Дозирана транспарентност на државните институции

  • Мониторингот на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер покажува дека 69% од информациите се објавени, но постои разлика во нивото на транспарентност меѓу институциите.
  • Во секторите како градежништво и урбанизам транспарентноста е на многу ниско ниво, а веб-страницата на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам не била функционална во текот на 2024 година.
  • Најслаби резултати имаат Управата за хидрометеоролошки работи и Регулаторната комисија за домување.
  • Само 52 институции го објавиле буџетот за 2024 година, а кварталните финансиски извештаи се достапни кај само 14 институции.
  • Агенцијата препорачува унифицирани веб-страници, објавување на финансиски документи во пригодни формати, редовни обуки за службени лица и јасни упатства за пристап до информации.

Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, спроведе мониторинг на веб-страниците на државните институции за нивната проактивна транспарентност за 2024 година. Извештајот дава детална слика за нивото на проактивната транспарентност и ги идентификува проблемите, но и добрите примери во објавувањето на информации од јавен карактер.

Мониторингот со кој се опфатени 113 државни институции, покажува дека 69 отсто од информациите се објавени, што претставува средно ниво на транспарентност. Притоа, 40 институции постигнале „многу добро“ ниво на транспарентност, 53 институции се оценети со „добро“ ниво, а 19 институции покажуваат „просечно“ ниво.

Интересно е што во една од клучните области, градежништвото и урбанизмот институциите воопшто не се потрудиле да бидат транспарентни, а тоа може да се заклучи од фактот (наведен во мониторингот) што веб-страницата на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам цела 2024 година не била активна.

Реџепи: Веб-страницата функционира

Директорот на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам Зухејр Реџепи, во изјава за Само прашај потврди дека при преземањето на директорската функција затекнал нефункционална веб-страница.

Јас сум директор шест месеци и ја затекнав веб-страницата нефункционална. Ми требаше некое време за да ја оспособиме и сега имаме веб-страница во полна функција. Ја проверуваме и ја ажурираме секојдневно бидејќи наша одговорност е на секој граѓанин да му обезбедиме одговор на сите прашања што ги поставуваат. Ги даваме навреме сите информации, одговараме на прашањата од граѓаните, сè што е ново и важно објавуваме“, ни изјави директорот Реџепи.

Тој отфрла секаква одговорност за состојбата во времето на мониторирањето од страна на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, бидејќи како што вели тоа се случувало во време кога тој не раководел со Инспекторатот.

Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам е лидер во нетраспарентност за 2024 - цела година немал активна веб-страница. Фотографија: Дарко Андоновски

Од службите на Инспекторатот, пак, добивме одговор дека во мониторираниот период немале службеник за ИТ-поддршка и дека се потпирале на надворешни фирми, а токму во тој период ја сменила фирмата што ја одржувала веб-страницата.

По потпишувањето на новиот договор следеше период на миграција од едниот кон другиот оператор, промена на ИП адреси и префрлање на датотеки и слични активности кои беа потребни при самото мигрирање. Со жалење констатираме дека двата термина на пристап на веб-страницата биле во тој период и ја расипале сликата на информирање и комуникација со јавноста на која како Инспекторат посветуваме посебно внимание“, тврдат од Инспекторатот.

Потенцираат дека Инспекторатот е ажурен во однос на пријави од граѓани и дека сега сѐ што е потребно е публикувано на веб-страницата.

На врвот, пак, на листата за проактивна транспарентност за 2024 година се Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за храна и ветеринарство, Министерство за одбрана, Државната комисија за спречување на корупцијата и Министерство за социјална политика, демографија и млади. Додека пак, со најслаба проактивна транспарентност се Управата за хидрометеоролошки работи, Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти, Регулаторната комисија за домување и Бирото за метрологија.

Видете повеќе: Пламенка Бојчева: Од 1.450 институции 600 сѐ уште немаат веб-страници

Мониторингот опфаќа четири главни категории на информации, преку кои се мониторира проактивната транспарентност. Во однос на пристапот до информации, мониторингот покажа дека 76 институции имаат објавено линк/банер со информации од јавен карактер, додека пак само 52 институции го имаат објавено појаснување за начинот на барање пристап до информации дали тоа се прави усно, писмено или по електронски пат.

Само 73 од 113 институции кои се должни да го сторат тоа го објавиле образецот за барање за слободен пристап до информации од јавен карактер, односно 40 (една третина) не го објавиле. За жал, утврдено е и дека сѐ уште има институции кои на своите веб-страници го чуваат стариот формулар за електронско барање на информации кој датира од 2006 година и не е во согласност со новата регулатива.

Овие бројки, на прва, навистина се поразителна заради тоа што институциите имаат обврска да одговараат на тие барања за слободен пристап и неопходно е да ги објават упатствата и обрасците за барањата за слободен пристап, за граѓаните да бидат свесни за тоа нивно право и таа можност и да можат да го искористат правото“, вели Беба Жагар, истражувач во Институтот за европска политика. Она што е значајно да се каже, а што и го забележуваат во Институтот за европска политика преку истражувачката работа, додава Жагар, е дека институциите на коишто им пристапиле со такви барања, во најголем дел одговориле на тие барања, поголем дел одговараат во законскиот рок од 20 дена, меѓутоа тие што им се потребни плус уште 10 дена, дополнителниот рок според Законот за слободен пристап, ги известуваат телефонски и за доцнењето и за причините за тоа доцнење.

Златните стандарди не се почитуваат

Нашата соговорничка нагласува дека е особено значајно институциите да објавуваат информации за сопствената работа како што се на пример, годишните извештаи, финансиските извештаи.

Ова е поврзано со корупцијата и ситуациите што ги имавме во последниот период особено случаите на злоупотреба на тендери во јавните набавки во институциите па тука доколку на граѓаните, на граѓанските организации, на новинарите им се достапни овие информации за работата на институциите, ние ќе можеме да го следиме начинот на трошење на јавните средства и ќе можеме да алармираме и да бараме одговорност од институциите доколку забележиме одредена злоупотреба“, смета Жагар.

Но, ако се погледне мониторингот за 2024 се забележува дека институциите не се придржуваат до овие златни стандарди. Податоците велат дека само 67 од 113 институции објавиле предлог-документи, програми и мислења, 79 институции објавиле годишни извештаи за работата, додека останатите немаат вакви документи. Што се однесува, пак, до буџетот, финансиите и јавните набавки само 52 институции го објавиле буџетот за 2024 година, а кварталните финансиски извештаи за тековната година ги објавиле само 14 институции. Иста е состојбата и со контролните механизми, односно ревизорските извештаи се достапни на веб-страниците само кај 54 институции, додека 58 институции не ги публикувале овие клучни документи.

Транспарентноста како потреба која е важна за превентива против корупцијата е многу присутна во јавните дебати во Македонија и е дел од општиот наратив за тоа како треба да изгледаат институциите кои раководат со државата или кои пружаат сервисни услуги за граѓаните. Затоа ја прашавме Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за нивен коментар за извештајот од спроведениот мониторинг за нивото на транспарентност на државните институции. Од таму добивме одговор дека Комисијата не е надлежна, како што потенцираа во изјавата, за следење на транспарентноста на државните институции и за примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Во ера кога интернетот, веб-страниците и дигиталните технологии играат клучна улога во комуникацијата и во секојдневниот живот 11 институции во Македонија сè уште немаат веб-страници
 

Оттука прашањето е: Кој треба да ги поттикне институциите да бидат отворени кон граѓаните на кои им служат? Бројките до кои дојде мониторингот велат уште и дека 88 институции ги имаат објавено правилници за систематизација на работните места, додека 29 институции ги немаат овие документи на своите веб-страници. Во однос на таканаречените оперативни информации, како што се посочува во извештајот, 72 од 113 институции објавиле стратегии за работа, но голем дел од нив не се ажурирани, односно не се завршени ниту имплементирани.

Беба Жагар од Институтот за европска политика посочува дека е важно јавноста да има онолку информации колку што се потребни за да следи што се случува и како може да побара одговорност.

Не сите информации можат да бидат јавно достапни за сите граѓани и тоа ни е јасно и на граѓанските организации и на новинарите и на новинарските здруженија, меѓутоа значајно е да имаме онолку информации колку што ни се потребни за да следиме што се случува и за да следиме кога и како можеме да побараме одговорност. Тука доаѓа и моментот на реактивна транспарентност односно на барањата за слободен пристап па ако нешто не ни е јавно достапно на веб страниците, ние сите имаме право да поднесеме барање до институциите, а тие имаат законски уредена обврска да одговорат на нашите прашања“, вели Жагар.

Што препорачува надлежната Агенција?

Како треба да изгледа една веб страница според препораките на Агенцијата за заштита на правото на пристап до информации од јавен карактер? Стандардите за унифицирани веб-страници предвидуваат поставување унифициран и видлив банер со наслов „Информации од јавен карактер“ на почетните страници на сите институции.

Понатаму, потребно е и финансиските документи, како буџетите, да бидат достапни во Excel формат за олеснета анализа и употреба на истите. Неопходно е и организирање редовни обуки за службените лица за примена на Законот за слободен пристап до информации.

Во препораките се вели и дека институциите треба да објавуваат ажурирани информации за јавните набавки, завршните сметки и ревизорските извештаи.

Мониторингот за 2024 година потврдува дека транспарентноста на државните институции бележи умерен напредок, но истовремено укажува на значителни недостатоци. Иако, некои институции се истакнуваат како примери за добро имплементирање на проактивната транспарентност, други треба да вложат сериозни напори за да ги исполнат законските обврски“, се нагласува во резимето на извештајот за извршениот мониторинг.

Активната транспарентност останува суштински инструмент за зајакнување на довербата на граѓаните во институциите. Преку доследна примена на препораките, институциите можат да обезбедат поголема отвореност, ефикасност и отчетност, што е клучно за унапредување на демократските процеси и борбата против корупцијата.

„Не би рекла дека недостасуваат заложби во оваа насока меѓутоа важно е информациите кои што ќе се објават да бидат посебно корисни и ажурирани. Покрај тоа потребно е веб-страниците да бидат унифицирани, значи, во овој момент не можеме да кажеме дека веб страниците на сите институции се унифицирани, ниту пак дека е многу лесна достапноста на граѓаните до одредени информации кои им се потребни за остварување на нивните права и за добивање на услугите од институциите“, подвлече и нашата соговорничка Жагар.

Таа потенцира и дека транспарентноста на институциите кај европските земји отвореноста освен што е на „многу повисоко ниво“, има и достапност на информациите на сите официјални јазици и најмалку на еден странски јазик.

„Тука кај нас најголем дел од веб-страниците се достапни само на македонски јазик, дел од нив имаат албанска верзија, дел од нив имаат албанска верзија која што е само на пример на почетната страна меѓутоа не и делот на информациите за граѓаните, не и делот со нивните права и обврски“, резимира Жагар.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарки: Соња Крамарска и Катерина Ѓуровски

Снимател: Иван Поповиќ

Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ

Фотографии: Томислав Георгиев, Дарко Андоновски

Поврзани стории

Осмислените објави и соопштенија од институциите се квази транспарентност

Транспарентноста на Владата е сведена на еднонасочна комуникација преку соопштенија