„По првите резултати и ентузијазам на Србија, Македонија и Албанија, таа иницијатива не се разви, пред сѐ, поради одбивање да се приклучат Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора. Притоа, беше наведувано од овие земји дека тоа би довело до ‘лидерска позиција’ што никогаш не беше до крај јасно аргументирано. Потоа, се премина на политички препукувања во земјите на Балканот и сметам дека и првичниот ентузијазам и поддршката на меѓународната заедница, спласнуваше кога се увиде дека во одредени земји не постои волја“, истакна Шапуриќ во изјавата за нашата платформа.
И ХДЗ во бугарската игра
Според оцени на некои домашни медиуми „српскиот свет“ е новиот фронт со кој бугарскиот европратеник Андреј Ковачев ја турка Македонија во политичка констелација, која се оценува во моментов како авторитарна во Брисел, односно тоа е владата во Србија. „Практично, зад многуприсутната реторика за штетно српско влијание врз Македонија во извештајот стои бугарски интерес околу кој се собраа и европарламентарците на ХДЗ во ЕП. Меѓу нив е и поранешниот министер за надворешни работи во хрватската влада, Давор Иво Штиер“, пишува Независен.
Димитровски: Не гледам закана од Белград – Македонија има свои приоритети и национални интереси
Со заменикот министер за надворешни работи Зоран Димитровски зборувавме за наводите во извештајот на Томас Вајц за постоењето на некаков „српски свет“ во Македонија, кои ја вжештија дискусијата на домашен план. Целосното интервју е достапно на линкот.
„За жал има поткрепа и од одредени структури во Македонија на таквите размислувања дека ние сме дел од српскиот свет“, вели заменик министерот Зоран Димитровски. Тој посочува дека политичката разноликост на Европскиот Парламент овозможува пробив на секакви, па и на екстремни ставови.
„Таму има различни мислења, има радикални структури, десница, левица, крајна десница, крајна левица и за жал некогаш во извештаите допираат и таков тип на радикални мислења кои немаат никаква поткрепа во реалноста. Тоа не значи дека ние не треба да дадеме значење затоа што знаеме од каде доаѓаат таквите извештаи односно таквите интерпретации на она што се случува во Македонија“, оцени Димитровски. Но, мислам, заклучува тој, дека има доволно отпор во овој македонски свет кој што е веќе создаден со децении во Македонија и кој се зајакнува.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Соња Крамарска
Снимател: Наке Батев
Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ
Поврзани стории
Европските пари помагаат, но и го (ре)моделираат регионот
На манипулациите со информации во предизборие им се брзи нозете
Отворена институционална дебата за справување со странско влијание и манипулирање со информации
Без закон за сајбер-безбедност државните институции се ранливи на дигитални закани




