fbpx

Антоски: Очекуваме наставата за штитениците во воспитно поправниот дом да почне месецов

Дваесет и едно дете со изречена мерка „Упатување во воспитно-поправен дом“ престојува во моментов во ВПД-Тетово, сместен во селото Волковија. Три девојчиња, кои дошле во судир со законот оваа мерка ја издржуваат во несоодветни затворски услови во казнено-поправната установа Идризово. Заедничко и за машките и за женските штитеници е што во моментов за нив не се изведува задолжителната настава.

Даниел Антоски, директор на воспитно поправниот дом во с. Волковија, вели дека поголема група деца од 12 до 13 години немаат завршено основно образование. Лани тука се спроведувала настава за основно образование. Тоа било овозможено преку проект на УНДП и Министерството за образование. Има две училници каде децата учеле, поделени во две групи, во согласност со тестирањата на наставниците од училиштето „Гоце Делчев“ што е најблиското до ВПД-Тетово. Но, завршил договорот меѓу УНДП и МОН и веќе девет месеци нема настава.

- Јас минатата недела имав средба со министерот за образование на која што најдовме заеднички јазик за да се надмине конечно тој проблем. Мислам дека во март, почетокот на март ќе започне да функционира образованието тука, не како проект, туку проблемот системски да се реши. Директно ќе бидеме под Министерството за образование, нема да биде проект на УНДП и Министерството, вели Антоски во разговор за МИА. Тој нагласува дека законска обврска на државата е да обезбеди образование за овие деца.

Со оглед на тоа дека оваа мерка се изрекува на деца од 14 до 23 години, во Домот има и такви кои имаат потреба од средно образование. Три деца веќе се запишани вонредно да го завршат средното образование надвор од институцијата, едно во средното економско училиште „8 Септември“ и две во средното училиште „Моша Пијаде“ Тетово.

Антоски вели дека иако задолжително, средно образование не може да се воведе во ВПД затоа што имаме повеќе видови, а секое дете има свои посебни афинитети.

- Тоа е задолжително за децата, но не е задолжително за ВПД, дека мора ние да го обезбедиме. Ние сме должни за основното, за средното не, децата имаат желби, на пример има три години средно, па сака да учи уште една година средно. Ние излегуваме во пресрет колку што можеме, нагласува Антоски.

Мерката се изрекува за период од една до пет години, а нејзиното времетраење зависи од тоа колку детето ќе се придржува кон програмата за ресоцијализација и превоспитување за што оценка прави тим од Домот, во соработка со судија и јавен обвинител.

Во продолжение е интервјуто со Даниел Антоски, директорот на ВПД во с. Волковија – Тетово.

 

Новинарка: Ана Цветковска
Снимател и монтажер: Андреј Бранковиќ

Оваа содржина ја изработи Медиумската информативна агенција (МИА) во соработка со онлајн платформата www.samoprasaj.mk на Институтот за комуникациски студии, како дел од проектот Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество што го финансира Британската амбасада во Скопје.

Повеќе на темата:

Децата упатени во воспитно-поправен дом се лишени од задолжителното образование

Тагови: