fbpx

Идејните решенија за „Треска“ далеку од очите на јавноста

Архитектонските решенија од конкурсот за локацијата кај поранешната фабрика „Треска“ никако да го видат светлото на денот. И покрај тоа што изминаа повеќе од четири месеци откако жири комисијата ги оцени трудовите, а Општина Центар се пофали со транспарентно работење и најави дека решенијата јавно ќе бидат изложени во културно-социјалниот простор „Центар – Јадро“, тоа не се случи.

Idejnite resenija za Treska daleku od ocite na javnosta 1Згради дефинитивно ќе има, но сè уште претстои битка за габаритот

Членови на партиципативното тело (тело коешто беше формирано за поголемо учество на јавноста во урбанистичкото планирање во Општината) реагираат дека едно се договара, а друго се прави.

Архитектката и поранешна претседателка на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Даница Павловска – Циги која е дел од партиципативното тело вели оти е загрозена комуникацијата меѓу членовите на телото и градоначалникот Горан Герасимовски. Таа е разочарана што од иницијативата за конкурс до неговото спроведување изминале цели шест години.

„Само прашај“ побара одговори од Општина Центар до каде е целата постапка и зошто досега не се организираше изложбата, најавена со објавувањето на Извештајот на жири-комисијата уште на 11 ноември 2021 година. Прашавме и дали можеме да ги добиеме идејните решенија. Од Центар ни одговорија дека претставувањето на трудовите ќе се случи наскоро.

„Најавената изложба ќе се реализира кон крајот на месецот. На изложбата ќе биде организирана презентација на секој од конкурсните трудови. Решенијата ќе бидат јавно достапни на страната на Општина Центар, непосредно по нивната презентација на изложбата“, велат од Општина Центар.

Малку време, малку трудови

И покрај големите апетити на инвеститорите коишто се противеа на јавен конкурс, на крајот се донесе таква одлука. Но, на конкурсот пристигнаа само три трудови. Првиот човек на жири-комисијата, архитектот Миодраг Радоњиќ – Бато целата процедура ја опиша како делумно успешна. Тој наведе неколку причини зошто епилогот беше таков.

Idejnite resenija za Treska daleku od ocite na javnosta 1„И покрај своето значење, конкурсот беше објавен со обемна и сложена проектна програма, кратки рокови и оскуден награден фонд што претставуваше сериозна пречка за добивање поголем број на трудови и поквалитетен избор од истите. Оттука, покрената е иницијатива со барање за продолжување на рокот и зголемување на наградниот фонд, која е поддржана и усвоена од Градоначалникот, со што рокот е продолжен за еден месец, а наградниот фонд е скоро удвоен. За жал, заложбата за подобрување на конкурсните услови не вроди со плод“, напиша архитектот Радоњик-Бато во Извештајот на комисијата.

Прворангираниот труд од група автори ја доби втората награда (прва награда не беше доделена). Сепак, Комисијата оцени дека нуди предуслови за натамошна разработка на решението, со што се согласува и Павловска – Циги, која вели дека и покрај слабиот одѕив, мора да се негува практиката на распишување конкурси.

Дека има простор да се доработи конкурсното решение смета и Општина Центар, иако од одговорот што го добивме од локалната самоуправа за состанокот што го организирала, а на којшто присуствувале градоначалникот, урбанисти, стручните служби, претставник на жири комисијата и доминантните сопственици на земјиштето, станува јасно дека се притиска за повеќе катови и поголеми профити, со што е прашање дали на крајот ќе се дојде квалитетно и хумано урбанистичко решение.

Idejnite resenija za Treska daleku od ocite na javnosta 3Монтажа на 3Д-модел од ДУП Буњаковец 2 во реални позиции. Инвеститорите инсистираат да се задржи квадратурата од првичниот план за локацијата.

„Доминантните забелешки и барања на сопствениците беа насочени кон предолгото чекање, отпочнување со постапките за реализација на нивните права и задржувањето на квадратурата од важечкиот Детален урбанистички план. Општината, од друга страна, предлага доработка на конкурсното решение како би се задржале многубројните квалитети на истото, со промена на катноста на предложените објекти, како би се направило приближување до квадратурата по сопственик од важечкиот детален урбанистички план.“, велат од Општината.

Сопствениците на земјиште лани поднесоа десетици барања за окрупнување парцели, сакајќи да се гради според ДУП што беше прогласен за незаконски.

Се бара нова планерска куќа за „Треска“

Локацијата „Треска“ е дел од Градска четврт 3 11, за која кога се организираше конкурсот имаше активна постапка за изработка на ДУП за Буњаковец 1 и 2. Се оцени дека конкурсот е најдобра опција за да се разрешат проблемите на просторот коишто произлегуваа од неусогласеноста со важечкиот ГУП на Град Скопје, но и за да се добијат поиновативни и покреативни решенија. Локалната самоуправа го раскина договорот со планерската куќа и во тек е процес на отпочнување постапка за избор на нова планерска куќа којашто ќе изработи ДУП во којшто ќе биде вградено избраното конкурсно решение.

Постојното зеленило кај „Треска“

Иако јавноста сè уште немала прилика да го види, Комисијата за прворангираниот труд наведе дека решението предвидува пет полуотворени станбени блокови за домување, отворени кон централен парковски простор. Катноста е комбинирана: од П + 4 до П + 8 долж улицата „Рузвелтова“ и П + 3 и П + 4 долж улицата „ Адолф Циборовски“. На „Гологанов“ е предвиден деловен комплекс. Комисијата оцени дека со самата форма на блоковите се оформени интимни дворови за станарите кои се ориентирани кон централниот парк, со пешачки патеки кои го поврзуваат просторот, парковско зеленило за одмор и рекреација, детска градинка.

„Со поголема смелост и иновативност во креирање на поединечните архитектонски целини, предложениот труд можеше да биде и повисоко рангиран“, наведе Комисијата.

Idejnite resenija za Treska daleku od ocite na javnosta 4Само со дебата и вклучување на стручни лица може да се дојде до најдобро решение за една од најатрактивните локации во центарот на Скопје

За хуманото решение за „Треска“ е потребно да се почитуваат идеите и укажувањата на урбанистите, но и да се зауздаат поривите за енормни профити по секоја цена. Јавноста веќе еднаш беше ужасната од планот за 30-ина згради кај поранешната фабрика, наредени една до друга кои подоцна станаа познати како „наполитанки“. По поразот кај „Холидеј Ин“, конкурсот за „Треска“ е можност да се воспостави добра пракса и да се најде врска меѓу приватниот и јавниот интерес.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинар: Мартин Пушевски Снимател: Влатко Џиковски Монтажер: Ристе Душковски

Повеќе на темата:

Трка за откуп на државно земјиште кај „Треска“
Трка за градење во Центар, „бетонизација“ кај „Треска“ и кај „Холидеј ин“
„Треска“ може да биде запаметена како пресврт за Скопје
Нема простор за нови „градежни ламели“ кај „Треска“

 

 

Тагови: