
- Медиумските работници со неверување реагираа дека Македонија по избори исплаќала буџетски пари и на портали регистрирани во странство.
- Да се биде портал регистриран во странство, а да се добиваат пари овде во Македонија, значи и потенцијален ризик за странско мешање и манипулација со дезинформации за да се влијае врз јавноста.
- Кога се обидовме да дознаеме што објавуваат овие портали, на некои веб– адресите им се „мртви“, а еден дури и се занимава со продажба на грамофони.
Дали сте слушнале за порталот Грамофони? Веројатно не, но тој портал добил пари од буџетот на Македонија по изборите 2024, затоа што некој оценил дека бил релевантен медиум што известувал од претседателските и парламентарните избори. Ако се обидете да го отворите на неговата веб адреса www.gramofoni.com ќе видите дека овој портал воопшто не се занимава со информативна дејност, содржината му е на српски јазик и е наменски портал за продавање грамофони и плочи.
Не постои ниту вебстраницата на diasporapress.mk, каде што, според податоците од Државната изборна комисија, се слеале 2.000 евра од коалицијата ВЛЕН, а податоци за неа не можат да се најдат ниту на Марнет.
За локалните избори во 2021 година, во регистарот беа впишани 195 онлајн медиуми, а за предвремените парламентарни избори во 2020 година 235 онлајн медиуми.
„Ставот на Агенцијата, Државниот завод за ревизија и Државната комисија ѝа спречување на корупција кој во повеќе прилики досега е истакнат, е дека воопшто не треба да се плаќа политичкото рекламирање од државниот буџет. Овој став беше преточен во предлог до Собранието од работната група за измени на Изборниот законик во 2023 година. За жал, тој предлог не беше разгледан од Собранието. Меѓутоа, сѐ додека е така, многу е важно да се уреди ова прашање, и тоа не само поради големиот број на онлајн медиуми што добиваат пари од државниот буџет за емитување платено политичко рекламирање, туку и од други причини, меѓу кои сакам да ја истакнам и онаа дека во регистрите се впишани и онлајн медиуми што не се регистрирани во Македонија, туку во други држави“, вели Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ). Тој додава дека таа ситуација не треба да продолжи така.
„Мора да ги надминеме овие состојби, но за тоа ќе бидат потребни измени на Изборниот законик, кои прецизно ќе го уредат прашањето кои онлајн медиуми може да добиваат пари за платено политичко рекламирање“, нѝ изјави Трајчевски.
Во пресрет на парламентарните избори лани, 249 онлајн медиуми се пријавија во Државната изборна комисија за државно финансирање за партиско-политички реклами во изборната кампања. Од нив, околу 150 добиле државни средства.
Во регистрите се впишани и онлајн медиуми што не се регистрирани во Македонија, туку и во други држави. Кај дел од нив тоа веднаш сосема јасно се гледа од домејнот – на пример, во 2024 година на листата се: www.agregat.al, www.desk.al, www.news1.al и уште три онлајн медиуми регистрирани во Албанија.
АВМУ прави Регистар за онлајн медиуми
На 5 јуни 2025 година, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) донесе Правилник за формата и содржината на пријавата за упис во Регистарот на издавачи на онлајн медиуми–интернет портали, и за начинот на водење на тој регистар. Агенцијата ги повика сите издавачи на овие онлајн медиуми / интернет портали да поднесат пријава за упис во тој регистар.
Условите што треба да ги исполнат издавачите се наведени во член 5 на тој Правилник:
- да ја впишал дејноста во Централниот регистар на РС Македонија;
- да има седиште и уредништво во РС Македонија;
- на свое име да има регистрирано македонски .мк или .мкд интернет домен;
- и да ги исполнува минималните кадровски услови утврдени во член 5 ставови 11 и 12 од Законот за медиуми.
Откако сето ова е исполнето, Агенцијата бара од Централниот регистар за тековна состојба на издавачот, а од Агенцијата за вработување податок за бројот на вработени со полно работно време. Доколку сите услови се исполнети, АВМУ во рок од три дена го впишува издавачот на медиум-интернет портал во Регистарот.
Има и неколку кои го користат комерцијалниот домејн .com, но од импресумот објавен на самата вебстраница се гледа дека седиштето им е во Косово, на пример www.gazetaexpress.com и www.telegrafi.com. (овие два медиуми објавувале платени политички реклами и за изборите во 2020 и во 2021 година), а има и еден онлајн медиум регистриран во Данска – www.diasporapress.dk.
Некои, пак, од онлајн медиумите што во 2024 година биле впишани во регистарот не постојат повеќе – на пример: www.gazetamaqedonia.com и www.news1.al, – овие адреси сега ако се отворат не водат кон никаков сајт. Во регистарот од 2024 година е впишан и еден субјект што воопшто не е медиум – www.gramofoni.com. Кога ќе се отвори оваа страница, јасно пишува дека тоа е портал за продажба на грамофони и плочи.
Кога кликнавме на порталот со име Агрегат регистриран во Албанија, www.agregat.al се појави известување дека „страницата е во фаза на одржување и наскоро ќе биде достапна“. Со ознаката „al“односно албански домејн пари добиле и порталите www.desk.al, www.news1.al и уште три онлајн медиуми регистрирани во Албанија. Порталот Деск е активен, објавува на албански јазик и има посебна рубрика за Македонија а од најновите вести што беа планирани беа информации за лидерот на ДУИ Али Ахмети и за тековни случувања во Македонија.
Пари добиле и неколку портали кои го користат комерцијалниот домен .com, но од импресумот објавен на самата веб страница се гледа дека седиштето им е во Косово, на пример www.gazetaexpress.com и www.telegrafi.com. Овие два медиуми објавувале платени политички реклами и за изборите во 2020 и во 2021 година. Од буџетот на Македонија се офајдил и еден онлајн медиум регистриран во Данска – www.diasporapress.dk. Од овие портали активен е Газета експрес и е со седиште во Косово, но не објавува никакви вести од Македонија. Тековни содржини можат да се забележат и на Телеграф кој исто така е косовски портал, но нема вести од Македонија. И данскиот портал на албански јазик Диаспора прес објавува содржини, притоа и од Македонија известува за активности на ВЛЕН.
Дел од порталите кои ги проверивме не постојат или страницата им е во изработка
Некои од онлајн медиумите што во 2024 година биле впишани во регистарот не постојат повеќе – на пример: www.gazetamaqedonia.com и www.news1.al, – овие адреси сега ако се отворат, не водат кон никаков сајт.
Кому се обраќаат тие портали?
Нашиот соговорник од АВМУ кој прв алармираше за проблемот за нашата анализа појаснува дека Државната изборна комисија (ДИК) е должна да ги исплати порталите, но нагласува и дека е работа на други органи како Обвинителството да испитаат кој ги отвора овие портали и со која цел. „Така како што се поставени правилата се нарушува медиумската слика на оние портали кои работата регуларно и ги почитуваат стандардите, а и ним на овој начин им се земаат парите“, вели Трајчевски.Директорката Македонскиот институт за медиуми (МИМ) Билјана Петковска вели дека проблемот има етички и законски аспекти.
„Се поставува прашањето кому се обраќаат тие портали, зошто политичките партии што ги ангажирале одлучиле токму кај тие портали да пласираат свои рекламни содржини за изборите“, истакнува таа.
Петковска потсетува дека лимитот за исплата на еден портал е 15 илјади евра, што не е мала ниту наивна сума.
„Има маме регистер на онлајн портали кој што го менаџира Советот за етика во медиумите. Значи, државните институции коишто носат одлуки да финансираат такви портали имаат можност каде да се обратат и да прашаат во делот на саморегулацијата. ДИК треба да даде објаснување на кој начин одлучува да ги дадат вака тие средства, иако знаеме како оди тој систем на пријавување, што на некој начин го покажува апсурдот на целиот систем на државно финансирање на платеното политичко рекламирање за време на изборите“, вели Петковска, додавајќи дека во моментов не се гледа дека државните институции преземаат било што за да се спречи тоа за претстојните избори.
За да добијат пари, онлајн медиумите поднесуваат извештаи по завршувањето на изборите до ДИК и други релевантни институции согласно Изборниот законик. Но, за разлика од телевизиите каде има строги правила за квантитативни (колку минути во еден час) и квалитативни мерења на политички содржини, такви правила за онлајн медиумите во пракса не постојат. Ова дозволува одредени портали да емитуваат платени содржини само од една политичка партија.
Во Промедиа (каде се прикажуваат оние онлајн медиуми кои ги исполнуваат облигаторните критериуми на Советот за етика во медиумите на Македонија – СЕММ) да бидат дел од регистарот на професионални онлајн медиуми) може да членуваат онлајн-медиуми кои меѓу другото, ги исполнуваат следните критериуми: Да имаат МК домејн, веродостоен импресум (име и презиме на главен, односно одговорен уредник, и состав на редакцијата), адреса и контакт, како и редовно да објавуваат информативни содржини од јавен интерес.
Покрај овие услови, онлајн медиумите согласно пропишаните критериуми, треба и транспарентно ги декларираат сопственоста и начинот на финансирање согласно со законите, а по барање на СЕММ и на Промедиа, да презентираат и податоци неопходни за ажурирање на членството. Потребно е да имаат и најмалку двајца вработени во редакцијата согласно со Законот за работни односи, редовно да објавуваат авторски содржини, да имаат објавено ценовници за рекламирање, итн.
Само еден поглед е доволен за да се види дека одредени портали кои добиваат пари за избори во Македонија не го исполнуваат основниот критериум, да имаат домејн „мк“. Зошто се исплатени средства на портали со домејни „al“ и „dk“, е големо прашање кое според упатените во оваа проблематика се должи на одредени празнини во законската регулатива, бидејќи критериумите кои погоре ги спомнавме немаат сила на закон туку на неформален пропис издаден од професионални здруженија.
„Во законското решение се измешани различни концепти кои не се синхронизирани еден со друг, па се случуваат вакви ситуации“, вели Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми.
Тој нагласува дека најдобро би било да можеме да кажеме дека тоа е затоа што нарачателите односно огласувачите утврдиле дека тие портали имаат публика којашто ним им е потребна за да ги промовираат за изборен маркетинг, односно некакви гласачи до коишто сакаат би сакале да стасаат.
„Но, досегашните искуства нѐ учат дека тоа е наивно гледање на работите. Сите сме убедени дека тој инструмент се користи за пренасочување на јавните пари кон блиски, пријателски или на друг начин поврзани портали до индивидуални политички партии, за да може тие пари после да се пренасочат дел и во фондовите на самите политички партии. Основниот проблем е во тоа што воопшто се тргна во јавно финансирање на изборниот маркетинг на политичките партии, при што ние со јавни пари ги плаќаме трошењата за купување на рекламен простор и медиумско време и тоа што, ако веќе се трошат јавни пари за таква намена, зошто не се трошат само на регистрирани медиуми во Македонија“, изјави Георгиевски.
Има две решенија
Дека интернет – порталите за некого се нова медиумска форма, а за некого се само гол бизнис покажува и нагорниот тренд за отворање портали, особено пред одржување на избори. Според податоците на АВМУ, за претседателските и парламентарните избори во 2024 година, во Регистарот на медиуми што ќе обезбедуваат платено политичко рекламирање беа впишани 39 телевизии, 38 радиостаници, 11 печатени медиуми и дури 251 онлајн медиум. За локалните избори во 2021 година во регистарот беа впишани 195 онлајн медиуми, а за предвремените парламентарни избори во 2020 година 235 онлајн медиуми.
Во април годинава беше донесен новиот Закон за медиуми или поточно измени во постојниот закон при што вработените во интернет порталите добија статус на новинари, а порталите добија статус на медиум, а предвиден е и Регистер на онлајн медиуми што со законското решение ќе го води регулаторот АВМУ. Оваа новост беше поздравена од дел од порталите како потврда на фактот дека доминантниот сегмент на медиумската индустрија не смее да остане во сивата зона. Но се чини дека ниту овој закон не го разреши проблемот со странските портали.
„За тоа прашање веќе со години алармираме, и ние како професионални медиумски организации, медиумските здруженија, професионални новинари. За тоа се зборува во јавноста, меѓутоа политичарите остануваат глуви на сите овие апели. Факт е дека целиот концепт на државно финансирање и на платеното политичко рекламирање е модел кој што не постои никаде. Никаде во Европа нема да најдете таков модел со народни пари да ги плаќате рекламите на политичките партии. Тоа е најеклатантен пример како се поставуваат клиентелистички релации меѓу партиите и овие портали, кои потоа, по завршувањето на изборите само се преточуваат во други релации меѓу носители на власт и поедини портали. Значи, тоа е чиста озаконета корупција“, смета Билјана Петковска од МИМ.
Медиумски извештаи уште во пресрет на исплатата на пари по минатогодишните избори го проблематизираа тоа прашање. Цитирајќи го ставот на ДИК дека „Државната изборна комисија врши исплата на средства врз основа на претходно склучени договори помеѓу медиумите и учесниците во избори, за платено политичко рекламирање, доставените фактури поткрепени со медиа планови потврдени од партиите за нивна реализација, кои ги исполнуваат условите од член 75 ѓ од Изборниот законик“, беше алармирано за повеќе неправилности. Меѓу другото и дека членот 75 не регулира ништо од спорните елементи на голем дел од интернет- порталите. „Во 15 ставови законодавецот ги утврдил само правилата за објавување на ценовниците, просторот кој партиите можат да добијат за рекламирање и административните обврски кои сопствениците ги имаат, како што е медија планот“, беше наведено во медиумските извештаи.
„Има две решенија. Или тој дел од регулирање на финансирањето на изборни кампањи да се тргне надвор од законот, и да не смее во радиодифузијата да има платено политичко рекламирање, особено да не се трошат за тоа јавни пари. Е сега, бидејќи е тешко да очекуваме политичките партии да се откажат од една таква фина привилегија, најверојатно ќе мора да се допрецизира. Сегашните законски решенија, како што гледам, немаат ограничување во смисла каде е регистриран некој сајт, туку има само ограничување колкава сума или колкав дел од износот што вкупно ќе го потрошат, може да го потрошат онлајн, а колку на индивидуални медиуми“, коментира Георгиевски од Центарот за развој на медиуми.
Можноста да се заработат пари поради непрецизностите во законот, Георгиевски ја илустрира и со навраќање на времето кога првпат почнаа да се појавуваат портали.
„Во еден момент кога почнаат да се делат домејни, тоа беше стока со која што се тргуваше. Можев јас или било кој да појде. Тоа го правеа луѓе, регистрираа разни домејни па после ги препродаваа и тоа беше стока со која што се тргува“, вели тој.
Можни ли се странски манипулации
Конечно, да се биде портал регистриран во странство, а да се добиваат пари овде во Македонија, значи и потенцијален ризик за странско мешање и манипулација со дезинформации за да се влијае врз јавноста. Иако овие аспекти помалку се анализираат, актуелната геополитичка ситуација налага да не се занемари ниту овој момент.
Неколку портали го користат комерцијалниот домејн .com и според импресумот седиштето им е во Косово
„Тоа се легитимни прашања коишто треба да се адресираат и да се види кои се точно тие портали, каква содржина пласираат, на која публика се обраќаат и да се следи нивната работа особено во овој предизборен период и во периодот кога ќе биде самиот чин на гласање и на претставување на резултатите“, вели Петковска.
„Живееме во време кога дезинформации и мис-информации има насекаде. Тие се многу присутни и најпроблематични практично во циклуси кога има избори. И тоа е докажано со многу истражувања и анализи кои што се правени и кај нас и особено во држави кои што се можеби мета на поголеми странски влијанија од коишто ние треба да учиме за да се заштитиме и да го заштитиме нашиот медиумски простор и да ги заштитиме граѓаните од такви штетни манипулативни информации“, смета Билјана Петковска од МИМ.
На истото укажува и Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми.
„Знаејќи какво време е и што сѐ се случува во светот, секако дека не треба да се занемари таквиот ризик. Во денешно време просто мора да се биде внимателен. Државни институции, изборните власти и сите заинтересирани страни што се во овој систем, се разбира дека би морало или би требало да обрнат внимание и на таа можност“, вели тој.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Соња Крамарска
Снимател: Наке Батев
Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ
Поврзани стории
Македонската реалност наспроти европските стандарди: Изборите како тест за сајбер – безбедноста
Дали Македонија сѐ уште е изложена на политички „провев“ од север?
Европските пари помагаат, но и го (ре)моделираат регионот
На манипулациите со информации во предизборие им се брзи нозете
Отворена институционална дебата за справување со странско влијание и манипулирање со информации
Без закон за сајбер-безбедност државните институции се ранливи на дигитални закани







