fbpx

Дичев: Со добра волја до договори за надминување на еден глупав конфликт

Приоритет број еден за бугарската надворешна политика во однос на Македонија е заштита на правата на македонските Бугари, промена на учебниците во Македонија, прекинување на јазикот на омразата, отстранување на навредливите натписи од спомениците и започнување процес на прочистување на историската. Без овој „пакет“ Софија тешко ќе може да каже „да“ за почеток на преговори со ЕУ. Ова, според претставници на македонските Бугари, е пораката или можеби ветување кое што  бугарскиот премиер Кирил Петков им го дал во Софија.

И покрај напорите во дијалогот меѓу двете земји историјата да се стави во втор план, зад практичните прашања кои реално можат да ги подобрат меѓусебните односи, почнувајќи од економијата и инфраструктурата, ако се суди според оваа изјава, Заедничката историска комисија се враќа во фокусот. Бидејќи, условно кажано, прочистувањето на историската вистина е задача на историчарите, а не на политичарите.

Иако има средби, работата на историската комисија реално е во застој од 2019 година кога беше донесена Рамковната позиција на Бугарија за старт на преговорите со Македонија. Разликата меѓу македонскиот и бугарскиот тим е во различниот пристап во претставувањето на настаните и личностите од средниот век и тука нема напредок. Позитивна енергија има, динамиката на средби на Комисијата се засилува, но очекувањата не се преголеми. На маса остануваат истите прашања како и пред повеќе од две години и никој не очекува заобиколување на главните несогласувања.

Dicev So dobra volja do dogovori za nadminuvanje na eden glupav konflikt 1

„Работата на Историската комисија продолжува со истите прашања со кои што се занимава веќе две и пол години. Во основа тоа се препораки за учебниците по историја за седмо одделение во Република Северна Македонија, кои што се однесуваат на средновековниот период и препорака за заедничко чествување на Гоце Делчев и други личности од нашата заедничка историја. Нема начин како да ги ставиме главните проблеми, односно несогласувања, под килимот бидејќи ги разгледуваме историските процеси научно и хронолошки, при што еднакво важни се сите прашања, независно дали за нив има согласност или несогласување“, вели Наум Кајчев, член на бугарскиот тим во Комисијата.

Тој се надева дека динамиката меѓу двете Влади позитивно ќе се одрази на работата на историчарите, a дали „затоплувањето “ на политичките односи ќе има влијание, останува да се види.

Но, интелектуалците не се баш оптимисти дека може да има напредок со сегашната поставеност на работите.

„Дури и со најдобри намери, дури и со спремност за компромис и за мораториум на различните позиции, во оваа ситуација и најрационалната историска комисија објективно ќе биде пречка за позитивни промени. Решението е политичарите од двете земји да обрнуваат помалку внимание на историчарите, ако можат да си дозволат, земајќи ги предвид национализмите од двете страни на границата“, вели Дејан Кјуранов, политиколог од софискиот Центар за либерални стратегии.

Според професорот Васко Наумовски, прашање е дали и до кој степен актуелната бугарска влада ќе го смета напредокот во историската комисија за услов за почеток на преговорите со ЕУ.

„Давајќи предност на другите области, се чини дека историските прашања се ставаат во втор план. Тоа може да биде и корисно, знаејќи дека за некои прашања од историјата можеби и никогаш нема да се дојде до идентичен став. Критериумите за членство во ЕУ не вклучуваат историски прашања, и добро е фокусот да биде на области кои се однесуваат на решавање на проблемите на граѓаните“, ни изјави Наумовски.

Професорот Ивајло Дичев, пак, на прашањето дали главните несогласувања во историската комисија ќе се остават настрана, вели: „Никој не се осмелува да го каже тоа“, но потсетува дека официјалната позиција е дека кога ќе почнеме да соработуваме ќе има поголема меѓусебна доверба, па дури и тешките контроверзи ќе се решат.

Dicev So dobra volja do dogovori za nadminuvanje na eden glupav konflikt 2

„Некои од прашањата се глупави, како на пример тврдењето во македонските учебници дека старите Бугари се Татари. Тоа е стара руска теза, а всушност никој точно не знае што се тие. Други прашања може лесно да се решат со дипломатска формула. Чиј е Гоце? Етнички Бугарин, потоа борец за автономна Македонија од Охрид до Едрене. Може да се каже на пример, им припаѓа на двете, тој е балкански Че Гевара, па ајде да го славиме заедно.

Најтешкото прашање е она за бугарскиот фашизам и раниот југословенски комунизам. Но и тука може да се најде формула: бугарскиот режим во 30-те и 40-те години може да се нарече профашистички, дека соработувал со фашизмот, збор што ги лути моите сонародници. Југословенските репресии врз Бугарите може да се претстават како разбирлива одмазда по крвавата војна (комунистите овде исто така убија многу луѓе во 40-те и 50-те години)“, се дел од идеите што ги споменува Дичев и додава дека историјата е големо поле, а со добра волја може да се најдат договори за надминување на еден глупав конфликт.

Идеи има, но дали властите во Софија ги слушаат советите и апелите на бугарските интелектуалци?

Група бугарски интелектуалци (https://www.mkd.mk/makedonija/politika/bugarski-intelektualci-so-pismo-do-borisov-i-zaharieva-neprifatlivo-e) пред една и пол година во отворено писмо до тогашниот премиер Бојко Борисов, тогашната министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, амбасадорите на земјите-членки на ЕУ во Софија, како и до канцеларијата на ЕУ во нивната земја побараа бугарската влада веднаш да го одобри почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, а дебатите, наместо за историски прашања, да се префрлат на полето на соработката во културата, економијата, политиката, екологијата... Тогаш тие напишаа дека неприфатливо е оспорувањето на македонската нација и јазик, а несоодветно е да се очекува едната страна во преговорите да изврши политичко самоубиство. Дури и предложија како еден од првите чекори да биде именувањето на транспортната инфраструктура меѓу двете држави, на Коридорот 8 во „Гоце Делчев“.

Сепак, резултат од овие повици, барем досега нема. Наумовски оценува дека и од двете страни на границата постојат поединци и организации кои се залагаат за суштински напредок во приближувањето на двата народи, ама за жал, поголемо внимание се посветува на негативните пораки.

„Но верувам дека политичките раководства ќе знаат да направат проценка за тоа кои чекори ќе донесат заеднички придобивки на долг рок, и во тој контекст ќе ги земат предвид сите добронамерни препораки и иницијативи“, вели тој.

За Кјуранов, пак, интелектуалците се „изборно занемарлива група“, а власта и не ги слуша многу. Тие, вели, обично ги следат настаните, а не ги предизвикуваат.

И Дичев се согласува дека интелектуалците, и покрај сите напори се занемарена група, а медиумите и јавноста во Бугарија главно се занимаваат со историчарите.

Dicev So dobra volja do dogovori za nadminuvanje na eden glupav konflikt 3

„Историчарите во Бугарија, исто како и во вашата земја, ја бранат ‘нашата‘ позиција. Политиката на Петков е поддржана главно од политички научници и економисти, луѓе од меѓународните односи, но во последните три години имаше масовна кампања за подигање на индигнацијата кон нашите соседи. Земете го неодамнешниот пример. Некој вели дека бугарски гробишта биле уништени и богохулени. Сите медиуми ‘плачат‘ за тоа, Македонците се обвинети дека не се христијани и слично. Па МНР наредува истрага, дали имало гробишта на тоа место или не. Потоа прашањето е ‘симнато‘, но лошите чувства остануваат. А резултатот е дека над 60 отсто од Бугарите велат дека ќе дозволат влез на Северна Македонија во ЕУ само под одредени услови, додека 15 отсто велат – никогаш. Е тоа е катастрофа“, објаснува Дичев.

И додека историчарите ги кршат копјата, интелектуалците „бараат место под сонцето“ во приказната за спорот меѓу двете земји, а политичарите даваат изјави дека соседите мора да соработуваат, освен најавата дека од 27 март ќе има редовна авиолинија Софија-Скопје (https://www.mkd.mk/makedonija/ekonomija/od-27-mart-redovna-aviolinija-sofija-skopje-cenata-kje-ja-utvrdi-sopstvenikot) со инсистирањето на развој на патната и на железничката инфраструктура и зголемување на економската соработка нема вистински пресврт. Според поранешниот министер за финансии, Кирил Миноски, освен декларативни изјави не можеме да говориме за сериозни поместувања во поглед на јакнење на економската соработка и инфраструктурното поврзување помеѓу Македонија и Бугарија.

Dicev So dobra volja do dogovori za nadminuvanje na eden glupav konflikt 4

„За жал во моментов Македонија е слепо црево, со оглед на фактот што Бугарија веќе има изградено паралелен коридор на Коридорот 10, со кој што Грција, се поврзува со Европа преку Бугарија, во два правци, еден преку Србија и автопатот Ниш-Софија, а вториот е преку Романија. Речиси идентична е состојбата и со гасоводите, кои што целосно не заобиколија.

Изградбата на Коридорот 8 е пред сѐ македонски интерес. Клучно е ние да ја искористиме нашата географска локација и да станеме место на кое се вкрстуваат европските коридори 8 и 10“, вели Миноски.

Ако развојот на инфраструктурата значи зголемена економска соработка, зошто 30 години ништо не е направено? Миноски главната слабост во изминатиот период ја гледам во исклучително лошиот проектен менаџмент со инфраструктурните проекти и слабостите од субјективна природа, односно поставување на несоодветни кадри да менаџираат со истите. Според него, дури и за оние делници за кои што се обезбедени финансиски средства нема значајни поместувања.

Дури кога од зборови ќе се премине на дела, како што вели, може да се зборува за резултати во економијата, па и за севкупно приближување на двете страни.

Новинар: Жана П. Божиновска

Истражувањето го изработи информативниот портал www.mkd.mk во соработка со онлајн платформата www.samoprasaj.mk на Институтот за комуникациски студии, како дел од проектот Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество што го финансира Британската амбасада во Скопје.

Тагови: